Насловна / Архитектура / Архитектонска репрезентација на free friday dress code

Архитектонска репрезентација на free friday dress code

Објектот на МЛ ГАРИ – MAYA со својата програмска содржина претставува синтеза од повеќе различни функции кои поради самата местоположба на објектот (длабоко вон урбана средина во близина на село Гари) беа неизбежни да се воспостават. Иако пред сè станува збор за индустриски објект со функција полнење на природна изворска вода со административен блок, сепак во негов склоп се обезбедени и повеќе други функции. Објектот е поделен на неколку функционални зони и тоа производствен дел со свои магацини и придружни елементи, простории за вработени потребни во, пред и после процесот на производство (гардероби, санитарии, трпезарија и слично) потоа административен блок, дел за презентации, и на крај дел за привремено сместување на вработените и дружење. DSC_6211

DSC_6814 Внатрешниот простор архитектонски е дефиниран со своите волумени преплетени меѓу себе и со непостоење, односно одбегнување на каква било граница меѓу надвор и внатре. Објектот и екстериерно и ентериерно е во допир со природата што го опкружува и инспирацијата ја црпи од неа во голема мера. Трендот во архитектурата и ентериерите за целосно отворање на просториите за работа и престој, како и трендот за целосна транспарентност (наместо рефлектирачко стакло на пример) и тука е достигнат со целосно провидно стакло и надоврзување на просторите кои само ја менуваат својата функција со одредени ентериерни детали.DSC_5806

Влезниот хол беше центар на просторниот интерес и фокален просторен елемент, а со тоа доби можеби најдоминантен акцент во ентериерот на целиот објект. Тој се развива низ неколкуте нивоа со што чувството дека си внатре во затворен простор е делумно избришано. Оформен е со различни волумени, а само надополнет со мал број парчиња мебел. DSC_5842

DSC_5825

DSC_6155

На холот се надоврзуваат главните скали кои се оформени слободно во просторот каде доминира присуството на стакло (со ефект на кршено стакло) и тие флуидно се движат низ објектот повеќе како некоја стрмна улица отколку како скали. Во нивното јадро е сместен и стаклениот лифт. Движењето по скалите и со лифтот овозможува чувство дека секој присутен таму е дел  од една филмска лента на која се менуваат и надополнуваат од момент во момент различни сцени. Секој учесник во ова не е само актер во сцените, туку и нивен творец, постојано менувајќи слика со слика, сцена со сцена, вистинско архитектонско филмско уживање и редок момент на успешно ентериерно архитектонско решение, кое во ниту еден момент не е статично, туку пред сè динамично и променливо.

DSC_6859

Во процесот на дизајн на мебелот се водеше сметка за употреба и комбинација на топли и ладни материјали и тоа дрво (во случајот фурниран медијапан или масивно дрво тип даб) како природен материјал и контра него избор на материјали со сјајна и мазна завршница (како стакло во боја или фарбан медијапан во сјајна завршница или сјајна керамика). Во изборот на материјалот за подовите се присутни брилијант завршницата на плочки и дрвените подови (дабово дрво), а преодните материјали се со лапато завршница. DSC_6897

DSC_6888

Обработката на ѕидовите е поделена во две групи и тоа: основни ѕидни површини со мазна еднобојна завршница и ѕидни декор површини (специфични техники на обработка и тапети) во сјајна, но полуструктурирана завршница со одредени текстури. Ваквиот избор на материјали надополнет со изборот и поставеноста на светилките придонесува кон постојана игра на светлината и рефлексија како на самите површини (мини алтер-сцени) така и во меѓусебната спрега создавајќи нови треперливи моменти. Ова е надополнето со присуството на „висечката ѕид-завеса-фонтана“ во влезниот хол која со ефектот на постојано течење на водата низ две катни висини рефлектира и дава чувство на слобода.  DSC_6074Изборот на материјалите, боите како и самиот дизајн, пред сè на мебелот, даваат тон на еден модерен, но топол простор далеку од стерилен со што само ја надополнува идејата дека работниот простор не е само затворена канцеларија, туку пред сè претставува простор каде вработените поминуваат еден добар дел од животот и тој треба да овозможи пријатен хуман простор за работа и интеракција меѓу вработените. Тој е ослободен од стегите на униформност и претставува архитектонска репрезентација на free friday dress cod-ot. Крајната слика на ентериерот е смирен, модерен, светол, релаксиран простор за работа.DSC_6059

Оваа слика, ова чувство е надополнето и во другите простории низ објектот. Така самата лабораторија освен со својата вообичаена стерилност во изборот на материјали и белата боја е надополнета со транспарентност меѓу содржините и делумно присуство на уште неколку акцент-бои. Самиот производствен дел – погонот е дизајниран така да ја долови и нагласи чистината на природната вода и технолошкиот процес со употреба на белата боја за подот со полусјајна завршница надополнета со изборот на плочки за ѕидните површини со светли сино-бели тонови подредени во апстрактна брановидна форма. Транспарентноста на стаклото како доминантен дел од внатрешната страна на екстерните ѕидови ја надополнува оваа идеја за чистина со тоа што целосно го отвора погледот и допирот кон природата, надвор различна со своите слики во зависност од годишното време. Ваквиот допир со природоата е нагласен во сите простории низ објектот, а посебно во трпезарискиот дел каде што дури и самите столчиња, иако во повеќе нијанси, се транспарентни. Организацијата на овој простор е надополнета со дрвените ѕидни површини и плафони и стаклена фасада со што трпезаријата добива елементи и  чувство на близина и пријатен простор за оброк, на моменти дури како да станува збор за трпезарија на отворено, една современа архитектонска интерпретација на појадокот на трева ослободен од какви било стеги. Канцелариите обилуваат со присуство на истите материјали: дрво, стакло, сјајни површини, рефлексија, транспарентност, блиска колегијална комуникација и допир со надворешноста.DSC_6053 Единствена работна просторија  која малку е изолирана е директорската канцеларија, но сепак е делумно отворена кон внатрешноста на производствениот погон. Нивото на опременост на оваа канцеларија е нешто повисоко во однос на луксузноста на изборот на материјали, но и оваа просторија како и целиот ентериер има за цел да го направи попријатен и поблизок просторот за работа. На вториот кат се решени три двокреветни апартмани. Холот пред апартманите е осмислен, со изборот на светилки, бои и декорации, како малку поинтимен согласно на функцијата на просториите односно апартманите. DSC_6124

Секој апартман е со посебна приказна, посебна тема во однос на дизајнот и изборот на бои и специфики, но за сите важи истото правило, пријатен простор отворен кон надвор, употреба на современи материјали, комбинација на топли и ладни материјали.DSC_6105

DSC_6117

Ентериерот на овој објект не се дефинира стилски, најмалку со своите елементи. Едноставно овој ентериер е емотивен приказ на една долга приказна и работа, пред сè волуменски оформен во еден богат простор кој сам по себе е апстрактно богат и голем. Мебелот на моменти е незабележителен, се стопува во целиот амбиент, а во друг момент само пополнува функција или нагласува. Деталите на декор (колку и малку да ги има сепак се присутни) само ја надополнуваат оваа слика ненаметливо. Добиениот простор – ентериер се граничи со емотивност на апстрактно ниво. DSC_6017

Овој комплексен простор, со доста различни функции на крај постигнува максимален обилен ентериерен волумен кој е пријатен, топол и близок до човекот, до самиот вработен. Овој ентериер допира и гали, разбудува некоја страст и возбуда, раскажувајќи најразлични просторни приказни (spacious stories) исполенти со енергија и емотивност.

Автор: Александар Карангелов, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top