Насловна / Архитектура / Создавање на конкретна утопија

Создавање на конкретна утопија

Четири дена (од 12 до 15 ноември) траеше настанот под име „Создавање модерна утопија: Архитектурата на Југославија 1948-1980“ во Центарот за културна деконтаминација во Белград. Директен повод за еден ваков повеќедневен форум е актуелната изложба во Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“.

DSC_0307

Покрај повеќегодишната работа на тимот истражувачи на форумот говореа и некои од протагонистите од тој период. Повоената обнова во поранешна Југославија создала единствено архитектонско, културно и уметничко наследство на овие простори. Архитектурата и урбанизмот, како двигатели на модерноста во општеството во Југославија претставуваат специфични творечки вредности како кон светските остварувања во сличниот период, благодарејќи на општествениот контекст на Југославија, така и кон вредностите на општествената трансформација и транзиција во времето кое дојде после. Архитектурата на Југославија била свесен двигател на модерноста на општеството и подобрување на секојдневниот живот, од аспекти кои се однесуваат на станови до цели населби.

46317602_2097409727020066_5712642670770257920_o

Во текот на четирите дена, колку што траеше настанот, посетителите имаа можност да видат и слушнат бројни предавања, како водење низ споменатата изложба, разговори на истражувачите, гледање документарни филмови, предавања за модернизација на примерот на урбанизација во Србија, обнова на градовите преку примерот на обновата на Скопје. Се водеа и разговори со авторите. Третиот ден говореа архитектите Миленија Марушиќ (Блок 61-63 во Белград, населба „Церак виногради“ во Белград) и Драгољуб Бакиќ (Хала Пионир, станбена населба „Вишњичка бања“). Ги претставија своите лични искуства во создавањето на архитектурата и урбанизмот во различни периоди на Социјалистичка Југославија.

46476151_2097399173687788_4555257209084182528_o

Како посебен дел на настанот се говореше и за спомениците и меморијалните целини посветени на паднатите борци од Народноослободителната борба. Поради болест беше спречен да дојде вајарот Миодраг Живковиќ (1928), кој е автор на повеќе споменици: Споменикот на Тјентиште (1971), Споменик на стреланите ученици во Крагујевац (1963), Спомен-комплексот Кадињача кај Ужице (1979), Споменикот на паднатите борци во Приштини (1961). За овие дела говореше историчарот на уметност  Бранислав Димитријевиќ.

DSC_0083@

Изложбата во Њујорк каде е претставена архитектурата на социјалистичка Југославија покажува дека денес од одредена временска и просторна дистанца постои големо интересирање за творештвото во таа земја. Нејзиното наследство, често маргинализирано и во сегашниот општествен контекст недоволно ценето, доживува признанија на места кој тој творечки замав не го гледаат низ призма на дневна политика. Веројатно е невозможно на една таква изложба да се претстават сите битни сегменти кои го карактеризираат тој период на творештвото, но можно е да се даде увид дека во минатите времиња на овие простори постоел многу квалитетен пристап кон проблемите со кој се сретнувала архитектурата низ идејата за модернизација на општеството.

46320613_2097409483686757_5220759217618550784_o

Од денешна перспектива на просторите на поранешна Југославија, делува неверојатно дека некои градежни претпријатија, кои се занимавале со проектирање на споменатите урбанистички и архитектонски проекти, имале свои одделенија во кои се правени истражувања. Познато е дека во Институтот на истражување на материјали, постоело одделение кое се занимавало со истражување на типологијата на станови кои се градени во тогаш современите станбени објекти.
Според зборовите на еден од авторите, архитект Михајло Чанк (починат 2014 година), во документарен филм од пред неколку години „нашата цел беше да направиме што поголеми соби во што помали станови, бидејќи тие станови не беа за продажба на комерцијален начин“.

Колку е неверојатен овој пристап од пред скоро половина век, говори податокот дека денес главно не постојат такви јаки претпријатија кои вработуваат голем број архитекти и дека не постојат ни истражувачки одделенија. Сепак, дека тој пристап не претставува само реликт на едно социјалистичко минато се гледа и по тоа што глобално познати архитектонски бироа, како холандското ОМА или данското 3XN имаат свои истражувачки одделенија.

За значењето кое повоената архитектура на Југославија го имала на значајните современи архитекти говори и податокот дека Рем Колхас, кога пред десетина години престојувал во Белград, барал да се сретне со Зоран Бојовиќ, архитект од „Енергопројект“, кој го работел саемот во Лагос, Нигерија.

На некој начин приказната на „Создавање конкретна утопија“ е приказна за минати времиња, преку сокрино воодушевување за тој период и жалење. Колку и да се ваквите настани инспиративни и интересни, тие се свртени кон минатото време од кое посетителите можат да научат и подобро да го разберат контекстот на тоа време, но немаат можност да го применат во сегашноста или да ја променат сликата на современата архитектура во постјугословенските простори. Од архитектура во која се создаваат големи обмислени населби, па сè оди толку многу во детали, архитектите го проектираат и целиот мебел, каков што бил случајот со Палатата на Сојузниот извршен совет во Белград, каде во претпријатијата постојат тимови кои се занимаваат со истражувања во архитектурата, се стигнува до мрачна слика на современата архитектура на овие простори, каде тенденциите ги уредува високата политика и ситните инвеститори. Делува парадоксално дека на овие простори пред половина век е градена архитектура која денес е претставена, можеби во најважната галерија на модерна уметност во светот, а денеска главно се градат објекти кои малкумина можат да ги фасцинираат, не само овде, уште помалку некаде вон земјите на поранешна Југославија. Поради тоа, архитектурата на Југославија во повоениот период делува како утопија, на некој начин е конкретна бидејќи можеме да ја видиме, да ја допреме и за неа да слушаме од луѓе кои учествувале во нејзиното создавање. Да не е така, овие настани би претставувале само утопија, како што е утопија дека она што се создава денес на овие простори ќе биде предмет на некоја изложба во МоМА за некои педесет години.

46412029_2097401907020848_4432121037873741824_o

Испрати коментар

Scroll To Top