Насловна / Архитектура / Архитект Бојовиќ: Блок 5 во Подгорица го изградивме благодарение на конструктивци од Скопје

Архитект Бојовиќ: Блок 5 во Подгорица го изградивме благодарение на конструктивци од Скопје

Архитект Милета Бојовиќ е роден 1941 година во Зминица, Жабљак, Црна Гора. Гимназија завршил во Никшиќ, а Архитектонски факултет во Белград (1966).

Работно престојувал на постдипломски студии во Франција: во Нанси, кај архитектот Жан Марконе (1964–1965); во Париз, во студиото на професорот по архитектура Жан Фожерон (1966–1969) и на Институтот за урбанизам (1967–1969). На Факултетот за литература и општествени науки на Универзитетот Париз X во Нантер, кај професорот Анри Лефевр, работи на својата докторска теза Урбанизмот и архитектурата во Југославија помеѓу самоуправувањето и одумирањето на државата (1975-1978).

Од 1969 до 1994 година вработен е во Републичкиот завод за урбанизам и проектирање на Црна Гора, по што ја основа приватната фирма „Урба проект“ во Подгорица.

Бил претседател на Сојузот на архитекти на Црна Гора од 2004 до 2008 година.

Бојовиќ, кој е автор на архитектонското решение за Блок 5, зборува за настанувањето на населбата во Подгорица и предизвиците што пред него ги поставувала средината.

10

 

Кажете ни нешто за настанувањето на проектот според кој е изграден Блок 5.

На почетокот на 1977 година е распишан конкурс според веќе усвоениот детален план за архитектонско решение на сите станбени објекти во рамки на планот. Градбата почна на 1. октомври 1977. Поединечно се работени објектите, што е и нормално, и мислам дека градбата траеше до 1983 или 1984 година. Постепено течеше и вселувањето. Можеби, всушност, Блок 5 дури сега почнува да живее во својот полн замав и сила.

Како тогаш се планирало и организирало домувањето, денес е тешко да се разбере. Тоа беше период на самоуправен социјализам, кој сега сите го забораваат и го критикуваат, но кој имаше свои предности, особено во областа на урбанизмот и севкупното планирање и проектирање, пред се затоа што се залагаше – почнувајќи од теорија, па до пракса – да се активираат сите луѓе. Излезот од некој тоталитарен режим (тогаш комунистички, а денес капиталистички) се бараше преку самоуправување, како процес кој требаше да ги вклучи сите луѓе во сите одлучувања, сите настани што се однесуваат на нивниот живот, почнувајќи од работните организации до сите државни институции. Една од овие организации беше организацијата за домување, Самоуправна интересна заедница за домување (СИЗ).

Овие заедници ги собраа сите пари од работните организации и институции и организираа станбена изградба во име на самоуправното општество. Подоцна, според учеството на работните организации, делела станови: човекот работеше, и логично, покрај платата, треба да има и некои други бенефиции за да може нормално да живее, за да на крајот на краиштата, може да работи. Така, СИЗ беше организатор и инвеститор на целиот тој зафат, почнувајќи од планирање до изградба. Мислам дека урбанистичкиот план е завршен и усвоен во 1975 година. Две години подоцна, започна реализацијата. Нормално, СИЗ немаше доволно средства за да ја започне целокупната изградба одеднаш, ниту ги имавме потребните технолошки и градежни капацитети. Градевме еден по еден објект. За релативно краток период, со оглед на тогашните услови, го реализиравме проектот: 13 станбени објекти, и дополнителни, пониски згради, наменети за секојдневни активности и потреби кои жителите треба да ги остваруваат на ниво на месна заедница. Капацитет, т.е. бројот на станови е околу 1.800, а нето-површината околу 150.000 квадратни метри – бруто тоа би било околу 180-190.000 квадратни метри, приближно. Имаше и некои недостатоци и пропусти, тоа секогаш оди со големи градби, но мислам дека ова сепак беше голем потфат за тоа време. Ми се чини дека и денес, со сиот наш напредок и исчекорувања – и демократски и во однос на човековите права – имаме многу помалку добри резултати во делот на обезбедување услови за живот и работа за луѓето.

02

На проектот на станбениот блок му претходеше урбанистички план, што значително влијаеше на вашиот проект?

Секако. Автор на планот е колегата Вукота Тупа Вукотиќ – сега велам авторот, иако во она време авторство на урбанистичките планови не постоеше; тоа беше општествена дејност и сите учествувавме во тој процес, заедно го усвојувавме планот, и авторството никој не го гарантираше дури и во делот на реализација. Општеството имаше, да кажам така, монопол над планирањето. Тој план беше одличен, и како таков е и усвоен и испочитуван. Кога денес го анализираме урбанистичкиот план на Блок 5, треба да се имаат предвид две работи: прво, овој булевар што се протега од јужната страна на Блок требаше да заврши на поранешната улица Маркс и Енгелс (денес улица Московска). Понатаму требаше да продолжи пешачката зона, поврзана со Толошката шума, а булеварот требаше да помине низ улицата Далматинска. Во време на изработка на урбанистичкиот план, логично беше да се влегува во Блок 5 од северната страна – од идниот булевар, од главната градска комуникација. Времето си го направи своето, и уште за време на изградбата на Блок 5 јужниот булевар беше продолжен. Таа одлука е донесена надвор од планерските структури, тоа беше политичка одлука, и тој нов дел од булеварот влезе во плановите.

Така, главниот влез во Блокот 5 остана тука, на малата Далматинска улица – денес е нешто проширена, но порано беше прилично скромна, поради тоа малку потешко се пристапуваше до центарот на населбата. Влезот од јужната страна беше слободен за пешаците до пред 10-15 години, кога поставија огради поради што сега е невозможно да се влезе во населбата од главната градска артерија. Треба да барате некои скриени влезови и премини. Сето ова го кажувам за да ја објаснам нелогичноста што ја имаме денес, а која се одразува во тоа што во Блок 5 се влегува од споредна улица, од север, а од друга страна е спречено со некои метални огради и решетки. За тоа, како што гледаме, се одговорни одлуките и пречките и на тогашното и на сегашното време.

И во уште еден дел проектот отстапува од првичниот план. Тогашната јавност беше против изградба на високи згради. Тоа беше мода што пристигна и во Подгорица, и преку сите институции, месни заедници и СИЗ-ови, беше покрената иницијатива да се намали катноста – дури се зборуваше дека не треба да се гради над осум ката во Подгорица. Така, добив задача да се обидам објектите да ги „приземјам“, што значеше дека, во споредба со првобитниот план, зградите треба да се спуштаат во просек за три до четири ката. Со ова е„смирена“ горната регулација на објектите – инаку беше многу подинамична, така се црташе во тоа време. Мене оваа интервенција дури ми одговараше, морам да признаам – немаше причина да барам некоја динамика на таа висина, што не се гледа од нивото на тротоарите, од пешачките позиции. Динамика барав во самите објекти.

11

Кажете ни повеќе за тоа – како дојдовте до идејата врз основа која ги проектиравте овие објекти? Зградите на Блок 5 сè уште привлекуваат внимание и будат љубопитност.

И тука треба да се вратиме во времето на самоуправувањето и да се потсетиме на сè што се случуваше на ниво на филозофија, социологија, уметност, вклучително и архитектура. Фокусот беше ставен на човекот, на улогата и местото на човекот како корисник за кого се гради сето тоа, како централна фигура околу која се вртат и плановите и градот. Многу западни мислители ја земаа за модел Југославија, која беше меѓу првите што тргна кон самоуправување. Неизбежно би го споменал професорот Анри Лефевр, кој во тоа време беше многу влијателен. Тој е филозоф-социолог кој се занимаваше со урбана социологија; неговата книга „Право на град“ беше многу популарна, додека во делото „Производство на просторот“ инспирирано пишуваше за законитостите во односот меѓу човекот, општеството и градот кои задржале континуитет низ целата човекова историја. Со овој проект тргнав во сопствено истражување на овие законитости.

Како во идејата за човекот како центар на градот се вклопуваат интервенциите и надградбите што жителите на Блок 5 самоиницијативно ги преземаа во последните неколку децении, со што се нарушува изгледот и структурата на објектите?

Па ете, и најдобрите намери понекогаш се претвораат во своја спротивност… Како велат: ниту едно добро дело не поминува неказнето. Концептот на Блок 5 во самоуправниот систем подразбираше голем зафат, која по инерција, можеше да се реализира низ монотонија, штанцување, префабрикување, а со самото тоа и поедноставување на сите форми, односно ставање под еден калап: прво на куќите и становите, а потоа и на жителите. Моите амбиции беа спротивставени на сето тоа – сакав да ги индивидуализирам објектите и да ги направам и зградите и населбата препознатливи, што за среќа беше прифатено и поддржано – меѓутоа, не од колегите – изведувачите, урбанистите, архитектите, туку од политичарите. Имавме ете, еден парадокс дека политичарите во ерата на самоуправниот социјализам беа попрогресивни, понапредни од нас како корисници, проектанти и планери. Покрај надворешноста, сакав да ја направам и внатрешноста на објектите соодветна: да им овозможам на корисниците, да можат ентериерите на своите станови, кои им припаднаа според тогашните критериуми и стандарди, да ги прилагодуваат на сопствените потреби, навики и желби.

2

Сите внатрешни преградни ѕидови, освен санитарните јазли, се подвижни – може да се навртуваат, одвртуваат, да се преместат лево или десно или целосно да се отстранат. За сите овие можности и потреби, проектот нудеше решенија, имавме спремни планови. Меѓутоа, и тогаш бирократијата го отежна процесот. Претставниците на СИЗ-от, кои ги застапуваше сите овие луѓе, сами донесуваа одлуки и бираа решенија. Немаше шанса да стапам во контакт со крајните корисници; посредниците бираа кои решенија ќе се применат, така по нивни упати ги реализиравме становите во зградите. Јас се надевав – и очекував, со оглед на техничките можности, дека луѓето ќе почнат нешто да менуваат во своите станбени простори, и бев на располагање на сите.

03

На крајот, се покажа дека немаше голем интерес за промени во тој приватен простор. Многу повеќе „внимание“ привлекоа заедничките тераси, планирани како големи централни простори за соседски собири. Сега речиси сите се присвоени, преградени, завземени. Преку употреба, првобитната замисла сосема е превртена; нудењето на можности, флексибилност и приспособување на сопствениот избор се изроди во своја спротивност. Сите го прифатија тоа што веќе беше направено во становите, не се грижеа за тоа, туку сакаа да грабнат нешто што не е нивно. Така, овде до израз дојдоа поривите за освојување и крадење, особено откако започна транзицијата: луѓето почнаа масовно да заземаат заеднички простори, да доѕидуваат, да прават шупи, соби, куќи за домашни миленици на овие високи конзоли… Имаше разни имагинации. Изградија и по неколку ката, на конзола што е изградена според статичка пресмета за да може безбедно да се носи сама себе, но не и тој дополнителен товар. Сите мои бунтовни реакции преку весниците и телевизиите не дадоа резултат, луѓето овде истрајуваат без страв во тој освојувачки поход, со премолчена согласност од институциите задолжени да го спречат тоа.

04

Во тој поход и зелените површини не поминаа добро?

Нападот на зеленилото почна одамна. Градот почна да ги засадува овие садници, кои сега се големи стебла, веднаш и неколку пати, бидејќи со годините беа уништувани, многупати кршени. Истото важи и за клупите. Постојано се среќававме со оваа агресивност, особено во периодот по 1990 година. Веќе во неколку наврати реков дека Црна Гора, воглавном, беше поштедена од воени разорувања, но многу ги почувствувавме последиците од тие ужаси. Деструктивниот набој кај луѓето беше огромен и го почувствувавме и овде во Блок 5.

Агресијата и незадоволството најпрво се манифестираа во јавниот простор: луѓето како да сакаа да се осветат со кршење дрвја и клупи, паркирање на зелени површини, возење по тротоари и тревници. Потоа дојдоа архитектите, кои почнаа да ги прошируваат малите згради, планирани за потребите на месната заедница, на штета на зелените оази во населбата. Сепак, иако зелените површини немаа многу убава судбина, сепак она што остана, мислам дека е подобро од она што го имаме во другите делови на градот. Внатрешните простори на населбите преку Морача беа исполнети со зеленило и детски игралишта, додека не се потрошија за голем број нови објекти за пазар, изградени таму, бидејќи профитабилноста беше поважна од се – и од аспект на оние што раководат со градот, и од аспект на оние што градат. Зелените површини кои беа одгледувани со децении сега се заменети со згради и покриени со паркирани автомобили, бидејќи изградбата на гаража за паркирање го намалува профитот. Така го создадовме хаосот што го имаме сега.

2 (1)

Можеме да направиме и споредба со новите градски реони. Мислам дека „Сити кварт“, изграден спроти трговскиот центар Делта, моментално е најскапата и најпопуларна населба во Подгорица. Кој не живее во „Сити кварт“, условно кажано, нема право на на граѓанство. Таа локација стана симбол на статус и престиж. Ако го споредиме урбанизмот на Блокот 5 и урбанизмот на „Сити кварт“, и објектите на овие две населби, мора да се запрашаме која категорија на луѓе – дефинирана според интересите, културните афинитети, образованието – го заговара „Сити кварт“,  како посебен квалитет, и урбанистички и архитектонски, критикувајќи ги решенијата применети во Блок 5.

8

Додека работевте на овој проект, како балансиравте помеѓу желбата да ја реализирате вашата визија и потребата да ја задоволите очекуваната форма на станбениот блок?

Секогаш се обидуваме – некогаш помалку, некогаш повеќе успешно – личните амбиции да ги ставиме во контекст на општествените, тука да бараме некаква поврзаност и усогласување. Јас верувам дека ова е единствената шанса тие амбиции успешно да се остварат. Денес луѓето, а особено помладата генерација, ги поврзуваат своите аспирации со целите на промоторите, градителите, актуелните инвеститори на пазарот – и од тоа сите гледаме какви се резултатите. Еве прошетајте следниот пат низ „Сити Кварт“’, да не одиме подалеку од тоа. Овде во Блок 5 работевме поинаку, идеите беа вкоренети во вредностите на тогашниот општествен систем. Верував во утопии и мислам дека тоа е многу важно за еден млад творец: ја проучував историјата на утописката мисла, од Платон до ренесансните утопии, од Томас Мор до Кампанела и „Градот на сонцето“. Потрагата по идеално општество и идеален град, врската помеѓу градот и граѓаните – во таа насока се движеа моите амбиции и амбициите на тогашното општество. Со оглед на отпорот на кој наидов во процесот на работа на овој проект, почнувајќи од колегите и се по ред, мислам дека можам да кажам дека моите амбиции беа поголеми од оние кои тогаш ги имаше моето опкружување…

0

Се гледа дека идеологијата ја инспирирала функцијата, но во тој процес формата не е жртвувана – тоа е значаен успех.

Можеби ќе бидам нескромен, но тогаш навистина ги следев случувањата на европската сцена. Поминав некое време во Франција и занимавав со урбана социологија како студент на Анри Лефевр. Отидов во Париз како апсолвент во 1964 година и таму бев до 1969 година. Тоа беше, како што знаете, многу интересен период. По среќна случајност имав можност да бидам во Франција во тоа време на кулминација на европската мисла. Сите тие нереди, студентски и работнички демонстрации, едно огромно движење кое на некој начин го допре целиот континент – тоа навистина беше културна револуција, со извонредни амбиции и соодветни пароли како што е прочуената „Бидете реални – барајте го невозможното!“. Затоа сега ги спомнувам утопите: нека биде утопијата недостижна, но вербата во идеалот ни помага да го направиме неопходниот исчекор. Без утопија, без некоја важна цел, без некоја голема идеја што стои пред нас, не можеме ниту да се движиме во вистинската насока, ниту да чекориме напред. Макијавели велел: „Треба да целиме многу повисоко од целта за да ја погодиме целта“. Така треба и амбициите да бидат многу поголеми од можните исчекорувања. Реалноста, навистина, започнува тука: треба да го бараме невозможното, за да постигнеме нешто реално.

Во текот на 60-тите и 70-тите години имавме експерименти и цели пресврти во Франција во сликарството, скулптурата, музиката, архитектурата… Тоа беше обид на синтетиза на уметноста. Професорите на долго и широко ни го раскажуваа истото, додека синтезата се трудеше да се реализира во пракса – мислам, навистина, дека така дојдовме до нови уметнички изрази кои се доминантни и денес. Ако од нешто бев инспириран, тоа беше слободата на обликување во скулптурата, слободата во сликарството. Границите се губеа: беше тешко да се тврди според некои стандардни критериуми што е сликарство, што е скулптура, што е архитектура. Така влегов во овој проект со амбиција да постигнам синтеза, и се обидов. Ми беше ускратена бојата за тоа да го заокружам и да ја направам поцеловита.

005

Какви предизвици пред вас постави околината?

Еден значаен придонес, или барем технички исчекор во проектирањето, беше тоа што како посебен прилог на проектот, направив план за бојадисување на фасадите на Блок 5. Во тоа време тоа веќе се практикуваше во светот, но оваа идеја беше нова за Црна Гора. Колегите кои беа против моето конкурсно решение и против овој проект, ја бараа секоја шанса нешто што беше толку ново, на што тие не беа навикнати, да го осуетат и оневозможат. Кога почнавме со бојадисување на фасадите, според проектот – веќе имавме нарачано бои, изведувањето веќе беше во тек – противниците покренаа иницијатива тоа да се запре. Боите што ги избрав беа компонирани за да ја подцртаат и да ја поддржат структурата, да го нагласат она што го правевме во волумените, во конструкцијата. Реакцијата беше веќе видена: се повтори приказната со која првично беше дочекана самата идеја за ваков Блок 5, кога струката се противеше на индивидуализацијата на објектите. Успеаа во тоа да го спречат проектот за колоритот на фасадите, и на крајот Блокот 5 беше обоен на начин што ја поништи разиграноста и богатството на волумените на објектите. Ете, секој период има свои предизвици – веројатно нема идеално време за архитекти и урбанисти.

Меѓу „непријателите“ на Блокот 5 беа и конструктивците: сите, но буквално сите што се занимаваа со ова во Црна Гора, застанаа зад некои претходни достигнувања, убедени дека распонот на објектите што јас го зацртав со проектот, невозможно е да се изведе во трусно подрачје. Имаше тука уште многу причини и изговори, но знаев дека како архитект, сум направил исчекор во однос на конструктивците и не се откажував од првичната идеја. (Денешните конструктивци се далеку понапред од архитектите, конструктивните можности за градба не се користат ниту приближно доволно.)

9

Блок 5 на крајот го изградивме благодарение на конструктивци од Скопје. Во периодот од 1963 година, кога ужасен земјотрес го погоди Скопје, до крајот на 70-тите кога ги започнавме работите на Блок 5, во Скопје е формиран фантастичен тим на конструктивци кои се школуваа во Јапонија, Калифорнија и на други места; го имаа Институтот за земјотресно инженерство на Градежниот факултет и тоа сигурно беше најдобриот тим на градежни инженери, констриктивци во Европа. Бидејќи мојот проект овде беше оспоруван, и тоа преку колегите од Републичкиот завод за урбанизам и проектирање, каде што работев и со кои инаку соработував, побарав арбитража и ја добив поддршката од градските челници. Отидовме во Скопје и се случи пресврт во моја корист: не само што беше пофален проектот, туку во Скопје беше организирана и изложба на конкурсниот труд, каде што беше прикажан Блокот 5 како пример за тоа како може и во трусно подрачје да се направи нова, поинаква архитектура.

Објаснете ни какви конструктивни решенија се применети – едноставно кажано, како е постигната стабилност на конзолите?

Мојата теза беше дека треба да биде искористен целиот вграден материјал, да нема никакви елементи во конструкцијата што не работатт, кои не придонесуваат за целокупната стабилност – да речеме дека сакав сите членови на општеството и сите делови на куќата да биде активни и да функционираат. Имавме прописи за тоа колку арматура мора да се вгради во ѕидовите. Јас велам: сакам таа арматура да функционира, бидејќи во спротивно зошто само поради прописи би се додала арматура во бетонски ѕидови, ако не треба да ја користам и активирам? Значи, овде се работи само за активирање на материјалот. Имаме бетон, имаме во него арматура, зошто – статички гледано – да гледаме само на вертикалата, кога можеме да го рашириме материјалот од страна? Се изборив конзолите да бидат до пет метри, иако би било возможно и шест метри. Нема тука дополнителна арматура и дополнителен бетон, користевме само она што би било вградено и ако куќата ја задржаше само основната вертикала. Армираниот бетон, тој носечки конструктивен елемент можеше да се обликува по желба. Да ја заокружим приказната: не измислив јас ништо ново, само го искористив знаењето на другите луѓе, од други области.

000

Повеќе пати ги спомнавме разликите меѓу она и ова време… Што мислите за иднината на архитектурата и урбанизмот?

Морам да признаам дека архитектите од мојата генерација беа во предност во однос на оние што сега влегуваат во оваа област. Имам три деца и сите се архитекти и не можам да не бидам загрижен за нивната судбина. Ние како архитекти, имавме цели: општествени, можеби утописки, што ни дааваа шанса да се браниме на теоретско ниво, да ги образложиме нашите амбиции и идеи. Пред црногорскиот партиски и државен врв јас успеав во тоа, и да дојдам до луѓето кои одлучуваат, и да им го објаснам концептот, што сакам да постигнам со Блок 5 – и тие луѓе тогаш даваа поддршка, бидејќи тоа беше на ниво на општествените и политичките цели на општеството.

Денес целта над целите ни е профитабилноста, профитот е над се, профитот кој некаде ќе оди – нема да остане и да се материјализира во Црна Гора. Тешко е да се најде аргумент кој има творечки дострели, ако се се прави само за да се зголеми профитот на оној што инвестира. Со каква форма тоа резултира, каква архитектура, какви материјали, каков квалитет на изведба? Сето тоа се споредби меѓу тогашниот и сегашниот општествен систем, меѓу идејата и реализацијата на Блок 5 и Сити Кварт.

002

Начинот на кој се развиваат трговскиот центар Делта и Сити Кварт, кој го следиме во последните години, не е изненадување: сè што се случува овде е веќе предвидено во книгите на познатите социолози од 20. век: и Лефевр, и Бодриар, кој го наследи и Маркузе. Тие препознаа, не предупредија дека ќе се уништат малите дуќани, кафулиња и продавници за секојдневни потреби – дека ќе ги изгубиме тие препознатливи места на улица, во соседството, каде што работат луѓе што ги познаваме и со кои имаме врски. Сето ова ќе биде заменето со огромни трговски центри, каде што ќе се вршат сите услужни активности, но – што е особено поразително – и културни активности. И еве, сега сме сведоци на тоа: Делта Сити редовно организира различни програми, со поддршка од институции, во кои понекогаш се и факултети. Од друга страна ги занемаруваме и уништуваме домовите на културата. Имавме предупредувања дека тоа ќе се случи во стручни анализи уште пред 50 години, но тоа не ни помогна многу… Сега можеме само да констатираме: ништо ново.

Разговорот со авторот, направен е во рамките на проектот Architour.me кој во 2016 година го реализираше во Подгорица групата Градио Извор: Вијести

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top