Насловна / Вести / „Електра солушн“ која го доби надзорот на автопатите кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“, добила лиценца за време на тендерот

„Електра солушн“ која го доби надзорот на автопатите кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“, добила лиценца за време на тендерот

Домашната фирма „Електра солушн“ која до сега не работала надзор, туку главна дејност ѝ била производство на долна облека доби најголем дел од 22,3-милионскиот тендер за надзор на автопатите кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“, објави „360 степени“.

„Електра солушн“ добила 8,3 милиони евра, додека „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ, за кого има обвинение во Ерменија, 7,1 милиони евра од тендерот. Од останатите пари, 4,1 милиони евра одат кај „ИРД Инженеринг“ од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеска „Ептиса“, се предвидени 400.000 евра.

2

Во продолжемие ја пренесуваме анализата на 360 степени.

Минатата недела, на 8. март, Владата го потпиша договорот со „Бехтел и Енка“. За 1,3 милијарди евра, американско-турскиот конзорциум треба да гради делови од коридорите 8 и 10-д, за кои се уште нема проекти.

Но, за да има договор за потпишување, Владата прво мораше да избере консултант. Првиот обид пропадна бидејќи испадна дека зад водечката фирма во избраниот конзорциум стои руски капитал и тоа блокиран поради санкции.

Вториот, на хартија успешен обид, заврши со избор на конзорциум предводен од италијанската „ИРД инженеринг“. „Призма“, „Алсат“, но и ВМРО-ДПМНЕ објавуваа дека една од фирмите до неодамна имала негативни референци, дека газда на друга е гонет во Ерменија, дека трета добила лиценца за надзор додека траел рокот за поднесување понуди на тендерот.

Анализата на договорот што ја направи „360 степени“ покажува дека она што на јавноста ѝ се претставува како надзор од меѓународни експерти, всушност, е само завеса зад која доминантно стојат домашни кадри.

1

Од 81 експерт, само 5 се странци

Овие листови се само дел од неколкуте стотици страници од договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и конзорциумот предводен од „ИРД инженеринг“. На тие страници се сите детали за тендерот кој чини 22,3 милиони евра без ДДВ, пари што државата се согласи да ги плати за конзорциумот предводен од италијанската компанија – прво, да договори сума за изградба на автопатите со изведувачот „Бехтел и Енка“, а потоа и да врши надзор над градбата.

На тие страници, поединечно, се набројани и имињата на експертите што ќе работат на надзорот, но и колку ќе чини нивната работа. Прва работа што паѓа во очи е дека од 81 име, само 5 се на странци од кои четворица од земји од соседството.

Надворешни експерти се:

– Паоло Орсини, Италија, директор на ИРД и потписникот на договорот;

– Јасминка Чорда Трухар, адвокатка од Хрватска;

– Ангелина Живковиќ, градежна инженерка од Црна Гора;

– Драган Костадинов, градежен инженер од Србија;

– Иван Павловиќ, градежен инженер од Србија.

4

Најголем дел од „странците“, пак, се ангажирани, пред се, во правниот тим за преговори за цената на чинење на градбата. Но, и тој ангажман е главно преку домашните компании во победничкиот конзорциум, поточно – преку една од нив:

Јасминка Чорда Трухар, адвокатка, е ангажирана со договор што го склучила со македонската фирма „Електра солушнс“;

Сузана Пековиќ, родум од Струмица, адвокатка во канцеларијата на адвокатот Александар Тортевски од Скопје, исто така, е ангажирана со договор со „Електра солушнс“;

Иван Павловиќ, експерт преговори, имплементација на договор и градежен инженер од Белград, исто така, е човек на „Електра солушнс“ во оваа приказна;

Ангелина Живковиќ, е единствената експертка во тимот за преговори која нема договор со „Електра“ туку со потписникот на договорот „ИРД инженеринг“.

Според документите, цената на услугите на овие лица е паушал од 300 илјада евра по човек, односно вкупно за четворицата државата ќе плати 1 200 000 евра. 900 илјади евра од нив ќе поминат преку домашната „Електра солушнс“.

На терен ќе доминира „Електра солушнс“

Кога, пак, ќе се погледне збирот на сите ставки од понудата, се доаѓа до уште појасен показател дека „ИРД“, иако водечки на хартија, не е главен партнер во надзорот.

Најголем дел од 22,3 милионскиот тендер одат кај „Електра солушнс“ или подизведувачите што ги ангажирале. Тоа се околу 8,3 милиони евра. Втора по „тежина“ е, исто така, македонската „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ за кого има обвинение во Ерменија – за чии услуги се наменети околу 7,1 милиони евра од тендерот. Од останатите пари, 4,1 милиони одат кај „ИРД“ од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеска „Ептиса“, се предвидени 400 000 евра.

5

Делови од стариот пат од Велес кон Прилеп се рехабилитираат во моментов, но тие не се дел од трасите што ќе ги гради „Бехтел и Енка“. По таа делница, кај селото Долно Оризари, се наоѓа една важна точка за склучувањето на зделката.

На ова место се наоѓа подружница на „Електра Солушнс“ – фирмата преку која ќе поминат најмногу пари за надзорот над „Бехтел и Енка“. Компанијата е во сопственост на Андон Ампов.

Во истиот двор, барем на хартија, регистрана е фирмата со назив „ИГХ“. Тоа е подружницата на хрватската компанија со руски капитал која не приложи банкарска гаранција за да го добие првиот, поништен тендер за надзор.

Зад портата е и фирмата „Институт за патишта“. Таа беше домашен партнер на несудениот хрватски, односно руски надзор на „ИГХ“. Газда на „Институт за патишта“ е Сотир Ампов – јуниор, брат на Андон Ампов – сопственикот на „Електра солушнс“. Или, во ист двор, се и фирмите што победија, но не успеаја да достават банкарска гаранција на претходниот тендер, и најголемиот партнер во новиот победнички конзорциум, поврзани преку блиска семејна врска. Многу локални коинциденции за надзор на историски проект, како што го најавува Владата.

Дека „Електра солушнс“ нема искуство во вршење надзор, најгласна во обвинувањата беше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тврдеа дека оваа компанија извадила лиценца за надзор во период кога течел рокот за поднесување понуди на тендерот на кој потоа ќе победи заедно со уште три фирми.

„360 степени“ го провери ова тврдење. Не само што е точно дека „Електра солушнс“ добила лиценца за време на тендерот, туку и барањето е поднесено 12 дена откако тендерот веќе бил распишан, а позитивниот одговор стигнал за помалку од пет работни дена.

„Во однос на Вашето прашање, Ве информираме дека компанијата ‘Електра солушнс’ поднела барање за издавање на лиценца А-надзор на 27.9.2022 година. Истата лиценца е издадена на 3.10.2022 г.“, одговорија од Министерството за транспорт и врски, на прашањата на „360 степени“.

6

Како е можно фирма која немала ниту лиценца кога бил отворен тендерот, да влезе во конзорциум за надзор на најголемиот инфраструктурен проект во земјава? Ова беше едно од прашањата кои 360 степени ги постави на „Електра солушнс“. Од таму ни одговорија: „Во периодот од објавувањето на новата постапка за доделување на договорот за надзор (15.9.2022 година), веднаш бевме контактирани од 4 странски компании за заедничко учество на новораспишаниот тендер, поради што и се одлучивме да пристапиме кон обезбедување на потребната документација за евентуално наше здружување со некоја од нив и учество на тендерот во форма на конзорциум. Одлучивме да учествуваме на тендерот заедно со ‘ИРД инженеринг’ од Рим, Италија, а Договорот за конзорциум го потпишавме на 5.10.2022 година (по добивањето на лиценца А за надзорот)“, одговорија од „Електра солушнс“ за „360 степени“.

Од „Електра солушнс“ додаваат и дека фирмата не е без искуство, туку дека успешно работи веќе 21 година. Документите од Централниот регистар покажуваат дека тоа е точно, но дека во најголем дел од своето постоење компанијата за главна дејност имала – производство на долна облека, па кратко давала услуги во врска со информатичка технологија, пред да се вклучи во градежништво.

На нашето прашање – како е можно компанијата со најмалку искуство во дејноста во конзорциумот да добие најголем дел од работата, од „Електра солушнс“ велат: „Неточна е констатацијата дека ‘Електра солушнс’ е компанија со најмалку искуство. Би повториле дека истата постои повеќе од 21 година и досега има учествувано на домашни и меѓународни тендери и успешно, квалитетно и навремено реализирала бројни договори за јавни набавки. Во однос на обврските и уделите на секој од членовите на конзорциумот и подизведувачите, сакаме да укажеме дека … ‘Електра солушнс’ има склучено договори со фирми подизведувачи… Со склучените договори обезбедивме 100% ангажман на домашни експерти кои ќе стекнат референци и надомест за нивниот ангажман во овој голем проект кој е на ниво на европските земји за ваква категорија на проектите“.

Во контекст на обвинувањата за блискост со премиерот или неговиот прв заменик, од „Електра солушнс“ велат дека никој од потесното па и поширокото семејство нема партиска определба.

7

Но, договорот, отвора и други прашања, особено за цените на услугите.

На пример, услугата за секој геометар ќе се наплаќа по околу 5 600 евра месечно. Секој надзорен инженер ќе чини по 8 до 9 000 евра месечно, додека месечниот трошок за главен надзорен инженер е 20 000 евра – такви има четворица – за секоја од четирите делници. Најскап е директорот на проектот, Италијанецот Паоло Орсини, чиј ангажман ќе чини 27 000 евра месечно или вкупно 1,3 милиони евра во текот на целиот проект.

Цените за услугите што ќе ги плати Владата се чинат западноевропски. Но, зошто се такви ако се знае дека кадарот е пред се македонски и нешто балкански?

Текстот е превземен од 360 степени, Автор: Александар Димитриевски

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top