Насловна / Вести / Никој не верува дека „Треска“ „само“ се расчистува

Никој не верува дека „Треска“ „само“ се расчистува

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се пофали дека се расчистува поранешната фабрика „Треска“ и побара поскоро донесување на регулациски план и ДУП само за овој простор. Тој изјави дека до општината пристигнале 36 барања за издавање решенија за отстранување, од кои 13 се одобрени.  Според него, просторот на фабриката, особено по опожарувањето пред пет месеци, освен што преставува извор на зараза за жителите кои живеат во околината, претставува и нелегална депонија во срцето на општина. Чистењето кај „Треска“ ќе трае две недели, ќе се одвива плански и во неколку фази. Најпрво ќе се отстранува опасниот отпад, 40.000 метри квадратни азбестен кров, потоа ќе се срушат дотраените објекти, па ќе се отстранува кабастиот отпад. На крај, на целиот простор ќе се изврши дезинсекција, дезинфекција и дератизација. „Отстранувањето на објектите и чистењето на целиот простор ќе го вршат самите сопственици, кои претходно до општината доставија барања за отстранување на објектите и начинот како истите ќе бидат отстранети“, рече Герасимовски.

тр1_resize

ЗА „ТРЕСКА“ СЕ УШТЕ СЕ АКТИВНИ ДВЕ ПОСТАПКИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Расчистувањето на теренот започнува иако за „Треска“ се уште се активни две постапки во Обвинителството. Едната е истрагата за пожарот, која што не е завршена. Од Обвинителството за Дојче Веле велат дека вештачењето изготвено по наредба на јавен обвинител покажало дека станува збор за човечко невнимание. Во тек е и предистражна постапка за „можни незаконитости при денационализацијата на фабриката“, која што била иницирана од Државното правобранителство.  За овој предмет е дадена наредба за градежно архитектонско – урбанистичко вештачење. „По доставување на вештиот наод и мислење од Бирото за судски вештачења, надлежниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката. Со оглед дека предистражната постапка е тајна во моментов не можеме да споделиме повеќе детали“, велат за Дојче Веле од Обвинителството за борба против организиран криминал.

тр2_resize

ПРОБЛЕМИТЕ НАСТАНАА ОТКАКО УСТАВНИОТ СУД ГО УКИНА МОРАТОРИУМОТ

Се додека Обвинителството не го каже конечниот збор, првата антикорупционерка Билјана Ивановска очекува да се почитуваат нивните препораки дека нови градби не смеат да се градат.

„Сите замижуваат пред проблемот, но никој не дава одговор на клучни прашања: зошто падна мораториумот за градба, зошто градоначалникот на Центар не го објавува конкурсното решение за „Треска“, каде се делата од конкурсот кој беше распишан…?“, прашуваат антикорупционерите.

бл_resize

Проблемите настанаа откако во март 2021 година Уставниот суд го укина мораториумот за градба во Центар, со што се отвори простор за повторна градежна инвазија во градот. Инвеститорите сега бараат да градат според Деталниот урбанистички план (ДУП) донесен во време на ВМРО-ДПМНЕ, кој изминативе години ниту СДСМ не успеа да го промени. Герасимовски вчера тврдеше дека Општината прави напори да се донесе нов ДУП, само за делот на фабриката „Треска“, со цел да се направи подобра урбанизација. Но, досега веќе се поднесени четири барања за градба и 15 барања за дооформување на градежни парцели, според важечкиот план.

„Во моментов има важечки ДУП, имавме три години мораториум чија цел беше да се изменат ДУП, за жал, не се успеа, но правиме напори преку регулација да се одвои овој дел и да се направиме подобар план. Не зависи од Општината Центар, но сигурен сум дека за брзо време ќе ја направиме измената на ДУП“, рече Герасимовски.

Со сегашниот ДУП нема никаква пречка да се издаваат одобренија за градење за една од најатрактивните локации во градот.  Но, првата антикорупционерка Билјана Ивановска не се согласува со тоа и вели: „Во моментов има важечки, но противзаконски Детален урбанистички план. Поради тоа се поставува прашањето дали е легитимно да се даваат одобренија за градење според еден ваков противзаконски ДУП“.

тр3_resize

„ШАНСА ЗА ЦЕНТАР“: ОДЛУКАТА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПОСТОЈАНО ОДБИВА ДА ЈА СПРОВЕДЕ

Според граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, расчистувањето на „Треска“ е нужно, но подеднакво е важно што ќе следи потоа.

Од „Шанса за Центар“ велат дека одвојувањето на „Треска“ како посебно подрачје веќе е донесено од претходниот општински Совет и одлуката градоначалникот постојано одбива да ја спроведе. Потсетуваат дека е завршен и Конкурс за локацијата, па стравуваат дека наместо тој да се спроведе, се одложува за сметка на „решението“ за продажба на државното земјиште и профит на приватници. „Знаете, се спроведе и Конкурс за идејно решение како да се уреди подрачјето. Општината доби три идејни решенија, од кое едното од стручната комисија е многу позитивно оценето и препораката е да продолжи да се разработува кон урбанистички план. Општината со овој градоначалник одбива да ги презентира идејните решенија од Конкурсот, бидејќи тој ги оценил како неспроведливи, иако урбанистите и сите кои го оценуваa Конкурсот – имаа спроставени ставови. Односно дека ќе обезбедат похумано решение, подобар квалитет на живот, подобро уредување на тоа земјиште, затоа што ќе обезбедат и јавни услуги и јавни простори, како и градинка, зеленило итн“, велат од „Шанса за Центар“ за Радио МОФ и додаваат: „Сопствениците на имот, кои се големи градежни компании, односно соптственици на повеќе од 50 отсто од целата ‘Треска’, бараат да се спроведе планот кој повеќе им одговара – во смисла на повеќе профит. Затоа, сметаме дека клучот е сега, за се што ќе се случува во иднина со земјиштето. Колку повеќе се одовлекува, толку повеќе ќе се спроведуваат постапките за откуп на земјиште и ќе се притиска за ‘актуелното решение’. Градоначалникот и луѓето што не сакаат промена го именуваат како ‘важечки план’, иако тој ‘важечки план’ и од страна на општината во претходниот состав, и од општинската служба, е анализиран и е заклучено дека во многу параметри ги надминува ограничувањата од ГУП-от“.

Според иницијативата, процесот се одложува, па наместо да се разработува идејното решение од Конкурсот, би имало продажба на државно земјиште. Приватниците добиваат она што им го овозможуваат оние оспорувани правилници за урбанистичко планирање, врз основа на „стекнати права“ со тоа што го поседуваат земјиштето.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top