Насловна / Вести / Ќе се продава битолскиот офицерски дом!

Ќе се продава битолскиот офицерски дом!

Најрепрезентативниот  објект на битолски Широк Сокак, офицерскиот дом преку електронско јавно наддавање ќе се продава. Во огласот предмет на продажба е обектот со површина од 1.970м² , а истиот ќе се продава во една целина а вкупната проценета вредност на предметот на наддавање изнесува 55.608.730,50 денари.  Овој архитектонски бисер,  стар повеќе од еден век,  преживеал  време и невреме,  но не можеше да ја преживее негрижата на надлежните.  Сега „чаре“ за овој објект ќе се бара на јавната аукција.офицерски дом битола

За стариот објект наддавањето ќе се одржи на ден 19.02.2016 година во 12,00 часот, а ќе може да лицитираат сите домашни и странски физички и правни лица кои можат да се стекнат со сопственост на недвижни ствари на територијата на Република Македонија согласно со закон.

Од општина Битола велат декa доколку се најде начин за целосна реконструкција на Офицерскиот дом во Битола условот е едниот односно долниот кат целосно да се отстапи за потребите на општината. Без разлика кој ќе биде сопственик, општина Битола бара овој услов максимално да се исполни.

Офицерскиот дом во Битола пред 5 години од Министерството за култура премина во надлежност на општината, од каде ветуваа негова реконструкција, но зградата продолжи да пропаѓа. Сега од општината велат дека е вратен на Владата.

Истиот започнал да се гради во 1911 година кога со битолскиот вилает управувал Абдул Керим Паша. Изграден бил како палата за свечени приеми, забава и одмор.

Објектот за повеќе намени се користеше и во поново време, а тој бил атрактивен и за многумина домашни и странски филмаџии.

Испрати коментар

Scroll To Top