Деловниот објект “Воросмарти Тер" на унгарскиот архитект Ѓорѓи Фазакаш, лоциран во Будимпешта, Унгарија, е новиот објект – заштитен знак на најновата верзија на ArchiCAD – ArchiCAD 12. Во иднина овој објект ќе биде препознатлив на сите ArchiCAD случувања.
По најавите, конечно минатата недела ArchiCAD 12 го виде белиот ден. Најдоброто од “Graphisoft" и овојпат ќе ги израдува CAD/BIM зависниците, бидејќи содржи навистина иновативни алатки. Иако можеби оваа верзија не е револуционерна, таа во себе носи многу новитети и ја следи својата природна еволутивна траекторија. Како и да е, сите новини во апликацијата се резултат на решавање на посочените проблеми.
Брзина.
Брзината на апликациите и компјутерските машини никогаш не е доволна
ако се знае нивото на комплексност на архитектонските електронски
модели. Затоа правило е секој продукциски компјутер да ја поддржува
најновата хардверска технологија. Прашање на време беше кога ArchiCAD
ќе се приспособи на новите технолошки чуда – повеќејадрените процесори.
И конечно, по извршените интервенции во кодот, ArchiCAD 12 почна да ги
поддржува спомнатите процесори, со што брзината на работа во
апликацијата на машина со мултикор процесори, се зголемува три до
четири пати. Или ако сакате, поради поделба на операции помеѓу јадрата
се намалува времето потребно за извршување на процесите. Логично колку
повеќе јадра или процесори толку помалку време за чекање. Со оглед на
цените на повеќејадрените машини во земјава, како и поради неажурноста
во надградбите на компјутерите, оние со еднојадрените процесори нема да
бидат во можност да ја почувствуваат предноста на ArchiCAD 12. Како и
да е, со прифаќањето на multicore технологијата, ArchiCAD 12 стана
најбрзиот BIM на светот, а наедно и првиот кој го скрши мразот .
Слобода во проектирањето.
Согледувајќи ги главните подобрувања во претходните неколку верзии на
ArchiCAD, се забележ ува дека “Graphisoft" полага големо внимание на
зголемување на слободата на проектирање, се разбира онолку колку што
дозволува BIM (Буилдинг Информатион Моделинг) технологијата. Во
ArchiCAD 12, тоа е сторено со воведување на нова алатка за креирање на
структурални фасади – Curtain Wall Tool. Оваа алатка е интуитивна и
раскошна. Со неа за неколку минути се решава целата фасада, а моделот
на фасада за неколку секунди станува проект за префабрикација односно
за монтажа. Од “Graphisoft" велат дека Curtain Wall Tool алатката е
првата системска алатка во ArchiCAD која има поинаков пристап кон
конструктивните елементи. Што се однесува до мене, оваа алатка е
дотолку значајна што со неа Graphisoft ги побива сите тврдења дека
ArchiCAD е одлична апликација за резиденцијални објекти, но не и за
јавни и индустриски зданија. Доказ за тоа се мноштвото комплексни
проекти изработени во ArchiCAD. Во контекст на поголема слобода во
проектирањето одат и четирите нови типови на параметрични скали дадени
на располагање.
Едноставност во моделирањето.
Оваа ставка била отсекогаш победничката особина на ArchiCAD. Не
бадијала се вели: она што е АutoCAD во CAD, тоа е ArchiCAD во BIM.
Едноставната манипулација со објектите и елементите, во дванаесетката е
збогатена со опциите за преместување, подредување и дистрибуирање на
објектите, без разлика дали сме во 2D или 3D модот.
Графичка презентација.
ArchiCAD 12 има супериорни опции за графичко презентирање. Како
надополна на тоа се и опциите за анотирање, димензионирање на 3D
пресеци на моделите, употреба на најразлични шрафури, текстури и
исполни во моделот. Со употреба на овие опции, архитектот има можност
да вдахне свежина и дух на проектната документација.
Слично на работењето со External References во АutoCAD, ArchiCAD го
нуди Hot Link Manager-от кој раководи со прилепените надворешни фајлови
– подмодели во главниот модел. Тоа значи дека повеќе проектанти може да
работат на еден модел, при што секој од нив работи на еден дел кој
автоматски покажува кога е модифициран. На ваков начин покрај тоа што
се добива на брзина, проектантите можат успешно да ја поделат работата
и да работат тимски.
Определени познавачи на BIM апликациите велат дека ArchiCAD подобро
комуницира со АutoCAD, отколку што тоа го прави Ревит, софтвер од
фамилијата Аутодеск. Причина за тоа се вградените опции за подржување
на DWG фајлот. Во верзијата 12, таа комуникација е подобрена со АЦИС
импорт опции, чистење на неупотребените АutoCAD слоеви и елементи итн.
Дијалог прозорците во ArchiCAD 12 се поопш ирни, содржат повеќе опции
со што самите алатки стануваат посериозни. ArchiCAD 12 побарува
минимални системски ресурси во границите на нормалата: потребен е
Windows XP Pro илиVista (32 или 64 битна), Pentium 4 процесор, 1GB
работна меморија и графичка карта со 256 MB графичка меморија.
Генерален заклучок е дека ArchiCAD 12 е фантастична надградба на
единаесетката. Содржи доволно нови опции, што го прави купувањето
финансиски исплатливо и оправдано. Уште еднаш ќе напоменам: со сите
дополни, надградби и подобрувања, од година во година,
ArchiCAD станува сериозен и обемен програм. Неговото редовно
следење и совладување е високо препорачливо за да се одржи чекорот со
времето. Одговори на сите дополнителни прашања побарајте на
www.archicad.com.mk – единствениот ArchiCAD сајт во Македонија
Трајче СТОЈАНОВ, дипл. инг. арх.
Објавено во број 86.