Насловна / Архитектура / Еден викенд на архитектура

Еден викенд на архитектура

Со тек на време Денови на Орис (Dani Orisa) станаа веројатно, најзначаен архитектонски настан во регионот. Секоја година преку 2.000 посетители присуствуваат на дводневна конференција која има за цел да го претстави најдоброто што го пружа современата архитектура. И покрај тоа што случувањето е регионално, претставено е најдоброто од светот. Во текот на сите овие години некои од најголемите имиња на архитектурата гостувале во салата Лисински во Загреб, каде се одржува оваа манифестација. Покрај во Загреб, Денови на Орис се организирани и во други градови како Дубровник, Љубљана и Белград. Сепак Денови на Орис како манифестација се врзува за Загреб во рана есен. Низ предавањата можно е да се видат многу нови идеи и да се добие увид во тенденциите во архитектурата. За наши услови, фасцинантен е и бројот на публиката која секоја година доаѓа на оваа манифестација, што придонесува и на фактот, дека Денови на Орис можеби и го надраснале регионалниот карактер на конференцијата.

1-Large-900x540

По деветнаесетти пат одржани се загребските Денови на Орис, за време на викенд 19 и 20 октомври. Како најава на самата конференција, ден порано, на 18 октомври во Орис куќа на архитектурата, отворена е изложба на чилеанскиот фотограф Кристобал Палмa и еден од говорниците на ова случување.
Прв предавач беше Том Емерсон од британското биро „6А architects“, повеќепати наградувано, кое е најпознато по проекти на современи уметнички галерии, школи, уметнички студија и стамбена архитектура.

74217856_10156758894307014_5599016811283611648_o
Потоа беше организирана панел-дискусија за архитектонското образование на која учествуваа некои од предавачите. Овој нов концепт на програмата воведен е оваа година.
Швајцарскиот архитект Марио Бота, сигурно најпознато име на овогодинешното случување, на еден едноставен начин, нагласувајќи на почетокот дека неговото предавање би требало да трае околу 50 минути, го претстави својот повеќедецениски архитектонски опус, преку нови проекти, како новиот  Кампари комплекс во Милано, универзитетската библитека во Пекинг и ресторан сместен на врв на планина во Швајцарија.
Регионалната архитектонска сцена ја претстави студиото 3ЛХД од Загреб, кое го прераснува епитетот на хрватско архитектонско биро, со проектите во Кина и Кипар. Студиото 3ЛХД, неодамна го проектираше и интересниот хотел Гранд Парк во Ровињ. Ентериерот на овој хотел го потпишува студиото на Пиеро Лисонии, студио со седиште во Милано и Њујорк, кое е присутно на глобално ниво во поле на архитектурата, продукт дизајнот, графичкиот дизајн и корпоративниот идентитет.

74163388_10156758895807014_7734540147890323456_o

Вториот ден на предавањата почна со претставување на шпанското биро „Harquitectes“, на кое преку низа проекти беше претставен еден мошне интересен архитектонски опус, кој комбинира различни пристапи на архитектурата, од биоархитектура со цел заштеда на енергија до архитектура која преку задржување на постоечки структури во реконструкцијата, прави единствени архитектонски целини на старото и новото. Интересна е неретката употреба на различни видови тула, како и просторни организации кои често вклучуваат голем број директно поврзани простории, преку крајно сведена и намалена потреба од ходници.

72997931_10156758894352014_3900467020784730112_o

Фотографот, чија изложба ја отвори оваа дводневна конференција, Кристобал Палма од Чиле, беше следниот говорник. На Деновите на Орис можат да се видат и содржини кои не се стрикно врзани со архитектура и проектирање, преку предавања на луѓе кои се занимаваат со други, сродни професии. Палма претстави некои од своите фотографски труда, како и неколку кратки филмови.

Листата на интересни предавачи од други меридијани, ја потполни и Густаво Утрабо, основач на истоименото студио од Бразил. Како и во случај на други примери од Јужна Америка, интересно е да се види колку архитектите од тој континент различно работат со просторот во однос на архитектите од Европа или на пример Јапонија, па така не е чудно обична куќа да има повеќе од 500 квадратни метри.

Последен од предавачите беше Нено Кезиќ од Сплит, човек кој по завршување на Архитектонскиот факултет во Загреб, работел во Лондон во студиото Мајкл Хопкинс и партнери. Потоа го основал студиото Архиполис во Сплит. Некои од значајните дела на Архиполис се студентскиот дом во Сплит од 2013 година, хотелот Сплит од 2012 година, станбениот објект Жњан од 2004 година и многу други проекти.

За сите овие години, конференцијата на Деновите на Орис сигурно станала култна, ако не и најважна манифестација во регионот. Многу добро организирани два дена, навистина умеат на посетителите да им понудат широк избор на архитектонски предавачи. Делува субјективно мислењето дека обидот со воведување на панел-дискусија е можеби непотребен потег, бидејќи голем број посетители во тој момент ја напуштаа салата. Салата повторно се наполни кога говореше најголемото име на овогодинешниот Орис, а тоа беше Марио Бота.

73342857_10156758893332014_9197692637845389312_o

Денови на Орис пред сè се мошне инспиративно случување, каде навистина има големо количество на идеи, кои се слушаат за време на двата дена. Интересно е и кога крајно архитектонското случување ќе го „пресече“ некој од предавачите којшто е фотограф или графички дизајнер.

Останува впечатокот дека Денови на Орис 2019 е нешто послабо случување од она на што е навикната редовната публика, можеби и поради големите очекувања од една мошне успешна конференција. На некој начин овогодинешните Денови на Орис, веројатно претставуваат само подготовка за навистина големиот јубилеј, а тоа е 20 години од конференцијата. Тогаш можеме да очекуваме уште подобра и побогата програма на најголемата регионална конференција, која скоро две децении врзува голем број на публика за еден октомвриски викенд. Еден викенд на архитектура.

Автор: Ѓорѓе ЈОКИЌ, дипл.инж. арх. (Специјално за Порта 3 од Загреб)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top