Насловна / Арт и дизајн / Заврши скопското издание на фестивалот Акто

Заврши скопското издание на фестивалот Акто

Скопскиот дел од 11. издание на фестивалот Акто, заврши вчера вечер со изведбата на претставата „Филозофија на паланката“, пред полна сала на Кино Култура. Режисерот Златко Паковиќ и самиот учествуваше во овој „Божиќен ораториум за Радомир Константиновиќ“, како што гласи поднасловот на претставата, во која настапи познатата српска оперска пејачка Катарина Јовановиќ.

По претставата во Кино Култура, со свој ди-џеј сет настапи Виолета Качакова.akto-pretstava

Во рамки на програмата на скопскиот дел на Акто, вчера се одржа прошетката низ местата на борба на 12-та скопска бригада, конципирана од Плоштад Слобода во соработка со Aнтифа историски клуб. Никола Наумовски и Зрдавко Савевски, гостите од странство ги запознаа со спомениците што ја одблежуваат антифашистичката борба во центарот на Скопје, како и со историјата на холокаустот на Евреите од Скопје.

Ловро Крниќ, активист од Шибеник, Хрватска, го презентираше „Антифашистички вјесник“, кој го издава неформалната активистичка група што функционира и во Загреб и во други хрватски градови „АнтиФа“.

– „АнтиФа“ почна со своите активности уште пред две години, но откако медиумите се заинтересираа за нас, особено откако најчитаното хрватско списание „Глобус“ напиша текст за нас, повеќе се дозна за тоа што го работиме. Нашите први акции беа едноставни, ги нарековме „Повторно градење на споменици“, бидејќи во Хрватска се уништени околу 3000 споменици на антифашистичката борба. Тие што останаа во регионот на Шибеник, во текот на последната војна во 90-тите години, националистите  ги уништија, а останатите  се во лоша состојба, па ние сакавме да помогнеме да се обноват. Шибеник има голема антифашистичка традиција и ние сакаме да ја обновиме. Весникот што го издаваме не се занимава само со историјата, туку повеќе со актуелните проблеми на општеството, – вели Крниќ.akto2

Во Железничка зграда се одржа работилница во рамки на проектот IBCT (Кога зградите би можеле да зборуваат).

Ведран Хорват од Институтот за политичка екологија во  Загреб, во киносалата на Железничка зграда одржа предавање на тема „Вадење од контекст: самоуправа и одржливост како алтернативи на неуспешните модели на владеење“, во кое говореше за концептот на заедничкото (Commons) и теоријата на заедничкото на Елионор Остром, добитничка на Нобеловата награда, која дава насоки на модели на самоуправување каде што се практикува редистрибуција на моќ.

– „Commons“ не е само иновација, туку и инструмент за борба против предизвиците што ги создава експанзијата на капитализмот, може да биде инструмент за  воспоставување на поправедни односи и услови, тоа е инструмент против акумулација на моќ, кој може да се кристи за демократизација и колективна контрола, како и за одбрана на правниот систем од корумпираност, – рече Хорват.

Втората фаза на Акто, годинава насловен Поп ап Акто, во Скопје се одржа од 23 до 28 септември, во Кино Култура, Мобилна/монтажна галерија, Железничка зграда, Капан ан, Канал 103 и во кафулето Радио бар.akto3

Поп ап Акто ќе продолжи со својата програма во Штип, во октомври, и Тетово, во ноември.

Акто Фестивалот за современи уметности е организиран од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи кои не се учат и е поддржан од УСАИД.

Испрати коментар

Scroll To Top