Насловна / Архитектура / Интервју со Михајло Митровиќ: Не постои книга од која може да се научи архитектура

Интервју со Михајло Митровиќ: Не постои книга од која може да се научи архитектура

Михајло Митровиќ (1922–2018) е српски архитект и универзитетски професор.

Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Белград во 1948 година. Во 1950 година бил стипендист на Обединетите нации во Франција и Данска.

Во 1980 година е избран за редовен професор на Факултетот за применети уметности во Белград.

Неговите најзначајни дела се: одморалиштето „Нарцис“ на Златибор, стационар ОУН во Бања Ковиљача, хотелот „Путник“, кулите Генекс (Западна порта), храмот Свети Василије Острошки во Белград; Врњачки циклус: топла вода Снежник, Слатина, Римски извор, Езеро; голем број станбени згради во Србија…

Изложувал самостојно во Музејот на современа уметност во Белград и салонот МСУ во Варшава, потоа во Вроцлав и на колективни изложби во Милано, Њујорк, Рабат, Грац.

Се занимавал и со архитектонска публицистика и критика. Пишувал во многу весници, а во белградска „Политика“ континуирано пишувал колумна за архитектура 42 години. Автор е на книгите „Нова архитектура на Белград“, „Сè е архитектура“ и „На крајот од векот“.

Ви пренесуваме едно од неговите последни интервјуа дадено во 2017 година за првиот број на списанието „Архитекта“.

На почетокот на 20 век се случија големи промени – Корбизје – куќата Домино 1915; Ситроен 1920; Проект за Париз 1925; Германскиот павилјон на Мис 1929; Баухаус 1925; Гропиус – проект за Чикаго Трибјун 1922 и многу други. Како ја гледате моменталната ситуација во архитектурата во светот и кај нас?

На преминот од минатиот и овој век, се прекрши и современата архитектура на стаклената кутија на Мис, архитектурата на Баухаус на Гропиус, тоа се најдобрите примери од минатиот век, а веќе се анахрони. Постмодерната е целосно заборавена и служи само за талентираните кои ги врежуваат идеии во ригидни компјутерски склопови. На прекршувањето на вековите, исчезна манијата за имитирање на јапонската архитектура и нејзиниот ас Кензо Танге и голем број асови од други земј. Крајот на минатиот век го означува и егзибиционизмот, кој ќе го означи крајот на првата повоена архитектура. Во изминатиот период, во светот се случи голем технолошки напредок, што неизбежно се одрази на архитектурата во векот што изминуваше.

Одмаралиште на Тара

Денес, технолошкиот развој во градежништвото овозможува објектите физички да се градат исклучително брзо. Ова е и предност, но и опасност. Можеби повеќе од кога било, се поставува прашањето за дефиницијата на „genius loci“ и како да се постигне. Коe е вашeто видување на овој проблем?

Технолошкиот напредок претставува и напредокот на архитектурата во техничко – технолошка смисла, во пристапот до нови материјали што ја зголемуваат брзината на градење и повисок степен на економичност. Што се однесува до феноменот „genius loci“ – тој е вечна аксиома во секоја градба и прв потег во проектирањето на кој било објект.

Како го толкувате денешното сеприсутно уништување на архитектурата во нашите градови, првенствено со поставување на ПВЦ столарија, застаклување на тераси, поставување фасади од стиропор – како кој ќе посака. Дали со ова се деградира архитектонската мисла на творецот? Доколку во иднина, ова продолжи, ќе имаме ли воопшто нешто да му покажеме на светот од нашата архитектура? Кој е одговорен и што треба да правиме?

Повеќе пати пишував за оваа аномалија, но таа е бесконечно имуна на каква било реакција. Изградбата на лош терен, избегнувањето на архитектонски форми, користењето недозволени материјали, отстранувањето или додавањето на какви било нови детали на изведбениот проект не може да се смета за подобрување на архитектурата, туку за нејзина деградација. Рушењето на згради што имаат културна вредност со цел да се изградат какви било нови, заѕидањето на тераси и балкони, замената на дрвената столарија со ПВЦ импровизации е лажно разубавување, насилно пребојување на постојните згради, егзибицијата со додавање на последниот кат е корупциска постапка, секогаш го нарекував сето тоа со вистинското име – дивјаштво. Сметам дека општинската власт, која е должна да застане на патот на дивјаштвото, е виновна за сите овие премини. Архитектите тука се немоќни.

Врњачка бања

Дали е мудро да се формира некаков вид архитектонска комисија при Архитектонската академија, која врз основа на естетските квалитети на предложеното решение би дала одобрение или не за главниот проект, за проекти што се градат без конкурс?

Реков дека архитектите се немоќни. Сметам дека формирањето на комисија за одобрување на проекти би било катастрофално во нашите услови на проектирање. Јасно и прејасно искусив, повеќе од половина век, што значат комисии. Постои една изрека што вели: „Ако сакаш да уништиш некого, сè што треба да направиш е да формираш комисија“. Некои комисии сè уште делуваат во нашата земја и служат само за корупција. Секако, ова е сè уште во пракса кај нас. Комисиите служат за преку нив да се зема работата од колегите. Би било добро кога државата би можела да формира постојана архитектонска комисија од еминентни архитекти која би им помагала на органите на власта да арбитрираат во какви било архитектонски проблеми. Потребно е да се донесат ригорозни мерки за разни прекршувања и самоволие на несовесни актери во изградбата. Треба да се дисциплинираат несовесните градители, бидејќи без паметен инвеститор, добар изведувач и архитект – без тоа тројство, нема и не може да има успех во градењето. Ако само еден од тие тројца отпадне, куќата што ја градат останува инвалидизирана, па еден ден ќе биде реконструирана или срушена. Улогата на инвеститорот е исклучителна. Тој вложува пари и очекува добра архитектура. Некогаш, инвеститорите беа државни компании кои не водеа сметка ниту за економичност, а уште помалку за естетиката, туку за тоа како да извлечат некаква лична корист од изградбата. Сега ситуацијата се промени. Инвеститорот е сè почесто приватник, што има позитивен ефект врз новите архитектонски дела. Архитектонските конкурси се корисни кога се работи за јавни згради. Но, за приватно градење, конкурсот може, но и не мора да биде корисен, а преку конкурсот често се манипулира за време на формирањето на жирито, кога еден или двајца членови на жирито однапред ќе се договорат за победникот. Ова е најлесната форма на корупција, што по правило никогаш не се открива.

Св. Василије Острошки во Белград

Како треба да се развиваат Белград и Србија во иднина, во однос на архитектурата? Која земја и град треба да ни бидат пример?

Што се однесува до моделите – не треба да патувате подалеку од Словенија.

Денес, особено кај нас е изразен проблемот архитект-клиент. Кој се вашите совети до клиентите и архитектите во нивните меѓусебни односи?

Само чесност.

Професоре, кој би бил вашиот совет за студентите и архитектите? Особено во денешното компјутерско доба, кога моливот се користи сè помалку и помалку? Дали треба да учиме од минатото и како, со оглед на реалноста дека во светот се следат само современите трендови и дека сè се гледа „во декади“, каде што сè постаро, без разлика колку е вредно, се става на „полиците на историјата“? Колку е важна архитектонската скица во ерата на компјутерскиот фотореализам?

Компјутерското проектирање е голем напредок во изработувањето на проектантската документација. Но, кога станува збор за идејната страна, тука има ограничена корист. Идејната скица не може да се работи компјутерски, тоа е само помош во техничкиот развој на проектот. Идејата е духовна категорија, неспоива со машина, како што еднаш рече Злоковиќ – нема успешен проект без модуларна комуникација. Таа исклучивост не е помината. Идејната скица е алфа на секој проект.

Генекс, Белград

Вашата архитектура во голема мера стана неразделен дел од физичкиот и духовниот простор и идентитет на нашата култура, што го сметам за повисоко ниво од едноставното препознавање на архитектурата на еден објект. Што е архитектурата за вас, гледано од вашата сегашна позиција како врвен, остварен архитект?

Архитектурата од мојата сегашна позиција е двојно ориентирана. Првата е популистичката архитектура, со сите нејзини ограноци, вклучувајќи и анонимна архитектура, народна архитектура, рурална архитектура и хортикултура. Втората е високо софистицирана, репрезентативна, високобуџетна, провокативно нова, секогаш функционална и најубавата облека на одреден genius loci. Архитектурата е секогаш поим на убавина. Ако тоа не е, не е ниту архитектурата. Не постои книга од која може да се научи архитектура. Тоа е општо познато. За да се бидеш архитект, мора да имаш минимум талент за да ги разбереш нејзините можности. За мене, архитектурата е рударска работа, мора да се продре длабоко во нејзината суштина.

Морам да признаам дека кога поминувате покрај грда куќа, тоа боли, но само оние кои се посветени на архитектурата. Ја користам оваа прилика да го изразам моето големо незадоволство поради оние кои влегле во архитектурата формално, заради егзистенција. За да се станете добар архитект, школата е само старт. Потребно е да се биде љубопитен за се што те опкружува, да се следи архитектонска литература и архитектонски манифестации. Би требало да се има интерес за уметнички манифестации, изложби, семинари итн. Тажно е што на изложби и предавања поврзани со архитектурата често нема студенти. Би треба за тоа јавно да се пишува и да се дестимулираат оние, таканаречени архитекти, за да се обесхрабрат или воведат во архитектурата. Присуствував на предавање за Богдан Богдановиќ. Ниту еден архитект, ниту еден студент! Ете до каде стигна архитектурата денес. За среќа, во секој момент има барем десетина одлични творци кои ја одржуваат српската архитектура.

Испрати коментар

Scroll To Top