Насловна / Вести / Гасот е пристигнат во Скопје пред 25 години, а ние и денес се труеме

Гасот е пристигнат во Скопје пред 25 години, а ние и денес се труеме

Според неколку направени студии во врска со загадувањето на воздухот во градот Скопје, главната причина за тоа е загревањето на просториите и тоа најмногу во домаќинствата, но и во разни институции и комерцијални објекти. Кај домаќинствата, загревањето со дрва е главниот извор на загадувањето. Нема сомневање дека тоа е точно бидејќи загадувањето на воздухот се јавува само во грејната сезона. Влијанието врз здравјето на луѓето е големо. Болниците, особено детските, се полни со пациенти, а како директни или индиректни последици е и зголемениот број на смртни случаи. Дали ова може(ше) да се спречи? Јас тврдам: да. Или пак, можеше многу да се ублажи.

tt1

Голем срам и одговорност и за републичките и за градските власти во минатите години и денес. Природниот гас е пристигнат во Скопје уште во 1998 година, а користењето започна само кај некои големи потрошувачи. Долги години гасоводот беше користен со 10 до 15% од номиналниот капацитет бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи. Искористеноста на гасоводот порасна на околу 35% по изградбата на “Те-То“, што значи сеуште е доста под номиналниот капацитет. 25 години се труеме со загаден воздух заради неспособноста на властите да изградат дистрибутивна мрежа. Освен тој пропуст, направени се и многу други. На пример, во стратегиите за енергетски развој на РМ, уште од 2000 година е предвидено да се изградат гасни термоелектрани-топлани (те-то). На тој начин ќе се зголемеше опфатот со системи за топлификација. Колку што сум информиран од јавните медиуми, властите барале партнер од странство за изградба на дистрибутивна мрежа за гасот. Зарем мора за секоја инвестиција да се бара партнер од странство? Сличен е проблемот и со хидро-електраната Чебрен, 30 години (можеби и повеќе) се бара партнер од странство.

tt

Но еве, нека денес се донесе одлука за зпочнување на изградба на дистрибутивна гасна мрежа. Јас би рекол дека тоа ќе биде погрешна инвестиција бидејќи состојбите во однос на енергетиката денес се поинакви отколку пред 30 години. Директно користење на гасот за греење со согорување во котли за топла вода или печки денес не се препорачува. Штета е на тој начин да се користи гасот за да добиеме температура на воздухот во просториите од 20 оС. Таа температура може да се оствари со помош на топлински пумпи, користење отпадна топлина и сл. Со согорување на природниот гас (претежно метан) може да се добие температура до 2.000 оС, тоа е енергија со висок потенцијал и може да се користи за произодство на електрична енергија. А таа може да се користи скоро за сите намени (потрошувачи). Вистинските енергетски експерти го знаат вториот закон на термодинамиката и подобро го разбираат овој проблем.

За користење на природниот гас најрационално решение е изградба на постројки за комбинирано производство на електрична енергија и топлина, наречени и како постројки со когенерација. Тоа е истовремено производство на електрична и (корисна) топлинска енергија во една постројка. На тој начин се искористува и до 90% од расположивата енергија на гасот, а кај гасните термоцентрали искористеноста е околу 50%. Таков пример е “Те-То“ во Скопје кое работи веќе десет години, има 220 MW електрична моќност и 160 MW топлинска моќност. Но вакви комбинирани постројки може да бидат и со помал капацитет, на пример за топлификација на помали градови, потоа за вкупни потреби на болници, фабрики итн.

ttt

Иако на природниот гас се гледа како на решение за избегнување на аерозагадувањето на Скопје и на други градови, морам да укажам дека природниот гас не е еколошко решение бидејќи припаѓа на групата на фосилни горива. При негово согорување се ослободува јаглерод-диоксид (СО2) кој е гланиот причинител на глобалното загревање, односно климатските промени. Тоа е причина неколку развиени (богати) земји да воведат забрана за употреба на гасот во новите системи за греење на зградите. Трендот во целиот свет е електрификација во енергетиката, за што пишував пред неколку месеци, а ќе се осврнам на овој развој и во некоја друга пригода.

Состојбите во енергетиката во светот се менуваат во зависност од многу фактори: политички, економски, воено-стратешки, поседување на сопствени извори на горива, еколошки (климатски промени), научно-истражувачки потенцијали итн. РМ се наоѓа во многу сложена состојба, со недостиг на енергенси и недоволно домашно производство на електрична енергија. А и она производство што го имаме главно се остварува во стари термо-електрани на јаглен, а и рудниците за јаглен се веќе исцрпени. Од друга страна, секторот за енергетика во Министерството за економија на РМ, со околу 10 вработени и без искусен инженерски кадар, не може успешно да се справи со проблемите и предизвиците денес и во иднина.

tt2

На пример, заради новите проекти кои се неизбежни во блиска иднина, како што се изградбите на дистрибутивни гасни мрежи, можно е прекопување на улиците на градовите. Истовремено треба да се земат предвид и можни прекопувања на улиците за изградба на нова дистрибутивна мрежа за електрична енергија заради зголемената употреба на топлински пумпи (за греење) и полнење на електрични возила. Значи доаѓаат нови инфраструктурни промени во енергетиката што треба добро и благовремено да се планираат за да нема копање и асфалтирање на исти улици по неколку пати.

Проблематиката во енергетиката е многу комплексна. Во овој сектор се вртат, не милиони, туку милијарди евра во РМ. А енергијата е потребна насекаде, почнувајќи од дома и понатаму во многу други објекти во државата. Предлагам веднаш да се формира Министерство за енергетика (и плус климатски промени).

Автор: Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top