Насловна / Вести / „ГРАДЕЖ“ – Eден од најважните зборови за градењето во земјата!

„ГРАДЕЖ“ – Eден од најважните зборови за градењето во земјата!

Веројатно се прашувате зошто именката од машки род „градеж“ која е рангирана како 52.476 збор во македонскиот јазик според Дигиталниот речник на македонскиот јазик е толку важна за градењето во земјата, и покрај тоа што женската именка „градба“ која е рангирана како 2.524 збор е многу попозната?  Без сомнение, за оние во „пракса“, значењето на зборот е повеќе од јасно, а за оние другите и за пошироката јавност ова е збор со дефинирано значење со закон.

4_resize

Според член 650 од Законот за облигациони односи (2001 – 2013) „под градеж, …, се подразбираат зградите, браните, мостовите, тунелите, водоводите, канализациите, патиштата, железничките пруги, бунарите и другите градежни објекти чија изработка бара поголеми и посложени работи.“ „Градеж“ е терминот преку кој во рамките на овој закон се регулираат облигационите односи помеѓу страните вклучени во процесот на градење.

2_resize

Со оглед на сложеноста и на правната и на градежната регулатива, овој текст не претставува некое правно толкување на оваа материја, туку е само обид за презентирање на некој од основните постулати искажани во рамките на Законот за облигациони односи и евентуалните прашања кои произлегуваат од истите за некој од учесниците во процесот на градење и за други заинтересирани лица. Од овие аспекти веројатно најинтересни се членовите 663 – 666 од законот преку кои се регулира одговорноста на изведувачот и на проектантот за солидноста на градеж, иако изгледа дека во рамките на законот поимот „солидност“ не е дефиниран.

1_resize

ОДГОВОРНОСТ НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО ПРОЦЕСОТ НА ГРАДЕЊЕ

Врз основа на одредбите на законот се чини дека како единствени субјекти со одговорност се: изведувачот, проектантот и лицето кое вршело надзор, при што нивната одговорност изгледа дека е ограничена на период од 10 години од предавањето и приемот на работите, но истата не е само пред нарачателот туку и пред секој друг стекнувач на градеж.  Последново веројатно укажува на можноста, да речеме, и лице кое купило стан од оригиналниот нарачател на објектот да може да пријави недостаток кај градеж. Од една страна, ова најверојатно овозможува да се заштитат и интересите на третите лица во процесот на градење, но од друга страна, го зголемува обемот на одговорност на учесниците во процесот на градење.

Hard Hat and Gavel

Иако законот изгледа дека не дозволува одговорноста да се исклучи или ограничи со договор, се чини дека веројатно законот веќе тоа го има сторено барем во однос на тоа дека како одговорни субјекти се наведуваат само изведувачот, проектантот и лицето кое вршело надзор, но не и другите учесници во процесот на градење, како на пример ревидентите, градежните инспектори или пак нарачателот. Дали ова значи дека ревидентите и градежните инспектори немаат никаква одговорност за солидноста на градеж?  Дополнително, законот говори за изведувачот, проектантот и лицето коешто вршело надзор. Дали се мисли на поединецот или пак на правниот субјект кај кој поединецот е, или бил вработен, или пак и на поединецот и на правниот субјект, со оглед дека во зависност од одговорот ова може да има различни и далекусежни последици?

КАКО СЕ ТОЛКУВА ТЕРМИНОТ „ПОГОДНО ЗЕМЈИШТЕ“?

Во оваа смисла интересни се одредбите во членот 663 на законот според кој одговорноста на изведувачот, на проектантот и на лицето кое вршело надзор не се ограничени само на градежот туку и на замјиштето, и тоа во однос на недостатоците на земјиштето на кое е подигнат градежот, освен „ако специјализирана организација дала стручно мислење дека земјиштето е погодно за градење, а во текот на градењето не се појавиле околности кои ја доведуваат во сомневање основаноста на стручното мислење“.  Веројатно од ова произлегува можна поука дека е добро да се направат потребните истражувања за земјиштето на кое ќе се гради и да се добие стручно мислење од специјализирана организација дека земјиштето е погодно за градење, а со цел да се намали законската одговорност на учесниците во процесот: изведувачот, проектантот и лицето кое вршело надзор.

5_resize

И покрај тоа што можеби изгледа навидум релативно лесно да се намали одговорноста во однос на земјиштето, веројатно како и секогаш, прашањата произлегуваат од деталите. На пример, дали е доволно јасно што законот точно подразбира под терминот дека „земјиштето е погодно за градење“, односно за кои точно карактеристики на земјиштето станува збор?  На пример, земјиштето може да биде погодно за градење од геомеханичка гледна точка, но да биде потенцијално нездраво како резултат на емисии на метан или радон, или пак загадувања на почвата.  Дали „погодно земјиште“ во смисла на законот го подразбира поширокиот опсег и кој всушност е тој, или пак исклучиво се однесува да речеме на носивоста на земјиштето? Се разбира дека ќе има голема разлика во нивото на одговорноста во зависност од тоа како ќе се толкува терминот „погодно земјиште“.

УРБАНИСТОТ ЈА ОПРЕДЕЛИЛ ЛОКАЦИЈАТА НА ОБЈЕКТОТ, А НЕ ПРОЕКТАНТОТ

Веројатно дополнителни прашања произлегуваат од фактот дека севкупниот процес на изградба може да се смета за парцијализиран во значителна мерка. Имено урбанистот преку урбанистичкиот проект утврдил ефективно фиксна површина за градење со зададени карактеристики и услови веројатно без да има информација дали земјиштето е погодно за градење или не. Дали фактот дека проектанот ја следи зададената површина за градење и го лоцира објектот на пропишаното место всушност претставува своевиден пренос на одговорноста и на урбанистот со оглед дека тој ја определил локацијата на објектот на парцелата, а не проектантот на градбата? Вакво нешто не е очигледно евиденто од законот.  Што ако по добивањето на мислењето од специјализираната организација се покаже дека делот од земјиштето кој се наоѓа во урбанистичкиот проект, предвидената површина за градење на објектот, не е погодно земјиште за градење, а остатокот на парцелата е?

7_resize

Се разбира прашањата не престануваат тука. Според членот 664 на законот, нарачателот или друг стекнувач има рок од шест месеци од денот на утврдување на недостатокот да ги извести изведувачот, проектантот и лицето кое вршело надзор со оглед дека во спротивно ќе го изгуби правото? Дополнително, правата на нарачателот или на друг стекнувач престануваат во рок од една година, сметајќи го и денот, од денот кога е поднесено известувањето за недостатоците. Многу прашања произлегуваат од ова. На пример, дали периодот врзан со известувањето на недостатокот и периодот за надминување на недостаток се вклучени во 10- годишниот период на одговорност. Во зависност на одговорот на ова прашање, всушност одговорноста може да биде или пократка или подолга од пропишаната!

КОЈ РАКОВОДИ СО ИЗГРАДБАТА, ИНЖЕНЕРОТ ИЛИ НАРАЧАТЕЛОТ?

Многу е интересен членот 665 на законот во кој изведувачот не се ослободува од одговорност од штета настаната поради тоа што при изведувањето постапувал според барањата на нарачателот, но нивото на одговорност може и да се намали, па дури и исклучи, доколку пред извршувањето на определената работа изведувачот го предупредул нарачателот дека постои опасност од штета?  Гледано од екстремно карикирана точка, дали тоа значи дека изведувачот ќе биде изземен од одговорност доколку го предупредил нарачателот дека со рушењето на постоечкиот столб во објектот постои опасност од штета!?  Ова дополнително го поставува прашањето кој раководи со изградбата на објектот: изведувачот, нарачателот или пак некој друг?

8_resize

Членот 666 од законот утврдува дека одговорноста на вината за настанатата штета се определува според големината на поединечната за секој учесник во градежот, при што законот дава можност изведувачот, проектантот и лицето кое го врши надзорот меѓусебно да побаруваат надоместоци за штетата во рамките од уделот во вината на другата страна. Се разбира дополнителни компликации може да се создадат во оние случаи кога да речеме еден или повеќе учесници во процесот на градењето престанале да постојат како правни субјекти во текот на периодот во кој тие имаат одговорност кон нарачателот или кон друг стекнувач на градеж? Какви се тогаш правата на нарачателот или на другиот стекнувач?

Construction_resize

Веројатно исклучително интересен е членот и 169-ј од законот преку кој се регулира одговорноста за штета од градеж, како резултат на уривање или пад на некој дел или пак на кој било друг начин.  Во вакви случаи одговорен е сопственикот на зградата или на друг градеж, освен ако не докаже дека штетата настанала поради виша сили или со вина на оштетениот. При ова сопственикот има право да бара надоместок од лицата кои се виновни за настанувањето на штетата, но одредбите не ја исклучуваат солидарната одговорност на нарачателот и на изведувачот на работи врз недвижност за штетата претрпена од трети лица. Се разбира и овој член исто така отвора многу други прашања.

6_resize

Запознавајќи се, колку е можно тоа за некој кој не е правник по струка, со 280-те страници долгиот пречистен текст на Законот за облигациони односи веројатно само укажува на прашањето дали и во која мерка овластените архитекти и инженери, другите учесници во процесот на градење, како и пошироката јавност навистина се запознаени со своите права и обврски сврзани со градежот и дали можеби не се потребни пошироки активности за промовирање на истите, како во рамките на струката, така и пошироко?

Испрати коментар

Scroll To Top