Уште од мојата најрана младост бев маѓепсан од Галичник, од моите роднокрајци, од прекрасните архитектонски зданија, но, пред сè, од врвните, културни, национални, економски идеи и остварувања на сите полиња од страна на ретко надарените галичани.
Ја доживував, ја проучував историјата на Галичник, поднебјето, ја споредував со други села и градови. Љубопитството ме тераше на една помисла. Сакав да најдам совршен одговор на едно, за мене суштинско прашање. Од каде ја црпеле духовната енергија и инспирација моите галичани? Дефинитивно по многу години, морам да признаам дека одговорот лежи во воодушевеноста од чудесните, неповторливите визури и погледи кои се доживуваат во поблиската и во подалечната околина и локација каде што е создаден Галичник.
Да, точно, визурите и погледите, да не беа тие вакви како што ги доживува секој што престојува во Галичник и околината, немаше да биде на таков начин создадена ретка архитектонска населба со големо, со богато и со разновидно културно наследство. Амбиентот е посебно инспиративен, преубав, визурите пленуваат и одушевуваат. Тие се бескрајни, исполнети со многу бои, музикални се. Секој момент, секој час, секој ден и година од иста позиција во Галичник доживувате и гледате најразлични визури и погледи.
Тие во себе содржат фотографски и духовен предизвик, исполнети со динамика, со треперења, со емоции и со непредвидливост. Треба да се појде и да се прошета низ Галичник и низ неговата околина, да се доживеат и да се преживеат визурите, погледите и недогледите. Визурата се претвора во визија, погледот во недоглед. Галичник еден, единствен и неповторлив. Овде како никаде на друго место визурите и погледите се најблиску до небото и до облаците, до Сонцето, до Месечината и до ѕвездите. Визурите ја спојуваат чудесната структура на дрвото, на камењата и на водите, со само еден поглед се доловува играта на многубројните ридови и планини. Во Галичник визурите и погледите духовно исполнуваат, ти ги држат очите отворени постојано, те исполнуваат со светлина и со пластичност. Мислата и чувството на секој поглед е органската врска на творецот и на творбите, на создателот и на зданието.
Визурите и погледите се менуваат во Галичник како на филмска лента. Овде сè е променливо, гледаме низ Сонце, низ магла, низ проѕирна полнотија. Визурите и погледите од иста точка се најразлични, иста визура не може да се повтори, за еден објект, за еден предел може да има безброј визури и погледи. Во македонскиот Тибет нема двапати иста панорама, ист ритам, иста боја, ист волумен или простор. Сè е различно и прекрасно, ретко инспиративно, впрочем, затоа е таков Галичник, а и да не остане ниту еден камен од Галичник со визурите и со погледите на локацијата, тој повторно во нас е раздвижен, проникнува, движи и расте во погледот и во видокругот и затоа творците повторно ќе создаваат ретки дела.
Какви сè визури има во самиот Галичник? Визури за секое маало, за секоја палата, за секоја црква, за секоја патека, тие визури ги прават конфигурацијата на теренот и релјефот. Колку пати и да сте биле во Галичник секогаш има нови визури и погледи, висти… А погледите кон него се посебна приказна, тоа е убавина за приказ. Какви погледи има од Говедарник, какви од Старците, од Скала, од Кофилковица, од Вели Врв, од Тони Вода, од Фрчец, од Јанечки Ливаѓе, од Ѓурѓево Брдо, од Гаришта…
Всушност, визурите и погледите во Галичник и во неговата околина го предизвикуваат секој творечки инстинкт, тие се бајковидни раскази за каменот, за дрвото, за водата, за светлоста и за сенката…
Текст и фото: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.