Насловна / Архитектура / Монтреал – Културна престолнина на Канада (1)

Монтреал – Културна престолнина на Канада (1)

За необичната убавина на Монтреал, неговата атмосфера која е повеќе европска отколку канадско-американска… , која ja почувствував дури и во ладните декемвриски денови… , може да се пишува многу. Тоа е град кој зазема највисоки места во рејтингот на најудобните градови за живеење во светот.Stitched Panorama

Планината Монт-Ројал и Ораториумот Свети Јсиф

Град кој го нарекуваат „Културна престолнина на Канада“, а УНЕСКО во 2006 година го нарече „Град на дизајнот“.

Развој …

Според археолошките докази, на територијата на Монтреал  живееле разни племиња на Индијанци, уште пред 4.000 години. Во 1535 година, францускиот морепловец и истражувач Жак Картиер (Jacques Cartier, 1491-1557), обидувајќи се да открие северозападен морски пат кон Далечниот Исток, прв го посетил ова место. А Французите во 1642 година, ја основале првата европска населба, наречена Вил Мари (Ville – Marie). Сè до 1760 година, оваа територија била француска колонија.

Во 1763 година, после Седумгодишната војна, територијата била предадена на Велика Британија и станала дел од Британското Северно Американско царство.

После Првата светска војна, во периодот на прохибицијата во САД, Монтреал бил привлечен за Американците што сакале да се „напијат“. Во тоа време проблемот на безработица бил изразен. Се зголемил уште повеќе со економската криза во 1929 година.3. Стар град

Стар град

Во 1959 година, бил отворен Морскиот пат по реката Ст. Лоренс, овозможувајќи им на бродовите, кои пловат по Атлантскиот Океан, да го поминат Монтреал и да одат до Големите езера, што преставувало крај на неговата економска доминација. Сепак, во 60-тите години, економскиот раст на градот продолжил. Се градат брзи патишта, се гради метро, се градат највисоките  облакодери во Канада, се организира светската изложба Експо-67… Во 1976 година се организираат Летните олимписки игри. Во 70-тите се случуваат големи социјални и политички промени. Основната причина е желбата на мнозинското франкофонско население да ја сочува својата култура, јазик, традиција. После таканаречената Тиха револуција, франкофоните  воспоставуваат своја доминација во градот, а голем дел од англофонското население емигрира во други канадски градови, пред сè во Торонто. Во 1977 година францускиот јазик е прогласен за единствен официјален јазик во градот и во целата провинција Квебек, иако повеќе од половина од жителите ги зборуваат и двата јазика. Масовната англофонска емиграција и повлекувањето на нивниот капитал во 70-тите и 80-тите години, довело до скоро 20-годишна економска депресија, безработица и намалување на развојот на градот.

Ситуацијата почнува да се подобрува после 1995 година, кога многу светски корпорации, помирувајќи се со франкофонската трансформација на градот се враќаат во него. Во јули 2009 година бројот на жители на Монтреал и неговата муниципална околина изнесува 3.814.000, а на самиот град Монтреал 1.620.693 жители. Денес, Монтреал е најголем град во провинцијата Квебек, а втор по големина во Канада. Монтреал е високоразвиен, многунационален мегаполис. Значаен деловен, финансов, информационен, аеровселенски, технолошки, фармацевтски, текстилен и меѓународен центар. 4. Старо пристаниште на  Монтреал

Старо пристаниште на Монтреал

Неговата местоположба, во југоисточниот дел на Канада е одлична. Монтреал е поставен на голем остров, со истото име, на устието на реките Отава и Ст. Лоренс. Во територијата на градот влегуваат уште неколку помали острови и двата брега на реката Ст. Лоренс. Со брегот е поврзан со 15 мостови и еден тунел*. Тој е едно од главните пристаништа на Канада, за прекуокеански и внатрешни бродови. Ултрамодерни транспортни магистрали го соединуваат со другите градови на Канада и САД.
Знаменитости, интересна архитектура…

Монтреал е главен културен центар на Канада, со интересна архитектура, многу знаменитости, театарски комплекси, концертни сали, музеи … Во градот има шест универзитети и дванаесет колеџи во радиус од осум километри. Тој е град со највисока концентрација на студенти, споредено со другите големи градови на Северна Америка. Седиште е на еден од најстарите универзитети во Канада, Мек Гил кој е меѓу топ 25 најдобри универзитети во светот, на универзитетот Конкордија и Универзитетите на француски јазик. Има многу места и објекти во градот кои заслужуваат посебно внимание. Сепак, според мене, најинтересни и најпопуларни се следните:

–        Прва е малата планина Монт-Ројал (Mount Royal, 233 м), во самиот центар на градот, по која градот го добил и името. На нејзините падини се простира голем парк, кој е дизајниран од страна на американскиот архитект за хортикултура Frederick Law Olmsted (1822-1903), кој исто така е автор и на Централ Парк во Њујорк. Инаугуриран е во 1876 година. Тука се наоѓаат и живописно вештачко езеро, скијачка патека, градина со скулптури, најголемата и најпосетена црква во Монтреал, Ораториумот Свети Јосиф, општата болница на Монтреал, Универзитетот Мек Гил, Универзитетот на Монтреал, Ėcole Polytechnique… Од неговиот врв се развива прекрасна панорама на градот.

6. Подземен град

Подземен град

–        Голема туристичка атракција е Стариот Град. Тоа е историскиот дел на градот, лоциран југоисточно од центарот, помеѓу крајбрежјето и брдото Монт – Ројал. Оваа територија, која е една од најстарите урбани области во Северна Америка, во 1964 година, од страна на Министерството за култура на Квебек, е прогласена за историска област. Во 60-тите години сите стари објекти кои датираат од XVII до XIX век, се внимателно реставрирани. Потоа во нив се отворени модни магазини, ресторани, кафулиња… Прошетката по калдрмисаните улички од минатото, е вистинско задоволство. Тука се старите објекти на Градското собрание на Монтреал, пазарот Bonsecours, повеќе стари куќи… Археолошки остатоци од првата населба во Монтреал се наоѓаат на југозападниот дел на стариот град.

–        Секако дека мора да се спомне Старото пристаниште. Се протега на повеќе од два километри, по должината на реката Ст. Лоренс, во стариот дел на градот. Француските трговци со крзно го користеле како трговска станица, уште во 1611 година. Во 1976 година активностите на пристаништето се преселени на поголема локација, на која е изградено ново, модерно, најголемо речно пристаниште во Канада. Во почетокот на 1990 година, старото пристаниште е преуредено. Денес, тоа е претворено во зелена, рекреативна, историска област која привлекува шест милиони туристи годишно.7. 1250  Ren_-L_vesque

1250 Rene Levesque

–        Според мене, ако нешто го прави Монтреал посебен, тоа е неговиот Подземен град, најголема пешачка зона во светот. Со неговата големина и функционалност, бев фасцинира уште пред многу години, кога го видов прв пат. Но и сега, раздвиженоста на луѓето, одвивањето на нивните секојдневни активности под земја, посебно за време на ладните, снежни новогодишни денови, ги доживеав фасцинантно и многу пријатно. Како нешто неопходно и нормално за овој убав град со долги, ладни зими. Подземниот град (официјално RĖSO или La Ville Souterraine) е збир на меѓусебно поврзани комплекси, над и под земја, во и околу центарот на градот. Поврзани со тунели, климатизирани и осветлени.

Има повеќе од 32 км тунели, кои поврзуваат област од 12 км², која вклучува трговски центри, станбени згради, хотели, станови, банки, деловен простор, музеи, 34 киносали, многубројни ресторани, универзитети, седум метро станици, две железнички станици, регионални автобуски терминали… Постојат повеќе од 120 места од кои има надворешен пристап до подземниот град.

8. 1000 de La Gaucheti_re

1000 De la Gauchetiere

 

Секоја влезна точка е пристап за еден од 60 станбени или комерцијални комплекси, вклучувајќи 80% од сите канцелариски простори и 35% од целиот деловен простор во центарот на Монтреал. Во зима, околу 500.000 луѓе го користат подземниот град секој ден. Првата визија за  подземен град била на  урбанистот Винсент Понте (Vincent Ponte, 1919 – 2006). А првиот линк на подземниот град е направен со изградбата на комплексот со деловни кули и подземен трговски центар Ville – Marie, изграден во 1962 година од архитектот И. М. Пеи.

–        Центарот на Монтреал е централната бизнис област во градот. Се наоѓа на најјужната падина на планината Ројал во округот Ville – Marie. Има многу облакодери, кои според законот не може да бидат повисоки од висината на Монт Ројал, со цел да се сочува естетската доминација на планината. Ќе спомнам два од облакодерите, кои се највисоки. Првиот е 1250 René-Lévesque со 226 м висина и 47 ката, а вториот е 1000 de La Gauchetière, со 51 кат и 205 м висина. Изградени се во 1992 година и поврзани со подземниот град.                                   Една од најпрепознатливите згради во градот е Ville-Marie, голем деловен комплекс изграден во периодот 1958 – 1962 година од архитектот И. М. Пеи, како седиште на Кралската банка на Канада (Royal Bank of Canada). Дизајниран во вид на крст, се состои од четири згради, со висина од 188 метри, со 47 ката. Комплексот е поврзан со подземниот град, со внатрешен пристап до повеќе од 1.600 продавници, ресторани, деловни простории, музеи, метро станици…

10. Sun Life Building

Sun Life Building

–        Секако дека мора да се спомне историската кула Sun Life, висока 122 м, со 24 ката, кој се наоѓа во најстрогиот центар на Монтреал. Изградбата е почната во 1913 година. Поминувајќи низ три различни фази на градба, комплетирана е дури во 1931 година. Изградена е за осигурителната компанија Sun Life, како најголема зграда во целата Британска империја во  тоа време. Интересен е податокот дека за време на Втората светска војна, златните резерви на Велика Британија, тајно биле донесени во Канада. Ги чувале во Монтреал, во зградата Sun Life, три ката под земја. Денес, Sun Life е 17-та зграда по висина, во централната бизнис област на градот. Престижен објект за деловен простор и бизнис, прав скапоцен камен на Монтреал.11. Place des Arts, Salle Wilfrid Pelletier

Place des Arts, Salle Wilfrid Pelletier

–        Place des Arts е најголем културен и уметнички комплекс во Канада. Културно срце на класичната уметност и место за изведување на многу летни фестивали. Комплекс на разни концертни и театарски сали, опкружени со големи плоштади. Се наоѓа во источниот дел на центарот на градот. Пуштен е во употреба на 21 септември 1963 година. Тука се сместени операта, балетот, симфонискиот оркестар на Монтреал, кој е еден од водечките оркестри во светот, авангардни танцови ансамбли… подоцна се доизградени и други театри. Музејот на современа уметност, со неговата уникатна колекција на канадски и сликари од други земји, додаден е во комплексот на 28 мај 1992 година.

2. Панорама  на Монтреал  со  поглед од планината Монт-Ро_ал

Панорама на Монтреал со поглед од планината Монт-Ројал

*  Тунелот што поминува под реката Ст. Лоренс е меѓу првите големи остварувања од преднапрегнат бетон во Канада. Преднапреѓањето го проектирал проф. д-р Тодор Барутчиски, Македонец, кој во тој период бил професор на Универзитетот Лавал во градот Квебек, Канада.

Направен е од седум секции, секоја долга 109,7 м, а широка 36,5 м. Секциите се изградени на десниот брег, а потоа се донесени една по друга, до местото одредено со трасата на тунелот, потопени и споени во коритото на реката. Тунелот Louis-Hippolyte La Fontaine е една од градежните знаменитости на Монтреал и важна алка во Транс Канадскиот автопат. Голем и значаен градежен проект, кој предизвикал посебен интерес и внимание, со неговото инаугурирање на 11 март 1967 година, неколку дена пред отворањето на Светската изложба Експо 67.

12. Zima vo Montreal

(Продолжува)

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top