Насловна / Вести / Урбана типологија: форма и функција на градските плоштади (1 дел)

Урбана типологија: форма и функција на градските плоштади (1 дел)

Поимот „типологија“ претставува кованица од два грчки зборови „tipos“ – тип и „logy“ – наука, според што, во науката, под овој поим се подразбира дисциплина која се занимава со групирање и класификација на типови според одредени карактеристики. Типологијата, како вид на истражување е составен дел од многу научни дисциплини, како лингвистика, археологија, антропологија и други, која објаснува појави и процеси и преку разни методи служи за класификација, идентификација и анализа на одредени елементи.

Основен поим кој се дефинира во типологијата е поимот „тип“ од кој произлегуваат разни изрази како „архетип“, „прототип“, „генотип“, „фенотип“, „модел“, „вид“, „класа“, „род“ и др. Поимот „тип“ е дефиниран како образец, калап, примерок од кој произлегува терминот „типизација“ што означува „утврдување на единствени особини на некој производ, редење, групирање на нешто според основните обележја“[1].

Со архитектонската типологија се занимаваат и важни архитекти меѓу кои и Кристијан Норберг-Шулц (Christian Norberg-Schulz), Константинос Доксијадис (Konstantinos Doxiadis), Роберт Криер (Rob Krier) и Владан Ѓокиќ (Vladan Đjokič). Норберг-Шулц се занимавал со типологијата на урбаните простори, и според него, таа треба да се заснова на функционални и на формални аспекти, или на нивните комбинации, а урбаната целина може и треба да се набљудува преку три меѓусебно зависни елементи во архитектурата – морфологија, типологија и топологија (Norberg-Schulz, 1990).

Еден од архитектите на „постземјотресно Скопје“ Константинос Доксијадис (Constantinos Doxiadis), користел типолошки мрежни дијаграми (т.н. екистички мрежи) преку кои го објаснувал односот помеѓу 5-те елементи – природа, човек, општество, мрежи и обвивки и ги поставил во релација со антропологија, екологија, социологија, транспорт и архитектура. Овој вид на типолошки анализи претставува корисна алатка за урбанистичкото планирање, урбанистите и архитектите. Основната цел и значењето на екистичката мрежа е едноставен и ефикасен метод со кој комплексните фактори кои се користат во урбанистичките анализи се ставаат во одреден релациски систем.

Роб Криер вршел типолошки класификации на јавните простори во однос на нивната форма и дводимензионалниот геометриски облик. Според него, „плоштадот, најверојатно е првиот човеков пронајдок од градскиот простор кој настанува со групирање на куќи околу некој слободен простор. Овој вид на простор (двориште), често бил носител на симболичка содржина, па е избран како тип за градење на многу култни јавни места како агори, форуми, манастирски дворови, дворови на џамии.“ (Krier, 2007).

Според Ѓокиќ, градскиот плоштад како еден од основните урбанистички елементи, претставува карактеристичен пример на сложени урбани форми, кои со помош на типологијата може да се разбере на најдобар начин – неговиот постанок, развој и трансформација низ времето. (Đokic, 2009).

ПОЛОЖБА НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД

Поради тоа што градскиот плоштад се наоѓа во просторниот контекст на изградената средина, неговата положба е мошне важна бидејќи влијае на морфологијата на градот. Односот помеѓу неговата положба во градот и целокупната морфологија на градот е од заемен карактер и е променлив со текот на времето. Тој исто така претставува значаен, интегрален дел на изградениот градски простор. За положбата на градските плоштади се прави следната класификација: (таб. 1)

ФОРМА НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД

Формата на градскиот плоштад најчесто зависи од формата на градот и од опкружувањето во кое се наоѓа. Најосновната класификација за формата на плоштадите се дели во две категории:

  • Плоштади со геометриски правилна форма – овие плоштади секогаш се појавуваат во планско изградените градови, со ортогонална, кружна или аксијална улична матрица. Плоштадите со правилна форма се појавуваат уште во античко време – во хеленистичкиот период, V век пр. н. е. во плановите на арх. Хиподамос од Милет од Грција, како агори, а потоа и во римскиот период како форуми. Во периодот од XVI до XVIII век, планирањето на правилните плоштади го достигнува својот врв, со тоа што големите архитекти од Италија, Шпанија и Франција практикувале проектирање на чисти геометриски и правилни форми во урбанизмот и во архитектурата.
  • Плоштади со геометриска неправилна форма – јавните простори, а особено плоштадите со неправилна форма се појавуваат во градовите кои настанале и се развиваат неплански или органски, без учество на планери и урбанисти. Развојот на овие плоштади бил постепен и зависел од историскиот, долготраен и спонтан развој на градот, како и од одредените потреби на жителите во одредено време.

Еден од најзначајните архитекти кој се занимавал со урбаната типологија на јавните простори и плоштади од XX век е Роберт Криер (Rob Krier) кој класификацијата ја формирал врз основа на геометриските форми на плоштадите. Тој наведува три основни категории (форми) – квадрат, круг и триаголник, врз кои се базира неговата класификација. Во неговите типолошки шеми, тој ги прикажува влијанијата на измените на просторот врз геометриската форма на отворените јавни простори, плоштади, со што се појавуваат низа на правилни и на неправилни облици (сл. 1), како и различни поврзувања и вкрстувања на улиците со јавниот простор – плоштад (сл. 2) [1].

Слика 1 – Шема на типови на простори

     

Слика 2 – Однос на улици со плоштад

Криер исто така, прави класификација на плоштадите според нивната форма, односно според различните облици кои се добиени со разни трансформации и комбинации, а произлезени од основните геометриски форми (сл. 3-5).

Слика 3 – Квадратен плоштад

  

Слика 4 – Кружен плоштад

   

Слика 5 – Триаголен плоштад

ФУНКЦИЈА НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД

Функцијата на градскиот плоштад е негова основна карактеристика поради тоа што претставува иницијација на неговата конституција и траење (Đokic, 2004). Секоја општествена активност се одвива на јавните простори, а најмногу на градските плоштади. Во текот на историскиот развој на плоштадите, секој од нив имал различни функции, а најчесто повеќе функции се одвиваат и на еден ист плоштад – народни собири, политички, религиозни, судски собири, едукација, прослави, трговија и размена, рекреација и др.

Според арх. Драгана Базик „Градскиот екстериер, како физички простор под отворено небо, може да се замисли како театарска сцена. Таа нема сопствена цел, сама по себе туку служи за одвивање на претстави – секојдневниот живот на граѓаните.“ (Базик, 2005).

Животот во градот најдобро може да се види и осети на јавните простори кои овозможуваат комуникација, проток и вкрстување на разни елементи (луѓе, возила, информации и сл.). Карактерот на јавниот простор произлегува од неговите физички и функционални особини. Објектите кои непосредно излегуваат на плоштадите можат да ги дефинираат нивните функции, како и просторната рамка/форма.

Постојат многу начини на поделба или класификација на функцијата на градските плоштади. Сепак, потребна е систематизација која ќе помогне во таквата поделба на плоштадите, според факторите кои влијаат во општествениот живот во тоа опкружување, кои можат да бидат константни или променливи. Така, функциите на градските плоштади, според историски примери, може да се сместат во 2 категории:

  1. Функции на јавниот простор на плоштадот – активности на отворен јавен простор, кои не се во релација со околните објекти на плоштадот. Според ова, плоштадите може да се поделат на: пазарен плоштад, плоштад – порта, воен плоштад, манифестационен плоштад, сообраќаен плоштад и парковски плоштад (сл. 6-8).
  2. Функции на околните објеки околу плоштадот – активности кои се одвиваат во и околу околните објекти на плоштадот, кои можат да влијаат на него. Според ова, плоштадите може да се поделат на: плоштад како општествен/градски центар, црквен плоштад и станбен плоштад (сл. 9 и 10).

Сл. 6 – Пазарен плоштад во Питсбург

                   

Сл. 7 – Парковски плоштад во Лидс

Сл. 8 – Сообраќаен плоштад во Њујорк 

             

Сл. 9 – Црквен плоштад во Ватикан

Сл. 10 – Станбен плоштад во Копенхаген

Автор: Д-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.

Користена литература:

  • Bazik D. (1995), “Ponuda gradske scene”, Univerzitet u Beogradu Arhitektonski fakultet, Beograd, pp.1-4
  • Krier R. (2007), “Gradski proctor u teoriji i praksi”, Gradjevinska knjiga, pp. 8-23
  • Norberg-Schulz (1990), “Stanovanje, stanište, urbani proctor, kuča” Građevinska knjiga, Beograd, pp. 128
  • Djokić V. (2004), “Urbana morfologija: grad i gradski trg”, Arhitektonski fakultet Univerziteta u Beogradu, Beograd, pp. 11-64
  • Djokić V. (2009), “Urbana tipologija: gradski trg u Srbiji”, Univerzitet u Beogradu Arhitektonski fakultet, Beograd, pp. 11-60

[1] Сликите се преземени и прикажани во оригинална форма од книгата Krier R. (2007), „Gradski prostor u teoriji I praksi“ Gradjevinska knjiga, Beograd, RS.

[1] Дефинирано во: „Голем лексикон на странски зборови и изрази“, 2001, Топер, РМ.

Испрати коментар

Scroll To Top