Насловна / Арт и дизајн / Целата магија на светот го пронајде своето засолниште во моите очи

Целата магија на светот го пронајде своето засолниште во моите очи

„Единствената разлика помеѓу мене и лудак е што јас не сум луд“, е позната реченица на славниот Салвадор Дали (1904 – 1989), најзначајниот сликар, надреалист на 20 век кој ги поместил границите на уметноста. Тој бил контроверзен, бизарен, ексцентрик, но неговите дела никој не може да му ги оспори. Неговото име, Салвадор, во превод значи спасител, па така тој сметал дека е судбински предодреден да го спаси сликарството од медиокритетските катастрофи на модерното време. Но кој и да зборува за Дали или да се обидува да го објасни никој тоа не може да го направи подобро од самиот тој во својата автобиографија „Тајниот живот на Салвадор Дали – Јас сум гениј“ (1942).

image-asset_resize

Тој вели дека го помни својот живот уште во мајчината утроба. Така и ја почнува автобиографијата: „Меѓутоа, јас се сеќавам и тоа како да беше денес. Затоа сакам оваа книга да ја започнам од вистинскиот почеток: со драгоценото, јасно сеќавање на мојот живот во мајчината утроба. Тоа без сомнение ќе биде прво сеќавање од овој вид од почетокот на историјата на светската книжевност. Сигурен сум дека на овој начин ќе предизвикам да се појават слични сеќавања кај моите читатели или дека во нивната свест ќе локализирам цела низа на чувства и неискажани, неопишани впечатоци и слики на состојбата на душата и телото, кои тие ќе ги вклучат во некој вид претчувство на тоа што се случувало додека биле во мајчината утроба. Всушност доколку ме прашате што чувствував, веднаш би ви одговорил: „Беше божествено, вистински рај“. Но, како изгледа тој рај. Дозволете ми да почнам со еден краток, општ опис: Рајот на мајчината утроба е обоен во боите на интензивно црвена, портокалова, жолта и сина. Тој рај е мек, неподвижен, топол, симетричен, двострук и леплив. Уште тогаш, сето задоволство, целата магија на светот го пронајде своето засолниште во моите очи“.

6_resize

Дали и Гала

Дали, Лорка и Буњуел

Во 1910 година почнува неговото образование во католичко училиште, но исфрлен е поради непримерно однесување. Тој во 1922 година се запишува на ликовна академија, но никогаш не ја завршува. Исфрлен е бидејќи тврдел дека не постои компетентен професор кој би можел да ги оцени неговите дела. На академијата ги запознава поетот Федерико Гарсија Лорка (1898 – 1836) и режисерот Луис Буњуел (1900-1983). Тоа е периодот по Првата светска војна и пред почетокот на Граѓанската војна во Шпанија (1936 – 1939), проткаен со жесток антагонизам кој произлегол како последица на војната во Европа и политичките превирања во Шпанија. Триаголникот составен од овие великани, претставувал еден вид сон, како и надреализмот, правецот на кој му припаѓале, но понекогаш и кошмар, од кои современата шпанската култура сè уште не успева да се разбуди целосно.

1_resize

Буњуел, Дали и Лорка

Дали, Лорка и Буњуел студирале во Мадрид и престојувале во студентски дом (Residenciade Estudiantes), тогашен центар на културниот живот во градот. Домот бил институција каде се создавале младите влијателни мислители, интелектуалци, писатели и уметници.

Тројцата пријатели биле млади сонувачи, силни индивидуалци и исклучителни таленти кои на особен начин го доживувале светот. Затоа и не чуди фактот што се надреалисти; нивното творештво се движело во насока на сонување и разработка на ирационални фантазии. За надреалистите, уметничкото дело е оправдано само ако придонесува за „менување на животот“.

Како што е примерот со Дали кој во триесеттите години се приближил на ренесансниот идеален класицизам и неоромантизам, па така Андре Бретон во 1934 година го исфрла од надреалистичкото движење. „Затоа што надреализмот подразбира и морална квалификација која произлегува од односот со основачките принципи, кои самите имаат двоен аспект, и етички и естетски.

Но, Дали и денес е еден од најпрепознатливите сликари на надреализмот.

4_resize

 „Мали остатоци“, Дали

Несомнено е дека познанството и другарувањето, кое траело само неколку години во одреден период од животите на Лорка, Дали и Буњуел, оставило трага на нивната личност и на нивното творештво. Лорка ја создава својата прочуена песна „Ода за Салвадор Дали“. А најпозната слика насликана додека Дали служел војска е „Мали остатоци“, претстава на различни сеќавања на Лорка кој е насликан во средиштето на сликата. Но Лорка покрај тоа што бил поет и сликал. Ако ја погледнеме сликата што Лорка ја насликал во 1927 година, гледаме две лица кои се преклопуваат: едниот подолу е Лорка, а оној со тажни очи е Дали. Нивните усни се допираат. Името на сликата е „Бакнеж“ (El Beso). Дали помеѓу Лорка и Дали покрај силна емотивна конекција, постоела и сексуално врска, нешто за кое се шпекулира, никогаш нема да дознаеме.

5_resize

„Бакнеж“ (El Beso), Лорка

Летото 1929 година Буњуел бил кај Дали во Фигуерас да поминат заедно неколку дена. Буњуел му раскажувал на Дали дека сонувал како долг облак ја сече месечината и како острица на брич пресекува око, а Дали му рекол дека сонувал човечка рака полна со мравки и го прашал да направат филм од овие соништа. „Го обожувам сонот, дури и тогаш кога моите сништа се кошмари, што е најчест случај. Тие секогаш се исполнети со препреки, кои јас ги познавам и препознавам. Тоа ми е сеедно. Оваа луда љубов кон сонот, задоволството да сонувам, потполно ослободена од секој обид за објаснување, една е од длабоките склоности кои ме доближија до надреализмот.  „Андалузиски пес“ (Un chien andalou)  е роден од средба на мој сон и сон на Дали“, ќе рече Буњуел за култниот филм за кој сценариото го напишале за една недела, надополнувајќи се еден со друг. Премиерата била во париското студио Ursulines, а меѓу присутните биле Пикасо, Корбизје, Кокто и голема група надреалисти.

un-chien-andalou-eyeball-scene-1108x0-c-default_resize

„Андалузиски пес“ (Un chien andalou) 

Граѓанската војна во Шпанија ставила крај на златниот период на студентскиот дом во Мадрид и на врската помеѓу тројцата уметници, која поради војната претрпела разни случувања и судири. Федерико Гарсија Лорка е убиен од страна на војниците на генералот Франсиско Франко, фрлен во масовна гробница чија локација и денес е непозната, а неговите дела биле забранети. Буњуел бил во егзил и живеел во Мексико сè до неговата смрт, додека Салвадор Дали – Спасителот, уживал удобен и долговечен живот со диктатурата на Франко. Односите меѓу двајцата (преживеани) творци се прекинале, тие доживеале длабока старост и не биле во контакт, но огромното влијанието останало засекогаш. Кога Дали остарел и завршил во болница, сам и депресивен со ослабено срце, болничарките кои сè грижеле за него го слушнале како во тишина шепоти „Мојот пријател Лорка…“

Свет како во сон

Салвадор Дали својата прва самостојна изложба ја отвора во галерија Даламур во Барселона. Во 1926 се сели во Париз, каде го запознава Пабло Пикасо, кој имал силно влијание на неговиот стил, но со текот на времето Дали развил сопствен стил.

Дали асимилирал огромен број уметнички стилови и прикажал извонредни технички вештини како сликар. Меѓутоа, до крајот на 1920-тите години, два настани придонеле за развој на неговиот зрел уметнички стил: неговото откривање на списите на Сигмунд Фројд за еротското значење на потсвеста и неговата поврзаност со надреалистите во Париз. Тој брзо созревал како сликар и во периодот од 1929 до 1937 година ги создал сликите кои го прават најпознат светски надреалист. Тој прикажувал еден свет како во сон, каде предметите се деформирани во бизарна или ирационална состојба. Предметите ги претставувал со прецизни и реални детали и обично ги сместувал во мрачни или сончеви пејзажи кои потсетувале на неговата каталонска татковина, што се гледа во неговата можеби најпрепознатлива слика „Постојаност на сеќавањето“.

2_resize

 „Постојаност на сеќавањето“, Дали

Дали за сликарството ќе каже: „Почнете да сликате и да творите како старите мајстори, а дури потоа правете како што вие ги гледате нештата – така секогаш ќе бидете почитувани“, за веднаш потоа да додаде „Зависта на другите уметници секогаш ми служеше како термометар за мојот сопствен успех“.

Неговите контрадикторни политички ставови во времето на подемот на фашизмот го отуѓуваат од неговите колеги надреалисти. Затоа неговите историчари често велат дека во неговата биографија има две дамки. Првата се однесува на одбивањето да застане против фашизмот и „кокетирањето“ со генералот Франко, додека големите уметници и интелектуалци отворено повикувале на борба против нацизмот, а Пикасо ја сликал својата прочуена антивоена „Герника“. Втората дамка е желбата за пари. Андре Бретон го сметал Дали за „мајстор на егзибиционизмот и саморекламирањето“.

salvador-dali-paintings-14_resize

„Спиење“ (Le Sommeil), Дали

Гала (Елена Ивановна-Диаконова)

Но, да се зборува за Дали, а да не се спомене Гала е невозможно. Дали ја запознава својата идна жена, русинката Гала (нејзиното вистинско име е Елена Ивановна- Диаконова) на своја дваесет и шестгодишна возраст. Гала е десет години постара од него и всушност ги запознава нејзиниот тогашен маж, францускиот поет Пол Елиар. Дали се вљубува на прв поглед, а таа, иако ја озборуваат дека била голем материјалист се венчава со Дали кога тој бил сиромашен и незнаен уметник, но ги препознава талентот, интелектот и амбицијата. Нивната врска е проткаена со многу контроверзии од тоа дека таа била опседната со пари, била негов менаџер и дилер на сликите, преку тоа дека Дали бил импотентен, а Гала имала многу љубовници. Немала пријатели и немала почит кон луѓето. Во една прилика Луис Буњуел сакал дури и да ја задави. Ја обвинуваат и за расипување и комерцијализација на неговата уметност. Значителна листа на „гревови“. Може да се запрашаме, како Дали можел да ја обожува? И тоа како што самиот велел: „повеќе од мојата мајка, повеќе од татко ми, повеќе од Пикасо, па дури и повеќе од пари“.

3_resize

„Портрет на Галарина“, Дали

Еден факт останува неспорен – Гала не е само неговата сопруга, таа била и неговата муза. Гала му била модел, во бројни прилики и слики се појавува во неговата уметност, била претставувана како Мадона, била сликана со лебеди. Можеби најрелевантно е прекрасното и провокативно масло на платно, „Портрет на Галарина“ (1945). Нивниот брак повеќе пати бил во криза, но по нејзината смрт Дали сосема се повлекува во себе, во темните одаи на својот замок.

За време на Франковата диктатура

Дали е несомнено голема фигура, како за Шпанија, така и за целиот свет. Но неговата позиција за време на Франковата диктатура која Дали ја поддржувал и неговите јасни фашистички ставови се нешта за кои не се зборува сосема отворено, особено во Шпанија, а медиумите главно молчат за тоа. Салвадор Дали ги изразил своите симпатии кон фашистичкиот удар во 1936 година и со диктатурата, што го искажал во писмото до Буњуел, поради што јазот помеѓу нив станал веќе непремостлив. Дали бил омразена личност од демократските сили? Кога умрел Франко, Дали побегнал од Кадакес, плашејќи се за својот живот. Во 1976 година, во текот на последните години на диктатурата, била откриена бомба под неговото вообичаено место за седење во еден ресторан во Барселона. И наскоро станал свесен дека неговиот живот и наследство би можеле да бидат загрозени ако демократските сили победат. Но, ја потценил моќта на ултраконзервативните сили кои му биле лојални. Кралот Хуан Карлос Први, назначен од генерал Франко, станал шеф на државата и во новоформираната демократија ја проширил својата заштита на сите главни фигури на фашистичкиот естаблишмент, вклучувајќи го и Дали. Ова е она за што најмногу му се префрла на Дали, а тој и покрај своите политички убедувања, скоро секогаш уживал во животот.

Сликата „Шпанија“

Уметноста на Дали и неговата естетика скоро еден век ги вознемируваат духовите и предизвикуваат противречни судови и коментари, меѓутоа и неговите најстроги критичари признаваат дека „Дали е еден од најфините цртачи и најдобрите техничари уште од времето на ренесансата па сè до денес“. Дали секогаш себеси се сметал за надреалист, иако Бретон го исклучил. Денес веќе не треба да нè чудат многубројните негови парадокси. Неговите дела се севкупни: „ред под привиден неред, неподвижност под привидна подвижност и вертикалност во привидно безобличен свет“. Во својата младост Дали се нашол пред една раскрсница, пред сè затоа што истражувањата ги водел паралелно со поетските барања на Лорка. Тој брзо созревал како сликар и имал исклучително бујна фантазија. Надреализмот многу ѝ должи на неговата иконографија. „За разлика од другите уметници надреалисти, кај кои пејзажите се измислени, во сите слики на Дали пејзажите се насобрани со точни забележувања, систематски изменети и грижливо чувани во неговиот мозок уште од детството“.

7_resize

„Шпанија“, Дали

Во 1936 година беснее Граѓанската војна. Дали и Гала морале да се откажат од својот престој во Порт – Лигат во Шпанија. Тие патувале низ Европа и поминале извесно време во Италија. Кога престојувале во Фиренца и Рим, Дали поминал извесно време студирајќи ги италијанските сликари: Рафаел, Леонардо да Винчи и Микеланџело.

Влијанието на ренесансните мајстори е јасно видливо во групите фигури што подоцна ги користел во своите дела за да создаде двојни слики на своите платна, како што е сликата „Шпанија“.

Оваа слика е масло на платно со димензија 91 х 60,2 сантиметри, се наоѓа во музејот Боиманс Ван Бенинген (Boymas van Beuningen) во Ротердам, Фондација New Trebizond.

Фигурата на жената која се потпира со лактот на дрвено ноќно орманче ја симболизира Граѓанската војна во Шпанија. Во својот „Таен живот“, Дали напишал: „Целата маченичка Шпанија оддишуваше со мирис на темјан, спржено поповско месо, расчеречено духовно тело, помешано со јак мирис на потта на масите, кои меѓусебно се пареле и со смртта“

Торзото и лицето на женската фигура се составени од група ренесансни воини, инспирирани од борбата на коњаниците на Да Винчи. Иако носи ознака – 1938 година, платното е започнато порано.

Оваа слика Дали ја изложил во февруари 1939 година заедно со други слики во ателјето во Париз во кое тогаш живеел со Гала. Пријателите и париското друштво дошле да ја видат изложбата на параноично – критички дела. Дали се сеќавал дека прв дошол, а последен си заминал Пикасо, кој посебно се интересирал за сликата „Шпанија“.

8_resize

Дали 1938 г. со „Шпанија“ во вилата на Коко Шанел



 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top