Насловна / Интервју / Марое Мрдуљаш

Марое Мрдуљаш

Image

Марое Мрдуљаш – Хрватски архитектонски критичар, теоретичар и проектант

АРХИТЕКТИТЕ ИМААТ ОБВРСКА ДА ГИ ИСТЕРААТ СВОИТЕ ИДЕИ ШТО Е МОЖНО ПОЧЕСНО И ПОДАЛЕКУ

 


НАСПРОТИ ТОА ШТО СМЕ СВЕДОЦИ НА ГРАДЕЖЕН БУМ И ШТО СЕ ГРАДИ ПОВЕЌЕ ОД КОГА БИЛО, КВАНТИТЕТОТ НЕ РАЃА КВАЛИТЕТ. ИНВЕСТИТОРИТЕ ЧЕСТО СЕ БРУТАЛНИ, НЕМААТ ЧУВСТВО ЗА ГРАДОТ И ЗА УРБАНОСТА КАКО ЦЕЛИНА И ГЛАВНО СТЕ ВО СИТУАЦИЈА ДА ПРЕГОВАРАТЕ СО ЛУЃЕ КОИ НЕМААТ ПОИМ ЗА АРХИТЕКТУРА. ТОА НЕ ВАЖИ САМО ЗА ХРВАТСКА ИЛИ ЗА МАКЕДОНИЈА, ТУКУ ЗА ЦЕЛИОТ СВЕТ

 

 

Вие сте релативно млад
човек, а имате прилично импресивна
биографија. Што сте работеле
досега и со што сте најмногу
преокупирани?

Кариерата ми се развиваше
во повеќе дивергентни правци.
Едниот дел од моето CV се однесува
на проектантскиот дел и на
цела низа изработени конкурсни
проекти, студии и слично, а другиот
на мојата теориска, критичка и педагошка практика која е
врзана за публицистиката преку
неколку списанија, пред сé
“Орис“, во кој сега сум одговорен
уредник. Ужасно многу работам
на полето на критиката и теоријата.
Тоа е по малку шизофрена
ситуација затоа што сте поделени
меѓу теоријата и практиката.
Од друга страна, едното го храни
другото. Јас со поголемо задоволство
зборувам за критиката,
затоа што таа повеќе ме интересира.
Значи, јас себеси не се сметам
за теоретичар, туку повеќе
за критичар. Таа дивергентност
од една страна исцрпува, а од
друга страна збогатува, во напнатоста
меѓу тие две работи некако
преживувам и туркам понатаму.
Во Хрватска за жал има
многу малку критичари на архитектурата
и се чувствува голем
недостиг од такви луѓе. Кога ја
споменувам таа шизофренија,
мислам дека ја живеам и до денес
и се прашувам дали се искажувам преку цртеж или преку
збор. Во овој момент би рекол
дека се оди кон тоа да биде само
зборот. Но, не ја затворам можноста дека мојата иднина е сразмерно
отворена.


 

Биографија
Марое Мрдуљаш е роден 1971 година
во Риека, Хрватска. Студирал на Архитектонскиот
факултет на Универзитетот
во Загреб. Автор е на повеќе изложувани, објавувани и наградувани архитектонски
и урбанистички натпреварувач
ки проекти и студии. Добитник е на
втората награда на 38. Загрепски салон
во 2003 година. Од 1995 година објавува
есеи, прикази и критички текстови од
областа на архитектурата, урбанизмот,
дизајнот и ликовната уметност. Уредник
е на библиотеката “План“ на АГМ,
член е на уредништвото на списанието
“Животот на уметноста“, “Уп & Ундергроунд“
и “Орис“. Автор е на книгата и
изложбата “Современа хрватска архитектура
– тестирање на стварноста“.
Член е на хрватската секција АИЦА, како
и независен експерт на наградата на ЕУ
Миес ван дер Рохе. Вработен е на Архитектонскиот
факултет на Универзитетот во
Загреб како стручен соработник.

Вие сте и автор на голем
број архитектонски и урбанистич
ки проекти и студии.
Што
сте проектирале и што мислите
дека е ваше ремек дело?

Прв пат излегов на натпревар
на 24 години, како
многу млад архитект и добив
една од три рамноправни
награди. Се работеше за
црква и пасторален центар
во Кленовица. Значи, мојата
проектантска кариера почна
со сакрална програма. Потоа
следеше цела низа различни
проекти, како оној за Музеј
на современа уметност во
Загреб, каде влегов во последниот
круг, па за повеќе
училишта и градинки, но би
го истакнал проектот за
исламски културен центар
во Риека за кој добив награда
од Загрепскиот салон,
нешто како вашиот БИМАС,
кога жирираше Стефано Бојари,
уредник на “Домус” и
прилично влијателен архитектонски
критичар и публицист.
Тој проект за мене е
исклучително важен, но тој
конкурс беше оптоварен со
бројни контроверзи, така
што никогаш немаше исход и
тој проект стои како нереализиран
од 2000 година, за
што до ден-денеска жалам.
Сега имам проект за голем
туристички комплекс на северот
на Истра. Преговорите
со странските инвеститори
с¢ уште се во тек, но овој
ангажман ќе значи дека до
крај ќе морам да промислам
која е мојата позиција.

Меѓу другото сте и независен
експерт за наградата
на ЕУ за архитектура
Мис ван дер Рое. Што е вашата задача?

Замислено е наградата
Мис Ван дер Рое е да ја промовира најдобрата
архитектура во земјите на Европската
Унија и на други кои не се членки. Независните
експерти за оваа награда имаат
право да предложат пет проекти кои влегуваат
во понатамошното жирирање, а од
нив се очекува да не бидат затворени во
границите на земјата, туку да ја набљудуваат
целокупната европска ситуација. Во
последниот циклус за 2007 година два
хрватски проекта се најдоа во најтесниот
избор за награда, училиштето “Крсто
Франкопан“ на Крк на авторскиот тим
Рандиќ-Турато и морските оргули во Задар
на Никола Башиќ. Можам да ви откријам
мала тајна. Јас не се придржував на
упатствата проектите да ги набљудувам
паневропски, туку предложив четири
хрватски и еден словенечки проект. Тоа ми
се чинеше битно бидејќи Хрватска прв пат
се вклучува, а не е доволно
позната во европски контекст,
па не се очекува некој
европски експерт да
предложи хрватски објект. Овој пат на некој
начин бев локал патриот, а во идниот
циклус можеби ќе постапам поинаку.


 

Image

Хрватска последниве години е големо
градилиште. Какви објекти се градат
и како го оценувате поравецот во кој
се дивижи архитектурата во вашата земја?
Градењето не е прашање само на приватниот
капитал, дури и најмалку е прашање на приватниот капитал, туку повеќе
на државните инвестиции, зашто квалитетното
во хрватската архитектура главно
доаѓа оттаму. Но, наспроти тоа што сме
сведоци на градежен бум и што се гради
повеќе од кога било, квантитетот не раѓа
квалитет. Државата и политичките елити и
понатаму играат клучна улога. Инаку, во

хрватската архитектура можеби
постојат некои два или три различ
ни правци кои би можеле да
се анализираат поединечно. Од
друга страна, мислам дека постои
една обединувачка црта, а тоа е
она што Стефано Бојери на Загрепскиот
салон го нарече плодно
заостанување. Хрватските архитекти
и натаму ја негуваат модернистич
ката идеја дека архитектот
има етичка мисија и дека е
заштитник на јавниот интерес.
Мислам дека тоа во Хрватска се
апострофира како важна тема. И
тоа е она што можеме да го наречеме, нема да кажам хрватска
специфичност, туку кохезивна
сила која хрватската архитектура
ја прави единствена. Од друга
страна, постои силна традиција
на модернизмот во смисла на
концептуално одредување кон
функционалното и рационалното
градење. Според тоа, постои
одреден архитектонски дискурс
кој може да се идентификува како
автентична хрватска школа.
Јас би рекол дека модерната во
Хрватска сé уште трае.

На што се насочени приватните
инвеститори и каков е
нивниот однос со архитектите?

Приватните инвеститори се
различни. Има домашни, кои се
битно насочени кон домувањето.
Продукцијата на станбени згради
е огромна, а таму и државата има
свој удел. Тоа е еден од водечките
правци во кои се развива градењето.
Од друга стана, има корпоративно
деловна архитектура
која буи и тука има странски
инвеститори. Трета важна тема е
туристичката изградба каде моментално
сé уште важи државниот
мораториум за забрана на
изградба во појасот од 200 метри
околу брегот. Мислам дека тоа е
добро бидејќи го штити брегот од
претерано градење, како на пример
во Црна Гора, каде што има
катастрофалини последици. Во
основа, има три теми: едната е
хабитат – хрватски инвеститори,
другата е деловна градба, каде
уделот на станските и домашните
инвеститори отприлика е ист, и
третата е туризмот, каде во поголем
дел инвеститорита се странци,
иако станува збор за нетранспарентни
процеси, односно не е
сосема јасно од каде доаѓа тој
капитал, со оглед на тоа што се
уште не се материјализирал.
Приватните инвеститори денес
настапуваат од една многу
автократска позиција, сакаат да
извлечат максимален профит од
својата инвестиција. Тие поставуваат
свои услови и имаат свои
архитекти наречени проект менаџери
кои се грижат за нивните
интереси и служат за комуникација
со проектантот. Во такви
околности проектантот мора да
биде многу вешт и интелигентен
за да ги задоволи квалитетите на
архитектонската автентичност и
вредности. За жал, мислам дека
повеќето архитекти се подготвени
на компромис, па дури и многу
познати архитекти имаат по две
портфолија, едното со кое се
прикажуваат пред струковата
јавност, а другото е она што се
изградило, а не е за покажување,
но служи како референца за
инвеститорите. Да, инвеститорите
често се брутални, немаат
чувство за градот и за урбаноста
како целина и главно сте во ситуација
да преговарате со луѓе кои
немаат поим за архитектура и со
нив главно не е лесно.


 

Image

Каков инвеститор е државата?

Државата е фантастичен
инвеститор. Таа е скржав инвеститор,
но по ниту еден елемент не
се меша во концептуалните прашања. Така, ако победите на
архитектонски натпревар, да, ќе
ви го кратат буџетот, ќе имате
одредени тешкотии, но вие како
архитект во целина сте автор.
Тука нема преговарања со проект
менаџери, нема промена на вашиот концепт. Да се има државата
за инвеститор во креативна
смисла е идеално, со тоа што морате
да бидете свесни дека кога
проектирате треба да водите
сметка да останете во рамките на
скромниот буџет.

Како во Хрватска се заштитува архитектонското наследство
и дали државата е моќна да се справи со неговата девастација?

Мислам дека историското
наследство е сразмерно добро
заштитено и постои прилично висока
свест и традиција за тоа што
е вредно. Пример е Дубровник,
кој во никој случај никогаш не бил
девастиран и секогаш бил чуван
како врвна вредност. Секоја куќа
во него е нацртана со сите свои
детали, така што какво и бомбардирање,
земјотрес или пожар
да се случи, секогаш може да се
санира. Друга приказна е модерната
архитектура, која не е валоризирана
во доволна мера. Таа
модерна архитектура од пред
Втората светска војна во еден
сегмент е, а во еден не е заштитена,
додека архитектурата од
периодот по Втората светска војна,
од која ги имаме најубавите
работи, за жал има големи тешкотии да се заштити на адекватен
начин. Има цела низа фантастични модерни вили од триесеттите
години кои делумно се заштитени
во некој понизок ранг. Сега вилите
ги купуваат приватни инвеститори
кои немаат апсолутно никакво
чувство за нивната архитектонска
вредност и бескрупулозно
ги преуредуваат. Зачувувањето
на модерната архитектура
е зачувување на идентитетот.
Само ако го чувате наследството,
можете да градите понатаму, чекор
по чекор, а не регресивно да
се враќате назад на некои веќе
обработени фази.

Кој објавува конкурси кај
вас и како се организирани?

Јавните натпревари се најдобрто
нешто што се случува на
хрватската архитектонска сцена,
па така колегите од земјите како
Австрија, Германија, па и Италија,
на некој начин ни завидуваат. На
нив може да учествуваат сите,
дури и студенти. Постои обврска
за сите јавни градби да се распи-
ше јавен натпревар кој го спроведува
Здружението на хрватските
архитекти и неговите локални
единици. Тоа се покажува како
многу успешен модел. Натпреварите
во Хрватска во овој момент
се гаранција за архитектонски
квалитет, а од друга страна се
фантастична прилика за вежбање на архитектурата. Секогаш
се пријавуваат по 20 до 30 архитектонски
тимови кои ги истражуваат и ги брусат своите проектантски
вештини. Низ секој натпревар
проектантот напредува.
Бидејќи сите работат на натпревари
со различна типологија,
расте општото ниво на архитектонската
интелигенција. Натпреварите
се сјајна работа, секогаш
постои мериторно жири составено
од претставници на Здружението
на архитекти и на инвеститорот.
Има јасно дефинирани
правила на игра. Прво се изработува
програма, потоа јавно се
обзнанува натпреварот, евентуално
се повикуваат одредени
автори, има жири со обрска да
распише образложение за сите
одлуки, се прави изложба и јавна
расправа по објавата на јавниот
натпревар. Приватните инвеститори
главно не распишуваат конкурси,
тие евентуално прават
затворени натпревари, но има и
исклучоци. Ако некој успее да ги
натера приватните инвеститори
да распишуваат јавни натпревари,
Хрватска архитектонски би
била една од најубавите земји на
светот. На конкурсите повеќе
учествуваат млади архитекти,
зашто за етеблираните бироа понекогаш
е губење време да се занимаваат
со конкурси за мали
градинки. Тука доаѓаат до израз
млади автори, што мислам дека е
извонредно.


 

Image

Македонија се души во дивоградби,
што всушност е и
балкански синдром. Дали и кај
вас сé уште ги има и како државата
се бори против нив?

Има дивоградби, но мислам
дека тие се помал проблем, а поголем
е бирократското толкување
на урбанистичките правила
и планови. Јас би бил склон да
излезам со радикалната теза дека
начинот на кој функционира
урбанизмот во Хрватска е специфична форма на дивоградба, бидејќи сé е прашање на преговори
меѓу инвеститорите и бирократите
кои флексибилно ги толкуваат
урбанистичките правила и плановите
ги менуваат по потреба. Јас
би рекол дека дивото градење е
маргинален проблем, а главниот
се генералните урбанистички
планови и начинот на кој тие се
менуваат.

Како архитектонски критичар, како би го оцениле Скопје?

Кога ќе дојдете во некој поурбан
амбиент, колку и да сте кратко
таму, веднаш почнувате да го
впивате она што ве опкружува.
Старата чаршија е историски дел
на градот кој пулсира со една
единствена животност и кој мене
ми е фасцинантен. Од друга
страна во, условно речено, новиот
дел на градот, ги гледаме трагите
на урбанистичкиот план на
Кензо Танге и станбена архитектура
која е многу квалитетна и
следи една конзистентна урбанистичка мисла. Таков е и централниот
потег, оној трговски
комплекс, кој исто така има своја
урбанистичка причина. Сепак,
секаде се случува урбанистичките
планови да се недовршени и
сите големи визии и големи модернистички гестови да останат
некаде на половина пат. Таа недовршеност се чувствува и во
Скопје. Во вашиот град ме фасцинираш
е зградата на Музејот на
современата уметност, како и
Македонската опера и балет, која
е уште една фасцинантна зграда.
Имате неколку ремек дела на
високата модерна, кои се во состојба
на полураспаѓање, што е
многу тажен факт, но уверен сум
дека тоа не е непоправливо. Потребно
е малку да се подигне
свеста дека овде имате фантастич
ни вредности во кои секако
треба да се инвестира. Мислам
дека во некој од наредните броеви
на магазинот “Орис” ќе ја публикуваме
зградата на МОБ како
нешто што сметаме дека е дел од
светското архитектонско наследство
од модерната архитектура,
па и ние ќе настојуваме
колку што е можно да помогнеме,
ако не друго, барем да се покаже
дека овде постои една сјајна работа.
Она што во градовите мене
ме интересира е и нивната топографија.
Скопје е многу интересно.
Тоа е во долина низ која поминува
река, а овде постои убав однос
кон неа. На пример, Загреб никогаш
не дошол до реката Сава што
повторно е некоја негова специфика
која сама по себе не е нужно лоша. Инаку, Скопје е град
преполн со контрадикции, а овие
современи градби што сега се
прават, не зрачат со некој оптимизам.
Но, навистина, ако го реконструирате
во нов облик стариот
театар кој веќе не постои,
тоа е едноставно неприфатливо.

Што би им порачале на македонските
архитекти? Како да
го премостат овој период на
одредена рецесија во градењето,
што наметнува најголемиот
ангажман да им биде околу
ентериерите?

Секоја архитектонска задача
е подеднакво важна, и ентериер и
голем деловен облакодер се подеднакво
интересни. За време на
војната во Хрватска, до 1995 година
не се градеше практично
ништо, но архитектонската култура
остана токму со ентериерите.
Мислам дека македонските
архитекти треба да се насочат
кон оние задачи кои реално им се
на располагање и тука да постигнат
колку што можат повеќе. За
жал, свесен сум дека се присилени
да преговараат со инвеститори
и луѓе кои немаат чувство за
архитектура, но архитектите
имаат своевидна обврска да ги
истераат своите концепции и
идеи што е можно почесно и што
е можно подалеку. Ако повеќето
архитекти ги следат таквите
принципи, тоа само гарантира подобра
иднина. Ако постои желба
за подобра иднина, во смисла
архитектура како култура, тогаш
тоа е некоја порака. Ако не
постои таква желба, ако архитектите
мислат дека градењето е
само работа, тогаш пораките тука
се ирелевантни.

 

Светлана Вукчевиќ

 

Објавено во број 82.

Испрати коментар

Scroll To Top