Насловна / Архитектура / Противречни изјави, а конкурс за летна сцена кај „Универзална сала“ веќе распишан

Противречни изјави, а конкурс за летна сцена кај „Универзална сала“ веќе распишан

„Универзална сала“, е донација од Република Бугарија по катастрофалниот земјотрес во Скопје, пуштена во употреба на 1. јануари 1966. година. Реновирана е во 1978. година и оттогаш е препуштена сама на себе и политички пароли и поткусурувања. Објектот е речиси пет години затворен. Мислам дека последен настан беше оној во 2015. година кога СДСМ организираше јавно слушање на прислушуваните разговори во преполната Универзална.

ун_resize

Но ова не единствен објект, кој е симбол на Скопје со истата судбина. Речиси сите објекти се во лоша сосотојба, мислам после Универзална дека ГТЦ, е во најочајна, за кој милуваме да кажеме дека сме го спасиле (а всушност мислам дека не им остана доволно време, инаку отиде и тој), а сега со него не знаеме што, бидејќи имотно – правните односи се повеќе од сложени, објектот е доградуван, преградуван, поделен на дуќани и дуќанчиња, со еден збор измачен. Упорно се зборува за негова заштита како културно наследство за која никогаш до крај не се изјаснија како стојат работите, а во меѓувреме објектот и понатаму пропаѓа и сите мудро молчат. И Поштата е симбол на Скопје, изгорените мурали од Борко Лазески одамна се заборавени. И МОБ е симбол па е сокриен со една смешна колонада, која никоја нема храброст да ја сруши, а од цело „Скопје 2014“ тоа е најбезболно и најевтино. Во меѓувреме сите „гламурозни“ настани се прават во соседната филхармонија, објект многу полош од комшијата, па додека се искачат со штикли по скалине, задишани влегуваат во „гламурот“. И Архивот на Град Скопје е симбол, но опкружен со нова станбена експанзија. И МСУ е симбол кој, рака на срце се обидуваат да го заживеат. И тажната Железничка станица, неисчистена откога е направена. Сите станици се тажни кога нема возови.  И Саемот, и НАМА, и ЦК  беа симболи. И Градски ѕид е симбол (и кулите и зградите), и Школка е симбол, ама ја офарбаа. Има многу симболи, не случајно пред две години се одржа архитектонска изложба „Загрозени видови“ на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков и не случајно, во Природо-научниот музеј на Македонија, но очигледно пораката за вредноста на овие градби и нивната состојба многумина не ја разбраа.

арх_resize

„Архангел бојс“ и „Раум Ќ“

Денес е Универзална на ред, но ќе дојдат и другите. На политичариве има кој да им шепне што е важно за градот и што им значи на граѓаните. Па така им кажал некој и за Универзална и уште во периодот од 2004 до 2008 година, проектантските бироа „Архангел бојс“ и „Раум Ќ“ изработија проект за адаптација, реконструкција и доградба на салата. Во 2013. година Министерството за култура организираше конкурс за нов објект на местото на постоечкиот.

јајц_resize

„Stone Design“

Учествуваат архитектонски бироа и покрај тоа што се свесни дека со таква обемна програма и капацитет на тоа место сала не може да се реализира. Победничкото решение е фамозното „јајце“ на бирото „Stone Design“. Во 2016 година градот се откажува од овој проект, поради висока цена и одлучува да се доработи првиот проект и внесат некои измени. Овој проект го изработува Градежен Институт Македонија – ГИМ. Во меѓувреме, никој не реагира дека се` ова значи рушење на стариот објект.

гим_resize

ГИМ

Во 2018 година, градоначалникот Шилегов потпишува Писмо за намери преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата со тогашниот министер за култура. Писмото се потпишува во „Универзална сала“ и тогаш градоначалникот изјави: „Причините ги гледате зад мене. Реконструкцијата на Универзална сала, како симбол на солидарноста, во изминатите години беше само предмет на манипулација од претходната власт. Предизборно беа изработувани и презентирани во јавноста многу проекти, од кои беше реализирано само преименувањето на овој објект. Предизборните ветувања се провлекуваат уште од 2009 година. Но, ниту претходната локална власт, ниту претходната централна власт не направија напори да изградат нова сала. Години наназад никој не инвестираше во овој објект. Години наназад Универзална пропаѓа. Јас им ветив на златните славејчиња дека за јубилејниот 50-ти роденден ќе пеат во нова Универзална сала. Им ветив на моите сограѓани дека овој симбол на солидарноста ќе го добие својот познат сјај кој го имаше во минатото. Детските фестивали повторно ќе се вратат во Универзална“ . Можеби јас не сум разбрала добро. Можеби градоначалникот со ова најавил дека ќе изгради друга сала, на друго место, која ќе се вика Универзална, но не дека ќе ја задржи и реновира постоечката.

ссс

На Универзална сала покрај неодржувањето и нереновирањето најмногу проблеми и создаде урбанизмот, ДУП БУњаковец 2. Преизграденоста со станбени згради која се случува во населбата, создава инфраструктурни и сообраќајни проблеми. Просторот таму и сообраќајот во тој дел функционираат лошо и сега кога салата не е во функција. А станбената изградба таму продолжува, се бара стан повеќе, па човек да си помисли дека тоа и не е така лошо место за живеење. Секако дека логично следи и прашањето, па зошто тогаш да се реновира, кога лошиот урбанизам веќе ја завршил работата, нека се сруши и еве ви парк на државно земјиште, бидејќи кукате за паркови? Но, не секој парк е парк, и не секое државно земјиште треба да биде парк, како што секоја приватна катастарска парцела е станбен објект. „Универзална сала“ треба да се реновира затоа што е иконичен објект, симбол на градот, затоа што задржување на тие објекти е цивилизациски чин и дел од историјата на архитектурата, која на Скопје очајно му недостасува. Затоа што мемориски места го прават градот препознатлив и создаваат традиција, по која очајно трагаме, во меѓувреме измислувајќи си историски приказни, бидејќи од оние кои ги имаме со неверојатна леснотија се откажуваме. Градовите се како луѓето, секому е потребно само негово место, само негов објект. Потребата на луѓето да се идентификуваат во својот град и развијат припадност е општа и човечка потреба, нормална и природна работа, носталгијата и сентимнталноста кон спомените се лични.

ДУП Буњаковец 2 направи проблеми, но да спасиме она што можеме. Скопје, како и сите современи градови, се залага за што помалку користење автомобили, а што повеќе јавен превоз. Од градот велат дека се на праг да направи трамвајски превоз -„Бас рапид транзит“ кој трамвај ќе доаѓа на секој 3-4 минути и студијата покажала дека за 40 отсто ќе се зголеми користењето на јавниот превоз. Па така според најавите на трасата, локацијата на Универзална е на одлично место, веднаш до трамвајската станица. И на Ноу Камп во Брселона најголем број на посетителите одат со јавен превоз.

Град Скопје утврдил дека Скопје има потреба од поголема, современа концертна сала, со нова програма за која градоначалникот вели дека од ААМ му предложиле локација во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Нека повели градот и нека ја направи таа сала, но тоа не е „Универзална сала“, тоа е нова сала со друг капацитет и содржини, ние зборуваме за старата сала, дали нејзино рушење или реновирање?

555_resize

Дали градоначалникот се обиде да ја злоупотреби ААМ во своја корист, правдајќи се зошто распишал конкурс за Универзална, останува сомнително. По бурата во јавноста, ААМ вчера се огласи со едно конфузно соопштение каде информираат за разговорите водени со градот. Велат дека конкурсот од 2013 покажал дека за толкав објект нема место на локацијата и дека ставот на ААМ бил дека „Универзална сала треба да остане во целост таква каква што е и да се реставрира во нејзиниот постоен облик“ и тука треба да заврши оваа тема. Градот ги известил дека пари за реновирање нема и дека имаат потреба од нова сала за која ААМ посочила локација, и тоа е во ред, но ова е друга тема.

Потоа во продолжение велат дека откако биле информирани дека нема средства „предложивме просторот каде што е сместена Универзална сала да прерасне во јавен простор кој што ќе биде дефиниран по распишување на анкетен конкурс со што би се добиле идеи за негово идно функционирање и планирање“!?

За на крај повторно да повикаат да се реновира салата „За да се избегнат забуни во јавноста, го повикуваме Град Скопје да ги презентира во јавноста сите наоди кои ги има за постојната состојба на Универзалната сала. Би повикале уште еднаш, да се зачува постојниот објект и доколку Градот Скопје нема средства за таква намена, ја повикуваме и Владата на Република Северна Македонија да се произнесе пред јавноста дали може да се обезбедат средства да биде реконструиран и зачуван обејктот во неговата постојна големина и појавност“.

И наместо после целата конфузија и различни и противречни изјави, градот да иницира стручна дебата на оваа тема за да се судрат мислењата и спротивставените ставови и на граѓаните и на архитектите, се со цел да се дојде до најдобро решение и потоа распише конкурс, Градот почнал од обратната страна,  веќе распишал Конкурс за избор на архитектонско и хортикултурно решение за отворена летна сцена со парк „Универзална“, правдајќи се со ААМ. Комисијата е во состав и тоа со шест члена: Маја Дончева, Бесник Осеку, Снежана Митоска, Александар Јанакиески, Аљоша Шопар и Никола Наумоски. Идеите треба да се достават до 28 август годинава. Ова значи дебатата заврши и пред да почне, а Универзална ќе се руши. Пред неполн месец заврши конкурсот распишан од Град Скопје и избрани се идејни решенија за три летни сцени во Градскиот парк. Па човек да си помисли дека најлесно и најбезболно, а и најевтино е направи летна сцена, зазелени околу и сите среќни. Скопје ќе се наполни со летни сцени, како Владата со советници или државава со аналитичари. На крај нема да знаеме што со сцениве, на другиве ќе им се најде место. Но, барем нема да се прават многу гужви во лошите урбанистички планови во спротивно ќе треба многу ангажман, работа и стручност за да се разрешат проблемите и тоа е патот по кој поретко се оди, другиов е пократкиот.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top