Насловна / Арт и дизајн / Шест едукативни инсталации

Шест едукативни инсталации

sest-instalacii-thumb.jpgГрадскиот парк во Скопје, најпосетената рекреативна зона во градот, неодамна во рамки на својата просторна матрица вдоми шест едукативни скулптури. Станува збор за просторни инсталации поставени во првиот дел на паркот, изведени согласно проектот за партерно уредување и опрема.

Инсталациите се тематски поделени во две групи: "Човекот и неговиот простор" и "Во светот на детските фантазии". Просторната диспозиција на шесте точки во рамки на зелената површина во паркот е реализирана со особено внимание, така што нема доминантен елемент од целината туку напротив, секоја инсталација срамежливо го населува својот сегмент од паркот. 

sest-instalacii-1.jpg

Артикулацијата на овие инсталации во ткивото на паркот, каде што одамна немало урбана интервенција, во голема мера придонесува за негово оплеменување. Главна естетска карактеристика, која ги оживува овие тродимензионални парчиња органски материјал, е графичката интервенција, инаку дело на Марјан Димиќ, апсолвент на Архитектонскиот факултет во Скопје. Секоја од едукативните инсталации е изработена според тематика од детските бајки, и воедно поседува индивидуални технички карактеристики.

Алиса во земјата на чудата

Оваа инсталација е изработена според истоимената новела. Безвременска, глобално позната приказна, која изобилува со силно дејство кое не ги остава рамнодушни ниту децата ниту нивните родители. 

sest-instalacii-2.jpg

Материјализацијата на оваа приказна е претставена со прикажување на впечатлива сцена од светот на Алиса. Се работи за колонија од печурки, над која се поставени главните јунаци на новелата. Просторната инсталација е дводимензионална, изработена од ласерски моделиран лим. Во подножјето на печурките, стеблото се извиткува и формира место за седење. Целата композиција е поставена на кружен постамент од бела ризла, кој е во рамнина на употребената површина на паркот.

Волшебникот од Оз

Предлогот за оваа просторна инсталација, исто така, е инспириран од истоимената новела, безвременска класика, популарна кај секоја генерација. Во центарот на вниманието е малата Дороти, која талка низ земјата на Оз. 

sest-instalacii-3.jpg

Едукативната просторна инсталација е обид да се презентираат највпечатливите аспекти на патувањето, односно сцената што постојано се повторува – дворецот на волшебникот што се наоѓа некаде на хоризонтот, како и жолтиот пат од тули кој води до него. Просторната инсталација е составена од неколку сегменти: кружен постамент, врз кој се поставени вертикални дрвени балвани помеѓу кои може да се помине или престојува, патека која води кон постаментот изработена од дрвени даски обоени во жолта боја, скулптура на железниот војник, која се наоѓа веднаш покрај пристапната патека, и секако, чевличките на Дороти, преку кои индиректно се насетува нејзиното присуство.

Пинокио

Една од најатрактивните детски приказни е токму Пинокио, па затоа оваа скулптура има за цел на децата да им овозможи преку реалистичен приказ да станат дел од една култна сцена кога палавиот Пинокио ќе се најде во устата на китот. Просторната инсталација е составена од три сегменти. Кружен постамент од бела ризла кој го симболизира долниот дел од устата на китот, од каде во форма на четириаголни дрвени призми никнуваат забите на китот. Горниот дел на устата е претставен преку челична конструкција во повеќе нијанси на сина боја кои формираат полукалота. Во десниот агол на устата е поставена мала дводимензионална скулптура на Пинокио. Телото на китот продолжува зад устата каде се формира неговата опашка, повторно потенцирана со бела ризла, по што се добива впечаток дека китот плови по површината на паркот.

Неси

Чудовиштето од езерото Лох Нес во Шкотска, познато како Неси, претставува мит за постоењето на биолошка единка, која е во врска со видовите од далечното минато на планетата Земја. 

sest-instalacii-4.jpg

Од тој аспект, просторната инсталација е обид да се портретира ова митско животно со чие постоење, односно непостоење се обземени многу генерации на истражувачи на биолошкиот простор. Просторната инсталација во целост е изработена од дрво, и таа на многу питом начин се вклопува во пејзажот на паркот. Оваа структура функционално овозможува седење, лежење и одење.

Тотем

Просторната инсталација во форма на Тотем, има за цел да го отвори прашањето на една многу богата култура, односно култ кон симболичкото означување на просторот. 

sest-instalacii-5.jpg

Формирана е од дрвени балвани со квадратен пресек и со едноставен кубичен габарит, кои се поставуваат еден покрај друг во ортогонален систем на редење, во неколку вертикални слоеви. Единствените вертикални елементи, кои излегуваат од композицијата, се насликани со впечатливи бои, ликовно претставувајќи глави од ендемски птици како був и орел.

Ксилофон

Имајќи предвид дека нашиот престој во физичкиот простор во голема мерка е престој во светот на звуците, едукативната просторна инсталација ја експлоатира идејата што секој посетител, во зависност од своето движење по инсталацијата, може да учествува во произведувањето на звуци. Во тој контекст, ксилофонот претставува систем од метални плочи со различни димензии, поставени врз две потпори чие заемно растојание го условува производството на одредени тонови. 

sest-instalacii-6.jpg

Просторната инсталација е сместена во непосредна близина на пешачката патека, што ја чини лесно достапна од аспект на пристапност.
 
Андреа Јамакоска и Анастасија Николовска, студенти на Архитектонски факултет при УКИМ 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top