Насловна / Вести / Урбанизмот се самоуби во Скопје

Урбанизмот се самоуби во Скопје

Скопје расте, но не се развива адекватно, туку токму спротивното, станува место во кое се живее сè понеквалитетно. Во град кој е развиен по должина, а има можност да се развива и во ширина, т.е. на нови простори каде е можно да се изгради и адекватна инфраструктура и соодветни придружни содржини неопходни за квалитетен живот во урбан простор, во последните две децении се случува „инвазија“ на постоечките градски четврти, а со тоа и промена на концептот на живеење.

4H5A4082

Последици на овие случувања и на недоволно добропланираниот раст, се недоволна и несоодветна инфраструктура за новоизградените објекти и предвидениот број жители во нив, почнувајќи од основните комунални инсталации, како водовод и канализација, до мошне проблематичниот на ниво на речиси целиот град, недостаток на јавни зелени површини, паркирање (и тоа и за станарите во новоизградените објекти), објекти со јавна намена – градинки, училишта, здравствени домови, паркови, игралишта. Зошто е тоа така? Затоа што урбанистичкото планирање кое се спроведува е инвеститорски урбанизам.

4H5A4088

УРБАНИЗМОТ Е НУСПОЈАВА НА ЖЕЛБИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ

Законот за урбанистичко планирање вели дека „во просторот опфатен со урбанистичките планови, јавен интерес е уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и зачувувањето на природните и културните вредности на просторот“, исто така и дека „се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон“. Но, на дело е друг концепт – инвеститорски урбанизам, односно начин на водење урбана политика кој најчесто овозможува спроведување на сите (материјални) интереси на инвеститорот, а на штета на јавниот интерес и на потребите на граѓаните.

4H5A4092

Урбанистичкото планирање кај нас всушност е нуспојава на желбите на инвеститорите. Наместо урбанизмот да го лечи градот, неговите контраиндикации силно удираат на јавниот простор, па така наместо повеќе простор за престој на граѓаните, како несакани дејства добиваме сè потесни тротоари, (на дел од нив и паркирани возила за кои, замислете, паркирањето се плаќа), кои граѓаните буквално ги исфрлаат да пешачат по сообраќајниците, велосипедски патеки загрозени од возила, наместо дрвја, се добиваат саксии по тераси или бајки за некави зелени кровови, кои концепти поради скапото и сложено одржување не се применуваат масовно ни во многу побогати земји.

4H5A4129

Омиленото прашање до планерите е врз основа на кои параметри сте планирале? И ќе остане без одговор, затоа што параметри немаат, а и ако ги имаат не се сигурни дека се точни. Во меѓувреме заборавиле дека урбанизмот се менува како и светот, па така и тие мора да се менуваат и унапредуваат. Инаку зошто служи децениската работа и искуство?

И така урбанизмот се самоуби. Ѓаволот, односно политичарите и инвеститорите си дојдоа по своето. Планерите избраа страна, и станаа лесна и евтина стока, додуша не сите се продадоа само за плата. Има ретки исклучоци, но тие се сметаат за изгубени случаи. Во работењето природно е и потребно да се спротивставуваат ставови, но здрав натпревар на идеи и дебати не постои.

4H5A4140

Да се потсетиме (а полека се заборава), се направи обид со Конкурсот за локацијата „Треска“, но резултатите очигледно на сопствениците на локации, а и на надлежните, не им одговараат, бидејќи општината се однесува како тој да не се ни случил.

ПЛАНИРАЊЕТО ПОЧНУВА И ЗАВРШУВА СО ТРИТЕ МЕТРИ ОД ГРАДЕЖНА ПАРЦЕЛА

Скопје веќе не се гради како целина, сè повеќе се обликува како делови од поединечни објекти или микроамбиенти. Речиси потполно престана да постои целосен аспект на планирање на град. Дури ни урбанистите кои ги работат деталните планови не го согледуваат целосниот аспект, не знаат што се случува ниту во соседната четврт, туку слепо се фокусираат на предметниот план додавајќи катови на катастарски парцели, формирајќи површини за градење со поместување на линијата на имотната парцела на растојание помеѓу површините за градење и границите на градежната парцела најмалку три метри за градби високи до 6,6 метри, за оние повисоките прописите се други, но генерално планирањето почнува и завршува со трите метри од градежна парцела и дозволена бруто-развиена површина, секако еркерите не влегуваат во истата.

4H5A4165

На ова уште треба да се додаде дивата градба која слободно може да стане симбол на планирањето во земјава и нејзиниот развој. И наместо државата да интервенира и да ги сруши дивоизградените објекти, доградби, надградби, носи закон за нивна легализација кој рок го продолжува повеќе пати. Директно ги толерира дивеењето и кражбата со што директно ја одобрува загрозеноста на населението. Јасно е и гласно дека нелегалното градење е кривично дело, а државата сторителите ги наградува. Истото важи и за сите соучесници кои со своите дејствија воделе до сè што е нелегално и повторувам, загрозувачко по безбедноста на жителите.

4H5A4103

ДУП – „ЧАДОР“ ЗА НОСЕЊЕ ПРОБЛЕМАТИЧНИ ОДЛУКИ

Ако погледнеме наназад ќе констатираме дека во поранешниот систем државата била „главен инвеститор“, дека тогаш постоело долгорочно планирање, кое имало и свои мани (детерминистички аспект, непроменливост и нефлексибилност) и свои предности (планирањето внимателно го третирало градското земјиште, контролирало користењето, постоела контрола над ликот, димензиите и елементите на развитокот на градот). Скопје во некои свои делови останало недооформено, поточно недоизградено, плановите се оформени, но не и до крај реализирани. И наместо да покажеме дека умееме да почитуваме и полека да ги спроведуваме, или, бидејќи мислиме дека „повеќе не бива“, да направиме нови и подобри, ние се доведовме во ситуација кога на државата не ѝ е грижа, а се јавуваат слободни актери и лични интереси (читај профит), кои ниту имаат поглед на состојбите, ниту ги интересира. Случајот со единствената преостаната  локација во строгиот центар на Скопје, единствениот „плоштад“, е најсвеж пример, можеби последната пропуштена шанса да покажеме дека умееме подобро од она што со децении му се случува на Скопје. Но, не – наивно поверувавме дека со „Скопје 2014“ конечно ја научивме лекцијата, за многу брзо да ја повториме грешката, е овој пат со „посовремено“ архитектонско обликување. А ДУП-от остана да биде „чадор“ за носење проблематични одлуки за уредување на просторот со максимална политичка поддршка на личниот интерес. За „Скопје 2014“ гласно ни кажаа и покажаа што ќе ни се случи, додека гласно се смеевме неверувајќи дека е можно. Овој пат не дека некој поверува, но сепак потајно се понадева дека можеби ќе биде поинаку, за да биде најбезобразно омаловажуван дека сака да засади нива со брокули, додека некој сесрдно го подари ДУП-от, новите „симболи“ и „иконични“ објекти на градот никнуваат, а уличето „Мирче Ацев“, волшебно ќе се претвори во булевар, за подземната улица (предвидена со планот) не е сега моментот да прашуваме.

4H5A4174

ПЛАНОВИТЕ СЕ НЕПРИМЕНЛИВИ

По децении неуспешна борба против корупцијата во урбанизмот Општина Центар воведе Мораториум за градење. Но, бидејќи ниту актуелната власт, ниту опозицијата во ниту еден момент вистински не застанаа зад оваа одлука, Мораториумот доживуваше многу сопки и саботирања од судот, инвеститорите, сопствениците на локациите, планерите, архитектите. Донесе само напредок во делот на широко општествено препознавање на проблемот и подигање на свеста за значењето на плановите и можноста граѓаните да влијаат (за последново не сум сигурна). Но Мораториумот не успеа, не ги разреши проблемите. Го извади пред јавноста валканиот веш, она што архитектите веќе го знаеа – како се планира: не се почитуваат ниту, со закон пропишани, стандарди и нормативи за заштита и спасување, заштита на животната средина, сообраќај и безбедност во сообраќајот, комунални услуги, заштита на културно наследство, параметрите зададени во ГУП-от селективно се исполнуваат или не исполнуваат, со најголеми пречекорувања во бројот на предвидени жители, постојната состојба не е доволно ажурирана итн. Сите овие забелешки беа доставени до планерите и она што за мене беше најневеројатно, се очекуваше истите оние кои ги направиле (свесно, по наредба или од незнаење) да постапат по нив.

4H5A4161

Мораториумот имаше влијание и на градењето, а со тоа и на работата на проектантите. Постои една дилема која не гледам дека се разрешува, најголем дел од локациите во општината се изградени, закочени се оние преостанати „ќумези“  кои чекаат инвеститорот да им изгради станови, што со нив? Во меѓувреме општината има повисоки критериуми, 20 отсто зеленило на локација, 50 отсто дозволено паркирање возила со механизми (лифтови) итн. Но, сето тоа на истите планови. Едноставно законските услови и нормативи е невозможно да се спроведат во постоечките планови, што значи тие се неприменливи, мислам и на плановите и на стандардите.  Многу би сакала општините да излезат со статистика колку проекти добиле одобрение за градење со паркирање предвидено со механизми, а колку од нив се реализирани според одобренијата. Мислам дека речиси ниту еден. А зошто е тоа така? Па повторно заради неприменливоста на плановите, димензиите и геометриите на површините за градење често се несоодветни со дозволените површини за градење и не кореспондираат со стандардите и со нормативите за проектирање. И не, не се за ова криви инвеститорите. Криви се прво планерите, а потоа сите по ред во непрекинатиот ланец.

4H5A4066

УРБАНАТА НОРМА Е ЈАВНО ДОБРО

Свеста за потрошливоста на просторот како ресурс, односно неговата незаменливост, декларативно е прифатен факт. Но сè до моментот, додека не дојде на ред личниот интерес, приоритет е што повеќе изграденост и „станови за децата“.

Проблемите се цело време исти, не сме напреднале во борбата за подобро урбанистичко планирање. Скопје стана град на поединечни објекти и ситуации. Урбанистичкото планирање долгорочно, среднорочно или краткорочно сè помалку е значајно бидејќи објектите се „случуваат“ како посебни одобрени проекти, зависно од инвеститорот и од интересот. Во планирањето се повеќе недостасуваат анализи, а користа од студии е непроценлива и вон процедурите на плановите поради добивање аргументи во процесите на носење квалитетни одлуки за просторот. Односот на јавните и приватни интереси во градскиот простор е посредуван со особеностите на градот како човечки, општествен и историски артефакт. Затоа поимите јавен и приватен интерес немаат само економско значење, ниту можат да бидат сведени само на економска димензија. Амбиенталните карактеристики на градот не се само прост збир на приватни интереси на приватните имоти, туку посебни вредности што ги прават јавните добра. Во поглед на сопственичкиот статус јавното добро може да биде и приватно. Јавните интереси во приватните сопствености се утврдуваат со воспоставување на статусот на доброто и режимот на негово користење пропишан од надлежната институција на основа на законските прописи.

4H5A4099

Покрај материјалните добра, во градот секако има и нематеријални јавни добра, така што претходните размислувања важат и за нив. На пример, урбаната норма е јавно добро што обезбедува соодветни стандарди и квалитет на живот. Урбаните норми штитат различни интереси, како индивидуалните интереси на граѓаните, така и јавните интереси на градот како заедница. Нематеријалните вредности кои на градот му даваат соодветно ниво на урбаност и посебност, на пример, амбиентални вредности и амбиентални целини, урбаната матрица, градската меморија, симболите на градот, сликата на градот, градските силуети итн., се исто така јавни добра на град, кои бараат дефинирање на статусот и заштитата на ист начин како и материјалните добра.

4H5A4133

НЕОПХОДЕН НИ Е ТИМ ОД ЕКСПЕРТИ

Состојбата со градот ни е таква каква е и назад нема. Единствено што можеме да направиме е да почнеме да планираме стручно и одговорно. Што значи тоа? Колку и да звучам контрадикторно, но преостанатите спорадични „ќумези“ во центарот, а реков малку останаа такви, не може да ги оставиме неизградени. Да им дадеме и ним „станови за децата“ и да ги тргнеме од глава, така ни е како ни е, се „заиграа“ и инвеститорите и сопствениците, ги пуштивме од Аладиновата ламба. Поголемите опфати во градот мора да подлежат на анализи. И да, и анализите и плановите не можеме да ги направиме сами. Состојбата предолго трае, големи планерски куќи и институти одамна не постојат. Едноставно покажавме дека не знаеме. Планерите и планерките, оние повозрасните, и ако некогаш и работеле во реномирани планерски куќи и институти или не ги бивало и тогаш, или заборавиле како се планира, а тие се веќе со долгогодишно искуство.

4H5A4077

Помладите откако се родени планирањето тоне, па и немале шанса да видат како треба. Сказните за градовите кои направиле пешачки зони, паркови, квалитетен јавен превоз, семејни и безбедни населби, иконични објекти, градски силуети, кои го издигнале јавниот над приватниот интерес ги знаеме. Но, градот од бајките не е дело на еден човек и не се прави за кратко време. Неопходен ни е тим од ескперти од различни области, а таков за жал немаме. Затоа наместо да зборуваме ќе слушаме и работиме. Треба да го обработиме просторот што ни преостана, а за тоа некој треба да седне на маса. Ако навистина се залагаме за квалитетен урбанизам, не само декларативно, ќе повикаме странски експерти. Ќе ги платиме скапо, што секако е поевтино од она колку не чини урбаниот хаос, ќе ги донесеме и ќе им помагаме да ни го направат градот. Па покрај пристоен град за живот, ќе ни останат и квалитетни експерти, а наши, кои го испекле занаетот.

4H5A4121

Одговорното управување мора да има свест за процесот на урбанистичкото планирање преку кое мултидисциплинарни тимови доаѓаат до квалитетни, применливи урбанистички решенија. Затоа погоре велам дека инвеститорите не се криви, тие се однесуваат онака како што им дозволуваат урбанизмот и надлежните. Впрочем урбанизмот и постои за да ги конторилира и стави барањата во одредени рамки.

„ПОЗИТИВНО ОГРАНИЧУВАЊЕ“ НА АПЕТИТИТЕ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ

Сегашната ситуација покажува дека инвеститорот е „неограничен“ – неограничен во своите апетити и дека може самостојно да носи одлуки, и дека своите апетити може да ги реализира без оглед на тоа дали се вклопува поединечен објект или амбиент во вистинскиот интерес на градот – граѓаните. Приватно-јавното партнерство во просторното планирање може да биде и корисно и да овозможи јавен интерес, но тоа треба да се стави во соодветни рамки, кои од една страна ефикасно ќе ги санкционираат апетитите на приватниот инвеститор, а од друга страна во голема мерка ќе го манифестираат јавниот интерес. Инвеститорите би требало да дојдат на веќе припремен, истражен терен, а управата (општината, државата) би требало да им понуди различни локации кои се однапред проучени и назначени како приоритетни. Значи урбанизмот е тој кој ги одредува големината на инвестицијата, каде, колку и зошто, а не обратно. Принципот на „позитивно ограничување“ на апетититите на инвеститорот треба да функционира во просторното планирање во континуитет. Секако дека мора да се гради и развива градот, секако дека приватните инвеститори се добредоједени, но треба да постои хиерархија на одлучување, кои се приоритетите каде инвеститорот би можел, и по желба и потреба на градот, би инвестирал. Потполно е разбирлива желбата на инвеститорот да го оплоди својот капитал со градење, меѓутоа носењето на одлуките за тоа, каде, колку и како да се инвестира, мора да биде направено на соодветен начин, насочувајќи го инвеститорот на приоритетните подрачја, со почитување на сите закони и постоечки структури на просторот.

4H5A4115

Убавината е во мерката, складот, амбиентот, атмосферата, чувството на заштитеност, во доживувањето на историјата во сегашноста, може да се наведат многу работи. Во последните децении ниту урбанистите, ниту сообраќајните инженери не придаваа подлабоко и посебно значење на градскиот простор и на градскиот живот.

Поради сето наведено, неопходно е постојано да следиме што се случува, да инсистираме на стандардите на урбано живеење, особено затоа што ние во еден период веќе и ги достигнавме, да не дозволиме и понатаму да се нарушуваат, во интерес на личен профит, а на штета на граѓаните и на јавниот интерес.

Автор: Сања РАЃЕНОВИЌ – ЈОВАНОВИЌ, дипл.инж.арх.

Фото: Киро ПОПОВ

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top