Насловна / Градежништво / Хидројаловиштата се безбедни

Хидројаловиштата се безбедни

hidrojalovistata-1.jpgКаква е состојбата на рудничките хидројаловишта во нашава држава? Како
тие се градени и како со нив денес се управува? Дали овие големи брани
во кои се складира јаловината од рудничките флотации се закана по луѓето
и животната средина во Пробиштип, Македонска Каменица, Радовиш и Крива
Паланка, градови во чии близини се наоѓаат нашите големи рудници
"Злетово", "Саса", "Бучим" и "Тораница"?

 

На оваа тема во Штип два дена расправаа триесеттина експерти за големи брани од нашата држава. Научната конференција под наслов "Хидројаловиштата во Република Македонија" ја организира здружениот Македонски комитет за големи брани, а од неа беше издаден зборник на трудови. Генерална оценка на учесниците на оваа конференција е дека хидројаловиштата во нашата држава се сигурни, безбедни, со нив се управува на еден квалитетен начин и за нив се грижат стручни служби кои ги има во сите наши руднички капацитети.

"Во Република Македонија постојат четириесетина големи брани од кои четири од нив се хидројаловиштни. Тие им служат на рудниците за во нив да се депонира јаловината. И од самата дебата, од научните излагања на конференцијата, од нашата посета на овие брани заклучивме дека тие се во стабилна состојба, дека раководствата на рудниците водат сметка за нив. Она што ние како научна фела постојано го тврдевме и го тврдиме, и на што постојано предупредуваме е дека само кога работат рудниците нивните хидројаловишта се на највисока точка на својата безбедност. Тогаш овие капацитети се одржуваат согласно светските стандарди и прописи, за разлика од годините во кои рудниците немаат сопственик, не работат и нивните капацитети не се одржуваат добро", вели професор Љубомир Танчев, претседател на ова здружение.

 

Дека професорот Танчев е во право, упатува и искуството од последната хаварија на едно наше хидројаловиште. На 31 август 2003 година попушти големата хидројаловиштна брана на рудникот "Саса", по што огромна црна, загадена маса тргна низ Камена Река загадувајќи голем простор во должина од 25 километри, сè до браната Калиманци од која се наводнуваат нивите во источниот дел на Македонија. Во седумдесеттите години на минатиот век голема хаварија се случи и на хидројаловиштето на рудникот "Злетово" кога попушти оваа брана, а јаловината стигна сè до реката Брегалница. Сега во близина на Пробиштип остана старото јаловиште во кое е складирана јаловина од 11 милиони кубни метри.

Хидројаловиштето во рудникот "Саса" се "отвори" во време кога рудникот не работеше, а со тоа и неговите капацитети и објекти беа слабо контролирани. Откако рудникот доби нов сопственик во руската компанијата "Солвеј", една од првите работи кои оваа компанија ги започна беше изградба на нова, безбедна голема брана. – Со целата одговорност тврдам дека нашето ново хидројаловиште е стопроцентно безбедно по луѓето што живеат на тој простор и по животната околина. "Солвеј" не жалеше пари за неговата изградба, при што, поради конфигуранцијата на теренот ние моравме да ги преселиме дури и гробиштата во селото Саса. Хидројаловиштната брана е градена според најсовремените светски стандарди, а такво е и нејзиното одржување. Нашиот рудник има служба за одржување на овој објект која врши секојдневни контроли на истиот.

 

hidrojalovistata-1.jpg

 

Во исто време се грижиме и за старата хидројаловиштна брана на која годинава инсталиравме повеќе водни топови со цел да се спречи прашината, а целиот простор го засадивме со 12.000 багремови дрвца што е стандардна светска постапка за вакви објекти кои не се во функција – вели Борче Коцевски, технички директор на рудникот "Саса". На конференцијата посебно внимание предизвикаа професорите од универзитетот "Гоце Делчев", кои нашите рудници ги ангажираат како стручни консултанти за своите потреби. Еден од нив е и Благој Голомеов, доктор по технички науки кој имаше забележително излагање на конференцијата. – Како научна фела силно сме посветени на состојбата на хидројаловиштата од аспект на нивната безбедност и нивното влијание на животната средина.

Лично мислам оти раководствата на сите наши рудници силно се посветени на квалитетно одржување на своите големи брани, односно нивните хидројаловишта. Сите имаат стручни екипи кои секојдневно вршат мориторинг на состојбата на браните и на (не)загаденоста на водата, воздухот и почвата како на самата брана така и во нејзината околина. Одлично е тоа што инвеститорите во нашите рудници не жалат средства за хидројаловиштата, но треба да се има на ум дека финансиски фонд за следење на ваквите капацитети треба да постои и за периодот кога еден рудник ќе престане да работи, бидејќи опасноста од големи хаварии со последици по луѓето и нивната животна околина тогаш стануваат најголеми – посочува професор Голомеов.

 

Според Николајчо Николов, заменик генерален директор на рудникот за бакар "Бучим" кај Радовиш и претседател на Македонската рударска асоцијација, хидројаловиштето на "Бучим", кое пред триесетина години има доживеано една голема хаварија, денес е во одлична состојба и со највисок степен на безбедност. – За овој наш капацитет се грижи посебна служба за екологија која секој ден врши контрола и ја констатира неговата состојба. Во посебна книга се забележува ситуацијата, така што ние како раководство сме во состојба во секој миг да знаеме за сите евентуални промени на браната. Со цел да не се дозволи загадување на воздухот, ние инвестиравме во пошумување на 40 хектари од јаловишната површина на која засадивме и 85.000 багремови дрвја. Мориторингот е секојдневна работа, бидејќи кај нас е изградена свеста дека не смееме на никој начин да ја доведеме во прашање безбедноста на хидројаловиштето и на неговата околина – вели Николов.

 

Македонската стручна мисла за големи брани предупреди и на новите рудници на чие отворање во нашава држава забрзано се работи. Тоа се рудникот за бакар "Иловица" во Струмичко и рудникот за бакар "Кадиица метал" кај Пехчево. Посебно интересен за опсервација ќе биде рудникот "Иловица" бидејќи се работи за едно од најголемите наоѓалишта на бакар во Југоисточна Европа и бидејќи под него е плодната струмичка котлина која некои ја нарекуваат "стомакот на Македонија". И сето тоа со намера и цел кога ќе се гради хидројаловиштето, тоа да биде согласно најновите научни сознанија за големи брани, стандарди кои мора да бидат применети на двата нови рудници чија изградба е веќе најавена.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top