Насловна / Форум / Кич, „Буре Барок“ или комплекс со највисоки естетски вредности?

Кич, „Буре Барок“ или комплекс со највисоки естетски вредности?

bure_barok_thumb.jpgИДЕЈА-РЕАЛИЗАЦИЈА Мнозинството автори на текстовите сметаа дека иницијативата на македонската
Владата за изградба на капитални објекти во центарот на градот е за поздравување, но според нив, нејзината
реализација е кампањска, недоволно подготвена, непрофесионална, чудна, необмислена и нетранспарентна.

Пред повеќе од една година
на страниците на Порта3
започна серијата текстови,
размислувања, коментари посветени
на сè она што се случува со Малиот
ринг. Намерата на Порта3 е сите
овие реакции и пишувања да се
соберат на едно место, и да се
издаде книга-искажувања која,
се надеваме, ќе биде квалитетно
четиво дури и за оние што не се од
фелата или блиски до неа. Желбата
на нашето списание е да креираме
едно документирано четиво од
кое ќе можат да учат сега младите
архитекти, и кое по некое време ќе
сведочи за тоа како во Македонија
(не)требало да се проектира, гради
и да се уредува јавниот простор
во времето на оваа наша веќе
долга транзиција. Проектот Скопје
2014 беше повод да се отворат
страниците на списанието за
читателите, особено за експертите,
професорите, архитектите,
историчарите на уметност,
ликовните критичари, уметниците,
во рубриката што ја насловивме
Форум. Во 26 броеви на Порта3,
почнувајќи од крајот на јануари
минатата година па сè до крајот на
јануари оваа година, продефилираа
стотина наши автори. Во суштина,
поголемиот број на учесниците во
рубриката Форум имаа критички
однос кон проектот наречен Скопје
2014, особено по медиумската
визуелизација за неговиот финален
изглед, кога како најзбунувачки
момент за мнозинството се доживеа
идејата дека во центарот на градот
ќе се гради Триумфална капија!

bure_barok_1.jpg

Започнавме со текстот-реакцијата
на младите архитекти од
здружението „Прва архи бригада“
и ставот на архитектот Александар
Смилевски, тогаш член, а денес
претседател на Академијата на
архитекти. Младите предупредија
дека се создава „Ѕид на кичот” од
државни градби, кој ќе го затвори
левиот кеј на Вардар. Според нив,
најголем проблем ќе биде тоа што
сите тие градби ја прегазуваат
линијата на брегот на реката,
преку која не смее да се гради,
пред сè од безбедносни причини.
„Конечно добивме Влада што
сака да инвестира во изградба
на нови капитални објекти. За
жал, шансата да се направи
нешто вредно во светски рамки е
пропуштена поради теснопартиски
интереси, игнорантност и
идеолошки фрустрации. Како
граѓани и архитекти ни останува
да ги зачуваме просторите што
преостанаа на левиот брег на
Вардар и да не дозволиме да се
доизгради ,Ѕидот на кичот’ што
се предвидува“, сметаа тогаш
членовите на ова здружение.
Архитектот Смилевски, пак, запраша:
Која ќе биде пораката што ќе ја
оставиме на идните генерации, кога
градиме лоши копии од минатото на
диктирани локации и со однапред
одреден архитектонски израз?

bure_barok_2.jpg

Поголемиот број автори во
текстовите што следеа сметаа
дека иницијативата на Владата
за изградба на капитални објекти
во центарот на градот е за
поздравување, но таа не смее да биде кампањска, недоволно
подготвена, необмислена и
нетранспарентна. Некои сметаа дека
недоволно разработениот ДУП за
Малиот ринг со неискристализирано
сообраќајно решение (со кое ќе се
избегне секојдневниот сообраќаен
колапс во центарот на градот),
секоја година трпи нови измени
– маркици за нови содржини, во
зависност од интересите на поедини
бизнис групации или прагматичните
идеи на владеачките гарнитури.
Концентрација на толкав број
објекти и содржини сместени на
пребукиран кеј со мостови, фонтани,
градски плажи, сплавови, скулптури,
со во заднина веќе потиснати
објекти на: Филхармонија, Опера
и балет, сегашниот и идниот хотел,
Музеј на холокаустот, објектот
на Ибни Пајко и Комерцијална
банка, сама по себе е неодржлив
конгломерат на функции. Катните
гаражи наместо по работ на Малиот
ринг, се внесени во него, што е
сообраќајно неодржливо решение,
и го узурпираат најскапоценото
градежно земјиште. Треба да имаме
ДУП за центарот на градот со визија,
кој ќе ги задоволи потребите на
жителите барем за следните 50
години, велат тие. ДУП требаше да
биде предмет на сериозна, стручна
и професионална студија, составена
од еминентни стручњаци архитекти,
урбанисти, сообраќајни инженери,
историчари на уметност, социолози,
уметници, психолози и филозофи
– студија проследена со многу
анализи, и со анкети меѓу граѓаните
од сите возрасни групи. Но, за жал,
сите овие стручни укажувања не
стигнаа до оние на кои беа упатени.

 bure_barok_3.jpg

Се поставуваа прашања, каде
испарија сите академски дискусии
за архитектурата и контекстот, за
архитектурата и идентитетот, за
архитектурата и континуитетот,
како корекција на еуфоријата
на модерната? За каква нова
еуфорија се работи во овој проект,
прашуваат поголемиот број автори
во Форумот, со која грубо се
негира започнатата приказна за
формирање на културен центар, па
така, на пример, мостот на уметноста
наместо да води кон плоштадот
на културата, удира во објект на
Финансиската полиција?

 

Зошто на ваков начин редефинирање
на фасадите на некои постојни
објекти во центарот? Дали можеше
тоа да се испланира да се реализира
на некој поинаков начин? Какви се
меѓународните искуства кога се работи
за овој тип на големи „урбанистички“
и архитектонски проекти? Оттука
заклучокот дека сериозно се отвора
темата за феноменологијата на кичот
и за нашето идентификување низ сите
фази на архитектонското творештво.

 

Но, секако, низ целиот овој проект
на Порта3 се слушнаа и размислувања
кои се изнесоа позитивно околу целиот
проект, и кои веруваат дека Скопје на
овој начин ќе изгледа како светските
метрополи. Така, еден студент по
архитектура вели „Мене ми се допаѓа
тоа што ќе се гради на плоштадот. Ја
гледав и визуелизацијата. Доколку сè
се изгради до 2014 година, се надевам
дека секој што ќе дојде во Скопје, ќе
знае каде се наоѓа. Мислам дека ни е
понудена комбинација од архитектонски
објекти, како што можам да забележам
нема само од 17 и 18 век, туку и модерна
архитектура. Јас ги разбирам моите
колеги кога она што се гради покрај
Вардар го нарекоа „ѕид на кичот“, зашто
објектите се сконцентрирани на едно
место, прават еден ѕид, го делат Скопје
на два дела. Но, ова сепак дава некој
лик. Не значи дека се враќаме назад, туку
сакаме да вратиме некои работи кои се
изгубени или запоставени. Сметам дека
Владата не е таа што не ограничува, туку
дека има тим архитекти кој го диктира
изгледот на објектите. Владата можеби
кажува кои објекти каде да се стават, но
не и тоа од кое време ќе бидат и како
да изгледаат“, завршува студентот.

 bure_barok_4.jpg

Други сметаат дека е неискрено кој
било да каже дека не треба ништо да
се менува и да се гради на плоштадот
Македонија во Скопје и на целиот
потег на т.н. Мал ринг. Според овие
размислувања, целиот тој простор е
толку безличен и запоставен со децении
наназад, што е голем срам за Скопје
како метропола, но и за државата во
целина. Дека премногу се доцни со
оформувањето на овој градски простор,
особено ако се земе предвид колку
години поминаа од катастрофалниот
земјотрес во Скопје, и колку многу
конкурси и предлог-планови биле
понудени во изминатите години. Исто
така, според нив, сето тоа не значи дека
по секоја цена, набрзина и без поддршка
на стручната и останата јавност, треба да
се направи што било, што на крај ќе има
негативни реперкусии на секојдневното
живеење на сите граѓани на Скопје, но и на сликата што како метропола ќе ја
испратиме во светот. За ваков голем
зафат кој се презема за да функционира
во долг временски период, според нив,
треба да се соберат сите расположиви
стручни потенцијали на државата,
но и од странство. Оттука и нивната
заложба дека традицијата и нашето
архитектонско наследство како
подлога за истакнување на нашиот
идентитет и нашата особеност, треба
да се искористат за оформување на
централното градско јадро, но од
професионално гледиште може да
се каже дека мнозинството автори
во предложеното решение не
препознаваат ништо од претходно
наведеното. А како одличен пример
на македонската архитектура и на
користење на нашата посебност,
според нивните размислувања, може
да се наведат зградата на Владата,
МАНУ, НУБ „Св.Климент Охридски“.

 

Мошне оригинална е споредбата на
проектот Скопје 2014 со „буре барок“.
„Ова буре барок кое експлодира со
спотот Скопје 2014 воопшто не ме
изненади“, смета еден автор. Тоа е само
резултат на досегашното игнонирање
на реалноста, долгогодишна верба во
илузии и долгогодишното отсуството на
континуирано планирање, неопходно
за создавање на употреблива
архитектура и корисен урбан простор,
како на државно така и на локално
ниво. Скопје 2014 е врв на хаосот
што го создававме сите овие години,
директно или индиректно, повеќе или
помалку, гласно или немо. „Некои тоа
го планираа, другите го проектираа,
третите го градеа, а последните за
тој хаос скапо плаќаа. Сега целиот
хаос кулминира со спектакуларен
спот, со буриња накитени со барок,
неокласицизам, антика, и што уште не“.

 

Наспроти ваквото доживување
на проектот, има тврдење дека
Скопје 2014 е архитектонско –
урбанистички комплекс со највисоки
естетски вредности. Авторот на ова
размислување смета дека новиот
концепт за надземно и подземно
паралелно уредување на плоштадите
Македонија и Карпошово востание,
како и внесувањето на соодветни
архитектонско – урбанистички
содржини на левиот и десниот брег
на реката Вардар во централното
градско подрачје, претставува
издржана симбиоза која ќе ги задоволи
севозможните барања на граѓаните
на Скопје и Република Македонија.
„Со овој проект, граѓаните ќе бидат
поврзани со уникатни јавни функции од областа на локалните и
државните репрезентативни
институции (Градска куќа, хотели
од висока категорија, Уставен
суд, Архив на Македонија,
Министерство за надворешни
работи, Јавно обвинителство,
Финансиска полиција, Агенција
за електронски комуникации итн.),
како и од областа на културните и
духовните вредности (Стар скопски
театар, Музеј на македонската
борба, Археолошки музеј, црква Св.
Константин и Елена, монументални
споменици на Александар Трети
Македонски, Јустинијан Први, Цар
Самоил, Карпош војвода, Гоце
Делчев, ‘Независна Македонија’,
Порта Македонија… ). Овој
проект подразбира исклучителна одговорност на сите креативни
умови вклучени во организацијата
и обликувањето на најмаркантните
волуменско – просторни композиции
за експонирање на достоинството на
Македонија и на секој Македонец.
Со користење на современи и
традиционални материјали и
форми и современа функционална
и концептуална интерпретација
на државниот суверенитет, тие
создаваат нова координирана
семантичка идентификација на
елементите во амбиенталната
вредност на препознатливиот
административен, политички,
културен, трговски центар на
Македонија, како суверено право на
македонскиот народ да го продолжи
достоинствено седумдесет и седум
илјадагодишниот континуитет
на Македонската Цивилизација.
Според ова размислување, треба
да се користат содржини, форми,
детали и естетски обликувни
елементи од разновидните иновации
на македонските архитектонски
и уметнички изразни средства,
применети во изградбата на околу
70 Александрии, околу 110 Селевкии
и Антиохии, повеќе Птолемаиди и други македонски градови од
епохалниот период на Македонизмот
од времето на Великото Македонско
Царство со територија од 3,8
милиони квадратни километри на
македонскиот цар Александар Трети
Македонски (336 – 323 г.пр.н.е.)
и на 4 македонистички царства и
3 македонистички кралства…Тој
открива дека за реализација на
исклучително важниот проект на
Владата на Република Македонија и
на општина Центар за концептуално
внесување се крајно неопходни нови
архитектонско – градоградителски
и естетски содржини за семантичко
надополнување и обликување
на сликата на градот и одделно
на централното јадро на Скопје.
„Со користење на научна
методологија на проектирање и
одлучување, на најтранспарентен
начин се ангажирани околу 2.000
различни експерти од областа на
проектирањето и соодветни степени
на ревидирање и усвојување на
конкурсните решенија, и нивната
проектантска разработка што
ќе придонесе за нов квалитет
во третманот и организацијата
на просторот во современата
македонска архитектура, базирана
на достоинствено почитување на
континуитетот на македонската
архитектонска традиција, која од
своја страна на широка врата го
врати најпозитивното препознатливо
искуство на Македонизмот
во современата македонска
архитектура, како најинспиративно
македонско архитектонско –
урбанистичко наследство“.

 bure_barok_5.jpg

Проектот Скопје 2014 е повод
да се проговори и за нешто што е
надвор од главниот град. Па така,
еден архитект ќе напише „Она
што мене ми пречи е тоа што сите
градежни акции се насочени само
кон центарот на градот Скопје. Како
ништо друго да не постои. Ние што
живееме во другите градови на
Македонија, се чувствуваме како
заборавени од сите. Зошто кај нас
се градат толку малку јавни објекти
и не се уредува јавниот простор?
Зошто не се гради во Шуто Оризари
или Драчево? Зошто не се градат
нови патишта, зошто има толку
малку инфраструктурни објекти?
Зошто никој не е заинтересиран за
малиот урбанизам? Во градовите
имаме едно чудо простор кој зјае
празен. Пред и зад станбените
згради, пазарите, предградијата,
напуштените фабрики, старите
железнички пруги итн. Зошто не
покренеме иницијатива тој да се
уреди? Сметам дека ние архитектите
самите сме виновни за тоа што
никој не нè есапи и никого не го
интересира нашето мислење“.

 

Конечно, низ Форумот се
проговори и за спомениците. И за
нив многумина искажаа негативно
критичко мислење. Не дека не
треба да ги има, туку повеќе се
дискутираше за самиот избор на
нивните автори. Се укажуваше
дека главно се работи за анонимни
автори и полтронски настроени
уметници и архитекти, кои не можат
да направат издржани и сериозни
дела. На овој начин, единствено
што може да се демонстрира се
аргументи на естетска неписменост.
Зашто центарот на Скопје не е
дневна соба во приватен стан за
да се уредува со стилски мебел по
личен афинитет. Не е ниту приватен
двор за да се кити со скулптури на
џуџиња, лавчиња или фенерчиња.

 

Друг автор запиша: „Високите
уметнички вредности на некои од
добро познатите јавни споменици
во Скопје, како што е споменикот на
Иван Мирковиќ Ослободителите на
Скопје пред Владата, или споменикот
на Петар Хаџи Бошков Св. Климент
Охридски пред Националната
библиотека, или Меморијалниот
комплекс во Бутел на Душан Пецоски
и Јордан Грабул, сведочат за едно
друго време кога се имаше повеќе
слух и знаење за она што значи
квалитет, вредност, мерка, за она што
е достојно да го одбележи јавниот
простор и градот. Но, тоа беше едно
друго време, време на еден режим
кој имаше потреба од херојски,
самоидеализирачки споменици,
режим кој своите идеали сакаше да
ги монументализира и да ги направи
бесмртни. Иронијата е во тоа што ова
наше постсоцијалистичко општество,
наместо да покаже скептицизам
кон секаков вид на потреба за
монументализирање, идеализирање
и митологизирање, всушност оваа
потреба уште повеќе ја зацврсти
и ја издигна до неверојатни и
зачудувачки размери“.

 

Јован Стефановски Жан: Порака од минатото како да се гради во иднината

Презентацијата од општина Центар за мене претставува една сериозна
студија изработена од многубројни урбанисти, архитекти, скулптори,
дизајнери, пред сè планери и е еден голем проект, голема визија за
централното градско подрачје до 2014 година. Можам слободно да
кажам дека ова е прва таква визија воопшто прикажана во историјата
на постоењето на овој град и замислена од толкав број стручњаци.
Затоа, иницијативата можам само да ја поздравам и да посакам успешна
реализација. На целава работа треба да ѝ се даде една позитивна
енергија, поддршка. Огромна смелост е да се заврши еден ваков проект.

 

Борис Чипан:
Недоречена архитектонска и урбанистичка слика

Во 1997 година некој од тогашната власт се сети да го претстави
проектот на Кензо Танге за застарен и несоодветен на новата
општествена ситуација и да го измисли Малиот ринг. Таа власт направи
конкурс за уредување на Малиот ринг, т.е. просторот од двете страни
на Камениот мост. Врз основа на тој конкурс е изработен детален
урбанистички проект за овој простор, кој е усвоен од Советот на
општина Центар. Тој план препорача слободна агресија на урбаната
мафија и, што е чудна вистина која денес некои ја одрекуваат, на
градскиот плоштад фиксира две маркички кои јасно сугерираа
реконструкција на двата најкарактеристични предземјотресни
објекти – Офицерскиот дом и Народната банка. Но, просторот
околу Плоштадот како проколнат и понатаму остана празен. Денес не
навлегувајќи во економските проблеми на Македонија, сведоци сме на
една програма и обид за реализација на овој простор околу Плоштадот,
со зафаќање и на територијата на левиот брег на Вардар. Ни се
презентира една архитектонска и урбанистичка слика која, верувам, сите
македонски архитекти ги доведува во ситуација на вчудоневиденост.
Со проектот на Кензо Танге левиот брег беше дефиниран како културен
центар на Скопје и на Република Македонија, со згради на операта,
филхармонијата и модерна кино сала, заедно со банката и музичката
академија. Тој простор остана недовршен и сега се предлага изглед
на филхармонијата во заднината на нови згради покрај кејот.
Ќе цитирам една мисла на францускиот филозоф и историчар
на уметност Саломон Ренак во книгата „Аполо“. Во времето на
Луј 14 е создадена Француската академија на уметности.
За состојбата на ликовната уметност од тоа време, инспириран
од еден од најслабите тогашни сликари, Лебрен, Ренак има
напишано една саркастична реченица: „На едниот (Луј 14) му
требаше слуга, а другиот (Лебрен) си го најде својот господар”.

 
bure_barok_6.jpg

Трајко Димитров:
Дворските архитекти не знаат да направат бесмртна архитектура

Визуелниот привид дека доста интензивно се гради (и каде што треба и каде што не треба), реалните состојби
на мониторинг покажуваат сосема поинаква слика. Архитектонскиот еснаф никогаш не бил на толку ниско
рамниште, дезорганизиран, немотивиран, депримиран. Архитектурата низ вековите била и останала јавна
професија и доблест, и нејзините дела, добри и лоши (во поширока смисла на поимот) биле заеднички.
Затоа активноста за создавање на вредни, трајни архитектонски вредности мора да биде грижа на
пошироката општествено-политичка заедница. Не ми пречи што има луѓе кои ја уживаат милоста на
актуелната власт. Секоја власт работи со свои луѓе. Но, ме теши сознанието дека на најраскалашниот
двор во поновата историја, Виенскиот двор, омилен бил Салиери, ама бесмртна музика правеле Моцарт и
Штраус. Тоа е мојата порака до колегите што сакаат нас да не вреднуваат, а немаат со што да се пофалат.

 


Георги Константиновски:
Комплетно погрешно

Имитацијата на архитектонските стилови во основа е секогаш неинвентивна и
неплодотворна. Денес, во ерата на кибернетичкиот стил, да се зборува за какви било историски стилови
е исто како да се споредуваат брзински трки меѓу магаре и авион. Никако не смее да се сугерира како
ќе изгледа некоја градба. Тој што создава стои зад својата работа. Нашиот факукултет ужива голем
авторитет токму поради својата школа. Не би требало нашите архитекти да паѓаат во погрешни води,
треба да стојат цврсто и одговорно зад она што го работат. Стара архитектура може да се возобнови.
Наспроти сите овие нови градби, најубавиот бисер од тоа време – Куќата на Рубен на влезот на
Градскиот парк – се распаѓа. Наместо неа да ја обноват, се градат нови слични. Комплетно погрешно.

 

Михаил Токарев:
Паралела со периодот на Чаушеску

Диригираната архитектура го назадува општеството. Доколку преку архитектурата наложена од
власта нашето општество треба да се идентификува, тогаш кога идните генерации ќе судат за нашиот
период, истовремено ќе не осудат сите нас. Голема штета е што ниту Асоцијацијата на архитекти,
па ниту нејзината Академија на архитектурата немаат сили да се спротивстават на архитектурата
диригирана од власта. Денес, од страна на власта, на архитектите им се наложува не само тоа каков
да биде објектот по функција и конструкција туку и по облик. Во таа смисла може да поставиме
паралела со периодот на Чаушеску во Романија, кој ја исполни својата желба Букурешт да го направи
Париз на Источна Европа. Тој во Букурешт градеше триумфални порти, монументални објекти, ама
и широки булевари. Знаеме што се случи со него, но историцистичката архитектура остана.

 

Косто Мангароски:
Предизвик

Обновувањето и реализацијата
на овие објекти беше предвидено
во Деталниот план за Малиот
ринг од 1997 година. Тие
конкурси беа од отворен
карактер и на нив учествуваа
многу колеги архитекти. За
мене лично беше предизвик да
одговорам на проектните барања
на некои од овие конкурси.
Сметав дека како архитект
имам должност да придонесам
со активно учество на овие
конкурси. Концептот за Скопје
2014 предвидува задржување
и реализација на одредбите
од ДУП од 1997 година кој
до денес не е променет,
со кој се предвидуваше
обнова на изгубениот
идентитет на град Скопје,
односно обнова на Стариот
театар, обнова на Офицерскиот
дом, Банката и други објекти
изгубени во земјотресот, а
кои претставувале обележје
на град Скопје. Пораките од
минатото секогаш претставувале
незаменлив фактор за
континуитет во иднината.
Потребна е позитивна, креативна
енергија за да се реализира
одредена архитектонска визија.

 

Радомир Лаловиќ:
Травестија

Би сакал да се запрашам и за содржината на овие објекти кои треба да му ја дадат „душата“ на
централниот плоштад. Дали се тоа објекти кои му даваат животворност на централниот простор или
се оние што во втората половина од денот не функционираат (администрација, судови, музеи, верски
објекти)? Трансформацијата на фасадите како еден вид травестија на објектите што настанале во одреден
историски период е нeдозволено, а некаде дури и со закон забрането. Зошто Македонија да биде заробена
во еден стил? Би сакал да се запрашам и дали еден стил треба да биде етаблиран како државен?

 

Стеван Смилевски – Кокан:
Татковински проект

Го поддржувам татковинскиот концепт за дефинирање на централното
градско подрачје, односно плоштад Македонија, од урбанистичко
– архитектонски и естетски аспект. Просторите на Македонија и
Вечниот град Скопје, главен град – престолнина на нашата држава
Република Македонија, во своите временски слоеви ја носат – содржат
историјата што е светско наследство, но ни припаѓа во прв ред на
сите нас, нам кои сме тука родени, живееме и твориме, чувствувајќи
го тлото под нас како дел од себе, гордеејќи се и неможејќи да
замислиме друго место каде би бил нашиот дом. Обединувајќи се
во напорите да ги испочитуваме нашата милемиумска историја и
предци, ќе го достигнеме зрелото доба на самопочитување.

 

Олга Папеш:
Стил и физиономија

Не можам да ја прифатам ниту
најавената реконструкција на
фасадите на постоечките згради
во Малиот ринг. Објектите на
„Пелагонија“ и на „Пелистер“
имаат свој стил и физиономија.
Тие имаат свој автор. Фасадите
може да се обноват, но ако им
се даде нов лик ќе се поништи
авторското право. Тоа е исто како
на Мона Лиза да ѝ ставите веѓи.

 

Милица Јанакиева:
Премиерот ми ја
одзеде професијата

Огорчена сум. Најпрво се
лутев на премиерот што ми ја
презеде професијата и така
три години проектира, а јас се
надевав дека ќе се занимава со
својата професија – економија.
А како проектант секој проект
му е шокантен, три стокатници,
лавови, цркви и не верував
дека сето тоа може да се
реализира. Но, најмногу се
разочарав кога дознав дека
моите колеги професори (кои
биле или сè уште се професори
на факултет), му го хранат егото,
а јас за нив верував дека се мои
сoвременици. За жал, на една
страна ќе го имаме барокот,
а во негова близина коњите
и чергите во Маџир маало
што се секојдневна слика, на
исто место со најновиот тип
мерцедеси. Премиерот успеа
да не подели по сите основи:
Скопје со останатите градови,
останатиот дел на Скопје со
центарот, на етничка основа и
на крај, за жал, архитектите: на
оние што мора да работат за
него и оние што имаат свој став.

 

Испрати коментар

Scroll To Top