Насловна / Арт и дизајн / Денес ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски Тофе во Чифте амам

Денес ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски Тофе во Чифте амам

Денес отворање на ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски Тофе во Чифте амам во 20 часот

Потегот со четка – налик на две трепкања со очите

(кон ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски – Тофе)

_DSC2871

Мајка со дете, 1967, 49х34,5 см

Појдовен момент за организирање на изложба која има ретроспективен предзнак и е посветена на Теофил Шулајковски – Тофе (Дебар, 1934 – Скопје, 2009), наш еминентен ликовен автор, е фактот што тој е еден од ретките македонски уметници кои до сега немале ваков вид на интегрално претставување. На оваа изложба се презентирани над 150 дела на македонскиот бард на акварелот, а присутни се најрепрезентативните дела од сите творечки фази, од најраните акварели, па се до последниот, до сега неизложен и необјавен.

_DSC2903

Марковои кули, 1957, 59х42 см

Ваквиот тип на ретроспективни изложби се само основни поводи преку кои Националната галерија, како институција која над седум децении се грижи за чување и заштита на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување и едукација за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од македонската уметност.

Акварелот како сликарска дисциплина која заради специфичностите на оваа техника – брза и сигурна рака и концепт, неможност за корекции итн., бара неверојатно уметничко познавање. Како уметничка форма е присутен во светската историја на уметност почнувајќи од примарно утилитарната намена во папирусите на стариот Египет, Кина, Јапонија, Индија, Персија, понатаму хеленистичката и римска уметност, илуминациите на средновековните црковни книги, па се до денес, како современ уметнички израз со естетска функција.

_DSC2939

Радика, 1973, 58х40 см

Теофил Шулајковски – Тофе без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти. Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика. Ја продолжува оваа насока, надоградувајќи се на почетокот врз основите и искуствата на нашите големи мајстори – втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри: Димитар Панилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска. Тој донекаде, сосема логично, ги наследува искуствата од просторите во кои се оформувале и неговите претходници, односно ги впива и искуствата од претходната основоположничка генерација.

Невозможно е преку неколку стилски одредници, пренесени во куси црти, или со само една-две реченици да се дефинира огромното творештво кое Теофил Шулајковски – Тофе го остави зад себе. За почеток ќе истакнеме дека во историјата на македонската ликовна сцена Тофе Шулајковски се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со предзнакот акварел. Најраниот период, околу 1957 година го означуваат реалистични акварели со пејзажи на паркови (Скопскиот парк), архитектура (Маркови кули, Самоилова тврдина, Скопското кале), селска архитектура, цркви, па дури и речиси апстрактни пејзажи, со бои и тоналитет близок на македонското поднебје.

_DSC3036

Ноќен чувар, 1993, 35,5х50 см

Следи периодот кој соодветствува со анформелниот период на 60те години, кога создава дела со апстрактен предзнак, а во кои се насетува неговата лирска насоченост со заситени земјени тонови. Индивидуалниот и подоцна препознатлив и определен израз на пејзажист го оформува во следниот циклус од 70те години, кој е инспириран од воздухот и водата. Формирајќи различни планови на сликата, авторот е одушевен од природата, односно од односите вода и воздух во сета нивна корелација и динамичност. Во овие природни релации тој се потврдува како еден од ретките мајстори кои сликаат на отворено и со невидена аналитичност ги следат движењата на природата, промените на небото, брановите на реката и езерата (Радика, Дебарско и Охридско езеро), струењето на воздухот, структурата на карпите…, најпрво со брзи и прецизни ритмични потези со сува четка, а потоа и со ослободеност кон лириката на создавањето на лазурни прикази и восхитеност од флуидот на водената површина.

_DSC3041

Космос, 1997, 36х50,5 см

Односот кон просторот некако природно се наметнува во 80те години каде е нагласена флуидноста на просторот во парковите, пошироките пространства (некаде со форми на стара архитектура, многу ретко човечка фигура) и мочуриштата со трски (чии дури филигрански линии се карактеристично минуциозно присутни преку одвоени енергични потези). Од друга страна, пак, овие предели се претопуваат стануваат дури и апстрактно експресивни и контрастни, па дури и наговестуваат специфична надреална атмосфера. Од 1990 година започнува големиот циклус „Воскресение“ каде започнува специфична приказна на остварувања во кои се соочуваме со изразена тарнеровска драматика во судирот на светло-темните колористички пејзажи, се појавуваат комплексни композиции со мноштво фигури и архитектонски инспирирани од сакрални теми (ликови кои асоцираат на фрески и архитектура која асоцира на цркви). Ликовниот ракопис на Тофе Шулајковски се надополнува со дела кои прогресираат во своевидни нагласено колористични и надреални пејзажи во кои се забележуваат посветли бои, но и безгранично разиграни и расчленети форми на комплексни организми врз дводимензионалниот третман на површината, претопувајќи ги објектите во просторот. Оваа фаза е проткаена со надреална и заситена атмосфера која поттикнува загадочни и носталгични реминисценции од едно далечно време и во која се чувствува топлината на спомените, придружени со нагласена фактура и пластична организација на композицијата. Карактеристичните остварувања резултираат со бесконечни игри во имагинарни фантастични простори во кои доминираат динамиката и ритамот на движењата. Низ нив се распрснати форми кои се разлеваат во колористички визуелизации на сложени „организми“ со речиси механизирана и материјализирана фактура на површината, кои се развиваат по сопствена развојна креативна логика.

_DSC3020 (2)

Од цуклусот „Воскресение“, 1995, 50х70 см

Таложењето на сето знаење за акварелот како определба, сите знаења од уметноста, историјата и историјата на уметноста, сите спомени, лични и цивилизациски, митови, легенди… се сублимирани како завршница на едно творештво во делата од последниот, досега непретставен циклус „Пештерски записи“, во кој доминираат заситени бои и мноштво асоцијативни фигури, изработени комбинирана техника (како основа на акварелот користи дрвофикс на хартија, со што ги поставува основите на композицијата). Истовремено, сликите можат да се исчитуваат како однос на слоевите и колористичките фрагменти на самите детали, и нивната корелација со динамично валерски третираната рамнина.

Теофил Шулајковски – Тофе се издвојува како еден од ретките автори кои, следени во еден непрекинат континуитет, во текот на целиот свој творечки и животен век, и остануваат верни на единствената нивна ликовна определба. Во „случајот“ на Тофе Шулајковски животната определба е акварелот, сликарска техника која е негов првичен избор на кој му останува доследен и постојано се труди да го надгради и преобрази не само преку безбројни различни истражувања на материјалот (преку користење на различна хартија и бои), туку и преку тематските афинитети. Неговото творештвосо право зазема видно место, а критиките на сите историчари на уметност и критичари кои го следеле сликарскиот пат на Теофил Шулајковски – Тофе во текот на неговите активни претставувања, го дефинираат неговото творештво како особено значајно во антологијата на современото македонско сликарство, конкретно акварелот.

_DSC3077

Од циклусот „Немирни трски“, 1980,

комбинирана техника на хартија (акварел, гваш), 50х64,5 см

Творечката активност и значењето на Теофил Шулајковски – Тофе за македонската ликовна уметност секако дека веднаш се препознаени и валоризирани од страна на критиката во однос на неговиот видлив и специфичен интерес кон природата, а подоцна креативното транспонирање на културите на изминатите цивилизации. Во контекст на тоа размислување од посебно значење би било настојувањето на Шулајковски, како и на уметниците со блиска или слична инспирација, врз творењето на еден ликовен свет со морфологијата на старите облици приближен до сензибилитетот на нашето време.

Теофил Шулајковски – Тофе со своето творештво постојано внесува лични иновации, како предизвик кој си поставил цел самиот пред себе треба да го надмине. Во таа смисла треба да се почитува и вреднува неговиот придонес во македонската уметност преку следењето на една сопствена ликовна патека која помина низ повеќе препознатливи стилски насоки, од кои тој го одбра оној сензибилитет што најсоодветно можеше да го транскрибира со сопствениот визуелен дискурс со доминантно лирско чувство, во кои преовладува една спокојна и меланхолична атмосфера.

pokana

Значењето на Теофил Шулајковски за македонската историја на уметност го согледуваме во неговата немирна истражувачка природа и желбата за  внесување новитети во акварелот, со што придонесува кон оживувањето и подигањето на оваа ликовна дисциплина на современо рамниште. Неговото карактеристично творештво се издвојува со повеќеслојноста во експериментирањата и истражувањата на ликовните (па и техничките) можности на акварелот, со специфичен индивидуален авторски ракопис кој се согледува во начинот на дисциплинирано и хармонично градење на композицијата од мноштво елементи, преку своевидно „ткаење“ на површината на сликата, со што го подига акварелот на сосема ново рамниште во ликовната уметност кај нас.

Куратор на изложбата, виш кустос Мала Чанкуловска Михајловска

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top