Насловна / Вести / Елаборатите за ДУП-овите „погрешни“ – обид за суспензија на туѓиот срам

Елаборатите за ДУП-овите „погрешни“ – обид за суспензија на туѓиот срам

Општина Центар беше единствената која влезе во отворена борба со лошото урбанистичко планирање. Откако одлуките за мораторум на лошите планови Уставниот суд два пати ги оспори, градоначалникот назначи Комисија која изработи Стручни елаборат за суспензија на применувањето на деталните урбанистички планови кои се доставени до Министерството за транспорт и врски, а со кои е утврдена штетата по јавниот интерес. Но, со демагогија, повторно се урна струката, а личниот кредибилитет е одамна урнисан. Комисијата при Министерството за транспорт и врски од дрво шума не виде, па така не успеа да види штета по јавниот интерес, виде дека Комисијата од општината ги изработила „погрешно“ елаборатите. Комисијата се обиде да ја одбрани позицијата на министерството, која тие ја бранат уште од продажбата на државното земјиште за 312 евра квадратен метар. Па така инвеститорите на кои им се подари земјиштето, преку 3Д слики, „современ архитектонски дострел“ во обид, се обидуваат безобразно да не убедат во нивната способност и добра намера, а наша неспособност и потреба само да зборуваме, додека нели барем се гради.

За да не не убие туѓиот срам, во продолжение ви го пренесуваме текстот изработен од стручни лица од Општина Центар.

ФАКТИ наместо СТАВ…

Повод: 11 Стручни елаборати за суспензија од применување на Деталните урбанистички планови во Општина Центар-Скопје

или откако Министерството за транспорт настапи во духот на народната поговорка:„ …после свадба тапани…“

Денот кога теоријата требаше да се спроведе во пракса

Сe што е подложно на тестот на реална примена (овде-онде) онде во пракса се соочува со непознати од различен степен. Во случајот на стручните елаборати се детектираше непостоење на:

–  подзаконски акт што ја пропишува поблиската форма и содржина на елаборатот за суспензија

–  пропишана методологија за докажување на несомнената штета по јавниот интерес (во член 5 од Законот е адресиран јавниот интерес, но НЕ се еднозначно наброени кои „вид, намена, подрачје, локација и димензии на просторот, земјиште и градби“ се од јавен интерес).

Како професионалното искуство врамено во најниската хиерархија во уредувањето на просторот ја надмина највисоката хиерархија

Извадок од елаборат (по случаен избор)

 „Врз основа на став (2) и став (5) од член 35, а во согласност со член 23 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на РСМ“ бр.32/2020), Комисијата за урбанизам, формирана од страна на Градоначалникот на Општина Центар – Скопје со Решение бр.09-4209/1 од 30.9.2020г., изработи Стручен елаборат за суспензија на применувањето на деталните урбанистички планови кои влегуваат во опфатот на Градската четврт З 10 дефинирана со Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022 („Службен гласник на Град Скопје“ бр.18/2012).“

Овој цитат е дел од Воведот во Елаборатот за суспензија и ја отсликува суштината затоа што во став (5) од член 23 од Законот недвосмислено е уредено дека урбанистичкиот план се суспендира од употреба поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво за член 35, од истиот Закон, да ја апсорбира основата за суспензија (н.з. насловот на Главата е „Неусогласеност на урбанистички планови“). Имено, став (2) од членот 35 одредува:

(2) Под усогласеност на детален со генерален урбанистички план се подразбира совпаѓање, соодветност или согласност на разработените плански одредби од деталниот урбанистички план со поопштите плански одредби од генералниот урбанистички план, особено на намената на земјиштето, генералната регулација, и други одредби и урбанистички параметри специфични за тоа ниво на планирање.

(5) Детален урбанистички план или дел од детален урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од генерален урбанистички план не може да се применува.

Во овој контекст се осврнуваме на дел од Мислењето издадено од комисијата при Министерството за транспорт и врски:

„Елаборатот за суспензија не смее да се однесува паушално на целиот плански опфат од урбанистичкиот план, доколку штетата по јавниот интерес што треба да се докаже, односно предметот на елаборатот за суспензија е лоциран во дел од планскиот опфат или негова планска одредба“.

„Постапките за суспендирање или неприменување на урбанистичките планови поради усогласување треба да бидат просторно и правно ограничени на исклучоци, со цел да не се наруши континуитетот на планирањето и да се обезбеди владеењето на правото воопшто“.

За да се апострофира поентираната суштина во Стручните елаборати за суспензија дека станува збор за цели плански опфати токму поради докажаниот статус на интегрална неусогласеност со планот од повисоко ниво во смисла на:

  • границата на планскиот опфат и регулационите линии на примарната сообраќајна мрежа,
  • нумеричките податоци– со надминување на нумеричките параметри во плановите, завршените управни постапки на субјектите кои веќе ги оставариле своите права со реализирани или делумно реализирани градби, како и започнатите управни постапки што се водат во моментов, се оневозможува остварувањето на правата на останатите субјекти – носители на право на градење, во иднина да ги оставарат своите права на земјиштето кое е дел од конкретниот плански опфат, како и заштита на земјиштето со сопственост на РСМ и веќе постоечките јавни површини и
  • непочитување на подзаконска регулатива, со што повторно се оневозможува остварувањето на правата на останатите субјекти – носители на право на градење, во иднина да ги оставарат своите права на земјиштето кое е дел од конкретниот плански опфат, како и заштита на земјиштето со сопственост на РСМ и веќе постоечките јавните површини.
  • Неусогласеност на класите на намени со намените планирани со ГУП (во смисла на процентуална застапеност на намените)

Во секој од Стручните елаборати недвосмислено е покажано дека токму „генералната регулација“ односно регулационата линија (н.з. дебелата зелена линија) е линијата што го разграничува јавниот од поединечниот интерес односно:

(4) Регулационата линија е линија на разграничувањето помеѓу градежното земјиште за општа употреба и парцелираното градежно земјиште за поединечна употреба, како и

(5) Регулационата линија има асиметрично правно дејство, од двете страни на вертикалната површина по која се протега просторната граница на регулацијата: од една страна на линијата е градежното земјиште за општа употреба за кое со закон е утврден јавниот интерес, додека од друга страна е градежно земјиште за поединечна употреба.

Кога графички ќе го презентираме погоре кажаното…

1

Разликата од 5.47 метри покажана во наведениот пример е местото каде согласно генералниот урбанистички план треба да се предвиди тротоар и велосипедска патека.

6 7

Во секој од Стручните елаборати прецизно е презентиран фактот дека урбанистичките параметри за конкретните Детални планови повеќекратно ги надминуваат нумеричките показатели утврдени во посебните услови за Градски четврти во ГУП на град Скопје, 2012-2022 (или, ако сакате, истите се повеќекратно намалени со нумеричките показатели утврдени во посебните услови за Градски четврти во ГУП). Како резултат на причинско-последичен однос, пратечките содржини на домувањето (градинки, школи, спортски содржини, паркови) сообраќаната мрежа (коловози, тротоари, велосипедски патеки) и комуналната инфраструктура (водоводна, фекална и атмосферска канализација, електродистрибутивна и итн.) ќе треба да задоволат капацитети што повеќекратно ги надминуваат нивните можности, односно максимално планираните показатели со ГУП.

Со други зборови, сообраќајна и комунална инфраструктура планирана да опслужи 1.250 жители и/или корисници ќе треба да опслужува 15.000 жители и/или корисници, што е случај со ДУП Ц08 (оној спроти Холидеј Ин), односно прикажано како Извадок од елаборатот за суспензија на ДУП еве како изгледа споредбата:

2.5 Споредба на нумерички показатели за домување ДУП –  ГУП

2

Во име на ублажување на врескавите бројки што се добиваат како резултат од анализите на планираните параметри, до скоро најодважниот минимизатор на линиските центри или „урбанистичкиот рецепт за надминување на повеќекратно намалените нумерички показатели во ГУП“ дефинирани во член 37 од ГУП на град Скопје, 2012-2022, со спокојна одлучност упати на нивно почитување во Мислењето издадено од комисијата при МТВ. Неверојатно, но вистинито, и покрај несоборливиот факт дека тие линиски центри се директен упад во урбанистичкото планирање бидејќи не се дефинирани ниту со важечки Правилник ниту со Правилници вон сила, односно во најмала рака треба да побара да се направат анализи со изземање на параметрите во линиските центри, затоа што дури и тие имаат ограничување од само 25 метри во длабочина на одредена Градска четврт, под услов таа да е лоцирана по должина на сообраќајници од примарната мрежа и при тоа линиски центри да се предвидени од двете страни на сообраќајницата.

Дополнително, линиските центри „се дозволува да се планираат“ во идните плански документации на растојание од новите регулациони линии од ГУП на Град Скопје 2012-2022. Планирањето не може да се изврши во минатото и особено не со сосема други регулациони линии.

Во Мислењето издадено од комисијата при Министерството за транспорт и врски, спротивно од презентираното на брифингот е наведено:

„Во сите понатамошни активности поврзани со надлежноста урбанистичко планирање, се препорачува да се имаат предвид сите донесени управни акти или започнати управни постапки, доколку ги има, а произлегуваат од деталните урбанистички планови за кои се изработува стручен елаборат за суспензија, водејќи притоа сметка за правната заштита на сопственоста“.

8

ДУП Ц08 (Холидеј Ин)

Народски кажаното…

За разлика од изработениот стручен елаборат кој за Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Голем Ринг јужен дел – исток (опфат меѓу улиците: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“), плански период 2012- 2017, локацијата позната како Холидеј Ин, дава интегрална анализа на целокупниот опфат (вклучувајќи ја и парцелата каде е предвидено да се градат трите висококатници), Министерство насочува дека спорната локација – продаденото неизградено државно земјиште треба да се изземе од суспензијата (земено предвид дека издавање на одобрение за градба е управна постапка), со што ќе се легитимира изградбата на трите кули. Бидејќи со изградбата на кулите се искористуваат целокупните параметри дозволени во ГУП-от, староседелците, ќе немаат право да градат до донесување на некој нов ГУП кој можеби ќе направи ревизија на предвидените параметри, и на нивната локација ќе треба да се задоволат сите пратечки содржини што не биле предвидени со претходните плански документации, а се неопходни за функционирање на просторот.

Во дел од Стручните елаборати е посочено на локации кои со Генералниот урбанистички план или неговите разработки (Регулациските планови) имаат дефинирано намени поинакви од планираните во деталните урбанистички планови.

На пример земјиште во државна сопственост испланирано со класата на намени како: Б – комерцијални и деловни намени и В4 – државни институции во важечки ДУП во Регулацискиот план е дефинирна како Д1 – парковско зеленило и Е1- комунална инфраструктура, јавни паркинзи.

Кога графички ќе го презентираме погоре кажаното…

3

Б – комерцијални и деловни намени        Д1 – парковско зелени

В4 – државни институции                       Е1- јавни паркинзи

Несакани асоциации…

Можеби е само коинциденција, но сепак не може, а да нѐ ве заскокотка љубопитството зошто Предлогот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање кој стигна до собраниска процедура и се води по скратена постапка (меѓудругото) целосно ги презема законските решенија очигледно нарачани во едно друго време, за нечии поинакви аспирации за грабеж на градскиот простор, како што следат:

(1) „Детален урбанистички план донесен согласно со генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува само доколку намените на деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план“ и

(2)„Во случаите од ставот (1) кога со генерален урбанистички план се планира проширување на сообраќајната мрежа, деталниот урбанистички план донесен пред влегувањето во сила на генералниот урбанистички план од ставот (1) на овој член, може да се применува само доколку со реализација на планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од генералниот урбанистички план“.

Со тоа, намената би станала единствената точка на проверка на усогласеноста меѓу деталниот и генералниот урбанистички план, а не и нумеричките параметри и генералната регулација. Односно со став (2) градежната парцела не би се третирала во нејзината целовитост како најмала единица на планирање.

4

Со оваа дигресија се враќаме на самиот почеток, на суштината на Стручните елаборати и наместо заклучок, неодминлив е впечатокот дека Министерството за транспорт и врски повторно манифестира симптоми на дислексија во однос на суштината на 11-те (единаесетте) Стручни елаборати (н.з. сите Стручни елаборати се поместени и достапни на www.centar.gov.mk). Но, ова сознание не предизвикува толкава вџашеност туку фактот дека најгласниот „бранител“ на урбанистичкиот правопис (урбанистичка ортографија), каде се одредени планските одредби со правно дејство во урбанистички план од редот на: регулациона линија, намена на земјиште и градби, плански одредби и урбанистички параметри во општи и посебни услови за изградба, граница на плански опфат и слично, со еден двиг ги денфуваше сопствените повеќедецениски заложби да едуцира генерации со поинакво ниво на професионални доблести. Во таа смисла, последиците од таквото јавно истапување директно го поништува credo-то на кандидатите за архитекти. Не само што резултираат со шизофрено прикажување на нивната идна професија туку апсолутно го делегитимираат целиот образовен процес и го претставуваат како низа од шегобијни семестри.

За таквото поведение нема место во високото образование! Затоа, не ќе е претерано да се повикаат Министерството за образование и наука, од една страна, и Комората за овластени архитекти и овластени инженери, од друга, да поведат соодветни постапки во нивни надлежности.

 

Испрати коментар

Scroll To Top