Урбанизмот наједноставно кажано се занимава со подобрување на квалитетот на животот во градовите, во зависност од околностите во кои тие градови се развивале низ историјата. Што прават денес урбанистите – па округот на нивните дејствија за жал зависи од тоа што „им е дозволено“. Нивниот домен на работа е исклучително широк, како и опсегот на работни места што можат да ги извршуваат, главно поради гаењето на широкоградост кон различните медиуми и сфери, градители на едно општество.
Да си урбанист, значи да си двигател на промени во еден систем. Да го познаваш градското ткиво, неговата култура, обичаите, демографијата, социологијата, реалните потреби врз кои почива секојдневниот тек на една нација. Добро да го набљудуваш однесувањето на корисниците во јавниот простор, да умееш да ги детектираш недостатоците, воедно со своите плански решенија успешно да придонесеш кон сеопшто оптимизирање и унапредување на животниот стандард, да умееш да сонуваш.
Урбанистите се воедно чувари на културниот идентитет на една нација, доколку градот може да го дефинираме како ризница или музеј на културата и вредностите кои се наслојувале на едно тло и градат одредена заедница, но во исто време визионери на инклузивни јавни простори, кои континуирано работат кон имплементирање на модерни урбани практики и решенија, кои поттикнуваат активност, одржливост, еднаквост, во исто време имајќи го предвид унифицираниот хиерархиски „след“ на минатите стратегии и визии за истиот.
Дали има независен урбанист или мислител, не сум сигурна, но ако се земе предвид дека темите со кои се занимава урбанистот се теми за напредок на едно општество, мерките и решенијата што можат да ги преземат директно зависат од општеството во кое работат. Свесноста за просторот околу нас е тема која својот адекватен назив „урбанистичко планирање“, го добива далеку подоцна, но како домен е актуелен уште од античко време. Уште Сенека во неговите писма посветени на неговиот пријател Луциј пред нешто помалку од 2000 години ги актуализира условите во градот: „Ме прашуваш, како ми користеше одлуката да отпатувам? Штом зад себе ги оставив тешкиот градски воздух и реата од чадливите кујни, кои заедно со прашината ги исфрлаат сите штетни материи по улиците, веднаш почувствував подобрување на мојата здравствена состојба. Што мислите, колку ми е подобро од кога дојдов во моето лозје? Веќе закрепнав, тој физички замор го нема и веќе ништо не ме спречува слободно да дишам и размислувам…“
Прашања со кои се занимаваат современите урбанистички практики до ден денес.
Со гентрификацијата и со сè поголемиот процент на демографска непропорционалност во градовите на сметка на руралните предели, притисокот кој му се наметнува на урбаното тло, денес е огромен. Побарувачката за квадрат плус станбен простор расте, а со тоа и цената на чинење на истиот не земајќи ги во обзир контекстот, квалитетот на просторот, локалниот контекст и неопходното вмрежување на намените, физичките дистанци до урбаното зеленило, изложеноста на урбаните стресори и ред други прашања, аспекти на кои треба да внимава идниот потенцијален купувач. Па оттука се наметнува прашањето кој всушност денес треба да гарантира за квалитетниот животен стандард?
Класичната дефиниција за урбанист, преведено во домашниот контекст се занимава со производство на просторни решенија, поголеми просторни целини во чии рамки тој се обидува да поместува различни просторни интереси и да решава постојани инфраструктурни проблеми. Само во некои ретки ситуации може да си дозволи сопствената идеја за развој да ја имплементира во тие просторни решенија, најчесто ако се работи за одредба која агресивно не ја видоизменува приватната сопственост.
Меѓутоа денес, веќе не е доволно да се осмисли и да се нацрта, како и да се акумулира добро решение, туку урбанистот треба добро да владее со контекстот за кои тие решенија се развиваат, односно мора да го промисли начинот на реализација на тие решенија.
Ако истиот не се занимава и не ги контролира инструментите клучни за имплементирање на просторните решенија, тогаш многу тешко се доаѓа до нивната реализација и поради тоа, урбанизмот сè повеќе се претвора во непродуктивна пракса, ако ја набљудуваме од агол на произведувач на просторни решенија, во макросветот. И тоа е еднолично општоприфатено видување на професијата, иако за урбанизмот и за архитектурата важни се и многу други доедукации коишто немаат врска со самата професија туку служат за оформување на проектантскиот и планерски израз, долж кариерното реализирање.
Архитектот или урбанистот пред сè има улога на медијатор помеѓу различните интереси во општеството. Затоа и сферата на неговото делување секогаш бдее помеѓу светото тројство политика – капитал – култура.
Урбанистичкото дејствување е и политичко дејствување
Политика е секое делување во јавната сфера, па оттука сè она што е позиционирано кон заедницата и промените во истата, е и политика само по себе. Оттука неизбежно е да се констатира дека урбанизмот може да се дефинира и како сфера на политичко делување. Ако се земе во обзир фактот дека урбанистот со сопственото дејствување влијае на заедницата, и на поединците, следствено доаѓа до промена во јавниот дискурс, било тоа да е микро или макроодлука, станува збор за цела низа од просторни акции во јавниот простор, односно во политичките дејствија.
Недостатокот од зелени површини и од други природни ресурси, борбата за сончева светлина, автоцентричноста, недостигот од паркинг-простори, појавата на урбани стресори (бучава, аерозагадување,), урбаниот метеж, неоптимизиранот јавен превоз, дисконтинуитетот во велосипедската инфраструктура, малкуте инклузивни јавни простори, зголемениот процент на психички нарушувања кај населението и други здравствени проблеми, се само дел од последиците од низата непромислени макро и микроодлуки на чинителите во просторот, а кои директно ги афектираат корисниците на единица површина.
Па оттука произлегува дека сите мораме да се занимаваме со политика, бидејќи тоа е наша обврска како граѓани и припадници на ова општество, секако доколку се сметаме за такви, ако не ние сме само обични поданици. Политиката пак, од друга страна често е демонизиран термин бидејќи во најголемиот случај се меша со политиканството и со делувањето исклучиво на политичките партии, па оттука и е ултрапопуларно меѓу луѓето кои се инертни од конкретната состојба и од квалитетот на животот во државата под изговор дека се аполитични. Што е во голема мера, лага.
Актуелниот општествен поредок во кој се наоѓаме го фаворизира капиталот како најмоќно оружје, па оттука поседувањето на истиот ја генерира можноста за креирање на правилата во заедницата. Бидејќи капиталот по дефиниција има тенденција да се мултиплицира и шири, тоа најчесто се случува на грбот на ресурсите меѓу кои е и земјиштето. Ние сме во фаза кога неолибералниот капитализам буквално ја уништува планетата, па она што директно се прелева во нашиот контекст е односот кон земјиштето.
Притисокот од тоа што повеќе да се заработи и изгради, релативно е поттикнат од корисниците како резултат на финансиската неукост во менаџирање со инвестициите, општините како единствен изговор за генерирање на средства, инвеститорите и архитектите како алатки и посредувачи во процесот. Па така, со секоја интервенција всушност тоа земјиште е нападнато без разлика од природата на проектот кој се работи. Затоа нужно е да се изгради критички став кон тој производ. Дали ќе работите во служба на зголемување на тој капитал, што и не мора секогаш да биде лошо или тој ќе генерира други последици по градското ткиво е сосем друго прашање. Но, едно е сигурно, земјиштето е скапоцен и необновлив ресурс, што доколку се изгради нема назад, уште помалку ако тоа се случи неплански.
Каква е ситуацијата во заедницата денес и каде урбанизмот се движи денес?
Кризата во архитектурата е и длабоко поврзана со социјалната криза. Во оваа смисла, урбанистичкото планирање е прво на удар, како едно од најважните прашања од општествениот развој. Затоа, не е ни чудно што живееме во време на најголемо уништување и бесмисленост на урбаната практика во последните 100 години. Моментално воспоставениот партиски систем свесно ги потисна сите фронтови на разумно планирање на урбаните и на руралните средини. Одлуките се носат исклучиво авторитарно од горе надолу. Во таков општествен поредок, нема место за рационално одлучување, кое ја карактеризира секоја наука, вклучително и урбанистичкото планирање.
Честата измена и неусогласеноста на законската регулатива, актуелниот закон за урбанистичко планирање, особено со одредени плански одредби кои непромислено произлегоа како негов брилијантен производ, сегментираното решавање на просторот, неажурираноста на стратешките документи, односно немањето соодветна просторна рамка која ќе го гарантира просторниот развој во иднина, Законот за легализација, приматот на приватната сопственост, за сметка на јавната која не ја заштитуваме, се само низа од случувањата кои ги разорија принципите врз кои се темели оваа професија.
Урбанизмот од позиција на донесување одлуки
Но што поединецот може да направи, па и не многу доколку е сам. Гласот на поединецот е слаб освен ако не се работи за поединец на моќна позиција. Институциите кои треба да ги штитат бедемите на струката се клекнати на колена, кубурат со кадар, немаат ниту доволни средства за надлежностите кои им натежнале на рамената, во името на божемната децентрализација. Да не се лажеме, таа постои само на хартија, а конците, секогаш ги држи главниот политички апарат кој е составен од партиите на власт. На никој не му одговара општините да бидат финансиски независни и сами во својот домен да ги креираат просторните политики и останатите прашања од општествениот живот што ги засегаат граѓаните, нормално во рамките на повисоко хиерарски утврдените развојни документи.
И во таква една клима, да си урбанист е предизвикувачки бидејќи единствено можеш да придонесеш со своето знаење онолку колку ќе дозволи интелектуалната клима во институцијата, или ќе се бориш со ветерници, во најлош случај ќе го исклучиш свесното од себе и интелектуалниот интегритет и ќе работиш како секоја административна работа, што за жал е смрт на умот и на сопствениот потенцијал. Оној пак кој излегол од оваа рамка и јасно го артикулира својот став претежно е осуден дека е неслушнат, несфатен и на маргините, поради своето интуитивно претскажување на реперкусиите по просторот.
Во исто време интелектуалната кратковидост на градоначалниците и на советите, која произлегува од природата на Изборниот законик за реизбор на секои четири години и од немањето слух кон суштинските теми, го произведува дисконтинуитетот во планирањето, па така наместо да се работи кон континуирано унапредување на заедницата и да се слуша гласот на граѓаните, во најголем број од случаите, во фокусот е имплементација на проекти „коишто се инстант видливи“. За жал, донесувањето на повеќегодишни стратегии и програми за развој, заштитата на природните ресурси и донесувањето на урбанистички и просторни планови, не е една од нив. Нивната изработка, донесување и имплементирање бараат континуитет, посветеност, ресурси и време.
Jазот помеѓу фелата и обичните граѓани и како да се надмине
Од друга страна пак, колку и никој да не споменува јавно, стихијно се случува стереотипна деградација и помеѓу колегите урбанисти од различни фронтови. За оние од научната фела, најчесто се смета дека во континуитет сонуваат и немаат допир со реалноста, за урбанистите во институциите дека се инертни, немотивирани, корумпирани и професионално неажурирани и секако најстручните и најиновативните кои работат во урбанистичките куќи, поданици на инвеститорскиот урбанизам, кои ревносно го моделираат просторот, по желба на поединци, често сувопарно следејќи ги хиерархиски повисоките планови и во даден момент по потреба си поигруваат со недореченостите во законските прописи.
Причините зошто стереотипите настанале може да ги бараме од една страна во евидентниот јаз помеѓу нас и нив, помеѓу урбанистите и сите други „обични смртници“, кои во поголемиот дел од случаите немаат поим, што идно се планира на квадратен метар површина, Дефинирајте го тоа како предност или проклетство, во моментов е неважно. Она што директно се наметнува како прашање е тоа како да ја разбудиме колективната свест за случувањата во просторот?
Во контекст на тоа зошто на луѓето им е тешко да се заинтересираат за непосредната околина сè дури не почне да им гори под нозе или нивната приватна сопственост не биде директно засегната од нечие делување во непосредното урбано јадро, е сам феномен за себе. Може, но и не мора граѓаните да бидат директно засегнати од конкретно реализираните урбанистички зафати, но она што е сигурно е дека истите индиректно ќе влијаат на нивното расположение, продуктивност и квалитет на живот повеќекратно. Затоа, наша нужна обврска како професионалци е низ нашата работа да се потрудиме сето наше делување да го дискутираме и да го презентираме читливо, јасно и разбирливо за пошироката јавност, било тоа да е вербално, графички или низ низа други средства за комуникација. Особено преку вештините кои ги учиме низ долгогодишната едукација, да работиме на адекватно преведување на нашите професионални кодирани пораки во она што може да го разбере кој било граѓанин, без разлика на професијата.
Во исто време, во доменот на фелата, потребно е да работиме кон елиминирање и премостување на разликите меѓу себе, на повеќе начини, меѓу кои да се наметнеме во јавната сфера преку организирање на форуми, дебати и преку редовно професионално вмрежување. Не само од аспект да ја заштитиме цената и условите за нашата работа, туку и да можеме да дискутираме на важни теми и да ги искажеме нашите ставови за конкретни просторни целини, проблематични плански одредби и деструктивни законски прописи.
Да ја негуваме мултидисциплинарноста и соработката во планирањето на градот бидејќи само преку јасно поставена структура од партиципативно граѓанство, кадровски силни институции и урбанисти со интегритет, полека но сигурно ќе ја вратиме довербата во една од најстарите професии во човековата истоија, која заслужува и подобро место од ова на кое конкретно се наоѓа во ова општество. На маргините.
Тоа е наша должност.
Автор: Бојана ПАЛИФРОВСКА, дипл. инж. арх.