Насловна / Хортикултура / Приватноста во дворовите

Приватноста во дворовите

privatnosta-vo-dvorovite-2.jpgСо зголемување на вредноста на земјиштето во централните градски
подрачја, луѓето сè почесто се одлучуваат за купување на помали парцели,
со што си го скратуваат задоволството за простран двор. Во помалите
дворни површини тешко е да се изврши рамномерно зонирање на териториите,
па затоа најчесто се оди на варијанта со помал јавен дел пред самата
куќа на сметка на приватниот дел кој најчесто се подига зад куќата или
странично.

 

 Потребата од приватен дел во градината е се поголема, со оглед на динамичниот начин на живеење и потреба за одмор и релаксација во природа со потесниот круг на фамилијата. Поради густината на населеност, ваквиот тип на распределување на дворната површина е многу популарен во САД и е познат како "backyard garden". Постојат најразлични решенија за зачувување на приватноста. Ние во овој број ви нудиме едно од нив. Во зависност од тоа какво е опкружувањето, секогаш кога е во прашање приватниот дел, се стремиме кон целосно или делумно затворање на видното поле од страната на минувачите.

 

privatnosta-vo-dvorovite-1.jpg

 

Тоа може да се постигне со подигнување на жива ограда од најразлични видови дрвја и грмушки (пр. Cupressocyparis leylandii, Thuja spp; Prunus laurocerasus, Photinia spp; Berberis julianae; Berberis thunbergii и многу други), со поставување на дрвени паравани, или рогозина ако веќе имате подигнато метална ограда. Организацијата во овој дел исто така е многу важна со оглед на ограничениот простор. Доколку оградата е метална и заштитена со рогозина, најдобро е да се подигнат мешани линиски насади од дрвја и грмушки по должина на самата ограда.

privatnosta-vo-dvorovite-2.jpg

Комбинирањето на боите и формите претставува вистинско задоволство кога станува збор за дизајнирањето на формата на овие насади. Обрабувањето исто така дава посебена убавина на целата композиција така што ја разграничува тревната површина со дрвјата и грмушките. Тоа може да се изведе со обични дрвени трупчиња, со циглички, или наједноставно со остар засек на фино обработената почва. Во никој случај не препорачуваме да се употребуваат пластични ленти поради тоа што создаваат кич ефект.

privatnosta-vo-dvorovite-3.jpg

Посебен визуелен ефект се постигнува со начинот и правецот на косење на тревникот. Доколку површината е тесна, а долга, најдобро е да се коси во попречни ленти, во спротивно ако просторот е широк, а кус, се коси надолжно. Просторот за седење најдобро е да биде поплочен, а пристапот до него може да биде по бетонска или поплочена патека, песок со покрупна фракција или само да се постават големи рамни плочи од природен камен т.н. flagstones.

 privatnosta-vo-dvorovite-4.jpg

Сепак, доколку просторот дозволува, добро е површината предвидена за седење (плочникот) да се позиционира на една од страните за да се создаде можност за поголема тревна површина за забава на најмладите. Не се исклучува и можноста од поставување на лулашка, тобоган и сл. Како одлична заштита од силното сонце во текот на летните денови може да послужи пергола околу која би се насадиле повеќе видови на лијани, кои би се потпреле на конструкцијата од перголата (пр. Parthenocissus quinquefolia, Parthenocissus tricuspidata, Hedera helix, Clematis spp; Lonicera acuminata и др).

 

Филип Филипоски, дипл.шум.инж.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top