Насловна / Технологии / „Гугл” – десетгодишнина вредна за голема прослава

„Гугл” – десетгодишнина вредна за голема прослава

Image

По историскиот лапсус на Томас Вотсон, претседател на ИБМ, направен во далечната 1943 година, кога како експерт во областа предвидел дека во иднина светскиот пазар ќе има потреба од пет компјутери, денес никој не се обидува да даде некоја песимистичка прогноза која се однесува на иднината на Информатичката технологија. Дури напротив, се почесто можат да се слушнат изјави, предвидувања и тоа на вистински ИТ авторитети, кои се далеку неверојатни и оптимистички. Предвидувањата за иднината на ИТ станаа повеќе од мода бидејќи сите сакаат да бидат запаметени како визионери чија прогноза се исполнила. Во случајот со ИТ за да се види дали овие предвидувања ќе се исполнат не мора да се чека многу. ИТ расте со вртоглаво темпо, па кажаното вчера, станува реалност веќе денес. Затоа најомилена тема на “ИТ прогнозерите“ е “Гугл“, компанија позната по својот сервис за интернет пребарување, која бележи неверојатни успеси, а пред се и одлични финансиски резултати. Компанијата на 7 септември годинава ја одбележи својата десетгодишнина, а тоа беше причина да се согледа почетокот, сегашната состојба и иднината на компанијата и влијанието што таа (ќе) го има на општеството (во иднина).

“Гугл“ е компанија која е основана во не толку далечната 1998 година, од страна на двајца млади ентузијасти Лери Пејџ и Сергеј Бирн, кои правејќи ги своите докторати на Стенфорд, работеле на проект за нов енџин (машина, алатка н.з.) за веб пребарување. Нивната замисла за начин на пребарување низ интернет мрежата се однесувал на анализирање на врските помеѓу веб страните со цел подобро нивно рангирање. Комапнијата почнала со иницијален капитал од 100.000 долари инвестиција на Енди Бехтолшајм, за да дојде до феноменални 16,7 милијарди долари турновер во 2007 година. Во овие изминати 10 години, “Гугл“ стана од мала двочлена фирма сместена во гаража до вистинска мултинационална компанија со скоро 20.000 вработени. Брендот “Гугл“ (изведен од именката Гугол која означува вредност од 10 на 100 степен) стана вистински хит. За сите овие години, “Гугл“ имаше одлична бизнис стратегија која и овозможи на компанијата да ги победи своите добро етаблирани конкуренти од типот на АОЛ и “Јаху“. Денес, анализите покажуваат дека “Гугл“ држи одлични 53,6 проценти од пазарот за веб пребарување пред главниот конкурент “Јаху“, кој има 19,9 отсто. Познавачите велат дека успехот се должи не само на одличната технологија на пребарување, туку и на одличниот маркетинг. Гугл.ком е едноставен веб пребарувач кој не го заморува корисникот со секакви непотребни информации и реклами кои искокнуваат од секаде, туку напротив едноставниот дизајн му ја дава слободата и брзината во пребарувањето. Да нема забуни, 99 отсто од приходите на компанијата доаѓаат од маркетингот, односно рекламирањето, но тоа е соодветно поставено на своите сервиси. Она што е особено значајно, се чини дека “Гугл“ успешно ја избегна замката на “стара слава“, каде фирмите се обидуваат да заработат колку што е можно повеќе од еден свој продукт исцрпувајќи ги можностите и потребите на пазарот. За да се избегне тоа, компанијата од самиот почеток се сврте кон развивање на бројни други веб сервиси и тоа бесплатни за корисниците. Сетете се само на Гугл Земја, СкечАп, ЈуТјуб, Гугл Документи, Блогер, ГМеил, Пикаса и уште многу други сервиси. Сето ова понудено на веб и тоа бесплатно, направи корисниците да бидат лојални кон компанијата која во нивните очи ја води слободата во пристапот до информацијата и изразувањето. На тој начин “Гугл“ се обезбеди од сите конкурентски сервиси. Верувам дека секој интернет корисник барем еднаш се прикачил на некој од овие сервиси. Таа бројка е дефинитивно интересна за сите што имаат корист од свое рекламирање. Затоа и приходите на компанијата растат прогресивно со бројот на корисници на интернет, бројот на веб страници и растот на маркетингот. Гугл во вториот квартал од 2008 година објави дека постигна турновер од 5,3 милијарди долари што е за 39 отсто повеќе од истиот период лани. Годинава се очекува вкупниот обрт да изнесува над 20 милијарди долари, сума од која акционерите можат да бидат повеќе од задоволни. Сепак, компанијата има стратегија да не дели дивиденда. Таа ниту некогаш делела, ниту планира тоа да го направи во блиска иднина. Ако на тоа се додаде и фактот што водечката раководна тројка во “Гугл“ има годишна плата од по еден долар, станува јасно дека сите средства одат во развојни програми кои треба да ја осигураат иднината. Ете зошто ИТ прогнозерите се чувствуваат комотни во делењето на фантастични предвидувања за иднината на “Гугл“, односно на ИТ. Една од најмногу употребуваните фрази е: “се што во иднина ќе се работи на интернет ќе се врши преку Гугл“. Искрено тоа е малку веројатно бидејќи се коси со антимонополските закони, но можам да разберам зошто луѓето велат така. Ако погледнеме што се се нуди од страна на “Гугл“, ќе видиме едно чудо на сервиси со најразлична намена и содржина. И уште на сето тоа, компанијата работи на развивање на уште многу други. Втората најупотребувана реченица во врска со иднината на интернетот и на “Гугл“, е дека во иднина интернет мрежата ќе ја исфрли функцијата на складирање на податоци и програми во десктоп компјутерите. Разбирливо е и ова тврдење. “Гугл“ како дел од своите сервиси постави бесплатни онлајн офис програми, програми за обработка на текст, табели и калкулации и креирање на презентации (еквиваленти на МС Ворд, МС Ексел и МС ПауерПоинт).

Image

Тоа значи корисникот има пристап до бесплатен софтвер, но само со интернет конекција. Се очекува оваа палета на програми кои нема потреба да се инсталираат на компјутер да се зголеми и да опфатат најразлични области, па ако сакате и за проектирање. Во таа насока е и издавањето на бесплатен веб прелистувач со назив Гугл Хром, кој се очекува да ги замени Интернет експлорер, Мозила или Опера. Експертите велат Гугл Хром ќе доживее успех не поради технолошките карактеристики, туку поради тоа што има “Гугл“ предзнак. Луѓето со одобрување гледаат на се што е “Гугл“. Во исто време, на интернет веќе се нуди и бесплатно складирање на податоци на интернет. Придобивките се многустрани. Интернет корисникот без разлика каде се наоѓа ќе ги има на дофат своите документи без да ги носи на некој мемориски уред. Таа манипулација со сопствените податоци може да се прави од секое место каде има интернет (интернет кафе, хотел, сопствениот телефон итн). Останатите сервиси воопшто не се за потценување. “Гугл Земја“ сервисот кој направи вистинска еуфорија во изминатиот период се очекува да прерасне во сервис со восхитувачки можности. Предвидувањата се дека “Гугл Земја“ ќе добие и поинаков текстуален интерфејс со содржини за бизнис именик, односно пребарувач од типот на “Жолти страници“. Така кориснико не само што ќе добие информации од типот на адреса, телефон, имеил за еден бизнис, туку ќе може преку сателитски снимки да ја види неговата местоположба, најкраткиот пат како да стигне до таму, формата на објектот во 3Д, неговото опкружување, а со најновите можности за преглед на “ЈуТјуб“ содржини преку “Гугл Земја“, веројатно и преглед на видеоснимки од услугата, ентериерот итн. Во последно време “Гугл“ склучи договор со кој треба да се зголеми резолуцијата на овие сателитски снимки. Со новиот аранжман, “Гугл Земја“ ќе прикажува снимки со резолуција од 0,46 метри во црнобела варијанта, додека во боја резолуцијата ќе биде 1,56 метри. Во иднина се очекува и поголемо ажурирање на сателитските снимки што верувам ќе се случи бргу бидејќи како што веќе можеме да претпоставиме парите не се проблем, а со парите се може се. Наведувањето на можностите на одделните сервиси навистина ќе зеде голем простор. “Гугл“ има стратегија за сите нив. Тоа и овозможува на компанијата успешно да ги преброди сите евентуални неуспеси на определени услуги и сервиси. На овој начин компанијата се бори со циклусите на раѓање, развој, зрело доба и опаѓање и обезбедува долговечност. Згора на тоа, со одличната позиција во општеството преку својата општествена одговорност “Гугл“ си обезбедува одличен прием кај корисниците. Од друга страна, компанијата се наоѓа на водечко место според “Форчјун“ на листата на “Најдобро место за работа“ поради својата корпоративна култура, која му дава на вработениот многу слобода, бенефити, но и филозофија, работна етика која вели дека не мора да се биде зол за да се направат пари. Како пример на оваа корпоративна култура ќе спомнам само дека вработените, 20 отсто од своето работно време можат да го користат за свои проекти во кои имаат интерес. Искуството покажало дека така вработените се помотивирани. Значајни сервиси настанале благодарение на интересот на некои вработени во некои области кои немаат врска со работните обврски.

Целна група на “Гугл“ се милијардите луѓе кои ја населуваат Земјата без разлика на нивната професија. Секој што делува во АИГ (Архитектура, инженерство и градежништво) полето е во допир со услугите на оваа компанија. Ефектот што таа го има на ИТ не ги заобиколува сите. Изминативе десет години, покажаа дека тоа е релативно долг период бидејќи нештата се случуваат со огромна брзина. Среќна годишнина “Гугл“!

 

Трајче СТОЈАНОВ
Објавено во број 90.

Испрати коментар

Scroll To Top