Насловна / Архитектура / Oбнова на дел од куќите во штипско Ново Село

Oбнова на дел од куќите во штипско Ново Село

novo_selo_stip-thumb.jpgВо штипско Ново Село во тек се активности
за обнова на некои приватни куќи. Таков е
примерот со куќата на Мијалкови, која се
смета за автентично македoнско градежно
ремек-дело, но со децении беше запуштено.
Шанси се бараат и во европски проекти со
посредништво на француски експерти.
Познато е дека архитектурата на
куќите во штипско Ново Село
е во духот на балканската
градска архитектура од времето на
XVIII и почетокот на XIX век. Поинаку
кажано, станува збор за автентична
македонска архитектура.

Ја има во
Охрид, најкарактеристична преку
куќата на Робевци, која претставува
туристичко и историско богатство,
но ја има и во Ново Село – Штип.
Разликата е што голем број од
куќите во Ново Село се пред
распаѓање. Општината и Заводот
Музеј со години се обидуваат да
направат проекти или да најдат
начин како да дојдат до пари со
кои ќе се зачува овој автентичен
македонски градежен дух, имајќи
предвид дека Ново Село во
Штип само по себе претставува
историска ризница и важен поим.

Камен, дрво и вар

Нема многу голема филозофија
во куќите од Ново Село. Она
што времето и можностите го
дозволувале е преточено во
изградбата на куќите. Еркерите,
стреите, покривот од турска
ќерамида, вертикалните двокрилни
прозорци и дрвените опшивки
се архитектонски елементи кои
преовладуваат. Градежниот
материјал од кој се правени куќите
во Ново Село има наполно локален
карактер и се состои од камен,
дрво и вар или земја, а покривот
е направен секогаш со стара
ќерамида поставена на дрвена
конструкција со мал наклон.
novo_selo_stip-1.jpgЅидовите на подрумите и приземјето
се од масивен кршен камен, а
нивната дебелина се движи помеѓу
50 и 70 сантиметри, но не се ретки и
отстапувањата и до 90 сантиметри,
особено во подрумскиот дел. Со
цел да бидат рамни – нивелирани
во камените ѕидови на различни
растојанија (од 70 до 120
сантиметри) се ставани дрвени
серклажи. Постојат и поретки случаи
кога камениот ѕид од некои страни
на куќата не оди само до приземјето,
туку продолжува и во катот.
Деловите над приземјето, т.е.
катовите и меѓукатовите се
градени од дрвен скелет – бондрук.
Најчесто тој е искован со даскички
од надворешната и внатрешната
страна и преку нив е премачкан
малтер или кал измешана со ситна
плева. Кај некои од дотераните
ѕидови, меѓу бондрукот се
забележува и плетер или ќерпич,
кој е ѕидан хоризонтално, косо, па
дури и вертикално во зависност
од формата на површината
меѓу конструкцијата. Најмногу
преовладуваат триаголните
и правоаголните форми.

Најчести се куќите со приземје и
кат, но има куќи и со по два ката.
Со цел да се прошират катовите, а
честопати и да добијат правилна
форма, во нив се среќаваат
еркерни наддавања од една или
две страни (ако таа куќа е на агол).
Некои од еркерите достигнуваат
и до еден метар. Едни од нив се
отворени, други опковани само
со штици, а има и такви кои преку
штиците се малтерисани.
Последниот елемент – професијата,
особено влијаела во распоредот
на приземјето, во кое постоеле
дуќани (алваџии, кафеџии, мешовити
дуќанчиња, бербери, ковачи,
налбати, самарџии и други), додека
пак некои приземја биле наменети
за анови, шарлаганџилници и
„керани“ за предење и сукање на
јажиња. На катовите се просториите
за живеење и гостинските соби,
како и отворени или застаклени
чардаци, свртени кон улицата.
Во кујните, собите за спиење и во
гостинските соби е честа појавата на
долапи чии надворешни површини
повеќе или помалку секогаш се украсени. Овие долапи имаат
функција на плакари во кои се
оставаат разни работи (прибор
за јадење и чистење, постелина,
гардероба и др.). И таваните во
собите се од штици, од кои едни
се рамни, а други обработени. Во
средината на некои тавани, во
почорбаџиските куќи, се сретнуваат
и розети во дрворез. novo_selo_stip-2.jpgСкалите што
водат од приземјето за катовите се
изведени внатрешно. Изработени
се од дрво и многу се едноставни.
Обично се двокраки со прав агол
меѓу нив и со поголем подест.
Фасадите на поголем број до
денес сочуваните куќи прво се
мачкани со кал измешана со плева,
а потоа варосувани. Од повеќето
слоеви вар може да се заклучи дека
до денес некои фасади претрпеле
поголем број такви варосувања.
Варосувањето се правело врз
целата фасада – од темелот до
стреата, што значи и каменот во
приземјето. Меѓутоа, има и фасади
чии камени ѕидови се фугирани, а
ѕидовите на катовите измачкани со
дебел малтер. Ваквата обработка
има подобар визуелен ефект
во комбинација со варосаните
ѕидови и со темните дрвени
рамови на вратите и прозорците.
Не се варосани ниту малтерисани
само дрвените опшивки на
хоризонталните линии на
меѓукатните конструкции, рамките
околу прозорските отвори и
агловите вертикални греди од
бондрукот на конструкцијата.
Овие елементи оставени во својата
чистота уште повеќе ја зголемуваат
убавината на фасадата.

 

Не е се во големината

Големината на прозорците кај
куќите во Ново Село е различна
и зависи од тоа кои простории
тие ги осветлуваат. На пример, во
приземјата прозорците се обично
мали, а честопати обезбедени и
со железни вертикално поставени
шипки. Исклучок од тоа прават
куќите во чии приземја имало
дуќани. novo_selo_stip-3.jpgКатовите имаат поголеми
и помногубројни прозорци кои
зафаќаат голем дел од челната
фасада. Отворањето на прозорците
е решено на тој начин што долното
крило вертикално се подига
нагоре во истата прозорска
рамка и се поклопува со горното
неподвижно крило. Движењето на
долното крило е регулирано по
канали од тенки летви заковани
на касата од прозорецот.

На некои куќи сè уште се
забележливи капаци од даски на
надворешната старна на прозорците.
Овие капаци имале намена да ги
штитат просториите од силните
ветрови преку зимата и од сонце во
изразито топлите штипски лета.
И стреата на куќите има различно
решение. Кај едни таа е сосема
отворена и на неа се видливи
гредите од конструкцијата на
покривот, а кај други гредите се
опковани со штици. Оџаците, кои
постојат само во просторијата за
готвење „мутвакот“ се изведувани
повеќе внатрешно, а поретки се
појавите на надворешно изведени
оџаци. Останатите простории
немаат оџаци, бидејќи во времето на
градењето на куќите за загревање
се користел мангалот. Меѓутоа,
денес кога „буриите“ на печките
стануваат систем на греење, се
вадат или преку прозорците, или
пак се пробиваат низ ѕидовите.
Во 1912 година штипско Ново
Село имало околу 700 куќи, а
денес нивниот број е намален
и изнесува околу 450. Меѓутоа,
градежната состојба е многу лоша
и се потребни големи средства и
силни напори околу адаптацијата
и конзервацијата на одделни
архитектонски вредни објекти.

Приватници
осовременуваат,
но и ја уништуваат
автентичноста

Изминатиот период, за зачувување
на куќите не е направена некаква
поголема и значајна интервенција
од која било заинтересирана и
компетентна институција. Денес,
меѓу обновените куќи се споменува
онаа на семејството Станчеви, која
за штипски услови ја има статусот
на куѓата на Робевци од Охрид.
Таа е можеби најфотографираната
куќа, бидејќи не само што е
пример за автентична новоселска
(македонска) архитектура, туку
и начин да се покаже во каква
убавица може да се претвори Ново
Село, ако поголемиот дел од куќите
се обнови. novo_selo_stip-4.jpgПрактично, додека
некои градат етно-село сакајќи
да доловат дел од тој автентичен
македонски архитектонски дух,
Штип го има славното Ново Село во
кое секоја куќа има своја приказна.
Не треба да се заборави и дека
постои потреба за контрола на
реконструкцијата на одделни куќи
во штипско Ново Село, бидејќи се
покажа дека некои интервенции
што се прават од сопствениците
на куќите одат кон нарушување
на нивната убавина и уништување
на нивниот првобитен изглед.
Овие интервенции се прават
најмногу на катовите, користејќи
ги зачуваните камени ѕидови од
приземјето. Фасадата безмилосно
и неодговорно се уништува. Ги
снемува еркерите, на местото од
старите прозорци се отвораат
големи современи прозорци,
чардаците се заѕидуваат со цел да
се добие простор повеќе и слично.
Во 1961 година од страна на
Републичкиот завод за заштита
на спомениците на културата беа
фиксирани и ставени под заштита
околу десетина куќи. Во една
од нив, од страна на Музејот во
Штип, во 1960 година е извршена
конзервација на таваницата и
долапите во една соба. Меѓутоа, во
споменатата година една комисија
на истиот завод констатира дека
за одржувањето и конзервацијата
на тие објекти се потребни големи
средства, што ги надминуваат
финансиските можности, заради
што е донесено решение заштитата
на овие куќи да се прекине.


Можност за обнова
на шест куќи

Дали има потреба да се оценува
вредноста на новоселската куќа
во Штип? Одговорот не само што
е очигледен, туку напротив, со
секој странец кој во изминатите
20 години стапнал во Ново Село
се потврдува желбата и потребата
од обнова, реставрација и
конзервација на новоселските куќи.
Имајќи го предвид значењето
и улогата на објектите од
градската архитектура,
одредени институции, пред
сè Заводот Музеј и општина
Штип, прават сериозни напори
за сочувување на одреден број
куќи и одделни ансамбли во
штипско Ново Село. За одредени
приватни инвеститори, кои
изготвија и основни планови за
реконструкција, Заводот Музеј
активно е вклучен со цел зачувување
на автентичноста на архитектурата.

Таков е примерот со куќата на
Мијалкови, една од неколкуте
која е пред реконструкција.
Можноста за обнова на дел од Ново
Село се гледа и во неодамнешната
посета на француска делегација
од регионот Долна Нормандија -
од областа на заштитата на
архитектонското наследство.
Петчлената делегација два дена
престојуваше во Штип, при што
изврши комплетно снимање на
состојбата со куќите во Ново Село.
Носител на активностите од
страна на Република Франција
е Француската национална
асоцијација на градови со историја
и уметност и градови со заштитени
зони и сектори, а на чело на тимот
беше Антоан Бругерол, експерт
за архитектонско наследство.
„Целта на средбата беше да се
види состојбата со архитектонското
наследство на Штип, пред сè во
Ново Село, локацијата на Исарот
и бањата Кежовица. Тие се тука
да дадат насоки, како понатаму
да направиме успешни проекти
со кои ќе дојдеме до европски
пари за обнова на овие автентични
локации“, изјави градоначалникот
на Штип Зоран Алексов.
Француската делегација во
придружба на претставници
од урбанизмот во локалната
самоуправа потоа ги посетија овие
три локации, со посебен осврт на
Ново Село, со цел детален увид
на состојбата во која се наоѓаат
куќите што се сметаат за своевидно
архитектонско богатство на Штип.
novo_selo_stip-5.jpg
„Мислам дека по обиколката
имаме појасна претстава за Ново
Село и Исарот. Има куќи кои се
многу долго овде и тие се важни за
вашиот град. Јас се надевам дека
Штип ќе влезе во потесниот круг со
што ќе имаме можност за соработка
на конкретни проекти со кои ќе
ги зачуваме овие непроценливи
вредности“, изјави Мирел Перан,
претставник на националната
асоцијација за заштита на културни
зони на Долна Нормандија.
Елена Арсова, раководител на
одделението за урбанизам при
општината, вели дека делегацијата
се интересирала за сите аспекти
околу сопственоста на куќите со
цел да се согледаат можностите
за користење на средства за нивна
обнова, но и многу други аспекти.
„Со оглед на тоа што наша грижа
е заштитата на спомениците, ние
ги слушнавме сите нивни потреби
со цел подобро да одговориме
на барањата на француските
претставници во подготвките на
проекти од оваа област. Ново Село е
наше богатсво, заслужува внимание,
но нашите можности се ограничени
заради што финансиски шансите
се само во европските фондови“,
изјави Зоран Читкушев, директор
на Заводот и Музеј во Штип.
Како што стојат состојбите, во овој
момент постои документација за
обнова на три куќи, а такво нешто
може да се случи со уште три. На
некој начин, ако се успее да се
реконструираат седум куќи, тоа
ќе им даде дополнителен импулс
на останатите сопственици да
преземат слични зафати. Освен
тоа, со обновени десетина куќи
во центарот на Ново Село, се ќе
има поинакво значење..

Драган Ристов

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top