Насловна / Архитектура / „Ракета“од челик и стакло: Како е создаден новиот симбол на Мароко?

„Ракета“од челик и стакло: Како е создаден новиот симбол на Мароко?

Новиот симбол на современо Мароко, Mohammed VI Tower, со височина од 250 метри, стана највисоката зграда во земјата и еден од највисоките облакодери на африканскиот континент. Овој импозантен објект подигнат е во близина на Рабат, во склоп на големиот проект Bouregreg Valley Development, кој претставува дел од пошироката трансформација на градот во т.н. „Град на светлината“. Кулата добила име по актуелниот крал на Мароко, а проектот го потпишуваат архитектите Rafael de la Hoz и Hakim Benjelloun. Нејзината препознатлива силуета потсетува на ракета подготвена за лансирање, што не е случајно.

Идејното решение е поврзано со искуството кое Othman Benjelloun, милијардер и директор на Bank of Africa, го доживеал кон крајот на шеесетите години во текот на посетата на еден NASA центар присуствувајќи на подготовките на ракетата Saturn V за мисијата Apollo 12. Иако надворешниот изглед асоцира на вселенска програма, проектот не се потпира само на симболиката. Фасадата на кулата е проектирана така што истовремено придонесува за енергетската ефикасност и намалување на оптоварувањата на системот за ладење. Северната страна на објектот е изведена како високоперформансна фасада со декоративни метални елементи, додека јужната комбинира затворени панели, заштита од Сонце и интегрирани соларни панели.

На над 70.000 квадратни метри фасадни површини вградени се фотонапонски системи. Објектот користи и систем за собирање на дождовница, рециклажа на отпадни води и конзервација на енергија, па затоа има добиено LEED Gold и HQE сертификати за одржлива градба. Изградбата на вака висок објект барала примена на сложени инженерски решенија, посебно поради сеизмичката активност, силните ветрови и ризиците од поплави на локацијата. Mohammed VI Tower се простира на вкупно 102.800 квадратни метри распоредени на 55 ката. Во објектот се наоѓаат луксузен хотел, деловен простор, ексклузивни станови и панорамски видиковец со поглед на Рабат и околината, а посетителите и корисниците имаат на располагање вкупно 36 лифтови. Посебно внимание е посветено на ентериерот. За дизајнот на ентериерот бил задолжен Pierre-Yves Rochon.

Реализацијата на проектот траела 8 години, а вредноста на инвестицијата се проценува на околу 700 милиони долари. За изведување на работите биле задолжени BESIX, познати и по учество во изградбата на Burj Khalifa, заедно со компаниите TGCC и CRCCI.

 

Испрати коментар

Scroll To Top