Насловна / Вести / 12. Симпозиум на Европскиот клуб на меѓународната комисија за големи брани

12. Симпозиум на Европскиот клуб на меѓународната комисија за големи брани

Денес се појавуваат нови и неочекувани предизвици за големиот број постоечки брани во Европа и развој на нови хидро проекти за поддршка на енергетската транзиција во Светот. Во овој контекст, во периодот 5-8 септември 2023 година, во Interlaken, Switzerland (Интерлакен, Швајцарија), се одржа 12-тиот Симпозиум на Европскиот клуб на Меѓународната комисија за големи брани (EC-ICOLD). Сеопфатната тема на симпозиумот беше „Улогата на браните и акумулациите во успешна енергетска транзиција“. Подтемите на Симпозиумот беа: (1) Брани и хидроенергетски акумулации, (2) Брани и акумулации за прилагодување кон климатските промени, (3) Ублажување на влијанието на браните и акумулациите врз животната средина, (4) Справување со остарените брани.

х1

Congress Center Kursaal, Interlaken, Switzerland

Најзначајниот научен настан во Инженерството за брани во Европа во 2023 година се одржа во луксузниот Congress Center Kursaal Interlaken. Симпозиумот го отвори Prof. R. Boes, President of Swiss Committee on Dams, a поздравни говори одржаа: Mrs. S. Lazaridou, President of European Club of ICOLD, Mr. Christoph Betschart, Interlaken Municipal Council and Head of Finance, Mr. Michel Lino, President of ICOLD и Mr. W. Luginbühl, President of Swiss Federal Electricity Commission.

х2

Congress Center Kursaal, Interlaken, Switzerland

На симпозиумот беа презентирани одредени реферати, селектирани од големиот број трудови публикувани во Зборникот, кои беа рецензирани од научен одбор составен од 28 еминентни европски научници во областа на браните. Меѓу трудовите кои беа со говорни презентации беше проследен рефератот “Safety of embankment dams in the case of upgrading the existing tailings storage facilities”, составен од авторите Љ. Петковски, Ф. Пановска и С. Митовски. Воедно, подвлекуваме дека на овој научен настан му беше дадено соодветно признание на MаCOLD, со тоа што еден член од нашето Здружение за големи брани беше член на угледниот Symposium Scientific Committee.

х3

Пленарна сесија на тема “How to deal with ageing dams”

Покрај теорискиот дел од симпозиумот, квалитетно беше спроведен и практичниот дел – со стручна посета на новата лачна брана Spitallamm, во фаза на градба. Таа е една од двете брани на езерото Grimsel, наменето за производство на електрична енергија со хидроцентралата Oberhasli. На тој начин ќе се обезбеди долгорочно користење на водата од акумулацијата Гримсел, без никакви ограничувања во производството на енергија. Наместо да се реновира старата брана, која е во експлоатација 90 години, непосредно низводно се гради нова брана што треба да биде завршена во 2025 година. Ова е нестандарден и невообичаен пристап, кој би требало да биде сериозна алтернатива на класична рехабилитација за одреден број стари бетонски брани во Македонија, каде поради запуштеност е неопходна санација.

х4

Поглед на глечер и врв Jungfrau, Bernese Alps, 4,158 mнв, капата на Европа

Со градбата на нови хидроенергетски капацитети и реновирање на постојните, во Швајцарија, каде има висок степен на изграденост на Технички искористливиот потенцијал, се потврдува дека во најразвиените земји успешно се следи глобалниот тренд во енергетската транзиција. Тој тренд е замена на термоцентралите со фосилни горива (кои се конвенционални во производството) со соларни и ветерни централи, (кои се неконвенционални, односно неремномерни и непредвидливи), а регуларното функционирање на електроенергетсиот систем да се потпира на нови или рехабилитирани хидроенергетски капацитети. Се надеваме дека овај глобален тренд што поскоро ќе се преслика и во енергетскиот сектор во Македонија, каде се изградени скромни 30% од технички искористливиот потенцијал. Веруваме дека „Донесителите на одлука“ за значајни инфраструктурни објекти конечно ќе согледаат дека во сегашниот момент неопходни се големи акумулациони хидроцентрали и реверзибилни хидроцентрали, за покривање на дневната нерамномерност и непредвидливост на фотоволтаичните централи, кои сѐ повеќе се инсталираат.

х5

Нова лачна брана Spitallamm на езерото Grimsel, Швајцарија, во фаза на градба од 2019

На крај би истакнал дека учеството на меѓународни симпозиуми организирани од ICOLD е од непроценливо значење за хидротехничарите инволвирани во Инженерството за брани. На овие собири се стекнуваат нови сознанија и се разменуваат искуства и резултати од научно-истражувачките и апликативните проекти. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на љубезните домаќини од Здружението за големи брани на Швајцарија (SwissCOLD), како и на Градежниот факултет во Скопје, без чија финансиската поддршка, учеството на симпозиумот во Интерлакен ќе беше тешко изводливо.

Автор: Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top