Во својата долговековна конституција како интелектуална и практич на дисциплина, архитектурата секогаш била нераскинливо врзана за градот. Меѓутоа, колку и да сакала да го “покори”, архитектонската дисциплина никогаш не можела стопроцентно да ја контролира неговата фриволна природа, која секогаш успевала да се измолкне од контролата на професионалните алатки на традиционалните концепти и да развива сопствени креативни модалитети кои ја ставаат под сомнеж и коренито ја преиспитуваат валидноста на интелектуалната конструкција на градоградбата. Тоа особено го покажува “транзиторната” состојба, која ги одразува трансформациските процеси во сите домени на современата комплексна и нестабилна реалност, кога станува јасно дека редефиницијата на поимот на урбаното претставува континуирана активност.
“Колатералното” разградување на урбаното ткиво кај пост-социјалистичките држави во многу аспекти ги одразува дискрапанците карактеристични за процесите на реструктурирање на доцно-индустриските капиталистички економии во 1980- тите, кои Томас Датн (Thomas Dutton) ги опишува како “зголемена пролиферација на екстреми, на богатство и сиромаштија, на масивен развој и бездомност” кои можат да се сфатат како “различни аспекти на истиот процес”. Транзицијата од “културата на продукција” во “културата на потрошувач- ка” кај високоразвиените индустриски држави предизвика пораст на метрополитенските региони, зголемена субурбанизација и изградба на сообраќајна инфраструктура, масовни програми на социјално домување, гетоизација на општеството по класна и етничка основа, раселување и бездомност. Социјалната и економска трансформација е проследена со соодветна просторна трансформација, тенденција кон исчезнување на дистинкциите помеѓу руралното и урбаното, така што традиционалниот термин “град” повеќе не кореспондира со дефиниран ентитет, туку станува “анти-град” (Lewis Mamford), “град без центар” (Kenneth Jackson) и “не-место/урбан домен” дефиниран од ИТ мрежата на децентрализираната и де-територијализирана економија во “градови на работ” (Melvin Webber).
Во богатиот свет, последиците од ова “економско цунами” беа и се уште се проследени со широки зафати на урбана рехабилитација, кои новата животна сила на градот ја пронајдоа во “депониите” на неговите отфрлени “objet trouvé”, кои “поблиску отколку надреализмот не приближија до правењето инвентар од реликвиите кои ја обликуваат биографијата на пејзажот” (Joan Fontcuberta). Овие објекти претставуваат “археолошки остатоци” од животот кој некогаш се одвивал како јавна или приватна активност на “празниот терен” (terrain vague), прозрачната празнина исполнета со “потенцијал, хетеродоксија и меморија”. Како концепт, тие ја стимулираат позитивната опсервација на урбанистичките феномени кои вообичаено се посматраат како негативни, непознати и/или проблематични, за што голем, првенствено визуелен придонес дава “окото на камерата”, медиумот на фотографијата, кој ги нагласува контрастите во потенцијалните атрибути на “периферијата” понекогаш присутна и во централните делови на градот.
Проблемот на ваквите зони во термините на просторот е од една страна проблем на формална медијација, посредување помеѓ у морфолошките и типолошки системи на соседните подрачја, и програмски – проблем на содржина и намена. Од искуството на рецентните урбанистички интервенции можат да се констатираат два вида процеси: центрифугални – кои се движат кон периферијата, каде се ситуираат нови комерцијални, резиденцијални, сервисни и административни содржини и центрипетални – насочени кон внатре, кои се фокусираат врз интериерните празнини -”меѓупросторите” на централните делови од градовите. Иако се работи за различни приоди, во двата случаја интервенцијата се состои во формирање на “гроздови” или “острови” – подрачја од голем или среден обем, кои имаат капацитет да го реструктурираат урбаното ткиво на градот во целина. Во последните две декади, урбаните зафати кои имаа за цел да пополнат, рециклираат, рехабилитираат и трансформираат пасивни урбани меѓупростори, произведоа квалитетни јавни простори во голем број европски градови, како Барселона, Лондон, Париз, Милано, Ротердам, Шефилд, Лил и многу други, активирајќи ги подрачјата на опсолетните индустриски зони, пристаништа, железнички станици и сервисни зони, што истовремено претставуваше економска инфузија.
Во рангот на различните сектори на овие интервенции можат да се констатираат неколку заеднички аспекти:
урбанистичките процеси не ја следат теоретската матрица на генералниот урбанистички план, деталниот план, или архитектонскиот проект, туку се изразуваат преку “активности” и/или проекти, кои имаат егзекутивен капацитет и можат да обноват цел сектор од градот, или целиот град. Овие активности дефинираат генерална стратегија, која може да претставува програма или содржина на реален урбанистички план, но не се пред-детерминирани на рестриктивен начин;
посветеноста на урбаната форма е повторно ставена во фокусот. Специјалните урбани проекти третираат сензитивни и специфични урбани “остатоци” и напуштени простори, со цел тие да се рециклираат како урбани подрачја од прва категорија, што е предмет на софистицирани урбани стратегии базирани на аналитичките и критички искуства од 1970-тите и 1980-тите во обновата на културната димензија на јавниот простор со креативно изразување на новите идентитети;
формирање на кооперативни партнерски релации помеѓу приватниот и јавниот сектор во активностите од заеднички интерес и создавање на нови форми на колаборација и урбанистичка инструментализација преку нови форми на менаџмент.
Источноевропските искуства на државите во пост-социјалистичка транзиција покажуваат помалку или повеќе слични појави и проблеми, пред се во поглед на децентрализацијата на институциите на системите и нивно престројување за функционирање во пазарните економии, но и во поглед на промената на идеолошката (функционалистич ка) матрица која е имплантирана и во методологиите на урбанистичката пракса, проследена со генералниот проблем на новостекнатите културни идентитети. Таму категоријата terrain vague е поврзана со пропаѓањето на големите индустрии, делумната имплементација на централно планираните проекти и денационализацијата на земјиштето, и се препознава како “ничија земја” околу големите “социјалистич ки” станбени комплекси, напуштени индустриски комплекси, големи запуштени територии околу инфраструктурните објекти и девастирани зони околу самите историски јадра на градовите, каков е случајот со Прага (Irena Fialova). Од 1994 година Прага има нов “План за стабилизирани подрач ја”, кои покриваат околу 65 проценти од целокупната територија на градот, а остатокот се т.н. “bila mista” (бели места), за кои не е предвиден идниот карактер, намена или облик и кои влегуваат во категоријата terrain vague. Поседувајќи одредена резистентност кон промените, тие се идентификуваат како стабилизатори на идниот развој на градот, моментално негова “лута резерва”, додека не се дојде до квалитетна идеја за нивна моќна трансформација.
Во многу нешта состојбата на нашиот главен град наликува на онаа од ексисточ ноевропскиот блок, особено поради сличните проблеми со денационализацијата и пропаѓањето на индустриите и централниот систем на планирање. Девастираните делови околу Транспортниот центар и по целата должина на пругата (т.е. нејзините остатоци) во градот, подрачјето на Старата железничка станица, напуштените индустриски комплекси на фабриките “Треска”, Стакларницата, “Цветан Димов”, “Алумина”, и многу други подрачја во некогаш ната периферија кои сега се централни, се типични манифестации на карактерите на terrain vague, за кои, за жал, кај нас нема развиено посебна урбанистичка стратегија за реинтерпретација од гледна точка на “празни терени”, која би го збогатила рангот на активности на урбаната архитектура како експериментално поле за нови изразни можности и неконвенционални, хетерогени програми и процеси. Методолошките промени кои тековно се воведуваат и години наназад се практикуваат во академската работа кај нас, како алтернативна форма на постојната регулатива треба да преминат и во професионалната урбанистичка пракса, особено поради очигледната дихотомија помеѓу Планот и Проектот, која како модернистич ки рецидив на идејата за апсолутна контрола се уште ја следи нивната реализација. Дисциплинарниот потенцијал ќе дојде до израз ако се инкорпорираат нивоата на комплексност кои ќе овозможат истовремено справување и со “редот” и со “нередот” во урбанистичкиот развој, земај- ќи предвид дека градот секогаш претставувал резултат на проекти на генералните правила на “редот” кои честопати индуцирале процеси на “безредие” во кои се изразени случајни, субјективни и нерегулирани димензии. Ваквите комплексни и плурални начини на размислување можат да го збогатат рангот на инструменти за обновување на урбаната форма до ниво, кое ќе овозмо- жи нормализација на урбаниот живот во сите домени на егзистенцијата.
д-р Анета ХРИСТОВА, дипл. инг. арх.
(Авторката е доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје)
Објавено во број 82.