Секој што се занимава со градежништво знае што може да стори невремето при изведбата на еден проект,
особено со земјените работи. За успешен проект се бара внимателност и брзина. Затоа од голема корист се
современите временски прогнози и интернетот што како медиум ги направи достапни за секого, секаде и
секогаш. Информатичката технологија денес станува се поприсутна во животот на едно градилиште.
Во моментов, додека го пишувам
овој текст, се наоѓам во хотел во
Корча, Албанија. Привремено
работам на проектот за Пречистителна
станица за отпадни води (ПСОВ)
на градот Корча, каде компанијата
во која сум вработен, Ерголанд
Скопје, изведува изолатерски работи
на лагуните на Пречистителната
станица. Работите што ги изведуваме
се специфични, обемни и во голема
мера зависни од временските
прилики. Затоа секојдневно се
занимаваме со временските прогнози
од кои црпиме информации при
планирањето: дозирањето на
активностите, нивниот тип, локација
итн. Искуството покажало дека
некогаш е подобро активностите
при добро време да се ограничат,
намалат или преиначат, за кога ќе
настапи „лошото“ време, штетата и
одложувањето предизвикани од неа,
да бидат помалку „болни“. „Болката“
од лошото време ги стига сите.
Сакале или не, од временските
услови се зависни сите учесници
на проектот, па секојдневно сиот
проектен менаџмент е во координација
на своите активности. На времето
денес се гледа малку поинаку отколку
што тоа било случај во минатото.
Постарите инженери повеќе им
веруваат на своите реуматични коски,
повредени колена или исчашени
рамена, отколку на временските
прогнози. Сепак, технологијата
отишла чекор подалеку од едноставно
запазување на однесувањето на
животните, чувствување на болките
или читање на облаците. На интернет
има неверојатен број на вебстрани
кои бесплатно прикажуваат временски
прогнози за градови и села низ
целиот свет. Дури, проблемот денес
не е да се добие информација за
времето, туку на која од многуте
понудени информации да се верува.
Која „прогнозерска“ вебстрана е
онаа вистинската? Искрено, многу
ми се интересни конфликтите кога
колегите ќе влезат во спор која
вебстрана за временска прогноза е
поверодостојна. Таквото однесување
помалку потсетува на лојалноста
на поединците кон фудбалските
клубови и нивната жестокост при
навивањата. Иако сите вебстрани
користат глобални системи за следење
и предвидување на времето, сепак
прикажаните прогнози можат видливо
да се разликуваат меѓусебе. Се чини
разликите се однесуваат на тоа како
добиените информации од глобалните
системи се претставуваат на јавноста,
односно како истите се процесираат.
На пример, мои омилени веб страни
се www.wunderground.com, која ми
служи за најпесимистичка прогноза и
www.accuweather.com која секогаш ме
расположува со сончевите прогнози.
(Впрочем ако забележите, првата има
дождовен облак во своето лого, додека
сонцето е најбитниот детаљ од логото
на втората вебстрана). Се чини дека
Wunderground, дури и при најмали
шанси за дожд, ја поставува иконата
за дожд како ознака за целиот ден.
Accuweather, пак, прикажува какво
ќе биде времето во најголем дел од
денот. Од вака добиените информации,
генерална процена за времето во
наредните денови извлекувам од accuweather.
com, додека потенцијалите
за изненадувања ги црпам од wunderground.
com. Сепак, скоро сите вакви
вебстрани нудат многу повеќе од
генерална оценка за времето. Wunderground,
на пример, нуди петдневна
прогноза со можност за детална
прогноза по часови кои опфаќаат
информации како: температура,
точка на росење, топлотен индекс,
влажност на воздухот, јачина на
ветрови и нивен правец, можност
за дожд со дождовен еквивалент изразен во милиметри паднат дожд,
процентуална покриеност на небото
со облаци, јачина на УВ зраците,
и сето тоа дадено час по час. Оваа
страница дава информации и за
моменталното време и тоа покрај
некои од веќе спомнатите величини,
дава и моментална сателитска слика
над локацијата за која се однесува
прогнозата, но и информации за
воздушниот притисок, видливоста
(во случај на магла) итн. Треба да
напоменам дека оваа вебстрана
најчесто се врзува за најблиските
аеродроми од каде всушност црпи и
дел од своите информации. Accuweather
во голема мера изразува слични
величини, со тоа што посетителот е
во можност да погледне временска
прогноза и за неколку недели
однапред. Секако дадена е опција
и за прегледување на прогнозата
детално и час по час. Во деталната
прогноза се дадени и информации за
тоа колку ќе трае врнењето, колку ќе
се чувствува на телото надворешната
температура, процентуална можност
за грмотевици итн. Час по час
прогнозата содржи и информации
за правецот на дување на ветровите
согледано за секој час посебно. Доста
згодно, оваа прогноза содржи и
приказ на потенцијалот на неколку
временски состојби во текот на денот.
Сепак, времето го земаме за прилично
сериозно, па инсталиравме и мобилна
временска (метео) станица на самото
градилиште. На тој начин имаме
увид на микроклимата на нашето
градилиште, со посебно внимание на
дувањето и правецот на ветровите.
Метео станицата ни ја покажува
надворешната температура, јачината
на ветровите и нивниот правец,
воздушниот притисок, влажноста на
воздухот, количината на паднатите
врнежи итн. Меѓу другото, оваа
станица ја бележи и историјата на
воздушниот притисок и прикажува
која е тенденцијата на времето во
наредните неколку дена. Во споредба
на резултатите, забележавме дека
метео станицата до милиметар
се поклопува со прогнозата за
количината на дожд на Wunderground.
com. Останатите величини не ги
споредувавме бидејќи истите варираат
постојано во текот на денот. Она што
е интересно, час по час прогнозата и
на двете вебстрани не се покажа како
веродостојна, но мора да ја имате
предвид микроклимата. Се покажа
дека некогаш се случуваат врнежи
кои се поинтензивни во различни
региони во склоп на едно место. На
пример, врне во центарот, а не врне
на градилиштето што е во рамки на
градот, но на самиот негов лимес.
Кога говориме за интернет
временските прогнози , мошне значаен
е и самиот интернет и неговата
конекција. За жал, мобилните интернет
конекции, во Македонија познати
како web’n’walk, не се многу од корист
во Корча, пред сè поради слабата
брзина на конектирање и трансфер
на податоци. Во целата ситуација, во
обид за побрз прием на податоци,
доста згодни се покажаа мобилните
телефони, кои се доволно „паметни“
за да се приклучат на интернет.
Практично, огромен процент од
интернет страните за временски
прогнози нудат упростен преглед на
својата содржина за корисниците на
мобилни телефони за побрз пристап.
Тоа значи буквално кратење на маките.
Секој градежник знае што може да
стори невремето на еден проект,
особено со земјените работи.
Навлегувањето во дождовната сезона
е голем предизвик. За успешен проект
се бара внимателност и брзина. Затоа
од голема корист се современите
временски прогнози и интернетот што
како медиум ги направи достапни за
секого, секаде и секогаш. Уште еднаш
информатичката технологија се стави
на страната на луѓето, и тоа нè само
на планерите на свадби, митинзи и
протести, туку и на градежниците.
Трајче СТОЈАНОВ,
дипл.инж.арх.