Насловна / Вести / Последна можност да се избегне климатскиот „пекол“

Последна можност да се избегне климатскиот „пекол“

Се чини дека ова лето долготрајно ќе биде запаметено ширум светот. Веројатно единствено нешто на коешто може да се надеваме е дека ова лето ни дава на сите нас на оваа планета повеќе од добра илустрација за тоа каква иднина нè очекува доколку не успееме или не сакаме да ја искористиме последната можност да направиме нешто за да ги ублажиме климатските промени со коишто се соочуваме.  Рекордни температури на воздухот и водите пропратени со катастрофални пожари, високо ниво на топење на мразот, поројни дождови и поплави во северната хемисфера,  суши и наезди од глодари во делови од јужната хемисфера. Како пандемијата на Ковид-19 да не ни беше доволна?  Веројатно она што е најтрагично во сето ова е дека во голема мерка се покажа не само немоќта, туку и неподготвеноста или можеби и несакањето на дури и најразвиените земји во светот да се соочат со овие предизвици.  Следејќи ги видеорепортажите за актуелните случувања низ светот летово веројатно и ќе помислите дека станува збор за подготовка на видеоприлози како илустрации за „Пеколот“, на Данте.

000_resize

ПОТРЕБНИ СЕ НАВРЕМЕНИ КООРДИНИРАНИ АКТИВНОСТИ

Со оглед дека климатските промени главно се поврзани со емисијата на јаглероден диоксид во атмосферата веројатно е потребно подобро да се разбере не само состојбата во која се наоѓаме туку и што се очекува од сите нас за да го избегнеме можниот „пекол“ во отсуство на соодветни и навремени координирани активности.  Така, според порталот Аур Волд Дата (Our Wold in Data) од 1751 до 2017 година светот емитирал над 1,5 трилиони тони јаглероден диоксид во атмосферата на планетата Земја од кои околу 37,5 проценти отпаѓаат на емисиите на само две држави: Соединетите Американски Држави (25 проценти) и Кина (12,5 проценти). Наспроти ова, Африка учествувала со помалку 0,01 отсто во истиот овој период од 266 години.  Според истиот извор просечната емисија на јаглерод диоксид по жител на глобално ниво во 2017 година изнесувала 4,8 тони.

annual-co-emissions-by-region_resize

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЈА ЗГОЛЕМУВА ЕМИСИЈАТА НА СО2

Порталот Ворлдомитер (Worldometer) укажува дека Северна Македонија со емисија од 8.896.732 тони јаглерод диоксид во 2016 година се наоѓала на 108 место од 209 земји на табелата. Со овој износ земјата во 2016 година учествувала со 0,02 проценти во севкупните емисии на јаглерод диоксид на планетата. И покрај релативно малиот удел на Северна Македонија во глобалните емисии веројатно она што е загрижувачки е дека во 2016 година емисијата на јаглерод диоксид во земјата се зголемила за 1,62 проценти во однос на претходната година за разлика од земјите каде што било забележано намалување на емисијата, како на пример: Велика Британија (6,38 отсто), Бразил (6,08 отсто) и Бугарија (6,00 отсто). Гледано од аспект на емисија на јаглероден диоксид по жител во 2016 година веројатно Севрена Македонија и не била толку лоша со своите 4,28 тони по жител доколку се спореди со Катар (37,29 тони), Црна Гора (25,90 тони) и Кувајт (25,65 тони), но е далеку од достигнувањата на Гренланд (0,03 тони), Фарските Острови (0,04 тони) и Демократската Република Конго (0,08 тони) како и од нашиот западен сосед Албанија со само 1,80 тони по жител.

02_resize

Приближната споредба на податоците од двата извори укажува дека годишната емисија на јаглероден диоксид во Северна Македонија по жител веројатно била нешто малку помала од онаа просечната на глобално ниво за разгледуваниот период.

ГОДИНАВА СЕ ПОТРОШЕНИ РАСПОЛОЖЛИВИТЕ ОБНОВЛИВИ РЕСУРСИ

Гледано од нешто подруг и поширок аспект, порталот Ерт Овершут Деј (Earth Overshoot Day) ни укажува на фактот дека годинава жителите на планетата Земја ги потрошиле расположливите обновливи ресурси на истата на 29.7.2021 за разлика од 22.8.2020 и 26.7.2019 последователно во изминатите две години. Следејќи ги трендовите во изминатиот период очигледно е дека „старите трендови“ преовладуваат и дека минатата година била исклучок како последица на намалените глобални активности на почетокот на пандемијата на Ковид-19. Веројатно своевиден показател дека работите не се одвиваат во најсоодветните насоки на територијата на Северна Македонија е фактот дека во минатата пандемска година денот кога граѓаните на Земјата ги потрошиле расположливите природни ресурси бил 22.7.2021 за разлика од 10.7.2021 оваа година. Како резултат на ова, и оваа година жителите на Северна Македонија потрошиле повеќе и го истрошиле „својот дел“ 18 дена пред просечниот жител на планетата Земја.  Дополнително, анализите на порталот укажуваат на фактот дека на просечниот жител на планетата Земја веќе му се потребни расположливите ресурси на 1,7 планети Земји во текот на една година, а на просечниот жител на Северна Македонија и нешто повеќе од тоа.

03_resize

Фред Пирс (Fred Peace) во својот текст од 6.11.2014 се обидел преку компаративна анализа да даде одговор на прашањето за тоа колку јаглероден диоксид може да се емитира во атмосферата, а притоа да не се предизвикаат опасни климатски промени на планетата Земја. Притоа станува збор за таканаречениот јаглероден буџет на планетата. Неговите анализи укажеле дека научните истражувања варираат во своите проценки и тоа помеѓу 100 и 500 милијарди тони на глобално ниво (севкупно, а не на годишно ниво), а во зависност од методолошкиот пристап кон истите.  Како и да е, се чини дека во моментов како сè уште да нема согласност за тоа колкав е јаглеродниот буџет на планетата, со оглед дека врз основа на истиот би можеле да се распределат глобалните квоти за тоа колку просечниот жител на Земјата би можел да емитира без негативни последици по животната средина.

04_resize

КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ СЕ НЕИЗБЕЖНИ И ТРАЈНИ

Завршувањето на првиот дел од Шестиот извештај за оценка „Климатските промени 2021: Основите на физичката наука“ (Sixth Assessment Report, Climate Change 2021: The Physical Science Basis) на Меѓувладиниот панел за климатските промени (Intergovernmental Panel on Climate Change – IPCC) на 6.8.2021 ја нагласува итната потреба за координирана акција на глобално ниво за да не се надмине прагот утврден со Парискиот договор за климата од 2015 година за ограничување на зголемувањето на температурата не повеќе од 1,5 степени Целзиусови во споредба со температурите во прединдустриското време. Извештајот наведува дека согледувањата укажуваат дека дел од климатските промени се неизбежни и веројатно трајни, така што веројатно можеме само да ги ублажиме, но не и наполно да ги избегнеме.

05_resize

Веројатно како дополнителен показател за сериозноста на проблемот и потребата за подобра информираност на пошироката јавност за проблемите поврзани со климатските промени укажува и фактот дека од среда 7.4.2021 Скај Њуз (Sky News) почна со емитување на Дневната климатска програма (Daily Climate Show) во траење од 15 минути со почеток во 18:30 и 21:30 часот и тоа пет дена во неделата (од понеделник до петок) при што значајно место во програмата е дадено на прикажување на Климатскиот часовник (Climate Clock) според кој од 1880 година досега (17.8.2021) просечната температура на планетата е покачена за над 1,23 степени Целзиусови и како резултат на тоа се останати уште само околу 11 години, 5 месеци и 15 дена пред да се достигне максимално дозволеното покачување на температурата од 1,5 степени Целзиусови според Парискиот договор за климата од 2015 година.

06_resize

Од ова веројатно лесно може да се види дека на сите нам ни останува само околу една деценија од обмислени и координирани активности на глобално ниво за да се обидеме најмногу што можеме да ги ублажиме последиците на глобалните климатски промени и да си дадеме подобра можност за приспособување на истите, а со тоа и да создадеме подобра оставнина и иднина за генерациите коишто растат или допрва доаѓаат.

СПАСОТ Е ВО ШУМИТЕ

Враќајќи се на она со што се соочуваме ова лето, неопходно е да не се заборави на потребата за зачувување и негување на шумите, и особено на нивната заштита од пожари. Повикувајќи се на истражувања од различни автори, порталот на производителот Вајсман (Viessma) укажува на основните показатели за придобивките од дрвјата во однос на заштита од климатските промени. Така, тие укажуваат на фактот дека просечното дрво апсорбира околу 21 килограм јаглероден диоксид годишно во рамките на природен процес при што дрвото ослободува кислород во атмосферата.  Дополнително се наведува дека во текот на 100-годишниот живот на едно дрво, истото ќе апсорбира околу еден тон јаглероден диоксид, којшто за жал ќе се испушти во атмосферата во случај на пожар или пак во случај на користење на дрвото како гориво, со што ќе се придонесе не само за зголемено загадување на атмосферата, туку ќе се намали и капацитетот за природно апсорбирање на јаглерод диоксид од атмосферата и производство на кислород.

сс_resize

Се разбира заштитата на постојните дрвја и шуми, и садењето нови може да придонесе за ублажување на загадувањето и на последиците од климатските промени, но овој пристап веројатно може да се користи само како дополнување на определбите за замена на користењето на фосилните горива со обновливи извори на енергија.

08_resize

Земајќи ја предвид емисијата од 8.896.732 тони јаглерод диоксид од Северна Македонија во 2016 година и капацитетот за апсорпција на јаглерод диоксид од 21 килограм за едно просечно дрво, произлегува дека во 2016 година на територијата на Северна Македонија ѝ биле потребни околу 423.653.905 просечни дрва за да се апсорбира севкупната емисија на јаглерод диоксид.  Оттука, ако се изземат водените површини, на секој километар квадратен од копнената површина на Северна Македонија од околу 26.201,55 би требало да има барем по 16.169 дрвја, или по едно дрво на секој 61,85 метри квадратни површина од територијата на Северна Македонија.  Во една ваква состојба не би останале доволно површини за живеење, работа, производство, и особено не за одгледување производи неопходни за основна исхрана на населението. Се разбира, нерационалноста на еден ваков пристап не смее да биде изговор за неконтролирано или непотребно сечење на дрвјата или пак да не се прават обиди изгубените дрвја како резултат на нивното сечење или загуба во случај на пожар да не се заменат и уште повеќе да се збогатат со нови.

Како и да е, се чини дека само уште околу една деценија ни останува на сите нас да ја искористиме последната можност за заштита на нашата планета, ублажување на последиците од климатските промени, и избегнување живеење во „пеколот“.

07_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top