Архитектот Денис Мекфејден се повлече од стручната комисија на Универзитетот во Калифорнија во знак на протест поради дизајнот на студентски дом кој нема класични туку виртуелни прозорци. Домот на кампусот Санта Барбара треба да биде изграден како објект во кој над 90 отсто од студентите, од вкупно 4.500, наводно би живееле во соби без прозорци.
Објектот наречен Munger Hall треба да има површина од 156 илјади метри квадратни, а проектот предвидува решение кое секако не е во согласност со хуманите услови за живеење, дизајнирано од инвеститорот Чарлс Мангер кој има донирано 200 милиони долари за проектот, чиј вкупен буџет е 1,5 милијарди долари. Милијардерот претходно донирал за проекти за развој на универзитетскиот кампус, како што се Стенфорд и Универзитетот во Мичиген.
Мекфејден поднел оставка како архитект-консултант во универзитетскиот комитет, каде што бил 15 години, велејќи дека е „вознемирен од предложениот дизајн на зградата“, пишува Вашингтон пост.
Проектот предвидува џиновската зграда Munger Hall да има кубна форма и четиринаесет влезови и излези, но ќе недостасуваат прозорци. Така, 94 отсто од учениците во еднокреветни соби би имале виртуелни прозорци кои би симулирале сончева светлина.
Секој од деветте станбени ката во овој студентски дом би имал осум „куќи“ и осум посебни „апартмани“ организирани околу заедничка кујна и дневна соба. На последниот кат би имало двор на површина од еден хектар, со таканаречени „социјални кожурци“ и места за седење.
Во своето писмо за оставка, Мекфејден го нарекол овој дизајн неодржлив од неговата перспектива како архитект, родител и човечко суштество.
“Огромен број докази укажуваат дека внатрешната средина со пристап до природна светлина, свеж воздух и поглед на природата го подобрува и физичкото и менталното здравје на оние кои живеат во тие области. Дизајнот на Munger Hall ги игнорира овие докази и се чини дека зазема позиција како сето тоа да е ирелевантно“, рече Мекфајден.
Мекфејден рече дека го напуштил комитетот бидејќи не можел да направи никакви промени во дизајнот на студентските домови, пишува Santa Barbara Independent.
“Проектот е 100 отсто завршен, така што не е побарано одобрение, немало гласање, ниту пак има намера да се поднесуваат дополнителни приговори. Сепак, во речиси 15 години што работев како консултантски архитект во DRC, ниту еден проект презентиран пред комитетот не беше поголем, потрансформативен и потенцијално деструктивен, како што е Munger Hall“, додава тој.
Мекфејден има јавна поддршка и од колегите, а американскиот архитектонски критичар Пол Голдбергер, добитник на Пулицерова награда, го коментираше проектот Munger Hall, твитувајќи: „Ако сето ова е вистина, овој дизајн е гротескна, болна шега – затвор маскиран како студентски дом. Не, дизајнот зависи од милијардерот донатор. Колку ниско падна UCSB од денот кога имаше архитекти како Чарлс Мур“.
Мангер, кој дизајнирал како би изгледала зградата, е потпретседател на конгломератот Warren Buffett’s Berkshire Hathaway и нема формално архитектонско знаење.
Официјално, проектот на новата зграда е потпишан од VTBS Architects, кои го имаат следниов коментар за оваа ситуација: “Овој дизајн произлегува од истражувачките и итеративните процеси на Мунгер, кој се обиде да осмисли трансформациски пристап кон студентското домување. Додека еднокреветните соби му обезбедуваат на секој студент приватен простор, вложени се сите напори да се поттикне соживот и соработка во студентскиот живот“.
На примарната критика на проектот за недостатокот на природна светлина во повеќето студентски соби, одговорот на директорот на VTBS Architects, Нави Банвард е дека критиката всушност е неоснована.
“Сите еднокреветни спални соби имаат или конвенционален или виртуелен прозорец. Сите виртуелни прозорци ќе имаат целосно програмиран систем за контрола на деноноќниот ритам за да го контролираат нивото на осветлување, како и температурата на бојата на природната дневна светлина“, рече Банвард.