Насловна / Архитектура / Архитектурата на сиромаштијата

Архитектурата на сиромаштијата

Кон крајот на 20-тиот век, барем во Европа, „милениумската бубачка“ која ја загрозуваше функционалноста на кревката глобална дигитална инфраструктура се чинеше како најголемиот предизвик на 21-виот век. Студената војна и железната завеса станаа нешто од минатото на Европа, еднопартиските политички системи беа заменети со повеќепартиски, а планската и ограничената пазарна екомомија ѝ отстапија место на слободната пазарна економија. Веројатно и во земјите во транзиција се веруваше дека истата набргу ќе се заврши, и дека животот конечно ќе стане подобар за сите.

0

ОДЛИЧНА ПОДЛОГА ЗА УШТЕ ПОИНТЕНЗИВНО РАСЛОЈУВАЊЕ НА НАСЕЛЕНИЕТО

Четврт век подоцна комбинацијата од пандемијата, Украина и глобалните климатски промени и економски состојби се чини создадоа одлична подлога за уште поинтензивно раслојување на населението и отворање на „пандорината кутија“ на сиромаштијата, што оди во наполно спротивната насока од создавањето на одржлив свет на оваа планета. Долго очекуваниот подобар живот како да се замени со стравувања за мрачна иднина отсликана во наградениот телевизиски филм на АБЦ од 1983 година „Денот потоа“ или пак во некои други слични дистописки филмови.

04

Публикацијата „Профитирање од болката“ на Оксфам Интернешнал веројатно дава добра илустрација за предизвиците со коишто се соочува светот денес. Нивните истражувања укажале дека во текот на пандемијата по еден нов милијардер бил создаден секои 30 часа, а дека наспроти тоа секои 33 часа по еден милион луѓе во светот завршиле во екстремната сиромаштија. Истражувањето исто така укажува дека богатството на 10-те најбогати луѓе во светот е еквивалентно на заедничкото богатство на 40 % од најсиромашните во светот, а чиишто број изнесува 3,1 милијарди.  Веројатно застрашувачки е фактот дека на еден работник кој се наоѓа меѓу 50 % со најмали примања ќе му требаат 112 години за да го заработи она што работник кој се наоѓа меѓу 1 % од оние со највисоки примања ќе го заработи во текот на само една година.

5

СИРОМАШТИЈАТА СОЗДАВА НОВА ТИПОЛОГИЈА ВО АРХИТЕКТУРАТА

Во времето на „сувереното лице“ се чини дека со сиромаштијата се соочуваат сè повеќе и граѓаните не само во неразвиените и во земјите во развој туку и оние во најразвиените. Примерот на Велика Британија, една од десетте најбогати земји во светот, која барем делумно е дополнително обременета и со Брегзит, веројатно може да помогне да се разбере како подемот на сиромаштијата резултира и во создавање на нова терминологија и типологија и во доменот на архитектурата.

„БАНКА НА ТОПЛИНА“

Веројатно најновата иновација од овој вид е „банката на топлина“ (Warm Bank) која исто така може да се сретне и под името „топол центар“ (Warm Hub) или пак „топло место“ (Warm Space). Станува збор за јавен простор во којшто секое лице од заедницата може да дојде за да биде на топло во текот на студениот период во годината. Со ваквиот пристап најмногу се помагаат домаќинствата со ниски примања за да можат да го намалат периодот во кој нивните домови се греат, а со тоа и да ги намалат своите трошоци за греење за да може полесно да ги поминат студените месеци на годината.  Како и секогаш со сметките за греење (електрична енергија и гас) најмногу се погодени лицата со најниски примања коишто најчесто имаат припејд, наместо постпејд броила. Доколку во минатото се користеле автомати во коишто требало да се стават монети од 50 пенси, современата верзија е со дигитален жетон кој треба да се надополни во продавница или во пошта, по што дотурот на енергија трае сè додека има кредит на истиот. Се разбира „привилегијата“ да се има припејд броило се плаќа. Според британските медиуми домаќинствата со вакво броило плаќаат околу 50 фунти годишно повеќе за инсталираната сила.

7

Според организацијата „Топло добредојде“ досега активно работат 2.080 од околу 3.000 најавени банки на топлина во Велика Британија коишто се отворени и/или се отвораат од општините (во рамките на локални центри, библиотеки, спортски центри, училишта и сл.), од религиозни организации или пак од непрофитни организации и добротворни друштва. Засега тие главно се отворени во рамките на нивното работно време, а понудата зависи од локалните можности.  Врз основа на она што може да се осознае од медиумите скоро сите, изгледа дека освен бесплатен престој во загреана просторија со пристап до безжичен интернет и санитарни јазли, нудат и барем топол пијалак (кафе или чај) и бисквити. Некои нудат и бесплатни сендвичи, па дури и по еден топол оброк. Значењето на оваа иницијатива веројатно подобро може да се разбере доколку се согледаат барем најекстремните последици од несоодветното греење на домовите во минатото. Според проценките на добротворната организација „Национална акција за енергија“, пред почетокот на најновата енергетска криза, се смета дека 8.500 лица починале во текот на зимата 2019/2020 како резултат на немање доволно греење во своите домови што претставувало околу 20 % зголемување во однос на претходната зима.

2

„КЛУБОВИ ЗА ПОЈАДОК“

Како нешто постара иновација за поддршка на младите се таканаречените „клубови за појадок“ (Breakfast Club), а која потекнува некаде од крајот на 20-тиот век. Станува збор за клубови во рамките на училиштата каде што учениците доаѓаат пред почетокот на наставата за да можат да појадуваат пред почетокот на училишниот ден. Некои од клубовите овозможуваат и спроведување на активности како игри или пак можности да се работи на домашните задачи со поддршка и надзор од учителски помошник.  Според податоците наведени од организацијата „Храна – животен факт“ околу 85 % од училиштата во Велика Британија имаат клуб за појадок, кој во просек го посетуваат околу 35 ученици.

1

Дел од клубовите за појадок се поддржани од Националната програма за училиштен појадок, добротворната организација „Магичен појадок“ која покрива 1.000 училишта со над 200.000 ученици секој ден, како и клубови за појадок поддржани од добротворните организации на комерцијални фирми како што се ланецот на пекарници Грегс кој поддржува 680 училишта, меѓународниот гигант Келогс, пекарницата Варбуртонс која ги донира своите производи на клубовите за појадок и други. Дополнително на учениците од семејствата со пониски примања им следува и бесплатен оброк во време на училишниот ден. Постоењето на клубови за појадок за припадниците на воените сили и воените ветерани низ светот укажува на тоа дека потребата за дополнителна поддршка е значително поголема.

„БАНКА ЗА ХРАНА“

„Банката за храна“ (Food Bank), е постара форма за помош на загрозените домаќинства во заедницата. Како прва банка за храна во светот се смета „Св. Марија банката за храна“ основана во 1967 година во Феникс, Аризона, од Џон Арнолд ван Хенгел, кој се смета за „татко на банките на храна“. Тој бил активист и деловен човек со големи религиозни убедувања кој во 1973 година ја основал и националната непрофитна добротворна организација „Ја храниме Америка“, која со преку 200 банки на храна и сродни активности се смета дека прехранува околу 46 милиони лица во САД.

3

Од САД концептот на банки за храна бил пренесен во Канада, а оттаму во 1984 година во Франција каде била отворена првата банка за храна во Европа. Во 1986 година била основана и Европската федерација на банки за храна, откога била отворена и првата банка за храна во Брисел, Белгија. До 1992 година биле отворени банки на храна и во Шпанија, Италија, Ирска и Португалија, а помеѓу 1994 и 2001 година и во Полска, Грција и Луксембург. Од 2004 година биле воспоставени банки за храна и во Велика Британија, Германија и Унгарија. Според расположливите информации, 3,5 милиони лица во Франција се зависни од банките за храна, а во Германија во 2013 година имало над 900 банки за храна коишто 1,5 милиони лица ги користеле секоја недела во 2014 година. Се смета дека во 2022 година има над 2.572 банки за храна во Велика Британија. Таму само едно од христијанските добротворни друштва кое во 2014 година раководело со 423 банки за храна во 2013 година доделило итна храна доволна за три дена на 913.138 лица.

01

Вообичаено банките за храна ги раководат добротворни организации коишто храната или ја купуваат од донирани средства или пак добиваат храна како донација од производителите и продавниците. Исто така во поголемите самопослуги и супермаркети откога ќе се плати на каса и пред да се излезе надвор, вообичано има големи корпи каде купувачите можат да депонираат дел од купената храна на банките за храна. Дополнително, во текот на пандемијата општините во Велика Британија имаа програма за подготовка и дотур на пакети со храна како за социјално загрозените лица така и за оние коишто се штитеа од вирусот преку самоизолација.

6

Енергетската криза се чини дека создаде дополнителни проблеми во работењето на банките за храна со оглед дека вообичаените продукти коишто ги нудеа како на пример трајни производи што треба да се зготват од примачот сè помалку се атрактивни, од едноставна причина што добар дел од корисниците на банките за храна веќе не можат да си дозволат да ја платат и енергијата потребна за подготвување на оброкот, со што се зголемува побарувањето за прехранбени производи коишто не треба да се готват.  Дополнително, намалената економска моќ на населението влијае на пониското ниво на донирана храна од граѓаните.

„БАНКА ЗА БЕБИЊА“

Како варијанти на банките на храна се јавуваат и „банките за бебиња“ (Baby Bank), „банките за студенти“ (Student Bank) и „банките за миленичиња“ (Pet Bank) коишто функционираат по слични принципи и се фокусираат на други категории на корисници.  Банките за бебиња се обидуваат да ја покријат веројатно најранливата група и да помогнат за намалување на бројот дури и на смртни случаи кај бебиња, како резултат на тоа што поради скапата бебешка храна биле хранети со храна за возрасни преку која најчесто внесле прекумерна количина на сол во својот организам.

05

„БАНКА ЗА СТУДЕНТИ“

Трогателна беше состојбата со студентите, особено со оние од странство во текот на пандемијата. Медиумските прилози укажуваа на многу долги редици пред банките за храна и слики од изнајмени соби каде престојуваат повеќе студенти отколку што има легла во собата.  Ваквата состојба главно се препишува на фактот дека тие заради затворањето на границите не можеа да се вратат дома и оттаму да ја следат онлајн наставата.  Дополнително, добар дел од нив го надополнуваа својот студентски буџет преку работење навечер или преку викенд, што во голема мера веќе не беше можно во текот на пандемијата. Во одредени случаи и универзитетите им дистрибуираа пакети со храна за да им помогнат во најтешките моменти.

„КУЈНА ЗА СУПИ“

„Кујната за супи“ (Soup Kitchen), „кујната за храна“ (Food Kitchen) и „центарот за оброк“ (Meal Center) се нешто постари концепти коишто во својата посовремена форма од 1790-тите години му се препишуваат на физичарот и пронаоѓачот Сер Бенџамин Томпосон, грофот Рамфорд, кој бил личен помошник /секретар на војводата од Баварија Чарлс Теодор. Името кујна за супи произлегува од минатото кога корисниците најчесто добивале чинија супа и парче леб, иако во поново време корисниците добиваат цел оброк, а не само супа. Според дневникот Гардијан во 2012 година во Грција околу 400.000 лица ги користеле услугите на кујната за супи секој ден.

kkk

И кујните за супи најчесто се раководат од страна на непрофитни добротворни организации, но во истите најчесто на секој кој ќе дојде му се дава оброк, за разлика од банките за храна каде обично општината или социјалната служба ги идентификува социјално загрозените лица на кои им се дава своевиден „упат“ за користење на банките за храна. Загрижувачка појава во Велика Британија е дека во последно време се известува и за воспоставување на банки за храна во рамките на болниците, а коишто се наменети за вработените со оглед на фактот дека дел од медицинскиот и техничкиот персонал не можат да преживеат од своите плати. Во одредени случаи и кујните за супа и банките за храна може да побараат или мала донација од корисниците или пак плаќање на фиксен надоместок за секое користење на услугите, при што износот на донацијата и особено на надоместокот е значително помал од вредноста на примениот оброк или на земената храна.

mmm

Во историјата првобитните форми на кујни за супи се среќаваат на пример во Античкиот Египет, од зачетоците на христијанството, во Отоманската Империја и кај Сиките во Индија. Дури и да може да се разбере потребата од кујни за супа во историското минато, многу потешко е да се разбере потребата од кујни за супа, банки за храна и банки за топлина во 21-виот век и тоа особено во најразвиените демократски земји на западниот свет. Помалку работите и состојбите наликуваат како да се враќаме во времето на Британската Империја на кралицата Викторија, а коишто Чарлс Дикенс прекрасно ги евидентирал во своите дела за идните генерации.

allll

ДЕМОКРАТИЈАТА НЕ НОСИ БЛАГОСОСТОЈБА

Враќајќи се околу четврт век наназад се чини дека повеќето од жителите на земјите во транзиција очекуваа или посакуваа некоја неостварлива иднина, која покажа дека демократијата сама по себе не носи благосостојба, а најмалку за сите и уште помалку подеднакво. Оттука веројатно не се ни за чудење неодржливите состојби кои изгледа дека укажуваат на тоа дека најверојатно еден милион лица треба да пропаднат во екстремна сиромаштија за да може да се „роди“ нов милијардер.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top