Насловна / Вести / Скопје – експресните магистрали: Сообраќај Д.О.О.

Скопје – експресните магистрали: Сообраќај Д.О.О.

Институционалното расположение и сообраќајно-инженерската снаодливост се вистинските носители на одлуката со кој квалитет (ќе) патуваме низ главниот град и колку тоа (ќе) не чини. Помеѓу кои постои врзно ткиво од, на моменти, зачудувачки површна перцепција на некои стратешки решенија кои веќе „грепкаат“ за поконкретна артикулација.Prostorna dispozicija na magistralnite koridori

Просторна диспозиција на магистралните коридори

Во потесна смисла заради нивна недвосмислена и, со самото тоа, долготрајна презервација. Пошироко, за доброто на мултилатералната природа на урбаниот сообраќаен систем наместо за неговото парцелирање и фрагментација. Пресложен како целина, градот може до некаде да си го дозволи луксузот на „локалните“ сообраќајни решенија да им доделува повисоки „еполети“. Но само оние „генералските“ се носители на квалитативниот екслузивитет „од целината – за целината“.

Лично, не верувам во постоењето на сили кои не сакаат сообраќајот во Скопје да успее. Премногу заверенички и едноставно за мојот вкус. Вербата во моменталната потреба, која со стратешкото инженерство понекогаш нема допирни точки, ми е далеку помила.bul. Krusevska Repubika - lokalitet Novo Maalo

Булевар „Крушевска Република“ локалитет Ново маало

Сооднос чии празнини и недоречености се пополнуваат со повремени идејни „рапсодии“ кои го занишуваат сообраќајното клатно на овој град, на прв поглед, во сосема логични но сепак, од стратешка гледна точка, дискутабилни насоки. Креирајќи решенија создадени нешто од корист, малку од драматургија, кои за современите урбани сообраќајни доктрини се држат повеќе со прстите наместо да ги грабнат како гума за спасување.

Можеби токму претходно наведеното е една од причините зошто жителите на Скопје својот сопствен сообраќај го доживуваат како фатум, нишајќи се во неговото перцепирање помеѓу екстремот на „хаосот“ и новиот, цивилизиран миг на препознавање на сообраќајната рамноправност на пешаците. Од субјективното терминолошко „алиби“ за, се сомневам, личната произволност во сообраќајот до поширокото возачко прифаќање на еден од системските аксиоми, како благ отклон од генерално негативниот јавен став. Сообраќајот во Скопје, сите оние што редовно му ги „мерат“ улиците едноставно, како да сакаат по малку да го мразат.

Можноста ваквата граѓанска перцепција да е ехо на режиските дисонанти од институционално потекло, кои, и покрај добрата намера, го декласираат впечатокот за јавната, наспроти селективната сообраќајно-транспортна полезност, самата се наметнува. Токму како и чувството дека менталната езотерија на ова поднебје повеќе се перцепира како цел, помалку како алатка за локално приспособување на пошироките позитивни искуства во изградбата и организацијата на еден современ и одржлив урбан сообраќај.bul. Krusevska Republika - lokalitet Madzir Maalo

Булевар „Крушевска Република“ локалитет Маџир маало

Некои практични дејства исфрлаат сомнеж за објективниот потенцијал на дел од тековните транспортно-инфраструктурни тенденции и решенија. Кои, освен што анимираат, со својата изненадност и инвентивност под знак прашање го доведуваат движењето кон единствената перспектива, кое само по себе, белки, треба да се подразбира.

Една визија како пример

Концептот базиран на постоење на `рбетни носачи во форма на експресни магистрали е еден од последните големи инфраструктурно-планерски продукти наменети за овој град; булеварите „Крушевска Република“ (1), „Македонија“, алијас „Јужен Булевар“ (2) и „Никола Карев“ (3) се замислени како сообраќајни транспондери на поголемите градски растојанија без интерференција со комуникациите од понизок ранг.

До толку голем изгледа, што по толку години од неговото официјално лиферување не успеваме ниту да го реализираме до крај, ниту да го обориме до крај. Без оглед на моменталниот распоред на силите за и против него. На тој начин сите кои професионално ги „макаат“ прстите во просторно-развојниот казан на градот Скопје, а притоа да не мора безусловно да се инженери, учествуваат по малку во трансформација на визијата во илузија која, наместо да центрифугира, почнува да пречи.

bul. Krusevska Republika - lokalitet Krnjevo

Булевар „Крушевска Република“ локалитет Крњево

И во берзански стил да овозможува тумбање на градските сообраќајни приоритети преценувајќи ги и девалвирајќи ги наизменично, низ инката на една оригинална релативност „за секоја пригода“.

Во потпирањето на клучните решенија на едноставни логични поставки има некаква слатка иронија. Тргнувајќи во нивно игнорирање се инфицираме со она слепило за грандиозноста на шумата затскриена зад првото дрво кое го одвлекува вниманието. Лековитоста на оваа „`рбетна визија“ е лабораториски стерилна: оној што патува на поголеми градски растојанија – интерен транзит – нема никаква потреба да интерферира со локалниот односно со патникот кој само минува од една градска зона во друга.

Канализирањето на транзитниот сообраќај низ магистралните коридори го отстранува непотребниот вишок од возила кој, во спротивно, ја оптоварува пониската инфраструктура, доведувајќи одредени нејзини сегменти до граница на оперативиот капацитет и, потенцијално, до прекомплексни решенија за „кратки патеки“. Лексички поедноставено до максимум: она што нема потреба да биде тука, не треба да биде тука!

Сенки на поширокиот контекст

Секој град е еден оригинален Јанус. И има две лица, своја „фасада“ и своја „внатрешност“, урбана структура и невидливи сили и законитости од кои таа произлегува. Своја сага и свое пророштво, како свест за себе и иднина која треба да се дофати. Идентитетот и функционалноста секој град ги бара во тие начелни рамки. „Куцањето“ на самосвеста се јавува како природна манифестација кога рамките стануваат потешко видливи или претесни.

bul. Makedonija - lokalitet Stara zeleznicka stanica

Булевар „Македонија“ – локалитет Стара Железничка станица

Во услови на непостоечки попис на пример, чија измаглица го затскрива неопходниот квантитативен темелник. Или пак помеѓу деловите на една фрагментирана и, на моменти, неконзистентна визија за развој, чија студиска вертикала – ГУП за градот Скопје – дофрла во овој момент само до зад аголот, до блиската 2022 година.

Прогнозите на наведениот планерски „законик“ би требало да зазвучат метално остро, налик на рибарското ѕвоно кое се потегнува на појавата на, за скромната големина на пловилото, критично висок бран. Тоа еднозвучие воопшто не крие дека градската сообраќајна мрежа може за 15-ина години да се соочи со 25% поголем демографски притисок, кој потенцијално ќе продуцира нови 50 и кусур илјади „резидентни“ возила.

И, како резултат на тоа и заднинските случувања во регионот, кој зне колку нови транзитни движења. За град без класична развојна стратегија и со нејасно-загрижувачка демографска перспектива, низ чии капии секое денешно утро поминуваат, според проценките, повеќе од 94.000 возила од регионот, некои сообраќајни решенија се добри, а некои едноставно зимзелени.

bul. Makedonija - lokalitet Bunjakovec

Булевар „Македонија“ – локалитет Буњаковец

За чија реализација треба да се гребе и гризе. Бидејќи само тие 94.000 возила секојдневно генерираат повеќе од 180.000 патувања низ улиците на градот.

Непостоењето на внатрешни транзитни коридори не значи автоматски и бришење на транзитните патувања. Нивната способност за мимикрија само ќе ги преточи во колоните возила под чија „тежина“ постоечките крстосници чкрипат или пак допрва ќе зачкрипат како стари, дрвени кревети. Терајќи нè, можеби, како град да го изгубиме од предвид дури и своето недостојно рангирно место на неумоливите европски еколошки табели.

Времето, портмонето и нервите на секој жител или посетител на градот, кој во работен ден мора да го помине растојанието од стоковната куќа „Мост“ до хотелот „Континентал“ на пример, стануваат квалификувано свесни за апсурдноста на ова прашање …

Алергија и медикамент

Токму поради нивната стратешка природа, изворната полезност на одделни концепти може да дејствува сонливо. Во тој простор помеѓу сонот и јавето, сомнежот и потценувањето лесно се гнездат. Таа полезност секако ќе се разбуди, но тој процес не се мери во денови, а јавето што следи е димензионирано да прескокне децении.

Алергиската реакција на споменот на овие три столбни сообраќајници повремено може да добие на интензитет, а тоа елегантно да се сведе на ниво на судир на мислења. Но не е природно тој судир да излегува од техничкиот контекст, ниту пак да ги доведува до работ на планското опстојување. Игнорирањето на причините за настанок на овие три магистрални „побратими“ по судбина, несомнено креира проблеми кај постоечките крстосници.

И за нив може да се употреби заменски сообраќаен „медикамент“, кој во форма на проект за регулација на собраќајот на една крстосница или пак за проширување на делница, ќе ги ублажи болките. Привремено, до хоризонтот на оние две-три децении до каде максимално може да дофрли прогнозерската смелост на проектните решенија. Со скриена надеж дека пошироките градски флуктуации, кои по правило се прехрануваат и со „порции“ ефикасност на сообраќајната инфраструктура, сепак ќе бидат доволно милозливи.

Или, пак, да се посегне по „вакцина“ со долгорочно дејство, која опасноста од повторување на инфекцијата ќе ја сведе на минимум. И која, се разбира, ќе чини, бидејќи е решение кое не тргнува кон иднината, туку доаѓа од неа. И бидејќи е темелно становиште, а не променлива карактерна категорија …

Повторувањето на заменската терапија може да стане „мајка“ на уште еден градски мит – мит за отсонуваниот, а непороден концепт на трите магистрали. Изговорот што се потпира на непостоење на финансиски средства, едноставно, „не држи вода“. Финансиската моќ, која за помалку од десет години овозможува повторно реконструирање на главниот градски плоштад, го губи правото да се повикува на „празни џепови“.

Токму заради сето ова, би било долгорочно полезно носењето на пресудни заклучоци и изградбата на јавната перцепција за градскиот сообраќај уште еднаш да се премерат низ аршинот на овие три „брзи“, „експресни“ или како и да милувате магистрали. Малку е веројатно дека севкупноста на поединечните пандански решенија може да парира на нивната севкупна функционална вредност.

Овој град веќе покажал дека поседува волја за повремени револуционерни исчекори во сегментот на урбаниот сообраќај. Прашање е дали постои издржана причина зошто тоа не би се повторило и во овој случај.

Испрати коментар

Scroll To Top