Насловна / Вести / Од денес почнува постапката за нов ГУП на Скопје 2022-2032

Од денес почнува постапката за нов ГУП на Скопје 2022-2032

На претстојната седница на Советот на град Скопје, закажана за денес, точка на дневниот ред за усвојување е и предлог-одлуката за пристапување кон изработка на Генерален урбанистички план (ГУП) на град Скопје за периодот од 2022 до 2032 година. Со усвојувањето на оваа точка почнува и формално процедурата за изработка на новиот ГУП.

Изработката на Генералниот урбанистички план за Скопје ќе се изврши на начин и постапка утврдени со законската и подзаконската регулатива која се однесува на урбанистичкото планирање. Изработката на ГУП-от на Град Скопје ќе се изврши врз основа на сеопфатни, целосни и суштински анализи и процени на постојната состојба на терен и постојната планска документација и ќе претставува нова стратегија – визија за идниот просторен развој на градот, соопштува град Скопје.

gup

Генералниот урбанистички план на Скопје е стратешки развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на една деценија. Се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот. Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот и ја регулира примарната инфраструктура.

Во подготовката на новиот ГУП 2022-2032 година во рамките на предвидените процедури освен поддршката од Министерството за транспорт и врски како ресорно министерство, ќе биде вклучен и поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и граѓаните, директно или преку единиците на локалната самоуправа.

“Од позиција на градоначалник моите заложби се однесуваат на рационално, контролирано и флексибилно ширење на Скопје во насока на обезбедување одржлив развој, визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација, соодветно планирање на комуналната инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктурата за прифаќање, селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад, како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард. Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето чиста и здрава животна средина“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на последната работна средба со министерот за транспорт и врски во Владата Горан Сугарески, која се одржа во текот на месец октомври годинава.

skopje

Согласно со заложбите на градоначалникот Шилегов, градот Скопје потребно е да се развива и шири на начин што ќе се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел на градот. Во текот на изработката на новиот ГУП ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација.

Со тоа се отвора можност да се разгледа потребата од постоењето на таканаречената јужна обиколница која постои во актуелната планска документација, а според мислењето на стручната јавност, е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзината изведба потребно е да се уништи дел од Водно.

Во таа насока новиот ГУП потребно е да биде изработен на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг. Со тоа ќе се отворат можности за обезбедување на услови да се продолжи со деталното планирање на градот кои ќе влијаат врз унапредувањето на квалитетот на животот на жителите на Скопје.

Испрати коментар

Scroll To Top