Насловна / Форум / Скопје 2014”, слика на пореметените вредности во општеството

Скопје 2014”, слика на пореметените вредности во општеството

natasa.jpgНастасја Стефановска, магистрант на Aрхитектонскиот факулет во Софија


Како никогаш досега, обичните луѓе почнаа да забележуваат што е грдо, а што убаво во архитектурата, да го сфаќаат нејзиното значење и нејзиниот придонес кон убавината на животот. Проектот Скопје 2014 ја смести архитектурата од маргините на општествените случувања во фокусот на интересирање. Добро е.

 

Апстрахирајќи ги сите останати ефекти и лични интереси, наивно верувајќи само на намерите на творците на планот да се изгради поубаво Скопје, проектот е добар зашто зборува дека нешто ќе се гради. Но…

Односот кон физичката околина, особено еден плоштад кој е веќе историски простор во кој постои одредена културна и градителска традиција, е многу важен бидејќи е слика на нашиот севкупен градителски однос кон историјата како вечна и клучна тема на секој градителски став и клуч на многу градителски резултати.

Во проектот Скопје 2014 е понyдена имитација на она што веќе постоело како архитектура без почитување на новите слоевu на културата, новите потреби, новите конструкции, сензибилитет со што се негира каков било развиен и трансформиран идентитет. Но, од друга страна, потполното одбивање и каква било релација со постоечкото физичко опкружување не води кон нападен модернизам и рушење на сè што било предходно. Затоа е потребно да се најде средина помеѓу овие два екстремни става. За тоа се потребни обучени носители на одлуки за планови каков што е Скопје 2014. Тоа во овој случај не постои. Носителите не можеле да препознаат кои решенија се добри, а кои не. Не е направена методологија за да се избегне субјективноста во одлучувањето. Се инсистира на единствена понуда без право на избор. Во проектот лесно се чита личниот интерес, но и немање личен став на проектантите и оние што одлучувале дали проектот е добар или не.

Позната е мислата на арх. Богдан Богдановиќ кој кажал дека почнувајќи да градиме, секогаш прво треба да почнеме да градиме во нашите глави, а потоа во просторот. За Скопје 2014 расправаме откако тој е веќе готов. Целта на Скопје 2014 требаше да биде изградба на цивилизиран, културен урбан пејсаж во кој објектите меѓусебно ќе се почитуваат, поврзуваат и складно разликуваат. Од она што беше понудено како видео презентација, тоа не е така.

Во светот се напишани бројни студии, билтени и листи на критериуми кои го усмеруваат градењето на нови градби во веќе оформени градски јадра. Секогаш се зборува за воспоставување на односите меѓу старите и ново- изградените објекти преку деталите. Тие не мора да бидат вградени во новите објекти како чисто еклектички, туку можат да бидат потполно оригинални, модерни украси кои во визуелна смисла го попримаат духот на оригиналот. Слични беа и дискусиите за старите скопски маала. Тие треба да се обноват, ама не како копии на она што било, туку со новата визуелна текстура да го вратат духот на старите маала. За жал, проектот Скопје 2014 понуди архитектура која не можеше да се оддели од кризата и пореметените вредности во општеството. Кај мене тој предизвика револт. Затоа добив желба на ваков начин да придонесам нешто да се смени.

Испрати коментар

Scroll To Top