Насловна / Интервју / Помеѓу возвишеното и секојдневното

Помеѓу возвишеното и секојдневното

vozviseno-thumb.jpgБи сакал ова биенале да ја истакне виталната и меѓусебно поврзана архитектонска култура и да отвори прашања за интелектуалните и физички територии кои ги споделува. Тоа треба да поттикне соработка и дијалог, за кои јас верувам дека се основата на архитектурата, а темата исто така 

ќе биде и метафора за полето на архитектонска активност", вели Дејвид Чиперфилд, кој ќе го предводи годинешното биенале за архитектура во Венеција, на тема "Заедничка основа". 13-то издание на оваа интернационална изложба ќе се одржи од 29 август до 25 ноември, во венециските павилјони Арсенале и Џардини.
 
Македонски претставник на оваа смотра е проектот Помеѓу возвишеното и секојдневното на "Метамак, Архитектонски колектив". Во интервју за "Порта 3", кураторите Саша Тасиќ и Александар Радевски го образложија концептот на оваа изложбена поставка која обединува 50 специфични дела во единствена целина – идеален град. 

Која е идејата за овој колективен проект, и на кој начин "Метамак" го доближи кон годинешната тема на биеналето "Заедничка основа"?

Како да се мисли архитектурата денес, фатена во прагматичните текови на општеството кое се менува? Дали може архитектурата повторно да биде возвишена, романтична, хуманистичка, визионерска и секојдневна во исто време? Се чини, архитектурата денес станува сè посложена, сè повеќезначна, сè поманипулативна, се губи во облакот на секојдневието. Таа би требало повторно да се види во нејзините елементарни соодноси, геометрија, форма, материјал, употреба. Да се изведе од специфичното, идеосинкретичното, секојдневното и да се соочи со безвременото и резистентно ниво. Начинот на кој ние ја искусуваме архитектурата секојдневно, односно нашиот "genius loci" е во принцип заедничката основа која ги обединува сите, го обединува возвишеното и секојдневното. 

vozviseno-1.jpg

Преку архитектурата треба да се откријат овие места и да се проектираат примамливи простори во и околу објектите. Архитектурата не е слика. Архитектурата има сликовни својства, но никогаш не може да се сведе само на израз. Таа е сложена организација на активности во еден простор, но и нивна интеракција со околината. Веруваме во колективен ум. Оваа година тоа ни се потврди. Темата на нашиот тим беше предложена и наведена во апликацијата неколку месеци пред официјалното објавување на темата на овогодишното биенале од страна на кураторот Дејвид Чиперфилд. Најдовме заеднички јазик, токму како што упатува и темата. Темата на годинешното архитектонско биенале, исто така сугерира на градските простори помеѓу објектите.
 
Како архитектурата на овој "идеален град" влијае на нив и обратно?

Меѓупросторите на секој град имаат свој дух, секој меѓупростор може да биде исто така и место или не-место, но секој меѓупростор има потреба да биде конкретизиран во духот на луѓето што го користат тој простор. Меѓупросторот на идеалниот град би требало да ги потенцира врските помеѓу објектите, но и да го интензивира дијалогот помеѓу нив и корисникот. Архитектурата на меѓупросторот е архитектура на секојдневниот живот опкружена со променлива архитектонска текстура. Луѓето природно тежнеат кон посебности, но архитектурата не треба да се гледа како орудие за докажување на сопствената исклучивост. Напротив, таа е матрица на поврзување. Во тој контекст и поврзувањето на меѓупросторот треба да е заедничко сценарио. Сугерира на објектот како артефакт, објект-идеја, а сè помеѓу е врзно средство, еден имагинарен пиедестал кој е составен од видливото и невидливото.

Каква е поврзаноста на овој проект со македонската просторна, социјална и културна реалност?

Проектите што ќе бидат претставени се еден вид на портфолио (time line) на она што се случуваше во последните десет години, со архитектонската мисла на МЕТАМАК. Сите проекти се дел, на свој начин, на она што значи архитектонска сцена. Тоа се фрагменти кои даваат одделни размислувања или сугерираат одредени секојдневни процеси, кои преточени во конкретни проекти ги одразуваат нашите размислувања и визии. Сите проекти се поврзани со реални контексти, реални локации, со што може да се каже дека истите дирекно или индирекно имаат некаков одраз врз просторната, социјалната и културната реалност кај нас. Поставени заедно, можеби би формирале една поинаква реалност. 

vozviseno-2.jpg

Проектите што ќе бидат претставени се изработени во временски распон од 10 години, многу значаен за нашата архитектура. Тоа се реални проекти – одговор на реални барања.

Како би бил презентиран проектот на интернационалната изложба во Венеција?

Оваа презентација би претставувала збир на трудови, специфични дела, кои би се поставиле на идентична /различна/заедничка подлога, претставени како модели, дијаграми на полно- празно. Димензиите на самата изложба би биле дефинирани од просторот во кој ќе биде поставена. Како материјал за моделите би се користело дрво, како подлога и како материјал за моделите. 

vozviseno-3.jpg

Презентацијата до овој момент е сè уште на ниво на концепт, но реален. Останува таа прва идеја да се надгради во претстојниот период, откако ќе биде обезбеден и изложбениот простор кој директно влијае на поставката, и кога ќе се дефинира буџетот што е на располагање.

ЗАЕДНИЧКА ПОЧВА

Проектот обединува различни концепти и различни контексти во единствена сценографија. И како што потенцираат неговите куратори, тие укажуваат на линија на размислување врзана за група архитекти, како и за поднебјето за кое се создадени. Укажуваат на идеја и јазик кој ги врзува. Предлогот на овој тим го потенцира фактот што архитектурата е внатрешно поврзана, интелектуално и практично; дека споделува заеднички интереси и влијанија. И преку соработка и дијалог, овој наш претставник, ја раскажува својата приказна за заедничката основа на професијата, но и на градот.

Бојана Филиповиќ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top