Насловна / Арт и дизајн / Сквернавење на споменик и лик и дело во Маврово е елементарно непочитување!

Сквернавење на споменик и лик и дело во Маврово е елементарно непочитување!

Туристичката понуда на новоименуваниот скијачки центар „Ресорт Маврово“ за ова лето гласи:

„Возете се со жичарницата и на врвот ќе го најдете Старото бачило, кое датира од 1977 година и е единственото бачило кое функционира како ресторан со локални специјалитети.

Кај Старото бачило ќе го најдете трлото за овци, каде што можете да ги храните, погалите или да се сликате со најдобрите овци од Маврово“.

3_resize

Овде се мисли да се качите со жичарата едносед и потрошите некој денар во бачилото, а во разиграната маркетинг кампањата, која само пребојадисува нешто што е одамна направено, вклучено е и трло со овци, каде децата во лето можат да се забавуваат додека родителите пијат кафе на раат.

Во зима во Маврово се скија, така на децата може полесно да им се најде друга забава, овците ќе бидат ставени во мирување или изедени. Исто како што револуцијата ги изеде своите деца.

Убава и за поздравување е желбата на сопственикот на Маврово да го заживее центарот, (ова сопственикот на Маврово лошо звучи, знам), да привлече што повеќе посетители и по можност да ја унапреди понудата, а секако и одржува постоечката. Па така маркетингот, „новата наука на 21. век“, малку се заиграл. Во пустата желба сите да бидат маркетинг менаџери (додека работничката класа оди во рајот), замислете си доцртале сликички, како за во буквар на културно наследство, споменик на авторите, сликарот Глигор Чемерски и архитект Радован Раѓеновиќ. (некој би рекол ама спомен обележје е, но што има врска). Очигледно несвесни што направиле, изгледа сфатиле дека нешто е чудникаво и уши на борците претставени на мозаикот на Чемерски не доцртале. До пред три дена убедени дека е се` во ред, затоа што на мозаикот не интервенирале.

1_resize

Но, каде е проблемот, бидејќи позади секое но, нешто се крие. Проблеми има повеќе, но три се основни. Како скијачкиот центар стана нечив, зошто се промени името, под превезот ребрендирање, од Скијачки центар „Заре Лазаревски“ во „Ресорт Маврово“ и односот кон наследството, тука мислам на природното, културното, материјалното, кое ни припаѓа на сите.

Со првото нема да се занимавам, не сум компетентна, постојат надлежни институции, да истражат трикови и магии на приватизација.

Второто е нешто што мора да се учи во школо, да се знае, да се почитува и да се негува. Она што е фак е дека пред Втората светска војна Маврово било село, а после војната започнала изградбата на хидросистемот во 1948 година Хидроенергетскиот систем Маврово (ХЕЦ „Маврово“) со трите хидроелектрични централи, во 1949 година регионот е прогласен за национален парк, најголем меѓу трите во Северна Македонија и конечно селото стана и  скијачки, туристички центар.

Идејата за изградба на Скијачки центар потекнува од 1959 година, кога тогашниот Смучарски, подоцна Скијачки сојуз на Македонија донел одлука за изградба на скијачки комплекс во Мавровско. Во 1964. година започнала изградбата на првиот сместувачки капацитет. На 20 ноември 1965. година биле свечено пуштени во употреба жичарата едносед и Скијачката школа, со што започнал со работа Скијачкиот центар „Маврово“. Урбанистичкиот план за делот кај жичарата и појдовната станица и ресторанот се дело на значајниот чешки архитект и урбанист, кој од 1947. година живеел и творел во Македонија, Лудјек Кубеш (1913-1996). Од почетокот на идејата за изградба на Скијачкиот центар „Маврово“, текот на целата негова реализација и одржувањето на центарот е најголема заслуга, можеби нема да претерам и ако кажам, единствено благодарение на еден човек, а тоа е Заре Лазаревски. Заре Лазаревски (1924-1989) е родум од Маврово, учесник и првоборец во НОБ, носител на партизанска споменица и заменик Јавен обвинител на тогашната Социјалистичка Република Македонија. Неговиот ентузијазам, искрен, несебичен и волонтерски ангажман, успеа да создаде од Маврово место препознатливо на картата. Место кое ќе се развие во туристички центар каде денес има повеќе од 1.300 викенд куќи и дваесетина хотели, 5.700 метри скијачки стази. Оттогаш до денес во Маврово ништо не е направено, освен по некоја викендичка и козметички зафати. Скијачкиот центар во чест на овој човек кој дал огромен придонес за  целиот регион го носеше името „Заре Лазаревски“. Но ова не успеа да остане препознато како вредност, што е одраз на непочитување, незнаење и недостаток на домашно воспитување и од неодамна Скијачкиот центар се вика „Ресорт Маврово“, под изговор, маркетиншки наречен, ребрендирање.

7_resize

А третото деновиве ја фрапираше јавноста со уште едно ребрендирање во Маврово. Овој пат ребрендирање на спомен обележје. Се случи она што неретко им се случува на спомениците низ државава, но овој пат како дел од рекламна кампања. Во Маврово кога ќе се симнете од едноседот од десната страна е Старото бачило изградено во 1977 година, проект на архитект Радован Раѓеновиќ, а лево има спомен обележје посветено на Мавровскиот партизански одред, кој се формирал на ова место во 1941. година, одред во кој учесник бил и Заре Лазаревски. Овој споменик претставува архитектонска целина со партерно уредување, спомен чешма и мозаик и е дело на взаемна соработка на сликарот Глигор Чемерски и архитект Радован Раѓеновиќ, двајца автори кои во доцните 70-ти и раните 80-ти години соработувале на неколку споменици ширум републиката, нивна најзрела соработка и најзанчаен заеднички споменик е оној во Кочани – „Слобода“. Деновиве како дел од маркетиншка кампања постаментот е исцртан со цртеж од Dreadpen (Давид Ристовски), кој со авторски договор е ангажиран од „Ресорт Маврово“ да го исцрта споменикот. Оваа катастрофална непромислена интервенција на споменик кој е јавно добро (а и да е приватен катастрфата е иста) не е направена ниту со дозвола од надлежните институции, ниту од авторите.

4_resize

Оваа катастрофа е сублимат на повеќе катастрофи. Се обидов да дознаам дали споменикот е на регистарот на спомен обележја на Министерството за култура или Управата за културно наследство. Официјален одговор не добив, (работат од дома), неофицијален дека е. Како и да е, состојбата на споменикот, независно од интервенцијата ја покажува негрижата и односот на државата кон спомениците. Поразително е и што Dreadpen се претставува како артист и без разлика дали е ангажарин и недоволно упатен во случувањата, како некој што претендира да се бави со еден вид уметност, недозволиво е да прифати да ја направи оваа интервенција. „Ресорт Маврово“ како компанија која се делкларира дека се грижи за природните и културните убавини на Маврово, сакајќи да привлече посетители прави гротескна грешка. Доколку, како што и самите забележале дека споменикот е во лоша состојба и на него има недолични графити, единствено што можеле да направат е да апелираат до надлежните. А вака направиле „понов и поубав Дубровник“.

Благодарение на негодувањето и бурни реакции од јавноста компанијата соопшти: „Ресорт Маврово како одговорна компанија која се грижи за природните и културните убавини на Маврово ќе ги преземе сите неопходни дејствија за да го врати бетонскиот постамент на мозаикот на Глигор Чемерски во првобитна состојба.

Фонтаната заедно со постаментот на мозаикот беа во многу лоша и запуштена состојба. На самиот постамент имаше испишано недолични пораки чие место не е до уметничкото дело на Глигор Чемерски за кој имаме огромна почит како автор и уметник.

Како компанија ја исчистивме фонтаната и просторот околу постаментот кои беа оставени без никаква соодветна грижа. Фонтаната ја ставивме во функција за која што првично била намената. Со интервенција на постаментот која не го оштетува мозаикот, сметавме дека не само што ќе ги отстраниме недоличните пораки, туку и ќе ги привлечеме посетителите на Маврово да дојдат на оваа локација и да го видат преубавиот мозаик на Глигор Чемерски кој неоправдано е оставен без соодветна грижа.

После реакциите и критиките за нашата интервенција, стоиме позади нашите акции и доколку постои некоја грешка ќе биде исправена. Ресорт Маврово која е општествено одговорна компанија секогаш ги слуша препораките и критиките за нашето работење и затоа ќе го врати постаментот во првобитната состојба“.

2_resize

Се извини и артистот: „Јас, Dreadpen, како изведувач на графитот на фонтаната под мозаикот (кој остана во оригинална форма) јавно се извинувам до авторите на ова дело. Како артист сум најмен со договор од Ресорт Маврово за изведба на дело/графит, за кој пред изведбата не ми се пренесени информациите во однос на сопственоста на фонтаната како дело, и дали Ресорт Маврово има или нема дозвола за изведбата.

Јас преземам лична одговорност за мојата незапознаеност со овој сензитивен дел. Со договорот никаде не е наведено на било каков начин дека Ресорт Маврово требало да обезбеди дозвола за истото. Доколку е потребно би помогнал да се врати делото во првобитната состојба, кое и покрај тоа што е тешко, има прифатливи начини.

Целосната одговорност за оваа постапка ја има Ресорт Маврово, каде и на Dreadpen како бренд e нанесена штета.

За крај изразувам огромна почит кон делото и исклучително жалење за настанатата ситуација“.

Елена Чемерска, сликар, ќерка на Глигор Чемерски после сите случувања смета дека: „Односот кон културното наследство, не само врзано со антифашистичката борба туку пошироко е нешто што веќе подолго време е фокус на дискусија во одредени професионални кругови. Што се однесува до наследството врзано со антфашистичката борба, од искуство можам да кажам дека заштитата на тоа наследство и вредностте кои ги еманира, како  и пристапот кон нивното претолкување и  ревитализација  е нешто со што се занимава не само Балканот, туку и бившиот источен блок и целиот постсоцијалистички свет кој овие вредност ги има системски негувано.

Таа дискусија е нешто што е се` уште прилично затворено во професионалните кругови (уметници, архитекти, историчари на уметност, академици) но сметам дека за да не` доведе до повисоко ниво на заедничка еманципацја, тој дискурс треба да се отвори на поширок план, и во дебатата да бидат поканети и претставници на пошироката заедница, вклучувајќи го и бизнис секторот. За таа цел, ако е неопходно и во формат на јавно образование, за да се направи разграничување на апсолутното право на приватна сопственост и се што таа подразбра и она што е јавно добро и јавна вредност“.

5_resize

А мене, архитект, ќерка на Радован Раѓеновиќ оваа случка, која за жел не е изолиран инцидент, познавајќи ја состојбата со културното наследство, некој да ми ја раскажеше како виц, мислев дека нема да ме изненадува. Но, морам да признаам дека се шокирав, се штипкав мислејќи дека е монтажа и некој се шали.  Можеби луѓето не знаат доволно за спомениците, можеби не умеаат да препознаат вредност, но институциите и државата се тие кои треба да го негуваат наследството, да го почитуваат и вклучат во образовниот процес. Кога ова ќе се случи и луѓето ќе научат да се однесуваат кон вредностите. Спомениците од овој период освен тоа што се прекрасни уметнички дела, се и места преку кои се негуваат антифашистички вредности.  Во време на историски ревизионизам, создавање на нови, измислени херои и во време кога фашизмот сеуште не е победен, овие места служат и за да се развива духот на антифашизмот. Овие споменици не праќаат само идеолошки пораки, како што некои мислат, нивните автори биле најголеми уметници на своето време и тоа се вредности кои заслужуваат многу поголемо почитување.  Сепак денес светот е подобро место од она што бил во Втората светска војна, но фашизмот не е искоренет и борбата мора да биде постојана. Недоличните графити кои ги споменува „Ресорт Маврово“ дека ги пребојадисале за да го „разубават“ споменикот се „УЧК“. Па отука прашањето кој навистина ја разбрал суштината дека споменикот е посветен на антифашистичката борба.

9_resize

Оправдување за случувањата, префрлање на топката и амнестија од одговорност, кои ни станаа начин на живот, не треба да има. Овој настан, кој за жал не е изолиран, мора да алармира дека државата мора да се грижи и едуцира за културното наследство и тоа итно, само така ќе покажеме дека знаеме да живееме во цивилизација.

А што всушност претставува Маврово, како е направено и односот кон ликот и делото на Заре Лазаревски го одразува истото незнаење и непочитување покажано кон споменикот.

За оние кои заборавиле да се потсетат, а за оние кои не знаат да научат, Бодан Лазаревски, син на Заре Лазаревски има нешто да ни каже:

А што со името на центарот – Заре Лазаревски?

Во 2019. година управата на скијачкиот центар во име на на наводен напредок и просперитет, како што ветуваше, изврши преименување на центарот од Скијачки центар „Заре Лазаревски” во „Ski Rsort Mavrovo”.

Скијачкиот центар името „Заре Лазаревски” го доби 1989. година со одлука на општина Гостивар, непосредно по неговата смрт, поради особените заслуги во изградбата на овој центар и во негова чест.

Скијачкиот центар е исклучива заслуга на Заре Лазаревски, кој со својата идеја и визија во далечните 60-ти години, отпочна со изградба на центарот почнувајќи од стазата и скијачкиот дом, преку жичарата едносед, па се до она што во моментот постои таму. Тој со својата идеја и визија успеа да мотивира многу поединци, органи, организации  од тоа време, да дадат свој придонес, гледајќи дека нивната помош се отелотворува во грандиозно дело од општа корист не само за спортот и туризмот туку и во егзистенција на  населението на цел крај во околината на Маврово, кој патем се цени како пасивен.

Скијачкиот Центар во тоа време се викаше „Смучарски центар Маврово”,беше прогласен за најдобар центар на просторот на тогашна Југославија. Имаше прва осветлена стаза за ноќно скијање, прва машина за тапкање снег и многу содржини кои го чинеа особен за да во два наврати го освои признанието од „Илустрована Политика” за најдобар центар.

Во центарот во периодот од 60-тите до 80-тите години во негова организација, се одржаа повеќе меѓународни натпревари во алпско скијање и тоа Европско првенство за жени, „Балкански Шампионат”, Југословенско првенство, како и многу натпревари од републички карактер помеѓу кои и „Ноќна Снегулка“.

Ова придонесе за меѓународна афирмација на Македонија, а и Маврово да егзистира со „полна брзина”.

На сето ова Заре Лазаревски, волонтерски, го посвети поголемиот дел од својот творечки живот од љубов према својот роден крај од кој 1941. година замина во партизани, за да по ослободувањето целото свое битие му го посвети на Маврово.

Споменикот, за кој сега станува збор е изграден по негова иницијатива и обезбедени средства, за да се одбележи формирањето на Мавровскиот партизански одред во кој и самиот учествуваше.

Богатството на идеи на Заре се огледа и во иновациите кои ги имаше центарот како и во естетиката на објектите кои се изградени, а проектирани од тогаш најпознатите архитекти во Македонија.

Покрај многубројните државни признанија кои ги имаше добиено за својата работа, на Заре особено му беше драго признанието од г-дин Artur Doppelmayer, сопственикот на најпознатата фирма во светот за жичари, со кој беше личен пријател и кој кога беше во посета на Маврово, по пуштање во употреба на жичарата двосед, ја симна капата од главата (капа на скијачки сојуз на Австрија чиј преседател беше) и му ја подари во знак на признание за тоа што успеал од Маврово да направи прекрасен центар.

Историјата на човештвото и напредокот е сочинет од идеите и  придонесот на успешни поединци. Споменот и чествувањето на тие луѓе значи дека сме ја разбрале нивната идеја и спремни сме да продолжиме и да ја надградиме. Спротивното значи враќање на прапочетоците со крајна неизвесност од тоа дека ќе го достигнеме веќе постигнатото.

Од овие причини јас како син на Заре Лазаревски и сведок на тоа како изгледаше изградбата на овој центар, разочаран сум од одлуката на управата, да изврши преименување на центарот и особената негрижа за споменот на Заре Лазаревски, како и од раководството на општината Маврово-Ростуше во чија територија спаѓа центарот. Ова особено, затоа што сите објекти и инфрастуктура која е изградена во Маврово потекнува од Заре.

Веројатно раководството разбира која е тежината да создадеш и освоиш нов терен за скијање. Со оглед на тоа што за овие 20 години, колку што се сопственици, не успеаа да освојат ниту еден нов терен. Од 70-тите години постои проект и макета за развој на скијачкиот центар, изработен од швајцарски експерти, кој ќе ги опфати планините над Ниќифорово како правец на натамошно ширење. Идејата на Заре беше  да го реализира овој проект, но за жал беше спречен од прераната смрт.

Како семејство на Заре Лазаревски, единствена желба ни беше и е, делото на нашиот родител за кое даде голема жртва, да продолжи и да се надоградува, а со тоа да живее и неговата заслуга. Од овие причини на новиот сопственик во 2000. Година му дадовме подршка, не барајќи ништо за возврат, освен да се негува споменот на Заре.

Сведоци сме дека се вршат само козметички промени со цел да се избрише историјата и заслугата. За жал, таквиот однос укажува на безидејност и нема да придонесе за враќање на стариот сјај на Маврово.

П.С. Последна информација за направеното и за иднината од Заре Лазарески 21.12 1988 година.

8_resize 9_resize

2 Коментари

  1. Многу е грдо да се залагате за зачувување на историјата а истовремено да ја нарекувате оваа држава Северна Македонија.Целиот текст после зборот Северна Македонија губи секаква смисла.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top