Насловна / Градежништво / Планирање на рушењето

Планирање на рушењето

Овој тренд кој е во подем индицира дека архитектите планираат и проектираат подготвителни работи на рушење во половина од своите проекти.

ПОТРЕБИ НА КЛИЕНТОТ

Рушењето на зградите е процес во кој се вклучува уривање на делови или пак цели конструкции, разбивање и демонтажа на инсталација и опрема од објектите. За да се обезбеди безбедност и заштита на животната средина, работниците и околното опкружување, овој процес мора да биде прецизно испланиран, вклучувајќи тесна колаборација помеѓу клиентот, планерот на рушењето, инженерот, архитектот, регулаторните агенции, изведувачите и подизведувачите.

planiranje-na-rusenjeto-1.jpg

Кој го планира рушењето?!

Најголем дел од проектите за планирање на рушењето можат да бидат изведени од самите архитекти или инженери од проектниот тим. Сепак, барањето на мислење и советите од експерите во некои случаи се добредојдени. Како пример, планирањето на рушењето е круцијално во случај кога демонтажата директно влијае врз безбедноста и животот на луѓето или околниот имот. Во следните набројани примери, задолжително е ригорозно планирање и анализа на начините на демонтажа и рушење:

• Конструкцијата што треба да се руши е близу до други објекти (ова е чест случај при рушење во централно градско подрачје).

• Рушење на контаминиран објект кој бара специјални техники на рушење и справување со отпадот, со цел да се избегнат опасностите од проширување на загадувањето.

• Рушење на објект кој се наоѓа во крајно осетлива и кревка животна средина.

• Конструкцијата што се руши е од историска важност.

• Објекти со специјални конструктивни карактеристики, бараат специјални техники на рушење (пример се пред- напрегнатите конструкции како и екстремно оштетени структурни делови).

• Имот со висока вредност кој може да биде сочуван за продажба или повторна употреба.

 

Во сите овие примери и ситуации, изведувачите на рушењето мора точно да го определат методот и техниката што ќе се употребуваат во процесот на рушењето.

planiranje-na-rusenjeto-2.jpg

Видови на рушење

Рушењето на објектите се извршува на неколку начини и методи, со употреба на различни опреми и алати. Екпертите се тие што одредуваат кој метод ќе се употреби во зависност од објектот и околните услови. Методите на рушење може да се поделат во три групи и тоа: механичко рушење, имплозија и специјано рушење.

Механичкото рушење е најчесто употребуван метод, кој подразбира употреба на најразлична механизација за спроведување на уривањето. За рушење на високи објекти, најчесто се употребува кран со висечка топка со која се врши разрушувањето, како и екскаватори со најразлична дополнителна опрема за рушење на бетонски и челични делови. Оваа механизација има можност за дејствување на ограничен простор, како и да го сепарира и селектира демолираниот материјал што е од посебна важност за справување со отпадот од рушењето.

Внатрешното рушење на објектите се извршува со употреба на алат и помали копачи опремени со хидраулички кршачи за бетон и специјализирани ножеви за сечење на челични делови, како и со вилушкари транспортни корпи за пренос и складирање на изрушениот материјал.

Во последните дваесетина години, развиена е посебна механизација на далечинско управување, кои се достапни за употреба во ризични или ограничени подрачја, потоа во зони во кои постојат опасности од одрони или пак се структурално ослабнати, или пак зони кои се сензитивни на бучава и вибрации. Оваа механизација се употребува и во радиоактивни средини, со што се врши заштита на работниот кадар од опасни дејства.

 

planiranje-na-rusenjeto-3.jpg

 

Имплозивните методи се употребуваат за рушење на висококатници, во случаи кога со достапната механизација не можат да се достигнат потребните висини, а воедно и рушењето на кат по кат последователно, претставува исклучително скап начин на рушење. Овие методи употребуваат високо специјализирани експлозиви, со кои се поткопуваат темелите на конструкцијата, со што доаѓа до рушење на конструкцијата по претходно пресметани и предвидени патеки на уривање. Процесот на имплозија најчесто се употребува за рушење на облакодери од над 12 ката, како и на специјални објекти како што се: разладни кули, нуклеарни реактори, кули за лансирање, брани, високи оџаци, котлари, топилници и друго. Најчеста примена имаат динамитот и амониум нитратот, кои се употребуваат за минирање на тешки бетони, како што се мостовските крилни ѕидови или пак фундамент од машинска постојка. За извршување на ваков тип на рушење, постојат специјализирани компании, кои најчесто се подизведувачи на компаниите што го извршуваат конвенционалниот начин на рушење.

 

Специјалното рушење зависи конкретно од задача до задача и условува употреба на рачен алат за сечење, стругање, бушење или пак разбивање на мало количество на материјали. Како примери можат да се наведат отворање на нов отвор за поставување на врата/ прозорец, сечење и отстранување на дел од цевка од постојна цевна инсталација, преградување на внатрешни ѕидови или пак поставување на спуштен плафон. Посебен дел од специјалното рушење претставува отстранување на историски вредни делови, на пример прозорци, плочки или пак сводови, кои по реновирањето на објектот, повторно треба да бидат вградени. Опремата што се употребува обично се темели на законите на хидрауликата или пневматиката, и најчесто може да биде транспортирана од страна на двајца работници, што значи дека е лесна за манипулација.

Дополнителни услуги поврзани со рушењето

Подготвителните работи на објектите, освен демонтажата и рушењето, содржат и некои други паралелни услуги кои можат да се однесуваат на: управување со опасен отпад, собирање и рециклирање на отпаден материјал, контрола на контаминација, теренски работи и услужни работи. Најчесто самите изведувачи на подготвителните работи на рушење се во можност да ги изведуваат и овие дополнителни услуги, но кога не е таков случајот, се вклучуваат специјализирани подизведувачи.

planiranje-na-rusenjeto-4.jpg

Управувањето со опасен отпад, во одредени ситуации, може да биде извршувано од поголемите компании кои го работат рушењето, кои го демонтираат, специјално го траспортираат и складираат во депониите за опасен отпад. Таков тип на материјали кои бараат посебна заштита се материјалите што содржат азбест или пак бензин, флуоресцентните сијалици со живина пареа, полихлоринатните бифенили и други. Трошоците за рушење и демонтажа на материјали класифицирани како опасни се поголеми во однос на демонтажата на стандардните материјали, и се препорачува тоа да биде претходно вкалкулирано при правењето на трошковните анализи. За овој тип на рушење, во секоја земја постојат посебни законодавни записи, кои мораат да бидат до крај исполнети. И во Р. Македонија постои Закон за управување со отпад како и Национален план за управување со отпад од 2009 до 2015 година.

Рециклирањето на отпадните материјали е важно од неколку причини. Најпрво, рециклирањето може да биде многукратно поевтино од транспортот на отпадот до депонија. Второ, со правилно селектирање на демонтираните материјали, тие можат да бидат повторно продадени во ресурсните центри за стари градежни материјали каде се донираат, а донаторите добиваат намалување на даноците кон државата. И крајно, рециклирањето на градежниот отпад, пред сè, претставува зелена, еколошка мерка со која се заштитува животната средина и значајно се влијае врз формирањето на депонии со отпаден материјал.

Деконтаминација на објектите е значајна тема при рушењето на објектите. Најчесто се сврзува со демонтажата на материјали кои содржат азбест, додека поретко се среќаваат хемиски контаминации, биолошки (измет од птици), нафтени или пак радијациони, кои можат да донесат посериозни проблеми. Контролата на мувлата, посебно во топли и влажни предели, е друг проблем поврзан со рушењето на објектите. Значителна контаминација со мувла може да доведе до потреба од отстранување на зафатените делови од конструкцијата, најчесто деловите изработени од дрво. Од големо значење е вршењето на комплетна инспекција и деконтаминација на конструкцијата, а посебно на машинските системи, како објектот целосно би бил заштитен од појавата на мувла.

Теренските работи во кои се вклучени земјените работи, контролата на ерозијата, изградбата на паркинг места и други подобрувања на самото градилиште, често се значаен дел од секој процес на рушење. Изведбата на природна дренажа на теренот, како и заштита на косините со затревување претставуваат едни од често изведените градежни зафати при рушењето на објектите.

Услужните работи со кои се обезбедуваат основните потреби за извршување на рушењето, се извршуваат пред почетокот на процесот на рушење. Со нивното организирање и изведување, на градилиштето се обезбедува напојување со струја и вода, или пак други специфични услови во зависност од проектот.

 

Заклучок

Рушењето на постојните објекти или нивни делови, иако по нашите стандарди спаѓаат во ставката Подготвителни работи, сепак претставуваат значаен дел при реконструкцијата на објектите, како од економски аспект така и во однос на сериозноста на пристапот.

Во овој текст се обработени начините на рушење и што повлекува оваа фаза како дополнителни услуги, додека самиот процес на планирање на рушењето ќе биде обработен во наредниот број на ова списание.

Биљана Стојановиќ, дипл.град.инж.

 

Испрати коментар

Scroll To Top