Насловна / Вести / Дигитализацијата неопходна за квалификувани работници во градежната индустрија

Дигитализацијата неопходна за квалификувани работници во градежната индустрија

Средното стручно образование треба целосно да се реформира и да се приспособи на најновите трендови во производството, со што ќе се обезбедат стручни кадри кои веднаш по завршувањето на образованието ќе може да одговорат на пазарот на трудот.

УНДП и Британската амбасада од март минатата година спроведуваат проект насловен како „Премостување на јазот кај вештини за создавање нови и подобри работни места“.

DSC_9297

Проектот има за цел да се осврне на дел од суштинските проблеми со невработеноста и да го премости „јазот кај вештините“ во три клучни сектори во Северна Македонија – текстилниот и градежниот сектор, но и да се осврне на обновливите извори на енергија, преку дизајнирање и тестирање на модели за обука, вклучително и за пост-средно образование и неформална обука. Проектот ќе ги земе предвид клучните демографски групи, како што се младите кои почнуваат да работат, долгорочно невработените и веќе вработени лица, на кои им се потребни можности за стекнување вештини што им се потребни за да напредуваат во приватниот сектор.

DSC_9320

Недостигот на вешти и квалификувани работници не само што ја ограничува можноста на Северна Македонија да генерира повеќе и поквалитетни работни места за младите, туку го забавува и можното зголемување на продуктивноста, а со тоа и транзицијата на земјата кон стопанство што може да биде конкурентно на пазарот во ЕУ.

ТЕХНОЛОГИИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ПРИМЕНАТ

Консултантот и инженер по електроенергетика Игор Панчевски вели дека во Македонија во градежниот сектор се вработуваат околу 56 илјади луѓе, а таа бројка може да биде за околу 10 илјади поголема. „За да се оствари тоа, покрај промени во градежниот сектор потребни се промени да се направат и во образованието. Градежниот сектор има недостаток од квалификуван кадар и тоа посебно на млади луѓе чиј процент на вработеност во однос на вкупната бројка е седум отсто. Од друга страна, градежниот сектор се соочува и со ниска продуктивност заради неимплементирањето на новите дигитални технологии“, вели Панчевски.

MAD_7330

Според него, направена е проценка на клучните фактори кои би биле двигатели на промената во самиот сектор и како тие би влијаеле на самото вработување и побарувачката на квалификувана сила. Идентификувани се пет двигатели и тоа политички, економски, социјални, еколошки и технолошки. Постојат неколку главни технологии што ќе влијаат на пазарот, а чие значење ќе биде зголемено во следните пет години. Тука спаѓаат БИМ – информациско моделирање на градби, 3Д ласерско скенирање и дигитализирање на објектите, 3Д печатење на објекти, дронови за контрола на механизација, виртуелна технологија која ќе помогне за тренирање на професионалци во градежниот сектор. Ова би довело, доколку се воведе БИМ, до подобрена конкурентност на самиот сектор и би им овозможил пристап на градежните компании до дигитална трансформација на нивните процеси и нивно централизирање без потреба од било какво печатење на документи, објаснува Панчевски.

MAD_7283

Тој дава препораки за брзи реформи, препораки за краток и среден рок, како и за подолг рок. „Кај брзите реформи се воочи дека имаме потреба од поголема достапност до информации со нови технологии за фирмите, кампања насочена кон младите за придобивките од стручното образование, а потребно е да се направи форум или вид на платформа за здружување на работодавците, Владата и засегнатите страни заради континуирани консултации и насоки“, објаснува Панчевски. Формирање совети за секторски квалификации за градежниот сектор кои би играле клучна улога во надградбата на вештините и развојот на работната сила е препорака што треба да се примени на среден рок. На подолг рок, Панчевски препорачува да се пристапи кон законодавството и реформа на политиките, да се обезбедат грантови за поддршка на започнатите промени и цели и да се воспостават институционални структури кои вклучуваат центри за добра практика.

Bortas

Бојана Бораниева од компанијата „Бортас“ вели дека воведување на било која нова технологија на нашиве простори оди многу поспоро, но сепак е тоа природен процес кој што порано или подоцна ќе се случи. „Оние што се спремни да направат промена и да имплементираат некакви нови трендови, тие ќе бидат лидери и оние што ќе опстанат на пазарот. Сепак, во ова клучна улога има и државата и институциите. На пример, самиот образовен систем доколку ги имплементира овие технологии во образовниот систем, новиот кадар што ќе излегува ќе биде спремен и ќе бара такво работно место. Треба да се вложи во дополнителни обуки, дали ќе бидат само инвестиција на компаниите, дали ќе биде тоа некакво јавно приватно партнерство за подобрување на целите оперативни процеси – тоа е нешто што треба државата да го направи преку институциите. Ние имаме многу квалитетен кадар, имаме многу квалитетни градежни работници, мајстори, меѓутоа сите ни избегаа. Од друга страна пак, имаме огромна стапка на невработеност и тоа е апсурдно. Ние сме тие што можат да вработат и зошто тоа не се случува? Дали нема квалитетен кадар, како тој кадар ќе се доквалификува, доедуцира?“, вели Бораниева.

СТРАНСКИТЕ ИСКУСТВА

Даглас Морисон, директор за операции и идни вештини во Иновацискиот центар за градежна индустрија во Шкотска вели дека користењето на дигиталните технологии е дел од нивниот бизнис план за да ги поддржат помалите компании со кои што соработуваат за да ја согледаат вредноста што тие алатки може да ја донесат. „Голем дел од работата што ја вршиме во Иновацискиот центар се однесува на зголемување на свеста за овие алатки и промовирање на нивната употреба. Ова го правиме преку една доста обемна програма за вештини. Свесни сме дека времето, цената и локацијата се клучните предизвици за градежниците кога станува збор за традиционалните модели за доквалификација“, објаснува Морисон.

DSC_9372

Тој дава објаснување зошто инвестираат во дигиталното. „Свесни сме дека дигиталното, модернизацијата и претставување на градежната индустрија како возбудлива индустрија за работа, има вистинско, глобално, економско, општествено и еколошко влијание. Дигиталното е од апсолутна суштинска важност, моделирање на информации за згради или БИМ е она што го промовираме во Шкотска. Соработката е клучна, не би можеле да го работиме ова без другите чинители, и тие модели на мешано учење, онлајн и на работното место, изработени според сценарио, се од суштинска важност за дигитализацијата на високо квалификувана и способна работна сила“, нагласува Морисон.

ДРЖАВАТА ПОЧНУВА ДА ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ

Проблемот што го има Северна Македонија со недостаток на квалификуван кадар полека почнува да се надминува со тоа што Владата веќе прави конкретни чекори со кои треба да се постави рамката за средно стручно образование. „Сето ова го правиме со огромна поддршка од нашите меѓународни партнери. Она на што забрзано се работи во овој момент е воспоставување три регионални ВЕТ-центри кои ќе служат за остручнување на кадар кој ќе биде обучен за да може ефикасно и веднаш по завршувањето на образованието да одговори на пазарот на трудот. Првите вакви центри од идната година ќе профункционираат во Охрид, Тетово и Куманово, но тенденцијата е да се отворат и во сите останати региони во државата“, вели министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа додава дека од огромна корист во моментот е спроведувањето на дуалното образование кое се реализира со поддршка од стопанските комори во седум града во државата. „Преку овој вид образование 220 ученици повеќе време поминуваат на пракса во компаниите, а помалку во училиште“, нагласува Царовска.

Сите информации од настанот и проектните активности се достапни на: www.skills4future.mk

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top