Насловна / Екологија / Без почит кон реките

Без почит кон реките

Метали и фекалии се пробиваат низ браните од ѓубре

Малото бистро поточе во Вруток воопшто не навестува дека ќе се претвори во големата, матна и валкана река Вардар. Но на само три километри подолу од Вруток, реката поминува низ Равен и веќе го добива својот препознатлив и несреќен лик. Низ коритото плови повеќе отпад отколку вода. Единствен знак на живот покрај водата, која личи на депониски исцедок, е понекое бездомно куче што пребарува остатоци од храна низ ѓубрето. Ова се случува во првите три километри на реката долга 388 километри до сливот во Егејско Море.

Реките во Македонија се отворени канализации и отворени депонии. Водата на Вардар станува сè позагадена со секој нов километар што ќе го протече. Како да биде поинаку, кога ја полнат реки како Треска, во која рибарите газат низ депонија за да дојдат до водата близу мостот меѓу Сарај и Грчец кај Скопје. Или како Лепенец, река за која без оглед колку акции за чистење на коритото ќе се организираат, таа повторно ќе влече отпад со себе. Или, пак, како Маркова Река, која во последните километри пред сливот повеќе личи на течна кал отколку на вода, а кај Лисиче во неа има истурено толку многу ѓубре што тоа веќе го стеснило коритото и направило брани и каскади.

Lepenec 2 Markova 5Сите тие реки, а и многу други, се популарни излетнички дестинации во некои делови од својот тек, каде што водата некако успеала да се ослободи од ѓубрето и да протече низ природа. Но такви места има сè помалку, а отпадот сè повеќе ги гуши коритата. Освен тоа, дури и каде што во коритата нема отпад, водата во нив е далеку од чиста.

Податоците за состојбата на водата откриваат интересна ситуација. Во последниот Извештај за животната средина што го има издадено Државниот завод за статистика, користејќи податоци од релевантните институции, прикажани се, како пример, три од најголемите реки во земјава: Вардар, Брегалница и Црна Река. Според сите параметри, тие во 2012 година имале многу почиста вода отколку во 2001 година, според биохемиската потрошувачка на кислород, како и присуството на тотален амониум, нитрати, нитрити и ортофосфати. Повеќето од овие материи доаѓаат од фекалните канализации. Тоа особено важи за Вардар, но во голема мера и за другите две реки. Но од друга страна, само во 2012 година, од индустријата и од рударството се испуштени 4,8 милијарди кубни метри непречистени отпадни води, а само 92 милиони кубни метри пречистени води, што значи дека помалку од два отсто од водата се прочистува. А таа речиси целосно се зема и се враќа во површинските води.

Што значат овие податоци? Дали реките се почисти од пред една деценија или не? Постојат теории дека се изградени повеќе пречистителни станици, а и индустрија има сè помалку, па оттаму се добиени и тие податоци. Сепак, како што објаснува Радмила Бојковска, раководител на Секторот за хидрологија и следење на состојбата на природната средина при Управата за хидрометеоролошки работи, на тоа прашање не може да му се даде едноставен одговор, бидејќи помалата концентрација на одредена загадувачка материја во водата не мора да значи дека таа помалку се испушта, туку можеби дека во тој период, или во таа година, во реката имало повеќе вода, повисок водостој. Сето тоа casino spiele бара големи истражувања и анализи и затоа, нагласува Бојковска, засега нема конечен одговор.

„Најдобриот индикатор за тоа колку е чиста некоја река е каков жив свет има во неа и како тој се развива. И тоа не да се земат предвид само рибите, бидејќи тие полесно се приспособуваат на полош квалитет на водата, туку пред сè безʼрбетниците и алгите. Ние имавме пример со Каменичка Река, притока на Брегалница, која ја испитувавме и утврдивме дека водата е чиста, но ништо не живееше во неа. Потоа утврдивме дека, кога врне, во неа се слеваат метали, и затоа нема услови за живот ниту во периодите кога водата е чиста. Затоа се потребни опсежни истражувања“, објаснува Бојковска.

Treska Grcec Vardar Zelino 2Општиот заклучок на експертите е дека реките се чисти само на своите почетоци, во првите километри, а потоа стануваат сè позагадени. Но, како што потенцира Бојковска, уште многу истражувања треба да се направат. Реките треба да се делат на делници и секоја од нив да се истражи посебно, за да се утврди што влијае врз нејзината состојба и како да се поправи тоа.

Според концентрацијата на органски и неоргански параметри, како и на тешки метали, водата во реките се дели на пет класи, од прва (најчиста) до петта (најзагадена), објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Мерењата покажале дека минатата година Треска била од прва и од втора класа според сите параметри, додека Лепенец стигнувал до трета и четврта класа по концентрацијата на нитрати и на нитрити, кои доаѓаат од фекално загадување. Слична е и состојбата во Пчиња и во Крива Река.

Генерално, најголем проблем се нитратите и нитритите, и според нивното присуство повеќето реки биле во трета и во четврта класа, додека според кислородните показатели и според тешките метали се задржувале во првата и во втората класа. Но има и исклучоци. Брегалница, на пример, како и Елешка Река, имаат зголемено присуство на манган, а Црна Река на железо, манган и на кадмиум. Што е, пак, со Вардар, реката каде што сите тие се слеваат? Мерењата покажале дека тој се искачува до трета класа за кислородните показатели, а до четврта за неорганските параметри (нитратите и нитритите) и за тешките метали. Од другите сливови, и реката Струмица има проблем со манганот и со кадмиумот. Црн Дрим и особено Радика се двете реки што успеваат да се задржат во прва и во втора класа според сите параметри.

Тоа е карактеристика и на изминативе пет години. Водите биле од трета до четврта класа според загадувањето со материи кои се испуштаат од фекалните канализации, од прва до трета според кислородот, а варирале само тешките метали. Така, низ Црна Река пловеле бакар, цинк, кадмиум, манган, железо, бидејќи според присуството на сите овие метали таа во одредени периоди била од трета и од четврта класа.

VrutokНо реките не се само отворени текови со различен вид отпадни води. Тие се и отворени депонии. Кој е одговорен за тоа? Несовесните граѓани, е вообичаениот одговор. Кој, пак, треба да ги спречи нив? Локалната самоуправа. Чистотата на реките зависи од волјата на сите општини низ кои тие поминуваат. Но реката Вардар, на пример, поминува низ дваесетина општини, а нејзиниот слив зафаќа седумдесетина. Ѓубрето фрлено во Желино, ако не се заглави меѓу арките на стариот Камен мост, за кратко време ќе пристигне во Скопје, а потоа ќе оди сè до Гевгелија и ќе излезе во Грција. Многу ретко се слуша за меѓуопштински иницијативи за одржување на хигиената во реките, а според тоа што може да се види на теренот, ништо не е спроведено. Од министерството, сепак, објаснуваат дека немаат надлежности.

„Обврска на локалната самоуправа преку јавните комунални претпријатија е да го собира комуналниот отпад. Несоодветното отстранување, вклучувајќи го и исфрлањето во речните корита, треба да го казнуваат комуналните инспектори и овластените инспектори за животна средина. Министерството нема надлежности овде, освен ако утврди дека комуналните претпријатија не се придржуваат кон прописите“, објаснуваат оттаму.

Во светот, локалните заедници обично градат посебен однос кон реките, покрај кои живееле стотици, па и илјадници години. Познати се многу примери во кои токму тие се првите противници да се користат водите за индустријата, да се градат брани и слично. Случајот е сосема спротивен во Македонија, каде што токму локалните жители се меѓу најголемите загадувачи, со тоните отпад што ги исфрлаат во реките, претворајќи ги во депонии. Како може да се подигне јавната свест за реката и да се создаде соодветен однос кон неа? Од Министерството најавуваат дека ќе работат и на овој аспект, односно дека во изработката на плановите за секој речен слив се вклучуваат и граѓански здруженија кои ја имаат токму таа цел, да влијаат за совесно однесување на жителите.
Lepenec 1Markova 2

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top