Насловна / Вести / Интервју: м-р Јадранка Иванова – Колку проблемите во областа на животната средина нè оддалечуваат од ЕУ?

Интервју: м-р Јадранка Иванова – Колку проблемите во областа на животната средина нè оддалечуваат од ЕУ?

На крајот на минатата година, се реализираше првиот од низата семинари во рамките на проектот П27 чија цел е зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за следење на преговорите со ЕУ во однос на Поглавјето животна средина (Поглавје 27).  Станува збор за комплексен проект поддржан од Цивика Мобилитас, со времетраење од 18 месеци. Проектот се имплементира од страна на НВО „Центар за климатски промени“ (ЦКП), а ќе резултира во подготовка на т.н. „Извештај во сенка“. Бојана Станојевска- Пецуровска, претседател на  ЦКП искрено верува дека „Извештајот од сенка“ ќе придонесе  во приближувањето на Македонија кон ЕУ во оваа сфера, но и дека државните институции ќе ги перципираат граѓанските организации како партнери за соработка во преговарачкиот процес за Поглавјето 27. Планирано е Извештајот да се издава во континуитет секоја година така што ќе го следи напредокот за Поглавјето 27 и ќе предлага решенија за проблемите во подобластите кои ќе ги третира. За изработка на квалитетен извештај, неопходна е соработка за споделување на информации од страна на надлежните органи, за која Пецуровска смета дека е коректна. Генерално информациите за организирање јавни расправи по некој закон, плански документ, стратегија и сл., граѓанските организации ги добиваат преку веб-порталите на институциите или преку електронска пошта. МЖСПП и ГО имаат потпишано меморандум за соработка, преку кој се овозможува ГО да имаат по еден претставник во секоја од областите на животната средина, кој има право да учествува во работните групи формирани од страна на МЖСПП. Но, унапредување на комуникацијата е секогаш потребна, заклучува Пецуровска.

Print

 

Kлучен експерт за реализација на проектните активности во проектот П27, е м-р Јадранка Иванова. Таа е тим лидер – експерт за апроксимација на законодавството во областа на заштита на животната средина ангажирана во рамките на програмата Support Albanian Negotiation for Chapter 27 in Environment – Chapter 27 (SANE27), која се  спроведува од страна на Шведската агенција за животна средина во соработка со албанското Министерство за туризам и животна средина, финансирана од Sida (Swedish International Development Cooperation Agency). Таа долго време беше дел од јавната администрација во Македонија и своето искуство го надополни со својот професионален ангажман во неколку држави од регионот, заедно со последното искуство во Албанија, на прашања поврзани со преговорите за членство на земјите кандидати за Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени. Порта 3 имаше прилика да разговара со м-р Иванова за актуелните состојби и проблеми со животната средина во земјава, а токму во контекст на преговорите со ЕУ.

Portret _resize

Во моментот сте ангажирана во тимот за поддршка на преговорите на Албанија со ЕУ за Поглавјето 27, но добро ги познавате и приликите во регионот на Западен Балкан во областа на животната средина. Што е според Вас релативната предност на Македонија во однос на регионот, а во која област најмногу заостануваме?

Споредено со другите земји на Западен Балкан, со оглед на тоа дека подолго време ги следам евроинтегративните процеси како директен учесник, како во нашата држава, така и во земјите од регионот, сметам дека воопшто не заостануваме, ниту во однос на усогласеноста на законодавството од областа на животната средина со она на ЕУ, ниту, пак, во однос на спроведувањето на истото. Сепак, би кажала дека напредокот којшто го бележиме низ годините во областа на заштита на животната средина можеби не е колку што Европската Унија го очекува од една земја кандидат за членство.  Земјите од Западен Балкан, генерално, многу заостануваат во спроведувањето на законодавството, во однос на земјите членки на ЕУ. Она што ја издвојува Северна Македонија од соседните држави кандидати за членство во Унијата е што има поголем степен на усогласеност  на законодавството со она на ЕУ, како и голем напредок во развивањето плански документи, кои ЕУ ги бара согласно со политиките за заштита на животната средина, посебно во областите на климатските промени и управувањето со отпадот. Европската комисија особено ја поздрави посветеноста на националната администрација во изминатиот период од 10-тина години кога се искористија значителни ИПА средства  за изградба на неколку станици за прочистување на отпадните води (Прилеп, Кичево, Струмица и Радовиш), како и идните планови за изградба на станици за прочистување на отпадните води во Скопје, Битола и Тетово кои ќе се финансираат преку ИПА 2 и ИПА 3 инструментот. Во контекст на овие значајни инвестиции, покрај огромната корист за граѓаните на нашата држава од аспект на подобра животна средина, особено би сакала да истакнам дека со ова ќе се постигне значително ниво на прочистување на отпадните води, што го немала ниту една земја кандидат која била на иста позиција во процесот на преговарање со ЕУ, како што сме ние сега.

zs_resize

Сепак, потребно е да се направат дополнителни напори во однос на спроведување на законодавството, особено во оние области каде што веќе постојат изработени плански и проектни документи за реализирање активности кои се директно насочени кон зачувување на животната средина. Тука особено сакам да го потенцирам управувањето со отпадот, каде што сè уште постои застој во реализација на подготвените проектни документи за воспоставување регионални системи за управување со отпадот. Доколку акцентот на користењето на средствата во рамките на ИПА 1 беше управувањето со водите, сосема оправдано беше заеднички договорено со ЕУ дека значителни средства од ИПА 2 ќе се насочат кон управувањето со отпад. Делумно, причината за овој застој  ја гледам во фактот што заштитата на животната средина сè уште не е една од главните политики на Владата на РСМ. Доказ за ова е делот од буџетот што се одвојува за животната средина во државата, како и самиот буџет на МЖСПП. Ова е случај и во другите држави од Западен Балкан, односно политичката моќ на министерствата за животна средина е уште многу послаба споредбено со останатите економски ресори во рамките на владите. Дополнително, административните капацитети на институциите задолжени за управување со животната средина се слаби и недоволни, како на централно, така и на локално ниво.

Ако ја погледнеме програмата на ЕУ во сегашниот состав, Градење на климатски-неутрална, зелена, правична и социјална Европа, таа е еден од главните приоритети за кој се одвојува голем дел од европскиот буџет. Дури и помошта што се издвојува од европскиот буџет за земјите членки заради закрепнување од Ковид-19, е условена со поддршка на економски активности кои го поттикнуваат зелениот развој и концептот на т.н. циркуларна економија.

Затоа е неопходна голема посветеност, пред сè на Владата, но и на МЖСПП во поставување на животната средина како приоритетна политика што ќе биде изразено преку јасно воспоставување цели, но и издвојување значителни финансиски средства кои ќе бидат насочени кон нејзино реално спроведување, како и за  спроведување на законодавството.

obnovlivi_izvori_EU_resize

Поглавјето 27 е најскапо, односно бара најмногу средства и сериозни инвестиции за реализација на барањата. Дали во изминатите години буџетот се креира согласно овие приоритети?

Трошоците поврзани со обврските кои произлегуваат од Поглавјето 27 се диспропорционално поголеми во однос на трошоците поврзани со другите поглавја. Тоа претставува приближно 30 % од севкупното законодавство што треба да се транспонира и повеќе од 50 % од инвестициските трошоци за една земја кандидат која сака да стане членка на ЕУ. Поглавјето 27 претставува значаен административен и лидерски предизвик за сите земји и затоа навремената подготовка за преговарање со ЕУ за ова поглавје е многу значајна. Да се подготвувате за преговорите со ЕУ значи да имате развиено добро законодавство и политики усогласени со ЕУ, но истовремено да имате долгорочен план за идентификување на сите извори за обезбедување средства за спроведување на истите, како и за развој на потребните административни капацитети, за коишто исто така ви се потребни финансиски средства.

Но буџетот на МЖСПП, но и на другите органи на централната или на локалната власт што имаат надлежности во областа на животната средина се многу мали. Главно, инвестициите во Македонија во областа на животната средина се спроведуваат со финансиска поддршка од ЕУ и од билатерална помош на земјите членки на ЕУ и на други држави. Целите што се поставуваат од надлежните органи мора да бидат соодветно поткрепени со финансиски средства ако се има намера истите да се спроведат, а не само да се актуализираат и да постои декларативна посветеност. Решавањето на проблемите со животната средина бара време и посветеност од сите актери, МЖСПП, Владата, бизнис-секторот и на крај граѓаните. Сите ние треба да знаеме дека тие не се решаваат за една или за две години, ниту, пак, со средствата што сега се одвојуваат од буџетот на РСМ за заштита на животната средина. Овие работи се директно меѓусебно зависни, односно висината на вложените финансиски средства го определува напредокот во оваа област. Наспроти тоа, колку повеќе ќе вложуваме во животната средина, толку помалку ќе се издвојуваат средства од Буџетот за трошоците поврзани со здравствената заштита на населението, и помалку ќе ги користиме природните богатства, а со тоа ќе обезбедиме нивна одржливост на долг рок. Инвестирањето во животната средина значи поголема благосостојба за граѓаните на РСМ и за природата. Затоа е неопходно утврдување поголем буџет кој ќе биде наменет за животната средина и за спроведувањето на законодавството во оваа област.

zeleno_resize

Во која област имаме најмногу наталожени проблеми и потенцијално ќе се соочиме со најсериозни предизвици? Имаме ли квалитетни бази на податоци за следење на степенот на исполнување на целите?

Имајќи ги предвид претходните искуства, повторно ќе кажам дека управувањето со отпадот најверојатно ќе биде најголем предизвик за РСМ. Најпрво, затоа што за добро управување со отпадот се неопходни добри административни капацитети на национално, но и на локално ниво. Потоа, управувањето со отпад бара значајни инвестиции со кои би се изградила потребната инфраструктура. На крајот од синџирот на управување со отпадот е граѓанинот, кој мора да го промени однесувањето, својата култура и своите навики, и кој треба да знае дека отпадот има вредност, па тој не може да се одложува каде што ќе му дојде најзгодно или најлесно достапно. Во ниту една друга област учеството на граѓанинот во спроведувањето на законодавството не е толку значајно, како во управувањето со отпадот. Ќе се согласите дека во сите од овие три работи заостануваме.

Во ЕУ-преговорите за ова област, ние всушност преговараме за годината кога ќе ги исполниме целите на ЕУ за намалување на количината на отпад што се создава, количината на отпад што треба да рециклира и да се преработи и годината кога ќе постигнеме да се депонира само 25 % од отпадот што се создава. Со цел да изградиме добри позиции и да подготвиме долгорочен план, особено е значајно да се има добра евиденција на отпадот што се создава и на отпадот што се рециклира. Базна година за пресметување на намалувањето на депонирање на биоразградливиот отпад на депонии е 1999 година. Но, имаме ли податоци колку и каков вид на отпад сме создале и депонирале во 1999 година? МЖСПП за прв пат оваа година објави податоци за вкупната количина и вид отпад што произлегува од производите што се пуштени на пазарот на РСМ и се дел од посебните текови на отпад, иако тaква обврска во законите кои го уредуваат постапувањето со посебните текови на отпад постои речиси 10 години наназад.

Евиденцијата во областа на животната средина е особено значајна за донесување исправни политики кои кореспондираат со реалноста. Податоците се многу значајни и во процесот на преговарање со ЕУ. Ваквата состојба, која постои и во останатите држави кандидати, може да ѝ се препише на слабата администрација, што никако не е оправдување за истата. За жал, иако Министерството за животна средина постои од 1999 година, сè уште ја немаме развиено администрацијата која е потребна за спроведување на законодавството, но и за водење на преговорите за Поглавјето 27.

zs2_resize

Изградбата на регионалните депонии е важна задача во областа на управувањето со отпадот, но во изминатиот период  се појави сериозен отпор од локалните заедници против вакви објекти „во нивниот двор“. Што е потребно за да се подигне свеста на јавноста?

Изградбата на нова депонија сè уште се гледа од јавноста како опасност за животната средина и за здравјето на луѓето што живеат во околината. Ова можеби е разбирливо за граѓаните затоа што истите се подложни на различни влијанија и интереси, кои не се секогаш добронамерни или прогресивни. Ова делумно се должи и на слабата информираност на граѓаните – што всушност претставува управувањето со отпад согласно стандардите на ЕУ.  За жал, ова не е поразлично кај одговорните лица и политичарите, како на локално, така и на национално ниво, кои сè уште гледаат предност во поддржување на сегашната состојба каде што отпадот се депонира на непрописни т.н. „диви“ депонии, кои не исполнуваат никакви стандарди и кои имаат значително негативно влијание, наместо да преземат мерки и да донесат одлуки за изградба на современи системи за управување со отпад и депонии кои целосно ги почитуваат стандардите на ЕУ. Всушност, овие модерните депонии изградени според ЕУ-стандардите повеќе се центри за управување со отпад, во кои само мал дел од отпадот што се собира се депонира.

Во изминатиот период МЖСПП, со обемна техничка поддршка од ИПА, интензивно работеше и подготви регионални планови за управување со отпад за 6 региони во Северна Македонија. Од овие, само за два региона (Источниот и Североисточниот) во кои постоеше согласност на сите градоначалници, со помош на ЕУ ИПА-фондовите ќе се започне со изградба на регионални системи за управување со отпадот. Сметам дека сите останати региони треба да го следат нивниот пример. Со помош на швајцарската Влада веќе се спроведуваат активности за решавање на проблемите со управувањето со отпадот во Полошкиот Регион.

Секое одложување на изградбата на современи системи за управување со отпад значи продолжување на негативното влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето од сегашното постапување со отпад. Секое постапување со отпадот на помало ниво од регионалното значи поголем трошок за граѓаните. Светски прифатените стандарди велат дека отпадот мора да го решиме на место кое е најблиску до неговото создавање. Не можеме да го извеземе затоа што тоа ќе биде прескапо за граѓаните, но воедно, согласно законодавството на ЕУ, забрането е негово извезување само заради депонирање. Овие пораки треба да им се пренесат на граѓаните и да им се покажат реални примери што значи современо управување со отпад. Сите поранешни земји кандидати, сегашни членки на ЕУ, се соочиле со голем отпор од граѓаните за изградба на депонии во регионите каде што живееле, но одлучноста на државните и на локалните органи направиле депониите да бидат прифатени како една нормална економска активност која реално придонесува кон заштита на животната средина и зачувување на природните ресурси, но и кон подобрување на економијата.

Затоа е неопходно да се направи и да се спроведе јавна расправа и кампања која ќе ја подигне свеста кај граѓаните за значењето на изградбата на современ регионален систем на управување со отпад. Се надевам дека изградбата на првите системи во Источниот и Североисточниот Регион, што треба да започне набргу, ќе ги поттикне одговорните лица во другите региони да се заложат за побрзо решавање на проблемите со отпадот и тие ќе овозможат изградба на инфраструктура потребна за управување со отпадот во согласност со ЕУ-стандардите.

European Union and Macedonia.

Се добива впечаток дека дури и во последните години кога зачестено се вели дека за „ЕУ нема алтернатива“, се креираат политики и се реализираат проекти кои се во колизија со оваа заложба. На пример, не се отстапува од плановите за МХЕ на Шар Планина, во исто време со заложбите подрачјето да стане национален парк. Што мислите за ваквите конфликтни политики?

Поради потребата од економски развој на  Северна Македонија економската политика се наметнува над сите останати политики. Економскиот развој сè уште го гледаме во старите традиционални начини на делување, каде што бизнисот гарантира успех само ако е свртен кон искористување на природните богатства. Во развивањето на економските политики, можностите за економски развој преку заштита на животната средина и промовирање и заштитување на природата и природните богатства, воопшто не се анализираат, ниту, пак, им се дава предност.

Европската Унија како приоритет го постави инвестирањето во зелени иницијативи кои го подобруваат квалитетот на воздухот и водите, поддршка на одржлива агрикултура и заштита на животната средина и биодиверзитетот. Креирање циркуларна економија и функционален ЕУ-енергетски пазар кој обезбедува одржлива, сигурна и достапна енергија. Брза транзиција кон обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност и истовремено намалување на зависноста од надворешни извори на енергија. Сите овие се приоритети на сегашниот состав на ЕУ.

Затоа во реалноста е тешко е да се водат вакви конфликтни политики. Иако во конкретните случаи можеби правото ќе одлучи што ќе се спроведе, сепак, сметам дека Владата треба заштитата на животната средина да ја стави во своите приоритети, соодветно на националниот приоритет за членство во ЕУ, и соодветно да ги ревидира сите политики и плански документи и да ги оцени од аспект на нивното влијание врз животната средина, како и да ги стави истите во функција на побрзо приближување кон ЕУ и исполнување на барањата на законодавството на ЕУ за животна средина.

zs3_resize

Испрати коментар

Scroll To Top