Насловна / Арт и дизајн / Паул Кле – творец на целосно личен и индивидуален свет и израз

Паул Кле – творец на целосно личен и индивидуален свет и израз

Неисцрпен сликарски талент, одличен педагог, бравурозен виолинист, добар кувар, голем домаќин, нежен татко кој илустрирал бајки и правел играчки за својот единствен син Феликс. Верен и посветен сопруг, тој никогаш не се одвојува од својата сакана Лили. Блага, мирна природа, исклучително вреден, надарена со талент, трпение и неверојатна педантност. Но и неизлечив бирократ (како што самиот велел), кој со манијакална прецизност се грижел за сè, дури и за најмалата слика што некогаш ја направил. Архивата што ја оставил зад себе е толку точна и прецизна што денес е невозможно да се фалсификуваат неговите дела. Тоа беше Паул Кле, швајцарски сликар со германско потекло.

Paul_Klee_1911

Роден е во 1879 година во Берн, во уметничко семејство. Неговиот татко бил професор по музика, а мајка му оперска пејачка. Поради оваа причина, сосема е разбирливо што младиот Кле долго се двоумел помеѓу сликарството и музиката. Цртал уште како дете, препуштајќи се несвесно моливот или четката да го водат по хартијата, додека не почне да се појавува некоја претстава. Му се восхитувал на Бах, а Шопен го сметал „премногу сентиментален“. На прашањето како станал сликар, тој одговорил дека е „виновна“ баба му, која „како и секоја жена од добро семејство убаво цртала, сликала, везела цвеќиња и други работи што биле допадливи. На овој начин таа во мене многу рано разбуди чувство за боја и цртање“. Чувство кое ќе се покаже како точно.

Senecio2

Автопортрет

Кле во 1898 година оди во Минхен и на Академија се запишува на отсекот сликарство. Веќе во 1901 година, патува во Италија. Италијанската клима, пејзаж, живот, а особено италијанската уметност, ќе остават неизбришлива трага на младиот Клео. Првата деценија на 20 век воглавном ја поминува во Берн, правејќи цртежи и бакрописи, кои по својата прецизност и одредена цврстина потсетуваат на германската ренесансна графичка традиција, а во исто време зрачат со лирика и огромна фантазија. Кога во 1911 година им се приклучува на германските експресионисти и почнува да изложува со групата „Син јавач“, неговите формални и експресивни концепти веќе се сосема видливи и препознатливи. Го фасцинирал процесот на преобразба, а творечкиот чин го сметал за еден вид магично искуство, во кое уметникот во моменти на посебна инспирација и просветлување успева да ги соедини своите внатрешни визии и надворешниот свет.

436px-Paul_Klee_-_Oh!_These_Rumors!_-_Google_Art_Project

О, гласини

Средбата со Сезан, Пикасо, Аполинер и Делонел и особено патувањето во Тунис и Северна Африка ќе ја збогати визијата на Кле и ќе донесе нешто ново во неговото творештво. Тоа ќе биде бојата.

„Јас и бојата станавме едно. На крајот на краиштата, јас сум сликар“, запишал во својата тетратка тие години, додавајќи: „Бојата е енергија. Таа е емоција што го создава расположението на сликата, во рамки на која линијата ја создава акцијата“.

the_castle_in_the_sun136462

Замок на сонце

И ако и понатаму верувал дека само преку крајно спонтано и несвесно творештво, од уметникот проговараат длабоки и вистинити содржини, музикалниот колоризам и поетската визија стануваат составен дел од творештвото на Кле.

По завршувањето на Првата светска војна, која ја поминал во германската војска, на покана на Валтер Гропиус, Пол Кле во 1920 година заминува во Вајмар и станува предавач на Баухаус, каде што останува до 1931 година, кога нацистите неговата уметност ја прогласиле за „дегенерира“. Тоа се години во кои неговата теоретска работа целосно созрева, а тој се потврдил како одличен педагог. Мајстор на конструкција и зналачко промислено планирање, творец на целосно личен и индивидуален свет и израз, Кле никогаш не се откажал да бара инспирација во творештвото на децата и примитивните народи.

paul-klee-ad-marginem-1930

До врвот

Сакал да се дефинира себеси како „апстрактен сликар со понекое сеќавање“. Што било точно. Бидејќи и покрај тоа што бил еден од зачетниците на апстракцијата, пионер на фантастичното и надреалистично сликарство, Кле во основа никогаш не престана да ја набљудува природата, која за него била неисцрпна ризница на материјал, мотиви и идеи.

Paul-Klee-banner

Превртена куќа

Признат, ценет и баран во цела Европа, Кле ја поминал последната деценија од својот живот во Швајцарија, изолиран, повлечен и оптоварен со тежок облик на артритис, кој сè повеќе му го нарушувал здравјето и од ден на ден му ја отежнувал работата. Само неколку дена пред својата смрт, во 1940 година, запишал: „Не ме прашувајте што сум. Не сум ништо и ништо нема да бидам. Знам само за мојата среќа. Не ме прашувајте дали ја заслужувам, но знајте дека е огромна и длабока“.

1

Вила Р

Се разбира, имајќи ја пред очи историјата на уметноста на 20 век, како и влијанието што го извршил, тешко е да се согласиме со изјавата на Кле дека „не е ништо, и дека ништо нема да биде“. Овој „примитивец на новиот сензибилитет“ даде навистина голем придонес во понатамошниот развој на сликарството и со право се смета за еден од генијалците и великаните на европската уметност.

fit

Црвени плодови

Испрати коментар

Scroll To Top