Насловна / Градежништво / Голем предизвик кој бара компромиси

Голем предизвик кој бара компромиси

Урбанистите и одговорните субјекти за урбанистичкото планирање и уредување на просторот треба да ги усогласат концепциите на град кој произведува, град во кој се домува и живее и град кој е атрактивен за посета. Но сепак, одлуката за какво било сообраќајно решение во градските средини е политичка.

Користењето на подземните простории во облик на засолништа, тунели, гробници или други подземни објекти започнало уште во древното време. Ширум светот сè уште постојат зачувани различни подземни објекти, како на пример, во Египет, Индија, Малта и Турција. Ископ на подземни простории и тунели, како и непосредно стабилизирање на ископаниот профил се едни од најголемите предизвици и најодговорни инженерски задачи. Оваа втора фаза, која претставува осигурување од разрушување и промена на обликот на профилот се нарекува подградување. Технологијата на ископот и подградувањето била развиена во текот на XIX век и првата половина на XX век, но барањата за ефикасна и брза изградба на подземните простории и тунели, доведоа до примена на нови материјали и нови технологии. Важен чекор напред во технологијата за подградување е реализиран веќе во втората половина на XX век.
golem-predizvik-kompromisi.jpg
Современите методи за подградување, подградбата ја третираат како конструктивен елемент, кој трајно останува во функција и не се отстранува во текот на изведување на облогата. Неопходно е да се напомене ископот на тунелите со т.н. штитови или ротациони бушечки машини со заштита – (SHIELDS), кај кои двете фази се прават истовремено, односно истовремено ископ и подградување.

Големите градови се двигатели на економските активности, места каде најмногу се инвестира и каде мерењата на макроекономските показатели покажуваат висока корелација помеѓу економската ефикасност и демографската големина на градот. Планирањето на сообраќајот во големите градски средини е комплексна работа која вклучува голем број анализи и користење на специфични постапки за планирање на проектите во овој домен. Урбанистите и одговорните субјекти за урбанистичкото планирање и уредување на просторот секогаш се пред големиот предизвик да најдат неопходен компромис помеѓу концепциите на град кој произведува, град во кој се домува и живее и град кој е атрактивен за посета.

Сето претходно наведено, како и изработената студија од страна на шпанската консултантска фирма ИДОМ за решавање на сообраќајниот метеж во нашата метропола, беше доволна "провокација" во просториите на Градежниот факултет во Скопје да се организира семинар на тема "ПОДЗЕМНИ СООБРАЌАЈНИЦИ ВО ГРАДСКИ СРЕДИНИ", на кој со свои предавања учествуваа високи претставници на најголемата светска организација за подземни објекти ITA-AITES.
golem-predizvik-kompromisi-2.jpg
Искуствата за урбаниот подземен развој во југоисточниот регион на Европа, метрото во Загреб и развојот на машините за градење на тунели во урбани средини, ги претстави д-р Даворин Колиќ, дипл. град. инж., претседател на хрватското друштво за тунели ITA Croatia. Во својата богата биографија, може да се издвои дека докторирал на Универзитетот во Загреб, добитник е на награди од Ректорот на Универзитетот во три наврати, награда за најуспешна консултантска компанија за проект за подземна сообраќајница во Кина и др. Од 1990 година е активен на проектите за подземни објекти како проектант, раководител и ревидент на проекти за тунели, метроа и подземни простории во низа градови, како што се: Париз, Лил, Сиетл, Порто Рико, Виена, Минхен, Будимпешта, Њу Делхи, Сеул, Хонг Конг, Сингапур, и на повеќе проекти во северните провинции во Кина.

Својата презентација тој ја започна со детали околу донесувањето на одлука за масовен патнички транспорт во облик на "метро" за градот Загреб. Проектот бил развиен во пет фази: Студија за сообраќајна потреба, Техничко решение и проценка на трошоците, Информација за проектот, Комуникација со корисниците и Одлука на градската управа. При донесувањето на оваа одлука беа направени споредбени анализи со градовите Лондон и Минхен.
golem-predizvik-kompromisi-3.jpg
Потоа ни го пренесе искуството од Линц и Париз, за да го заокружи првото предавање со развој на сообраќајната инфраструктура за градот Дубровник. Целта на оваа студија беше да се поврзе железничката врска во центарот на Дубровник со блискиот регион, да се овозможи брз јавен градски сообраќај, да се сочуваат што повеќе јавни и приватни градски површини (во смисла на имотно-правни односи), да се внимава на заштита на околината (загадување, бука и сигурен сообраќај) и да се определат количините на работите за проценка на трошоците (финансиски дел).

Посетителите беа детално запознаени со комплетната механизација применета во различни земји како Јапонија, Германија, Канада, Франција, Шпанија и САД, за различни видови на карпести материјали низ кои треба да се пробие тунелската конструкција. Претставување на искуства за подземни сообраќајни објекти во градови со средна големина со пример за францускиот град Тулуз, како и претставување на Светската организација за подземни објекти ITA-AITES, даде Оливиер Вион, дипл.град.инж. кој е нејзин извршен директор од јануари 2009 година. Пред тоа, тој бил задолжен за развој на употребата на подземниот простор и споделување на знаењето во тунелските техники. Во 1994 година ја отвора својата сопствена компанија за консултантски услуги за подземни работи во маркетинг секторот во целиот свет.
golem-predizvik-kompromisi-4.jpg
За површина на градот Тулуз од 118km2 или заедно со предградијата 360km2 и раст на популацијата на годишно ниво од 1,5 % почнувајќи од 1990 година, се причините за градба на метро во Тулуз кои ни ги сподели г. Вион. За решавање на сообраќајните проблеми во градот, се почнало уште во 1980 година со проектите за урбан транспортен систем, за веќе во 1985 година да се финишира со физибилити студии, кои укажале на потребата од подземна сообраќајница и одлука за метро, давајќи го на концесионер на 35 години. Но, во 1996 година одлучуваат да го вратат концесионерството, бидејќи едноставно носи "големи пари". На крајот нагласи дека сепак сè е политичка одлука во врска со одлука за какво било сообраќајно решение во градските средини. Планираните подземни сообраќајници во град Скопје ги презентира д-р Дарко Мославац, професор на Градежниот факултет во Скопје, со детален осврт на сите варијанти во фаза на проектирање на поврзувањето помеѓу бул."Партизански одреди" до Комплексот Народни банки. Пресметките покажаа дека за модел на сценарио до 2030 година дневно на потегот исток-запад во централното градско подрачје циркулираат повеќе од 14.000 возила. Водени од желбата за скратување на времето за патување на овој дел од градот, се донесе одлука за изградба на подземна сообраќајница. Од направените две подваријанти на варијантата "А" и варијантата "B", вкупното чинење на секоја поединечно, како и од направените мултикритерни анализи, произлезе и варијанта "C". Оваа варијанта е најкратка и најевтина од претходно понудените, со самиот факт што нема објекти над тунелот долж трасата. 

golem-predizvik-kompromisi-5.jpg

Овој последен предлог предвидува почеток на трасата од ротондата кај "Пошта " кај мостот Гоце Делчев покрај кејот на реката Вардар и да излегува кај Комплексот Народни банки. Во оваа подземна сообраќајница се предвидени стандарди за изградба и реконструкција на јавни сообраќајници, Европската директива 2004/54/ЕС во која се дефинираат минималните безбедносни барања за тунели во транс- европската патна мрежа, критериуми за хидроизолација на тунели спрема AFTES како и сеизмичките критериуми. За изградба на тунелот ќе се користи конвенционалниот метод т.н. "cut & cover". Во тунелот ќе има 0,75m широка пешачка патека за двата правца, 3,5m ширина на сообраќајна лента по правец, ленти за застанување со ширина 2,0m за двата правца и средна разделна лента, вклучувајќи комплетен систем за одводнување. Овој тунел во рамките на Директивата 2004/54/EC ќе содржи: излез за итни случаи во случај на незгода, вентилација и придружна опрема, комплетно осветлување, опрема за сигнализирање (на влез и на излез), автоматско детектирање на загадување или пожар, станица за итни случаи, радио комуникациски систем, контролен центар и др.

За сите нас присутни на овој семинар, ова беше едно корисно искуство пренесено од страна на експертите. Огромната заинтересираност за семинарот од страна на сите институции вклучени во сите фази на изработка на ваков тип проекти – од идеја до реализација е доволен доказ за неговата успешност. Овој семинар е најава за одржување на уште еден дводневен семинар кој ќе се одржи кон крајот на месец септември на бреговите на Охридското Езеро, а на кој ќе присуствуваат десетина експерти од целиот свет и кои ќе ги споделат нивните искуства. Убеден сум дека со презентација за искуството од овој наш "првенец" од тунел во метрополава, ќе се "пофалиме" на некоја од следните светски конференции на ITA-AITES.
 
м-р Златко Зафировски,
асистент на Градежен
факултет Скопје, УКИМ 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top