Насловна / Архитектура / Пред 105 години во Скопје била именувана првата жена архитект

Пред 105 години во Скопје била именувана првата жена архитект

Во понеделник, 24. фебруари 1919. година во Скопје, тогаш во Кралството на Србите, Хрватите и Словениците, дипл.инж.арх. Јелeна Томиќ-Бокур (1889. Белград – 1961. Белград) била промовирана во звањето под-архитект од прва класа.  Оваа промоција потврдена со официјален указ (декрет) од 30. април 1919. година се смета за прво именување на жена инженер архитект за државен службеник на територијата на бивша Југославија.  До тогаш, жените можеле да бидат вработени само по договор на дело.

Според расположивите информации 144 жени архитекти се запишале на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград во перидот од 1896. до 1940. година.  Станува збор за најстариот архитектонски факултет на територијата на бивша Југославија со оглед дека оние во Загреб и Љубљана биле основани по Првата светска војна во 1919. година. Архитект

Јелена Томиќ-Бокур, e една од досега 14. идентификувани жени архитекти коишто се запишале на Архитектонскиот факултет во Белград во анализираниот период, а коишто се поврзани со територијата на денешна Македонија.  Три биле родени, две живееле, а дури девет живееле и работеле, или пак работеле на проекти на оваа територија до Втората светска војна.

Ladinski Figure 01 Madzarevic

Ратислава Вохоска/Вехоска-Маџаревиќ (седи на подот втора од лево со крената рака) со колегите од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Белград

ПРЕД И ОКОЛУ ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

За трите родени на овие простори досега нема информации дека по дипломирањето се вратиле да живеат или работат во Македонија.  За Јованка Наумовиќ-Чолаковиќ (1911 с. Букојчани, Кичевско – ?) нема информации дури и дали работела во струката.  За Ратислава Вохоска/Вехоска-Маџаревиќ (1914. Скопје – ?) и Даница Милосављевиќ-Богојевиќ-Јовановиќ (1919. Скопје – 2018?) се знае дека оставиле придонес на подрачјето на Србија. Вохоска/Вехоска во доменот на заштита на културните споменици, а Милосављевиќ во доменот на архитектонското проектирање и образованието.

Ladinski Figure 02 Milosavljevic

Даница Милосављевиќ-Богојевиќ-Јовановиќ

Архитект Наумовиќ дипломирала во 1934 година, Вохоска/Вехоска во 1938 година, а Милосаваљевиќ во 1946 година.  Таа се запишала во 1938 година, но нејзините студии биле нарушени од Втората светска војна.  Архитект Милосвљевиќ била сестра на познатиот сликар, правник, дипломат и академик Предраг – Пеѓа Милосављевиќ.

За Јелна Големовиќ-Миниќ (1890. Белград – 1973. Белград) и Јелица Гановиќ-Газикаловиќ (1897 Шабац – ?) се знае само дека престојувале или живееле во Македонија.  Архитект Големовиќ дипломирала во 1910. година и се знае дека перестојувала со својот сопруг архитектот Милан Миниќ во Охрид во перидот на Првата светска војна, пред да бидат приморани да се евакуираат со српската војска преку Албанија и Грција на Корзика.  За време на нивниот престој во Охрид во 1915. година се родил нивниот син, архитект и професор на Архитектонскиот факултет во Белград д-р. Оливер Миниќ.  Иако Големовиќ работела како архитект во струката барем во Србија, нема информации дека таа работела за време на нејзиниот престој во Македонија.

minic

Јелна Големовиќ-Миниќ

Архитект Гановиќ дипломирала во 1925 година и била омажена за градежниот инженер Чедомир Газикаловиќ од Скопје.  Таа се посветила на семејството и живееле одреден период во Велес до 1930. година, додека нејизниот сопруг работел на градби во Македонија.  Таа е мајка на познатата македонска архитектка Нада Жупан и баба на архитект Станислава Жупан-Оверхолт, а кои сите заедно се редок пример на три последователни генерации на жени архитекти во Македонија и бивша Југославија.

н_resize

три генерации жени архитекти (од лево кон десно) Гановиќ, Нада Жупан, Станислава Жупан-Оверхолт

ДО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Истражувањето укажува дека дури девет жени архитекти живееле и работеле или пак работеле на проекти за Македонија до Втората Светска војна.  Реалтивно малку се знае за архитект Адела Пинкас-Штајн, која дипломирала или во 1920. или пак во 1921. година, а која работела во Скопје, но без да се има подетални информации.  Нешто повеќе се знае за неа по Втората светска војна кога била вработена во Србијапроект во Белград.  Архитект Анка Марковиќ-Зечевиќ (1897. или 1898. Синиќ кај Крагуевац – ?) дипломирала во 1923. или 1924. година и била мажена за градежниот инженер Иван Зечевиќ.  Таа имала долг работен век од 1919. година до 1965. година и тоа воглавно во Србија.  За жал, нејзиното вработување во Техничкиот оддел на Градежената дирекција во Скопје во 1926. година било исклучително кусо и веројатно не многу пријатно.  По само два месеци таа се разболела од денга грозница, по што поднела отказ на државната служба и се одселила од Скопје.  Архитект Ружица Илиќ (1909. Белград – ?) дипломирала во 1934. година и била соработник и неофицијалнен асистент на професорот Милан Злоковиќ во перидот од 1934. до 1941. година, додека веднаш по војната работела во Одделот за органзација на градови и предели при Минстерството за градежништво во Белград.  За неа се знае дека сработила и публикувала истражување за Муслиманската архитектура во Охрид.

Архитект Живана – Жанка Богдановиќ (1897. во Макце кај Пожаревац – ?), дипломирала во 1924. година и работела воглавно во Србија, како архитект и како професор во средно-техничко училиште во Белград.  Во Македонија, таа во 1924. година се јавува како соработник на архитектот Драгомир Тадиќ, при изработката на проектот на Срескосто началство (денес Општината) во Битола, за подоцна да добие откуп на Архитектонскот конкурс за железничка станица во Скопје.  Марија Павловиќ-Шулентиќ (1896. Ниш – ?), дипломирала во 1925. година и се омажила за градежниот инженер Пајо Шулентиќ.  Тие живееле и работеле во Скопје во 1930-те години.  Нејзиниот сопруг бил овластен инженер и имал свое биро, додека таа била во Министертвото за градежништво.  Не е познато на што точно таа работела додека била во Скопје, но се претполага дека можеби и му помагла на својот сопруг кој во периодот од 1931. и 1938. година работел на повеќе помали објекти и куќи вклучително и нивната куќа.

vela

Велислава – Вела Димитријевиќ

Велислава – Вела Димитријевиќ (1921. Загреб – ?), иако се запишала во 1939/1940 година, дипломирала во 1948. година со оглед дека нејзините студии биле нарушени од Втората светска војна.  Таа во перидот на нарушени студии ја завршила Сликарската школа на Младен Јосиќ во Белград, што ја дефинирало нејзината професионална кариера, со оглед на тоа дека станала прва жена архитект-сценограф во Србија.  Во рамките на Македонија таа го изготвила внатрешното уредување на Хидроцентралата Вруток во Маврово, Административниот објект на Хидроцентралата Маврово во Гостивар, продавницата на Нов Дом во Скопје, како и на изложбени штандови на Нов Дом на Саемот за мебел во Скопје.  По татковата страна таа води потекло од битолско.

ЕДНА ОД НАЈЗНАЧАЈНИТЕ ЖЕНИ АРХИТЕКТИ

Архитект Милица Чолак-Антиќ-Крстиќ (1887. Крагуевац – 1964. Белград) дипломирала во 1910. година и се омажила за архитектот Жарко Крстиќ.  Таа работела во струката во периодот од 1910. до 1941. година, во Одделот за архитектура при Министерството за градежништво работела од 1915. до 1941. во кој период добила дури 19 унапредувања.  Таа се смета за една од најзначјните жени архитекти во бивша Југославија во првата половина на 20. век, а која работела на образовни и јавни објекти во Србија, Црна Гора и Македонија, како и на амбасадите во Буенос Аирес, Аргентина и Анкара, Турција.  За неа не се знае дали живеела во Македонија, но се знае дека во периодот од 1926. до 1928. година таа ја проектираа зградата на Женското друштво во Струмица, основното училиште во Кочани и Централниот затвор во Битола.

milica

Милица Чолак-Антиќ-Крстиќ

Даница Миловановиќ – Којиќ (1899. Белград – ?), дипломирала во 1924. година и се омажила за архитектот, професорот и академикот Бранислав Којиќ.  Таа со архитектонска пракса се бавела во перидот од 1924. до 1941. година, а од 1941. година со истражувања во доменот на народната архитектура.  Архитект Којиќ соработувала со својот сопруг и била забележана по својата работата во доменот на внатрешната архитектура, вклучително со влезот на Уметничкиот павилјон Цвијета Зузориќ во Белград.  Веројатно како нејзини најзначајни пороекти се двата во Македонија, каде таа се јавува како ко-автор со нејзиниот сопруг.  Првиот се однесува на Првата награда на конурсот за Плоштадот (тогаш Крал Петар) во Скопје во 1930. Година, кој не е реализиран, а вториот на зградата на Студентскиот дом во Скопје (1931-1933) којшто бил изграден, но срушен по Втората светска војна.

ПРВАТА ЖЕНА АРХИТЕКТ ДРЖАВЕН СЛУЖБЕНИК

За првата жена инженер архитект државен службеник во бивша Југолсавија, Јелена Томиќ-Бокур, знаеме дека дипломирала во 1913. година и дека била активна во струката во периодот од 1914. до 1937. година, како и дека живеела и работела во Скопје во периодот од 1915. до 1923. година.  Нејзин сопруг бил Д-р. Игњат Бокур, кој се смета за прв доктор на педагошки науки во Србија, откога докторирал на Универзитетот во Цирих во 1910. година, а во Скопје работел како наставник и професор во училиштата.  Архитект Томиќ-Бокур во Војводина работела на станбени, образовни, здравствени и јавни објекти, а во Македонија на изведбата на делови од театарот во Скопје, универзитетот во Скопје, како и на проектирање и изградба на црква во населбата Црниче.

Веројатно од тука ќе може да се дознае нешто повеќе за малку познатото присаство и придонес на првите жените инженери архитекти на територијата на Македонија и тоа особено на оние коишто се запишале на Архитектонскиот факултет во Белград во периодот од 1896. до 1940. година.

Овој текст е кусо резиме од трудот за „Заборавените први жени архитекти на Северна Македонија“ објавен во Флогистон, списание за историја и филозофија на наука и техника од Музејот за наука и техника во Белград, а кој е достапен на:

https://www.scribd.com/document/694233925/Flogiston-broj-31

Ова е и повик до читателите на Порта 3 да споделат доколку имаат информации за првите инженери и архтекти од или во Македонија.

Испрати коментар

Scroll To Top