Насловна / Арт и дизајн / Jomo Tariku: Парчиња мебел вкоренети во богатото културно наследство на Африка

Jomo Tariku: Парчиња мебел вкоренети во богатото културно наследство на Африка

Jomo Tariku е етиопско-американски уметник и индустриски дизајнер, кој дава значаен придонес во различни креативни дисциплини. Роден е 1968 година во Најроби, Кенија, подоцна се преселил во Адис Абеба, Етипоија, а по завршувањето на средното образование во 1987 се сели во Олејте, Канзас, САД за да продолжи со високо образование на MidAmerica Nazarene University.

По пристигнувањето во Америка се запознал со индустрискиот дизајн и сфатил дека тоа е во рамки на неговиот интерес на она што сака да го прави.

Tariku ја открил својата љубов кон дизајнот уште како дете на најобичен начин. „Роден сум во Кенија и пораснав во Етиопија и отсекогаш правев скици, главно од здодевност. Имав склоност да скицирам предмети што беа пред мене во нашата дневна соба.“ Неговиот татко, државен службеник, го исполнил просторот со предмети донесени од неговите патувања во други земји. „Беше прилично еклектична атмосферата во нашата дневна соба“, вели Tariku: „Имавме мебел од средината на векот од Норвешка, рачно резбани маси и софи од Индонезија, килими од Персија и Иран“, а имало и колекција од резбани кутии за пури.

Jomo Tariku е пионер на современиот африкански дизајн. Визуелно впечатливи и функционални неговите дела се вкоренети во богатото културно наследство на Африка. Како постојан истражувач на африканската уметност и култура, интересот на Tariku е поттикнат од разновидната уметност на континентот. Неговиот занает изразува модерна хармонија на наследството, хуманоста и дизајнерскиот сензибилитет. Наменети да бидат наследни парчиња што ќе се слават и во кои ќе уживаат генерациите што доаѓаат, фасцинантните дизајни на Tariku влеваат топлина и виталност во животните простори.

„Мојата работа е вкоренета во богатото културно наследство на Африка. Целта ми е да негувам целосно почитување кон возвишениот современ африкански дизајн и да инспирирам подлабока и поцелосна поврзаност со континентот. Во секое дело што го создавам ја вткајувам природата, уметноста и историјата на континентот. Секој дизајн раскажува единствена приказна, без занемарување или потценување на деталите“, вели дизајнерот.

Во 2017 година, тој ја лансирал својата истоимена колекција, претставена во бројни публикации, вклучувајќи ги Elle Decor, Architectural Digest и Interior Design.

Како постојан истражувач на африканската уметност и култура, интересот на Jomo поттикнал разновидна уметност и создал предмети што неговото семејство ги собрало за време на нивните патувања низ Африка и пошироко. Неговиот занает изразува модерна хармонија на наследството, хуманоста и дизајнерскиот сензибилитет.

Неговите дизајни на мебел црпат инспирација од богатото културно наследство на Африка, историските структури, традиционалниот мебел, занаетите, боите, артефактите, пејзажите, дивиот свет, па дури и фризурите. Како коосновач на Black Artists + Designers Guild, Jomo активно се залага за црните дизајнери на глобално ниво. Jomo е претставуван од галеријата Wexler во САД и галеријата Foreign Agent Gallery во Швајцарија.

Tariku преку Black Artists + Designers Guild е посветен на тоа да се слушнат африканските и црните дизајнерски гласови.

„Се грижиме делата на црните уметници и дизајнери да бидат дел од уметничките и дизајнерските изложби и од панел-дискусиите. Повикувајќи да говориме и да ги презентираме нашите дела и идеи, навистина верувам дека можете да го промените дизајнерскиот канон, каде што следната голема публикација што завршува на полица во библиотека и книгата што ја користите за вашата теза за дизајн ги имаат нашите гледишта. Ги гледам моите дела во музеи и одлично е што сега го имаме ова. Но, има и други дизајнери чии дела никогаш не стигнаа таму. Нивната жртва ме доведе до оваа точка. И се надевам дека следната генерација ќе се сети на она што го правиме сега, што ќе им овозможи да прават работи веднаш по колеџот, нема да бидат потребни 30 години за да стигнат таму.“

Jomo Tariku вели дека обожува да дизајнира столчиња и табуретки, воопшто мебел за седење. Смета дека тоа е единствен предизвик и е многу задоволен кога конечниот резултат ќе излезе одличен.

Тој ја балансира функционалноста и естетиката во своите дизајни, не ги гледа одвоени едно од друго. „Функционалната столица мора да биде убава, а убавата столица мора да биде функционална“, вели. Тоа е предизвик што секогаш си го поставува иако самото дизајнирање на стол е доволно комплицирано ако се гледа од ергономска гледна точка, а камоли да се обидувате сите делови што ја прават столицата да се сметаат за функционални, а не скулптурални.

Tariku кон дизајнерските проекти пристапува со барање, истражување и документирање инспиративни визуелни знаци и приказни од Африка. Инспирациите не се нужно други дизајни на мебел, туку може да биде што било од континентот – артефакти, шари и бои, архитектура, див свет итн. Се стреми да негува доживотно почитување на возвишениот современ африкански дизајн и да инспирира подлабока и поцелосна врска со континентот. Тој ја испреплетува природата, уметноста и историјата на континентот во секое дело што го создава, a секој негов дизајн раскажува единствена приказна.

Така неговиот Nyala Chair црпи инспирација од резервираната и недостижна планинска антилопа од планините Bale Mountains во Етиопија.

Силуетата на нејзините рогови во комбинација со троножните столчиња се инспирацијата зад овој препознатлив изглед и дизајн што „Њујорк тајмс“ го окарактеризира како класик. И ќе напише: „Тој го одразува времето во кое е направен, демонстрира извонредна изработка и има безвременска визуелна привлечност. Го сигнализира етиопското наследство на дизајнерот и неговата грижа за антилопите“.

Столот MeQuamya Chair е инспириран од молитвениот стап во облик на Т, или mequamia, што го користат ѓаконите и свештениците за време на долги медитации и религиозни поворки во етиопските православни цркви.

Мequamia, обликувана како крст, обезбедува потпора за верниците кои мора да стојат подолго време, дозволувајќи им да ги одморат рацете или да се потпрат на него. Дизајнот на столот го вклучува обликот на молитвениот стап во потпирачот за грб, додека неговата сложена геометрија – со шестстрани ногарки и седумстран наслон – додава визуелна интрига од различни агли. Иако е тешко да се изработи поради многуте агли и рамнини, оваа сложеност го зголемува уникатниот шарм на столот.

Meedo Chair ја обединува богатата историја на афрочешелот со африканската традиција на церемонијално седиште што симболизира лидерство, единство и сродство. Афрочешелот е трајна икона на црнечкото искуство, што досегнува најмалку 6000 години назад во Судан. Од движењата Black Power и Black is Beautiful до обредите за премин во зрели години во многу африкански култури, афрочешелот е симбол на убавина, статус и сила. Столот е во постојаните колекции на Метрополитен музејот на уметност и на Музејот на уметност во Филаделфија.

Qwanta Totem Chair е резултат на долгогодишно експериментирање, еволуирајќи од традиционалниот африкански стол за породување. Оваа верзија е инспирирана од фотелјата Saurer од културата Gurage од Централна Етиопија, а отстранливиот потпирач за грб служи како тотеми што се наоѓаат во многу региони на Супсахарска Африка. Типично направени од издржливо дрво од локално потекло, овие столчиња можат да бидат едноставни или украсени со културно значајни резби.

Столот е составен од два дела со вовлекување на наслонот во конзолна основа, создавајќи стабилна структура без дополнителен оков. Столот доаѓа со четири заменливи потпирачи за грб што можат да бидат прикажани како ѕидна уметност кога не се вметнати во столот.

Tariku го замислил својот Ashanti Stool како модерна верзија на главните церемонијални седишта на аканските поглавари што се користеле во Гана.

Современото преобмислување на Златниот стол, комбинира два моќни симболи од кралството Ashanti: закривеното седиште се повикува на кралскиот и божествен престол на кралот, додека кружната база оддава почит на тркалезната златна регалија што ја носи водачот одговорен за духовно прочистување. Златниот стол е еден од најсветите и најсимболичните предмети и ја претставува душата на народот Ashant. Има огромно културно, духовно и политичко значење.

Mukecha Stool е инспирирана од традиционалните африкански авани и толчници, кои се користат за мелење јачмен, пченица и други основни култури. Овие тешки алатки, изрезбани од цврсто локално дрво, се користат во работен процес што обично го изведуваат жените во заедницата, честопати придружен со синхронизирано пеење. Дизајнот на столицата вклучува концентрични прстени, потсетувајќи на прстените за врат пронајдени на бронзените бисти од Кралството Бенин.

Jimma Chairе е базиран на традиционален стол именуван по градот Jimma во југозападна Етиопија. Тоа е препознатливо парче етиопски мебел, инспирирано од мебелот на кралот Аба Џифар.

Столовите често се рачно резбани од едно парче дрво и се познати по моќните, скулпторски форми. Широкиот наслон често е во полукружна форма. Jimma Chairе има културно значење во Етиопија и традиционално го користеле важни поединци или старешини во заедницата. Симболизира статус, почит и наследство.

Kebero Stool е именувана по традиционалниот двоглав тапан што се користи во Етиопија и Еритреја, првенствено во религиозни и церемонијални контексти, особено во рамките на Етиопската православна црква и за време на други културни прослави.

Duka Stool црпи инспирација од традиционалните етиопски столчиња кои најчесто се користат во руралните и номадските заедници, познати по нивната практичност и културно значење. Историски гледано, столчињата Duka биле лесни, преносливи и издржливи, изработени за секојдневна употреба од мажите за време на собири, церемонии или додека чувале добиток. Модерната интерпретација на Tariku ги одразува едноставноста и функционалноста на традиционалниот дизајн, со фокус на етиопската изработка.

Типично изрезбани од едно парче локално набавено тврдо дрво како багрем, оригиналните столчиња имаат кратки, цврсти ногарки, дизајнирани да обезбедат стабилност на нерамен терен. Малку конкавното седиште нуди удобност, додека минималистичката форма ја одразува естетиката на етиопскиот дизајн водена од корисност.

Кога Jomo Tariku студирал индустриски дизајн на почетокот на 1990-тите, знаел дека неговата работа ќе вклучува решавање проблеми. Но, она што не го знаел е дека е на прагот да започне триесетгодишен проект за преобликување на самата дизајнерска индустрија.

Денес, на 58 години, етиопско-американскиот производител на мебел е препознаен како една од најгласните и најстрасни личности кои се залагаат за поголема разновидност и инклузија во оваа област, иако не се смета себеси за активист. „Она што индустрискиот дизајн ме научи да го правам е да поставувам прашања, да видам каде се проблемите и да одговарам на нив“, вели Tariku.

Испрати коментар

Scroll To Top