Насловна / Архитектура / Диебедо Франсис Кере – истoвремено е и архитект и слуга, кој ги подобрува животите и искуствата

Диебедо Франсис Кере – истoвремено е и архитект и слуга, кој ги подобрува животите и искуствата

На 15.3.2022 во Чикаго, претседавачот на Хајат фондацијата, г-динот Том Прицкер,  објави дека Диебедо Франсис Кере е добитник на 51-вата Прицкерова награда за архитектура за 2022 година, која се смета за највисоката меѓународна награда за архитектура и е спонзорирана од Хајат фондацијата. Прв пат оваа награда е доделена на архитект по потекло од Африка.

1_resize

ПРВИОТ ОД НЕГОВАТА ЗАЕДНИЦА КОЈ ПОСЕТУВАЛ УЧИЛИШТЕ

Лауреатот Францис Кере е роден во 1965 година во Буркина Фасо, една од најсиромашните земји во светот која е рангирана како 182 од 189 анализирани земји според Индексот на човечки развој на Програмата за развој на Обединетите нации за 2020 година, а според која Северна Македонија е рангирана на 82 место. Според објавата за наградата, Буркина Фасо се смета за земја без чиста вода за пиење, електрична енергија и инфраструктура, а уште помалку архитектура.

gando2_resize

неговиот прв објект, Основното училиште Гандо (2001)

Како најстар син на поглаварот на селото, архитектот Кере бил првиот од неговата заедница кој посетувал училиште. Со оглед дека во најблискиот град Гандо немало училиште, тој на само седумгодишна возраст го напуштил своето семејство и заедница за да го посетува училиштето во Тенкодого. Неговата училница била изградена од цементни блокови и била несоодветно вентилирана и осветлена. Затворен со сто соученици со часови во екстремни климатски услови, тој се обврзал дека еден ден ќе ги направи училиштата подобри. Сеќавајќи се на своите училишни денови, архитектот Кере укажуава дека „Добра архитектура во Буркина Фасо е училница во која може да се седи, да има соодветно осветлување, да може да се влезе од каде се сака пред таблата или до клупата.“

ou_gando_resize

Основното училиште Гандо (2001)

За да го продолжи своето образование Францис Кере ја напуштил својата татковина и во 1985 година заминал за Берлин, Германија, како стипендист за столарско занимање. Додека во текот на денот учел да прави покриви и мебел, тој навечер посетувал настава за средно образование. Последователна стипендија му овозможила да се запише да студира архитектура на Техничкиот универзитет во Берлин во 1995 година, каде завршил напредни студии во 2004 година.

2_resize

Националниот парк во Бамако, Мали (2010)

ДА СЕ ИЗГРАДИ СО И ЗА ЗАЕДНИЦАТА

Свесен за одговорноста која произлегува од неговиот привилегиран статус, архитектот Кере ја основал фондацијата „Градежни блокови за училиштата во Гандо“, која подоцна била преименувана во „Кере фондација“. Истата во 1998 година започнала да собира средства и да ги промовира правата на децата за пристојни училници, а ова резултирало во 2001 година во неговиот прв објект, Основното училиште Гандо во неговата татковина. Преку ова училиште изградено од и за жителите на градот, се смета дека биле воспоставени темелите на архитектонскиот пристап на Кере – да се изгради со и за заедницата, а со цел да се задоволат локалните потреби и да се ублажи социјалната нееднаквост. Како одговор на овој предизвик, тој понудил двојно решение – современо решение на објект кој може да се носи со екстремната топлина и лошото осветлување со ограничени ресурси, и социјална решителност да ги надмине сомневањата на заедницата.

gondo_resize

Основното училиште Гандо (2001)

Меѓународното собирање средства преку неговата фондација во комбинација со отворање можности за локалното население, вклучително со можности за обука за занимања и занаети овозможиле да се одговори на овој предизвик. Училиштето било изградено од тули со голема термичка маса, направени од локална глина зајакната со цемент.  Ваквиот пристап овозможил постудениот воздух да се задржи во објектот, а топлината да излезе преку плафонот од тула и издигнатиот кров со големи натстрешници овозможувајќи природна вентилација на објектот. Успехот на овој проект добитник на Ага Кан наградата за архитектура во 2004 година, веројатно најдобро може да се мери со фактот дека бројот на ученици во училиштето се зголемил од 120 на 700, а ова резултирало со последователни проекти за истото училиште, како домовите за учителите (2004), доградбата (2008) и библиотеката (2019).

CSPS_resize

Центарот за здравје и социјална благосостојба во Лаонго, Буркина Фасо (2014)

KÉRÉ ARCHITECTURE

Успехот на Основното училиште Гандо го поттикнало да го отвори своето проектантско биро Kéré Architecture во Берлин (2005), преку кое тој реализирал образовни и здравствени објекти во Републиката Бенин, Буркина Фасо, Мали, Того, Кенија, Мозамбик, Судан и Уганда. Неговите реализации покажале исклучителни резултати со оглед дека тие не само што овозможиле создавање училишта за образование на децата и локални здравствени установи за болните, туку и преку воспоставувањето на занимања за возрасните овозможиле да се поддржи и иднината на овие заедници. Оттука, како значајни карактеристики на неговото творештво особено се сметаат неговата сензитивност кон биоклиматските карактеристики на локалната средина, одржливото проектирање приспособено на секој локалитет, како и долгорочните позитивни придобивки за локалната заедница.

zdravje_resize

zdravje1_resize

Центарот за здравје и социјална благосостојба во Лаонго, Буркина Фасо (2014)

Центарот за здравје и социјална благосостојба во Лаонго, Буркина Фасо (2014), е карактеристичен по распоредот на прозорците со различни големини и на различни висини по фасадата на објектот, коишто овозможуваат убави погледи кон пејзажот за секое лице во објектот – за докторот кој стои, за посетителот кои седи и за болниот кој лежи. Слично, во Бенге Риверсиде училиштето во Тете, Мозамбик (2018), фасадата е проткаена со мали отвори коишто се повторуваат, овозможувајќи светлината и транспарентноста да го поттикнат чувството на доверба кај студентите.

biblioteka_gando_resize

Библиотека на основното училиште во Гандо, Буркина Фасо (2019)

Библиотеката на основното училиште во Гандо, Буркина Фасо (2019), се одликува со бетонски кров излеан околу мрежа на садови од традиционална керамика, а кои потоа биле извадени за преку овие кружни отвори да може да излезе топлиот воздух од објектот и да навлезе природното осветлување. Дополнително, фасадата од дрво од евкалиптус го обвива овој елиптичен објект, создавајќи флексибилни надворешни простори.

lajons1_resize

Стартуп Лајонс кампусот во Туркана, Кенија (2021)

Стартуп Лајонс кампусот во Туркана, Кенија (2021), е кампус за информациски и комуникациски технологии, каде што објектот е изграден од локален камен и вклучува низа вентилациони кули преку кои се промовира природната пасивна вентилација во објектот за да се намали потребата за климатизација за заштита на ИТ-опремата во објектот.

lajons2_resize

Стартуп Лајонс кампусот во Туркана, Кенија (2021)

Првата фаза на Буркина институтот за технологија во Коудоугоу, Буркина Фасо (2022), е изградена со ѕидови од глина, изведени на самото градилиште, со цел да се забрза процесот на изградба. Овие ѕидови од глина го подобруваат ладењето на објектот. Дополнително објектот е заштитен од сонце преку натстрешниците од дрво од евкалиптус, кои исто така го штитат објектот и од кусата сезона на дождови, при што дождовницата се собира под нивото на теренот, за истата да се користи за иригација на манго-плантажата во рамките на објектот.

inst_tehno_burkina_resize

inst_tehno_burkina1_resize

Институтот за технологија во Коудоугоу, Буркина Фасо (2022)

Како други позначајни реализации на архитектот Кере на африканскиот континент се сметаат и Првата фаза на Опера селото во Лаонго, Буркина Фасо (2010), Националниот парк во Бамако, Мали (2010), Лицејот Шорџе средното училиште во Коудоугоу, Буркина Фасо (2016), Лео домовите за лекари во Лео, Буркина Фасо (2019) и други.

Benin National Assembly_resize

Националното собрание на Бенин

Во моментов, во Порто Ново, Република Бенин, се гради неговиот објект на Националното собрание на Бенин, лоцирано во јавен парк и инспирирано од „палавер“ дрвото. Станува збор за дрво коешто во многу африкански заедници претставува и физичко и симболично место за собирање на заедницата, каде на мирен и конструктивен начин се разговара за работите од заеднички интерес, се одржуваат церемонии, но исто така се користи и како сцена за настапи и раскажување приказни. Решението на објектот овозможува додека Собранието заседава внатре во објектот, граѓаните да се собираат под големата сенка во базата на објектот. Зградата на Националното собрание на Буркина Фасо, во Квагадоугоу се смета за најзначајниот и најамбициозниот проект на архитектот Кере досега, кој за жал сè уште не е реализиран. По уништувањето на претходниот објект во востанието од 2014 година, архитектот Кере испроектирал скалеста и чипкаста пирамидална зграда за собраниска сала со капацитетот за 127 лица во внатрешноста на објектот, но која поттикнува и неформално собирање надвор од објектот. Објектот е дел од поголем урбанистички план, замислен да вклучи локална флора, изложбени простори, двор и споменик за оние кои ги изгубиле своите животи во протестите кон стариот режим.

Burkina Faso National Assembly_resize

Burkina Faso National Assembly1_resize

Национално собрание на Буркина Фасо, во Квагадоугоу

Творештвото на архитектот Кере вклучува и павилјони и инсталации во Данска, Германија, Италија, Швајцарија, Велика Британија и САД. Така тој во 2017 година го реализирал времениот Серпентај павилјон во Лондон, којшто исто така е конципиран преку формата на дрво. Одвоените закривени ѕидови се оформени од модули во индиго боја, која се идентификува со сила во неговата култура и на лично ниво со бојата на облеката која тој ја носел како дете. Одвоениот кров се надоврзува на неговите објекти во Африка, додека внатре во павилјонот дождовницата се носи во централниот дел на конструкцијата нагласувајќи го глобалниот недостаток на вода.

Serpentine Pavilion_resize

времениот Серпентај павилјон во Лондон (2017)

Зајлем павилјонот во Типет Раизе арт центарот во Фиштаил, Монтана, САД (2019), е натстрешница за посетителите на центарот каде тие може да се соберат во заштитена средина, за да разговараат, или пак да уживаат во своето опкружување во конструкција која ги евоцира внатрешните слоеви на дрвото.

зајлем_resize

Xylem_resize

Xylem1_resize

Зајлем павилјонот во Типет Раизе арт центарот во Фиштаил, Монтана, САД (2019)

Сарбале Ке во рамките на Коучеча Вали фестивалот за музика и уметност во Калифорнија, САД (2019), е уште еден пример на творба инспирирана од дрвата.  Во превод „Куќата на прославата“ е конципирана според формата на шупливото баобаб дрво, ценето во локалната африканска култура заради своите лековити својства.

Sarbalé Ke_resize

Sarbalé Ke1_resize

Сарбале Ке, Калифорнија, САД (2019)

СИМБОЛИЗАМ ПОД ВЛИЈАНИЕ НА НЕГОВОТО ВОСПИТУВАЊЕ И ИСКУСТВА

Од погорниве примери може да се види дека и проектите на Кере надвор од Африка се проткаени со симболизам под влијание на неговото воспитување и искуства од Гандо. Поетската експресија на светлото е константа низ творештвото на Кере.  Сончевите зраци се филтрирани во објектите, дворовите и меѓупросторите со цел да се надминат жешките пладневни часови и да се понудат простори за смиреност и собирање.

LÇo Complex_resize

LÇo Doctors' Housing_resize

Лео домовите за лекари во Лео, Буркина Фасо (2019) 

Покрај Ага Кан наградата за архитектура (2004), архитектот Кере, е добитник и на Глобалната награда за одржлива архитектура (2009), БСИ-швајцарската награда за архитектура (2010), Глобалната Холким златна награда (2012), Шелинг наградата за архитектура (2014), Меморијалната награда Арнолд Брунер за архитектура на Американската академија за уметности и книжевност (2017) и Медалот за архитектура на Томас Џеферсон фондацијата (2021). Архитектит Кере се јавува како гостин професор на универзитетите во Харвард и Јеил во САД и е иногурален шеф на Катедрата за архитектонско проектирање и партиципација на Техничкиот универзитет во Минхен од 2017 година. Тој е овластен член на Кралскиот институт на британските архитекти (2009), и почесен член на Американскиот институт на архитекти (2012), и на Кралскиот архитектонски институт на Канада (2017).

лицеј_resize

Лицејот Шорџе средното училиште во Коудоугоу, Буркина Фасо (2016)

За жирито „Во свет во криза, помеѓу променливи вредности и генерации, тој нè потсетува на што било, и што несомнено ќе биде камен-темелник на архитектонската пракса: сензибилитет за заедницата и наративен квалитет, којшто тој може да го повика со сочувство и гордост. Преку ова тој овозможува наратив во кој архитектурата ќе стане извор на континуирана и трајна среќа и восхит. За подарокот кој тој го има создадено преку своето творештво, подарок кој го надминува оспегот на архитектурата како дисциплина, Францис Кере е именуван за лауреат на Притцкеровата награда за 2022 година.“

опера_resize

Опера селото во Лаонго, Буркина Фасо (2010)

За г-динот Прицкер, „Архитектурата на Францис Кере е пионерска – одржлива кон планетата Земја и нејзините жители – во подрачја на екстремни ограничувања.  Тој истовремено е и архитект и слуга, кој ги подобрува животите и искуствата на небројни граѓани во регион на светот кој понекогаш е и заборавен. Низ своите објекти тој ја демонстрирал убавината, скромноста, смелоста и иновацијата, и преку интегритетот на архитектурата и постапките, Кере достоинствено ја почитува мисијата на оваа награда.“

оп_resize

Опера селото во Лаонго, Буркина Фасо (2010)

„Јас се надевам да ја сменам парадигмата, да ги поттикнам луѓето да сонуваат и да преземат ризик. Фактот дека сте богат не значи дека треба да се расфрлате со материјал. Фактот дека сте сиромашен не значи дека не треба да се обидете да создадете квалитет.“ – вели лауреатот Кере во одговор на објавувањето на наградата.  „Секој заслужува квалитет, секој заслужува луксуз, и секој заслужува комфор. Сите ние сме меѓусебно поврзани и грижите за климата, демократијата и ограничените ресурси се грижи на сите нас.“

Прекрасно е да се види дека овогодишната Прицкерова награда за архитектура е доделена на архитектот Францис Кере, кој дава насоки за тоа како може да се осмисли и редефинира архитектонската струка за истата да може подобро да одговори на предизвиците на 21-виот век.

DetailedsketchesofLyceeSchorgebyFrancisKere_resize

Поддржано од Министерство за култура во рамки на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот за 2022 година

MINISTERSTVO-ZA-KULTURA_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top