Насловна / Интервју / Очекуваме Шар Планина да стане Национален парк

Очекуваме Шар Планина да стане Национален парк

---.jpg    Министерот за животна средина и просторно планирање д-р Неџати Јакупи по професија е специјалист по општа хирургија со долга лекарска пракса, а со Министерството за животна средина раководи од јули минатата година. Вели дека без конкретни инвестиции не може трајно да се решат проблемите во средината. За остварување на проектите смета на својата решителност, но успешноста, вели, зависи од координираноста на тимот во Министерството. Со министерот Јакупи начнавме повеќе жешки еколошки прашања во интервјуто што следува

13282529.jpgЕлена КУЗМАНОВСКА

    Според Вашето досегашно искуство како министер за животна средина дали сметате дека со овој сектор треба да раководи политичка фигура или вистински познавач на состојбите во средината?

    Лично сметам дека со Министерството за животна средина треба да раководи посветен човек кој е вистински заинтересиран за проблемите на средината, кој е одлучен и упорен да ги оствари зацртаните цели, во рамките на своите надлежности. Секторот животна средина, за жал, долго време беше запоставуван, па сега во некои области од средината состојбата е загрижувачка. Освен решителноста на самиот министер и познавањето на проблемите, во овој сектор е важна тимската работа за да се спроведат во дело конкретни мерки за заштита на средината.
    Кои прашања од животната средина во нашата земја треба најитно да се решат?
    Справувањето и третманот на комуналниот отпад, третманот на отпадните води и справувањето со индустриското загадување се најакутните проблеми во нашата земја. Со овие прашања се среќаваме секојдневно, а досега кај нас немаше организиран пристап за решавање на прашањата со третманот на отпадот или на отпадните води.
    МЖСПП годинава одбележува 10 години од своето постоење. Кои проекти би ги издвоиле како најуспешни за тој период?
    За десет години во Министерството за животна средина министеруваа 12 министри. Изготвени се многу национални документи и стратегии, потпишани и ратификувани се протоколи и други меѓународни конвенции. Во иднина не очекуваат конкретни и големи проекти како пречистителен колекторски систем за целиот слив на реката Брегалница, пречистителна станица за реката Црна, во Прилепско и изградбата на регионалните депонии. Она што треба да се нагласи дека за чиста животна средина од исклучително значење е добрата соработка меѓу граѓаните и институциите. Во спротивно, проблемите ќе се решаваат многу бавно. Без конкретни инвестиции не може трајно да се решат проблемите на животната средина.
    Што опфаќа проектот Јаглеродно “отпорни“ територии на УНДП и која е неговата цел? Каква е улогата на МЖСПП во тој проект и какви резултати очекувате?
    Проектот има за цел да го поддржи локалниот развој во Македонија преку креирање политики кои ги адресираат прашањата поврзани со климатските промени, како и преку директни инвестиции во мерки и активности кои ќе придонесуваат за намалување на емисиите на стакленички гасови и ќе ја подобрат отпорноста кон климатските промени во два или три планирачки региони во земјата. МЖСПП ќе биде извршна агенција за примена на проектот.
    Со каков тип загадување се соочува регионот околу рудникот “Бучим„, какви се последиците од тоа загадување и кога може да се очекува да почне големото чистење на реонот околу рудниците “Бучим“ и “Лојане“? Какви препораки содржи Физибилити студијата за мерки за заштита на води – рудник “Бучим“?
    Проектот на УНДП “Хот спотс“ во соработка со МЖСПП објави тендер за подготовка на физибилити студија и основен проект за мерки за заштита на водите – Бучим, Радовиш. Како најповолна понуда е избрана фирмата “БТ Инженеринг ЛТД“ од Бугарија. Физибилити студијата треба да ги идентификува и анализира технологиите за пречистување на водите од рудници “Бучим“. Посакуваниот резултат е собирање и третман на сите загадени води на начин што ќе овозможи одржливост и ефективност. Од дадените технолошки варијанти како најприфатлива за сите заинтересирани страни се јавува онаа која предвидува екстракција на бакарен концентрат од загадените води по пат на апсорпција. Ова истовремено е и современа технологија која дава можност да се добие краен продукт, кој во зависност од цената на бакарот на светските берзи дава можност за финансиска самоодржливост на системот, па дури и профит. Важно е да се напомене дека оваа технологија не само што обезбедува превенција на загадувањето, туку и долговечна самоодржливост.
Регионот на рудниците “Бучим“, а посебно водите и почвата се загадени со тешки метали, бакар, цинк, никел, кобалт, кадмиум и арсен. Ова загадување директно влијае на квалитетот на водите и живиот свет во нив. Проектот “Одржлива ремедијација и управување со загадувањето на рудниците Бучим и Лојане“ е финансиран од Кралството Холандија, применуван преку УНДП и кофинансиран од сопственикот на рудникот “Бучим“. Големото чистење на овој регион се очекува да заврши кон крајот на април 2010 година.
    Како ќе ја оцените состојбата со водоснабдувањето во нашата земја? Кубури ли Македонија со чиста вода за пиење?
    Годишното количество водни ресурси по жител кај нас изнесува околу 3.150 кубни метри што ја категоризира земјава во средната група европски земји според расположливите водни ресурси по жител. Најголеми корисници на вода кај нас се земјоделството, индустријата, домаќинствата и производството на енергија. Потребата од вода за пиење за градовите изнесува од 0,300 до 0,400 кубни метри по жител дневно, а во руралните области тоа количество изнесува 0,250 кубни метри по жител дневно. Според податоците на Републичкиот завод за здравствена заштита, квалитетот на водата за пиење во јавните системи за водоснабдување ги задоволува важечките параметри за квалитет. Но, во многу урбани средини сегашната состојба со системите за водоснабдување не ги задоволува потребите од ефикасен систем за снабдување со вода. Инфраструктурната мрежа е со лош квалитет поради што водата истекува и се губи од системот за време на нејзиното дистрибуирање. Крајниот резултат се големи загуби на вода пресметани од 10 до 60 отсто вкупно потрошена вода.
    Ги сумиравте ли резултатите од воведувањето на забраната за пуштање во промет на пластични ќесиња? Како ќе се надградува забраната?
    Ефектите од забраната за пуштање во промет на пластични ќесиња се повеќе од задоволувачки. Производителите на пластични ќесиња велат дека кај нас за 70 отсто се намалило производството на ќесиња со дебелина до 14 микрони, а производството се пренаменува за подебели ќесиња. Нашите анализи покажуваат дека и граѓаните добро ја прифатија забраната и покажаа дека се грижат за животната средина. Периодот од пет месеци, колку што е во сила забраната, беше доволен трговците да се навикнат на новите правила. Сега, забраната ја надградивме и од 1 мај годинава во сила стапува нова забрана за пуштање во промет на ќесиња со дебелина до 21 микрон. Ќеси со дебелина поголема од 21 микрон ќе може да се купат по цена која ќе ја одредуваат самите трговци. Новата забрана ги елиминира нејаснотиите што се провлекоа во претходната забрана.
    Може ли наскоро во Македонија да заживее вистинско селектирање на отпадот уште во домаќинствата?
    Во Националната стратегија за управување со отпадот селектирањето на отпадот од домаќинствата е наведено како главна мерка. Владата сака да ги поттикне општините да најдат начини за ефективно да се справуваат со отпадот. Ние им делиме контејнери, веќе набавивме 5.000 контејнери, а се надевам дека до крајот на годинава ќе се набават уште 20.000 канти за селектирање. Министерството за животна средина ќе направи с¢ проектот да заживее, а во депониите да стигнува многу мал дел од отпадот. Општините ќе ја имаат главната улога со процесот на справување со отпадот. Имаме одлична соработка и со проектите на УСАИД. Планирам во најскоро време да се сретнам со новите градоначалници на општините во земјава за да им укажам на законските обврски за селектирање на отпадот. Ќе работиме и на едукација на граѓаните за важноста од оваа еколошка мерка.
    Каде е Република Македонија во глобалните движења против климатските промени? Подготвувате ли препораки за адаптација на населението и на економските сектори кон новонастанатата ситуација?
    Владата на Република Македонија го поставува прашањето за климатските промени високо на својата политичка агенда. Нашата земја во 1997 година ја ратификуваше Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, а Протоколот од Кјото во јули 2004 година. Во декември минатата година Владата го усвои Вториот национален план за климатски промени, кој содржи инвентар на стакленички гасови, климатски сценарија до 2100 година, идентификација на најранливите сектори од климатските промени и мерки за адаптација, мерки за намалување на климатските промени и информации за подигнување на јавната свест, образование, трансфер на технологии, финансирање и така натаму. Во рамките на овој план се содржи и акциски план за адаптирање на економски најранливите сектори, земјоделството, водостопанството, шумарството, биолошката разновидност и здравјето на луѓето, кон климатските промени. Улогата на Министерството за животна средина е да ги координира активностите за развивање на политиките во делот на климатските промени, а актуелната примена зависи од голем број субјекти од јавниот, но и од приватниот сектор, на национално и на локално ниво.
    Каде заглави проектот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк?
    Прогласувањето на дел од Шар Планина за Национален парк е приоритет за нашето министерство за оваа година. Оваа активност е содржана и во развојните стратешки документи за заштита на природата, како Стратегијата и Акциониот план за заштита на биолошката разновидност и Просторниот план на Република Македонија. Постапката за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк се води во согласност со Законот за заштита на природата. Во текот на ова лето планирано е да се утврдат границата и зоните и да се изработи елаборат за природните вредности на Шар Планина. Во септември 2009 година планирано е да се подготви информација за потребата од прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк. Во врска со таа информација ќе може да се произнесат надлежните државни органи и научните институции. Таа информација потоа ќе се достави до Владата. Во Тетово и во Гостивар во октомври ќе се одржат и јавни расправи. Во ноември веќе очекуваме да се изготви и предлог-закон за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк.
    МЖСПП објави тендер за проект и изградба на пречистителна станица за отпадни води во Волково, Ѓорче Петров. Кога очекувате да почне изградбата и дали станицата ќе понуди лек за реката Вардар?
    Тендерот за изградба на пречистителна станица на отпадни води во Волково заврши, а договорот го потпишавме со словенечката фирма “Рико#. Изградбата на оваа пречистителна станица е првиот чекор во решавањето на проблемот со отпадните води во Македонија. Ќе следува изградба на уште шест пречистителни станици на подрачјето на Општина Сарај. Решавањето на проблемите со отпадните води ќе оди етапно, според препораките во студијата за Скопје изработена од јапонската агенција ЏАЈКА (JICA). Очекуваме изградбата на станицата да почне ова лето.
    Планирате санација на старото хидројаловиште РОЦ “Злетово – Пробиштип“. Кои се придобивките од тој проект?
    Планираме активности со кои ќе се санира една голема жешка точка, место со историско загадување и место кое е обврска на државата. Зоната околу хидројаловиштето РОЦ “Злетово – Пробиштип“ ќе се покрие со земја и понатаму ќе следи негова рекултивација и урбанизација. Со тоа конечно ќе се затвори овој горлив проблем за пробиштипјани.
    Распишавте тендер за изградба на инценератор за медицински и посебен отпад во рамките на депонијата “Дрисла“. Со колкав капацитет ќе биде инценераторот?
    Станува збор за инценератор кој ќе има капацитет за согорување на 1.200 тони медицински отпад годишно. Во тендерската документација побаравме да се почитуваат најстрогите еколошки стандарди за емисии на штетни гасови, со што ќе се елиминира загадувањето на средината. Ќе се вгради врвна технолошка опрема. Инценераторот ќе има можност и за искористување на топлинската и на електричната енергија. На таа можност ќе работиме во иднина. Ако се отвори таква можност и цената на согорување на отпадот ќе се намали. Во инценераторот медицински отпад ќе може да согоруваат сите здравствени установи од земјава, а со правилници ќе се утврди цената по која ќе се согорува отпадот.

Деновиве тече жалбената постапка на тендерот. Очекувам инценераторот да проработи во 2012 година.
    Неодамна остваривте средба со делегација од Турција. На кои теми од областа на животната средина разговаравте и во кои области договоривте соработка?

    Делегацијата од Република Турција ни гостуваше во март годинава. На средбата ја потенциравме досегашната успешна соработка меѓу владите на двете земји, како и можностите за идна соработка во областа на животната средина, особено во делот на инвестициите. Ние потенциравме дека во Македонија во тек е донесување на Национална стратегија за инвестиции во животната средина која ќе ни помогне да ги постигнеме стандардите на Европската Унија. Изразивме и интересирање за соработка во делот на управување со отпад и заштита на водите, особено во делот на техничка помош и инвестиции во наведените сектори. Се обврзавме во најкраток рок да подготвиме и да доставиме листа на приоритетни проекти до турската страна како основа за идна соработка. Колегите од Турција изразија подготвеност да финансираат приоритетни проекти кои ќе бидат понудени од наша страна, особено во делот на подготовка на физибилити студии за интегрирано управување со отпад, за водоснабдување и за третман на отпадни води.

Испрати коментар

Scroll To Top